Решение У.бр.62/2019

У.бр.62/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 25 септември 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 112 став 3 точка 2-а) од Законот за банките („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2007, 90/2009, 67/2010, 26/2013, 15/2015, 153/2015,190/2016, 7/2019 и 101/2019).

2.Светскиот македонски конгрес од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија достави иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 112 став 3 точка 2-а од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 112 став 3 точка 2-а од Законот за банките не бил во согласност со член 8 став 1 и 3, членот 9, членот 18, членот 33, членот 51 и член 52 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во понатамошниот текст од иницијативата, подносителот ги цитира одредбите од членовите 8, 9, 18, 33, 51 и 52 став 4 од Уставот и соджината на оспорениот член 112 став 3 точка 2-а) од Законот за банките.

Имено, според подносителот оспорениот член 112 став 3 точка 2-а) од Законот е во спротивност со член 18 од Уставот на Република Северна Македонија со кој се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци.

Измените и дополнувањата на наведениот член од Законот за банките („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2007, 90/2010, 26/2013 и 7/2019) се во согласност со Законот за изменување и дополнување на Законот за управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија“ бр.7/2019) кои ги пропишуваат овластувањата на Управата за јавни приходи за нарушување на банкарската тајна, имено банката повеќе да не може да ги штити и чува документите, податоците и информациите коишто се стекнати при вршење на банкарски и други финансиски активности за поединечни лица и трансакции со поединечни лица, како и за депозитите на поединечни лица.

Ваквото нарушување на тајноста на банкарските сметки поттикнувало нарушување на владеењето на правото, бидејќи се рушела и обврската од членот 10 од Законот за платниот промет (“Службен весник на Република Македонија” броевите 113/2007, 22/2008 159/2008), според кој :

“(1) Платниот промет се извршува единствено преку трансакциски сметки кои се пријавени во единствениот регистар на трансакциски сметки.
(2) Не е дозволено плаќање помеѓу учесниците во платниот промет кое не се извршува преку трансакциски сметки.”

Позајмувањето и плаќањето на долговите од една на друга банкарска сметка создавало услови исти пари во трансферот на повеќе банкарски сметки повеќекратно да бидат оданочени со данок на приход, колку што исти пари се користат за плаќање на должнички обврски преку трансакционите сметки.

Парите на банкарска сметка и при трансферот од странство во платниот промет во Република Македонија, веќе еднаш биле оданочени во домицилната држава, оданочувањето на истите пари со кршење на банкарската тајна на трансакционата сметка во банки во Македонија само ќе се дуплира. За тоа да не се случува, Законот за изменување и дополнување на Законот за управата за јавни приходи (“Службен весник на Република Македонија“ број 7/2019) ги поттикнувал граѓаните, односно учесниците во платниот промет да прибегнуваат кон плаќања и трансфери на пари во готово, што било надвор од секаква контрола и поттикнувало сива економија што го руши екононскиот систем на државата во целина!

Бидејќи платниот промет бил фискализиран, парите од трансакционите сметки секако биле оданочени, бидејќи на нив се плаќа данок на државата по основ на ДДВ во трговијата на стоки и услуги, но со нив државата ги наплатувала даноците по сите основи и врз основа на сите даночни закони.

Членот 112 став 3 точка 2-а) од Законот за банките ги операционализира правата на Управата за јавни приходи за легализиран „упад“ во банкарскиот систем за нарушување на банкарската тајна! И во таа смисла член 112 став 3 точка 2-а од Законот за банките е во спротивност со членот 18 од Уставот на Република Северна Македонија.

Со оглед на наведеното, подносителот бара Судот да го поништи оспорениот член од Законот за банките. Подносителот на иницијативата видно од поднесокот по грешка бара поништување ва Законот за изменување и дополнување на Законот за управата за јавни приходи од причини што тој е подносител и на иницијативата за оценување на уставноста на двата закони. Подносителот бара до донесување на конечна одлука судот да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија, поради штетни последици по правата и слободите на граѓаните.

