Одлука У.бр.123/2018

У.бр.123/2018-1

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 25 септември 2019 година, донесе

О Д ЛУ К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт „С 17“, Блок 1, Општина Гази Баба („Службен гласник на Општина Гази Баба“ бр.3/2017).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод иницијативата поднесена од Невена Георгиевска од Скопје, со Решение У.бр.123/2018 од 27 февруари 2019 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 на оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и со закон.

4. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 26 став (4) од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013, 163/2013 и 42/2014), член 22 став (1) точка 1 и член 62 став (1) од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) и член 151 став (2) од Деловникот на Советот на Општина Гази Баба („Службен гласник на Општина Гази Баба“ бр.4/2006 и 12/2013), Советот на Општина Гази Баба на педесет и осмата седница одржана на ден 14.03.2017 година, донел Одлука за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт С 17 блок 1, Општина Гази Баба – Скопје.

Според член 2 на Одлуката, просторот за кој се донесува Детален урбанистички план за Градска четврт С 17 Блок 1, Општина Гази Баба – Скопје, е со површина од 91,08 ха и е во рамките на следните граници:

– Север: осовина на сервисна улица „С2“;
– Североисток: осовина на новопланирана собирна улица „1“;
– Југ: граница на наменска зона Г (производство, дистрибуција и сервиси) согласно ГУП на Град Скопје 2012-2022;
– Југозапад: осовина на градска магистрална улица „Хрватска“ и
– Запад: осовина на сервисна улица “С1”, осовина на градска магистрална улица “Хрватска”.

Согласно член 7 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Гази Баба“.

5. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот, владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013, 163/2013 и 42/2014), кој бил во сила во време на донесувањето на оспорениот детален урбанистички план, се уредуваат условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање (член 1).

Според член 7 став 1 од овој закон, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето, се донесуваат следниве планови:

1) Просторен план на Република Македонија и
2) урбанистички планови:
– генерален урбанистички план,
– детален урбанистички план,
– урбанистички план за село и
– урбанистички план вон населено место.

Според членот 15-в од овој закон:

(1) Донесувачот на урбанистичките планови од член 7 точка 2 од овој закон, државната урбанистичка планска документација, локалната урбанистичка планска документација, урбанистичко-планската документација за туристичка развојна зона и урбанистичко-планската документација за автокамп е должен во рок од три работни дена од денот на одобрувањето на планската програма од членот 15-а од овој закон, да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето на оцената на начин и постапка пропишани со Законот за животната средина.
(2) Доколку органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина во рок од 15 дена од приемот на одлуката со која е одлучено да не се спроведува стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, формуларите и другите придружни документи утврдени со Законот за животната средина, не донесе решение со кое го задолжува донесувачот на урбанистичкиот план, односно урбанистичко-планската документација да спроведе стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, не се спроведува стратегиска оцена.

Со членот 7 од Законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија“ број 51/2011), членот 65 на овој закон се менува и гласи:

(1) На предлог на органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина, Владата на Република Македонија ги прoпишува стратегиите, плановите и програмите, вклучувајќи ги и промените на тие стратегии, планови и програми (во натамошниот текст: плански документи), за кои задолжително се спроведува постапка за оцена на нивното влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето (во натамошниот текст: стратегиска оцена).
(2)Стратегиска оцена се спроведува на плански документи кои се подготвуваат во областа на земјоделството, шумарството, рибарството, енергетиката, индустријата, рударството, транспортот, регионалниот развој, телекомуникациите, управувањето со отпадот, управувањето со водите, туризмот, просторното и урбанистичкото планирање и користењето на земјиштето и со кои се создава основа за изведување на проекти за кои се врши оцена на влијанието врз животната средина или на сите плански документи со кои се уредува управувањето со заштитените подрачја прогласени согласно со закон или пак можат да влијаат врз тие подрачја.
(3) По исклучок за плански документи од ставот (2) на овој член, со кои се одредува користење на мали области од локално значење и со кои се предвидуваат мали измени на планските документи од ставот (2) на овој член, стратегиска оцена ќе се врши само кога органот кој го подготвува планскиот документ ќе утврди дека има значајни влијанија врз животната средина и врз здравјето на луѓето согласно со прописот од став (4) на овој член.
(4) Владата на Република Македонија на предлог на министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина ги пропишува критериумите врз основа на кои се определува дали еден плански документ би можел да има значително влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето.
(5) За планските документи кои не се определени со прописот од ставот (1) на овој член, а со кои се создава основа за изведување на проекти за кои се врши оцена на влијанието врз животната средина, стратегиска оцена се врши само тогаш кога е веројатно дека тие би можеле да имаат значително влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето согласно со прописот од ставот(4) на овој член.
(6) Органот кој го подготвува планскиот документ е должен да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето согласно со критериумите утврдени во прописот од ставот (4) на овој член.
(7) Во случаите од ставот (6) на овој член кога е потребно спроведување на стратешка оцена на влијанието врз животната средина, со одлуката од ставот (6) на овој член се определува и обемот на стратегиската оцена.
(8) Одлуката од ставот (6) на овој член ја донесува лицето кое раководи со органот што го подготвува планскиот документ, односно градоначалникот на општината, општината во градот Скопје или градоначалникот на градот Скопје, тогаш кога планскиот документ го подготвува општината, општината во градот Скопје или градот Скопје.
(9) Органот кој го подготвува планскиот документ е должен да ги определи органите засегнати од имплементацијата на планскиот документ на начин пропишан со актот донесен согласно со членот 61 став (8) од овој закон, како и да ги консултира истите при донесувањето на одлуката за спроведување, односно неспроведување на стратегиската оцена, како и во текот на спроведувањето на стратегиската оцена.
(10) Органот што го подготвува планскиот документ во рок од пет дена од денот на донесувањето на одлуката од ставот (6) на овој член, заедно со формуларите од ставот (20) на овој член е должен да ги објави на својата веб-страница на начин пропишан со актот донесен согласно со членот 61 став (8) од овој закон.
(11) Против одлуката од ставот (6) на овој член, јавноста има право на жалба во рок од 15 дена од денот на нејзиното објавување на веб-страницата на органот кој го подготвува планскиот документ, до министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина кога одлуката ја носи градоначалникот на општината, општината во градот Скопје или градоначалникот на градот Скопје, односно до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен кога одлуката ја носи орган на државната управа.
(12) Органот што го подготвува планскиот документ во рок од пет дена од денот на донесувањето на одлуката од ставот (6) на овој член, заедно со формуларите од ставот (20) на овој член, како и другите придружни документи е должен да ги достави до органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина.
(13) Органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката, формуларите и другите придружни документи од ставот (12) на овој член, со која е одлучено да не се спроведува стратегиска оцена, доколку оцени дека се исполнети условите за спроведување на стратегиската оцена на планскиот документ или истиот има значителни влијанија врз животната средина и здравјето на луѓето ќе донесе решение со кое го задолжува органот што го подготвува планскиот документ да спроведе стратегиска оцена на истиот.
(14) Со решението од ставот (13) на овој член ќе се определи и обемот на стратегиската оцена.
(15) Органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина е должен во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката, формуларите и другите придружни документи од ставот (12) на овој член, со која е одлучено да се спроведува стратегиска оцена ќе издаде решение со кое го определува обемот на стратегиската оцена доколку утврди дека истиот не е целосно определен од страна на органот што го подготвува планскиот документ.
(16) Решението од ставовите (13) и (15) на овој член органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина е должен да ги објави на својата веб-страница.
(17) Против решението од ставовите(13) и (15) на овој член засегнатата јавност, како и органот што го подготвува документот имаат право на жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.
(18) Во случај кога органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина ќе утврди дека одлуката, формуларите, како и другата доставена документација од ставот (12) на овој член, не ги содржат потребните информации за оцена на потребата, односно непостоење потреба од спроведување на стратегиска оцена е должен во рок од 15 дена од денот на приемот на истите да побара од органот што го подготвува планскиот документ да ги достави бараните информации.
(19) Доколку органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина не донесе решение од ставовите (13) и (15) на овој член во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката од ставот (6) на овој член, ќе се смета дека нема забелешки по истата.
(20) Министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина ги пропишува формата, содржината и образецот на одлуката од ставот (6) на овој член и на формуларите за потребата од спроведување, односно неспроведување на стратешка оцена од ставот (12) на овој член.

Од анализата на наведените уставни и законски одредби произлегува дека владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се темелни вредности на уставниот поредок на Републиката, во која смисла законодавецот со Законот за просторно и урбанистичко планирање пропишал прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Изработка на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето е дел од постапката за донесување на плановите за просторно и урбанистичко планирање. Така, законодавецот пропишал дека во постапката за донесување на урбанистичките планови од член 7 точка 2 од овој закон, државната урбанистичка планска документација, локалната урбанистичка планска документација, урбанистичко-планската документација за туристичка развојна зона и урбанистичко-планската документација за автокамп постои обврска за изработка на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, во која смисла донесувачот на урбанистичкиот план е должен во рок од три работни дена од денот на одобрувањето на планската програма со која се утврдува границата и содржината на планскиот опфат, да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето на оцената на начин и постапка пропишани со Законот за животната средина.