Воедно, подносителот бара Судот да одржи подготвителна и јавна седница на која би требало да биде поканет.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 112 кој е сместен во главата XI. Банкарска тајна од Законот за банките е предвидено дека:

(1) Лицата со посебни права и одговорности, акционерите и вработените во банката кои имаат пристап до документите, податоците и информациите на овој закон, како и лицата кои преку давање услуги на банката имаат пристап до документите, податоците и информациите од членот 111 на овој закон се обврзани да ги чуваат, можат да ги користат исклучиво за целите за кои се добиени и не смеат да ги откријат на трети лица.
(2) Обврската од ставот (1) на овој член не се однесува во следниве случаи, ако:

1) со закон е пропишано објавување на податоците и информациите и
2) лицето дало писмена согласност за откривање на податоците.

(3) За лицата со посебни права и одговорности и вработените во банката обврската од ставот (1) на овој член не се однесува и во следниве случаи:

1) по писмено барање на јавното обвинителство или надлежен суд за водење на постапки кои се во рамките на неговите надлежности;
2) за потребите на Народната банка или на друг супервизорски орган овластен со закон;
2-а) ако податоците за приливи на средства на сметки на физички лица се соопштуваат на Управата за јавни приходи, во согласност со закон (оспорен став);
3) по писмено барање на Управата за јавни приходи за водење на постапки кои се во рамките на нејзините надлежности, во согласност со закон;
4) ако податоците се соопштуваат на Управата за финансиско разузнавање, во согласност со закон;
5) ако податоците се соопштуваат на Управата за Финансиска полиција, во согласност со закон;
6) на писмено барање на Државниот девизен инспекторат за контрола на девизното работење;
6-а) на писмено барање на Царинската управа за водење на постапки кои се во рамките на нејзината надлежност, во согласност со закон;
7) на писмено барање на Фондот за осигурување на депозити, во согласност со закон;
8) на писмено барање на Агенцијата за управување со одземен имот, во согласност со закон;
9) на писмено барање на нотар во рамките на водењето оставинска постапка, согласно со закон;
10) ако податоците се соопштуваат за потребите на функционирање на Кредитниот регистар на Народната банка и до кредитно биро, во согласност со закон;
11) податоците се соопштуваат за потребите на управување со кредитниот ризик на други членки на банкарска група или на банкарска група чие матично лице е со седиште надвор од Република Македонија, а чија членка е банката и
12) по писмено барање на лицата овластени за извршување во согласност со закон и
13) ако податоците се даваат на Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување на Република Македонија и Фондот за здравствено осигурување на Македонија, за потребите на вршење на работите од нивните надлежности и во согласност со прописите за заштита на личните податоци, само доколку банка склучи меморандум за соработка со овие институции, со кој се регулира начинот на достапност на податоците од членот 111 на овој закон.

(4) Лицата кои согласно со ставот (3) од овој член дошле до документите, податоците и информациите од членот 111 на овој закон се обврзани да ги чуваат, можат да ги користат исклучиво за целите за кои се добиени и не смеат да ги откријат на трети лица, освен во случаи и во постапка утврдена со овој или друг закон.

(5) Обврската од ставовите (1) и (4) на овој член продолжува и по престанокот на работниот однос, односно по престанокот на основот и статусот врз основа на кој е остварен пристап до податоците кои се сметаат за банкарска тајна.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.

Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со член 18 став 1 од Уставот, се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци.

Според членот 33 од Уставот секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Согласно член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

5. Во Законот за банки („Службен весник на Република Македонија“ бр.67/2007, 90/2009, 67/2010, 26/2013, 15/2015, 153/2015, 190/2016, 7/2019 и 101/2019), во глава XI. Банкарска тајна, односно во член 111 е предвидено дека:

Документите, податоците и информациите кои се стекнати при вршење на банкарски и други финансиски активности за поединечни лица и трансакции со поединечни лица, како и за депозитите на поединечни лица претставуваат банкарска тајна која банката е должна да ја заштити и чува.

Според член 112 од Законот:

1) Лицата со посебни права и одговорности, акционерите и вработените во банката кои имаат пристап до документите, податоците и информациите од членот 111 на овој закон, како и лицата кои преку давање услуги на банката имаат пристап до документите, податоците и информациите од членот 111 на овој закон се обврзани да ги чуваат, можат да ги користат исклучиво за целите за кои се добиени и не смеат да ги откријат на трети лица.

(2) Обврската од ставот (1) на овој член не се однесува во следниве случаи, ако:

1) со закон е пропишано објавување на податоците и информациите и
2) лицето дало писмена согласност за откривање на податоците.

(3) За лицата со посебни права и одговорности и вработените во банката обврската од ставот (1) на овој член не се однесува и во следниве случаи:

1) по писмено барање на јавното обвинителство или надлежен суд за водење на постапки кои се во рамките на неговите надлежности;
2) за потребите на Народната банка или на друг супервизорски орган овластен со закон;
2-а) ако податоците за приливи на средства на сметки на физички лица се соопштуваат на Управата за јавни приходи, во согласност со закон; (оспорен дел).
3) по писмено барање на Управата за јавни приходи за водење на постапки кои се во рамките на нејзините надлежности, во согласност со закон;
1) ако податоците се соопштуваат на Управата за финансиско разузнавање, во согласност со закон;
2) ако податоците се соопштуваат на Управата за Финансиска полиција, во согласност со закон;
3) на писмено барање на Државниот девизен инспекторат за контрола на девизното работење;
6-а) на писмено барање на Царинската управа за водење на постапки кои се во рамките на нејзината надлежност, во согласност со закон;
7) на писмено барање на Фондот за осигурување на депозити, во согласност со закон;
8) на писмено барање на Агенцијата за управување со одземен имот, во согласност со закон;
9) на писмено барање на нотар во рамките на водењето оставинска постапка, согласно со закон;
10) ако податоците се соопштуваат за потребите на функционирање на Кредитниот регистар на Народната банка и до кредитно биро, во согласност со закон;
11) податоците се соопштуваат за потребите на управување со кредитниот ризик на други членки на банкарска група или на банкарска група чие матично лице е со седиште надвор од Република Македонија, а чија членка е банката
12) по писмено барање на лицата овластени за извршување во согласност со закон и
13) ако податоците се даваат на Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување на Република Македонија и Фондот за здравствено осигурување на Македонија, за потребите на вршење на работите од нивните надлежности и во согласност со прописите за заштита на личните податоци, само доколку банка склучи меморандум за соработка со овие институции, со кој се регулира начинот на достапност на податоците од членот 111 на овој закон.
(4) Лицата кои согласно со ставот (3) од овој член дошле до документите, податоците и информациите од членот 111 на овој закон се обврзани да ги чуваат, можат да ги користат исклучиво за целите за кои се добиени и не смеат да ги откријат на трети лица, освен во случаи и во постапка утврдена со овој или друг закон.
(5) Обврската од ставовите (1) и (4) на овој член продолжува и по престанокот на работниот однос, односно по престанокот на основот и статусот врз основа на кој е остварен пристап до податоците кои се сметаат за банкарска тајна.

6. Со Законот за платниот промет („Службен весник на Република Македонија” бр.113/2007, 22/2008, 159/2008, 133/2009, 145/2010, 35/2011, 11/2012, 59/2012, 166/2012, 170/2013, 153/2015, 199/2015 и 193/2017), е уреден платниот промет во земјата.

Според член 2 точка 4 од наведениот закон, “трансакциска сметка” е сметка која претставува единствен и неповторлив нумерички податок кој служи за идентификација на учесникот во платниот промет, а преку која истиот врши плаќања.

Според овој закон носители на платниот промет во Република Македонија се: Народната банка на Република Македонија, банките кои добиле согласност за вршење на платен промет согласно со закон и филијали на странски банки и Трезорот при Министерството за финансии, како посебен носител на платен промет за буџетските корисници и единките корисници и Трезорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, како посебен носител на платниот промет на здравствените установи (член 3).