Според Законот за животна средина (член 65 став 6), органот кој го подготвува планскиот документ е должен да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето согласно со критериумите утврдени во прописот од ставот (4) на овој член. Според ставот 10 на истиот член, органот што го подготвува планскиот документ во рок од пет дена од денот на донесувањето на одлуката од ставот (6) на овој член, заедно со формуларите од ставот (20) на овој член е должен да ги објави на својата веб-страница на начин пропишан со актот донесен согласно со членот 61 став (8) од овој закон Согласно став 11 на истиот член, против одлуката од ставот (6) на овој член, јавноста има право на жалба во рок од 15 дена од денот на нејзиното објавување на веб-страницата на органот кој го подготвува планскиот документ до министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина кога одлуката ја носи градоначалникот на општината, општината во градот Скопје или градоначалникот на Градот Скопје, односно до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен кога одлуката ја носи орган на државната управа. Според став 12 на овој член, органот што го подготвува планскиот документ во рок од пет дена од денот на донесувањето на одлуката од ставот (6) на овој член, заедно со формуларите од ставот (20) на овој член, како и другите придружни документи е должен да ги достави до органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина.

Имајќи го предвид наведеното, произлегува дека постои законска обврска општината, во постапката за донесување на ДУП, да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијание на животната средина во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето на стратегиската оцена, но притоа, органот што го подготвува планскиот документ е должен, согласно член 65 од Законот за животната средина, на што упатува Законот за просторно и урбанистичко планирање, на својата веб-страница да ја објави наведената одлука, заедно со соодветните формулари, од кој датум тече рокот за запознавање на јавноста со одлуката и можноста за поднесување на жалба на истата.

Во конкретниот случај, градоначалникот на Општина Гaзи Баба на 05.10.2015 година, донел Одлука за неспроведување на стратегиска оцена, заведена под бр. 08-3755/1 од 05.10.2015 година, во која во точката 1 утврдил дека за планскиот документ ДУП за градска четврт С 17 Блок 1, Општина Гази Баба-Скопје, кој се носи согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, не е потребно да се спроведе стратегиска оцена за влијанието врз животната средина согласно член 65 од Законот за животна средина. Во точката 2 од Одлуката е наведено дека Одлуката, заедно со формуларите за определување на потребата од спроведување односно неспроведување на стратегиска оцена се објавува на веб-страната на Општина Гази Баба www.gazibaba.gov.mk. Согласно критериумите за определување на тоа дали еден плански документ има влијание врз животната средина од член 65 став 4 од Законот за животната средина и врз основа на податоците од Прилогот 2 на Правилникот за формата, содржината и образецот на одлуката за спроведување односно неспроведување на стратегиска оцена и на формуларите за потребата од спроведување односно неспроведување на стратегиска оцена, донесувањето на планскиот документ ДУП за градска четврт С 17 Блок 1, Општина Гази Баба-Скопје, нема да има влијание врз животната средина од следните причини: бидејќи со планскиот документ кој се донесува ќе се изврши усогласување со ГУП на Град Скопје од 2012-2022 година и усогласување со стандардите и нормативи за урбанистичко планирање. Според точката 3 од истата одлука, против оваа одлука може да се поднесе жалба до Министерството за животна средина и просторно планирање во рок од 15 дена од денот на објавување на одлуката на веб-страната.

Наведената одлука на 08.10.2015 година е доставена до Министерството за животна средина и просторно планирање, кое доставило мислење до Општина Гази Баба, бр. 15-7853/2 од 20.10.2015 година, во кое наведува дека согласно Законот за животна средина, Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена за влијание на животната средина во постапката за носење на планска документација на наведениот ДУП, Министерството ја прифаќа. Се укажува дека Одлуката заедно со формуларите задолжително се објавуваат на веб-страната на органот којшто го подготвува и носи планскиот документ.

Општина Гази Баба – Сектор за урбанизам и градежно земјиште, во одговорот на наводите во иницијативата ( акт.бр.28-3/322/2 од 01.02.2019 година), наведува дека наведениот ДУП бил донесен согласно ГУП на Град Скопје 2012-2022 година, за кој во постапката при донесувањето била спроведена Стратегиска оцена