Носителите на платниот промет според член 4 точки од 1 до 11 од Законот за платниот промет, се должни, помеѓу другото да обезбедат и:

– рамноправност и еднаков третман на сите учесници во платниот промет (точка 5);
– сигурност и оперативна достапност (точка 6);
– тајност на податоците за состојбата на трансакциската сметка согласно со закон (точка 8);
– заштита на податоците за сопственикот на трансакциската сметка (точка 9);
– сигурен и ефикасен пренос на средства меѓу учесниците во платниот промет (точка 10).

Според член 10 став 1 од Законот за платниот промет, платниот промет се извршува единствено преку трансакциски сметки кои се пријавени во единствениот регистар на трансакциски сметки, а според ставот 2 на членот 10 од Законот, не е дозволено плаќање помеѓу учесниците во платниот промет кое не се извршува преку трансакциски сметки.

Од анализата на наведените законски одредби од Законот за банките произлегува дека лицата со посебни права и одговорности, акционерите, вработените во банката кои имаат пристап до податоците и информациите должни се истите да ги користат исклучиво за целите за кои се добиени и истите не смееат да ги откриваат на трети лица тргнувајќи од фактот што истите се утврдени како банкарска тајна.

Меѓутоа, законодавецот утврдил и одредени исклучоци за лицата со посебни права и одговорности и вработените во банката обврската за чување на банкарската тајна да не се однесува во точно со закон предвидени органи кога податоците им се даваат на тие органи.

Така, во конкретниов случај банката е должна да ги даде податоците за приливи на средства на сметка на физички лица, на Управата за јавни приходи во согласност со закон. Со оспорената одредба во суштина се врши усогласување со Законот за Управата за јавни приходи (членовите 17,17-а, 17-б, 17-в ) коишто биле предмет на оценка пред овој суд и за истите Судот не повел постапка.

Според тоа Судот оцени дека со оспорената одредба, а притоа имајќи ја предвид целта за која се доставуваат податоците на Управата за јавни приходи е во функција на остварување на уставната обврска од членот 33 според кој секој е должен да плаќа данок и други јани давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Со членот 18 од Уставот се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци, односно на граѓаните им се гарантира заштита од повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците.

Уставот не го забранува собирањето и обработката на личните податоци на граѓаните, туку ја гарантира нивната сигурност и тајност. Токму од фактот што личните податоци се собираат систематизираат и обработуваат, за цели и на начин утврден со закон, е уредена уставната гаранција за заштита на личните податоци.

Имено, невозможно е остварување на право или правен интерес од која и да било правна област пред надлежни органи и институции (јавни или приватни), без презентирање на лични податоци, нивно регистрирање или обработка од субјектите иматели на лични податоци, во зависност од целта и оправданоста за која истите се потребни или се бараат, во обем и на начин утврден со закон.

Притоа, субјектите кои се овластени да ги обработуваат податоците со предзнак „заштитени”, се должни истите да ги чуваат и обработуваат на начин утврден со закон и за цели согласно со закон.

7. Во функција на операционализација на уставната гаранција за заштита на личните податоци, законодавецот го пропишал Законот за заштита на лични податоци („Службен весник на Република Македонија” број 7/2005, 103/2008, 124/2008, 124/2010, 135/2011, 43/2014, 153/2015, 99/2016 и 64/2018) со кој се уредува заштитата на личните податоци како основни слободи и права на физичките лица, а особено правата на приватност во врска со обработката на лични податоци.

Според член 9 став 1 алинеи од 1 до 3 од Законот, матичниот број на граѓанинот може да се обработува само: по претходна изречна согласност на субјектот на лични податоци; за остварување на со закон утврдени права или обврски на субјектот на лични податоци или контролорот и во други случаи утврдени со закон.

Според ставот 2 на членот од Законот, контролорот е должен да води сметка матичниот број на граѓанинот да не биде непотребно видлив, печатен или преземен од збирка на лични податоци.

Со Законот за заштита на лични податоци се уредени и правата на субјектите на лични податоци, меѓу кои и правото на заштита од незаконско и неовластено обработување на нивните лични податоци.

Понатаму, трансакциската сметка, којашто претставува единствен и неповторлив нумерички податок кој служи за идентификација на учесникот во платниот промет, е податок кој исто така подлежи на заштита, како што е определено со член 4 точки 8, 9 и 10 од Законот за платниот промет, според кој носителите на платниот промет во Република Македонија, се должни да обезбедат 8) тајност на податоците за состојбата на трансакциската сметка согласно со закон; 9) заштита на податоците за сопственикот на трансакциската сметка; 10) сигурен и ефикасен пренос на средства меѓу учесниците во платниот промет.

Прашањето на заштита на личните податоци, од незаконско и неовластено обработување на личните податоци е уредено и во Законот за банките.

Во членот 187-б од Законот кој е сместен во глава XXI. Казнени одредби односно, прекршоци и прекршочни санкции е предвидено дека:
(1) Глоба во износ од 15.000 евра во денарска противвредност ќе и се изрече за прекршок на банка, доколку:

11) банкарската тајна не биде чувана и заштитена или не биде соопштена согласно со членови 111 и 112 од овој закон.

Во членот 187-в од Законот е предвидено дека:

(1) Глоба во износ од 7.500 евра во денарска противвредност ќе и се изрече за прекршок на штедилница, доколку:
банкарската тајна не биде чувана и заштитена или не биде соопштена согласно со членовите 111 и 112 од овој закон.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека оспореното уредување само по себе не имплицира повреда на тајноста на податоците, бидејќи за повреда на тајноста на личните податоци може да се зборува само во случај на нивна фактичка повреда, односно само во случај на нивно незаконско и неовластено обработување, односно на начин којшто овозможува повреда на личниот интегритет што произлегува од регистрирањето на информации за нив преку обработка на податоците, што е фактичко прашање и за кое сопственикот на личните податоци има право на заштита пред надлежните органи.

8. Во врска со наводите од иницијативата дека Законот за банките, односно со Законот за изменување и дополнување на Законот за банките („Службен весник на Република Македонија“ бр.7/2019) кој го оспорува подносителот на иницијативата, од причини што имал повратно дејство Судот оцени дека истите се неосновани.

Според член 52 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила (став1). Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното објавување (став 2). Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето (став 3). Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните (став 4).

Од анализата на наведената уставна одредба произлегува дека основно уставно правило е законите да влегуваат во сила, односно да се применуваат најрано осмиот ден од денот на нивното објавување во “Службен весник на Република Македонија”, а по исклучок што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето. Вториот исклучок се состои во тоа законите и другите прописи да неможат да имаат повратно дејство, освен во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Имајќи го предвид наведеното, како и содржината на членот 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за банките, Судот смета дека во конкретниот случај станува збор за предвидениот исклучок од член 52 став 3 од Уставот, кој му дозволува на Собранието на Република Македонија да утврди во кои случаи одреден закон ќе влезе во сила со денот на објавувањето, наместо најрано осмиот ден од денот на објавувањето.

Во конкретниот случај, формално – правно е запазен принципот за објавување на законите пред нивното влегување во сила и воедно е направен исклучок по однос на vakatio legis, како уставно предвидена можност за Собранието на Република Македонија, по исклучок, да определи одреден закон да стапи во сила со денот на објавувањето, од каде не може да се постави прашањето за согласност на оспорената одредба со член 52 став 4 од Уставот.

9. Во врска со наводите од иницијативата со кои се бара до донесување на конечна одлука, Судот да донесе решение за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија, поради штетни последици по правата и слободите на граѓаните, имајќи во предвид дека не постојат основи за изразување на сомнение за уставноста на оспорениот член, Судот оцени дека не се исполнети условите од членот 27 од Деловникот на Судот.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот за банките со член 8 став 1 и 3, членот 9, членот 18, членот 33, членот 51 и члеот 52 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија на кои се повикува подносителот на иницијативата.

10. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа решение.

11. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.62/2019
25.09.2019 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски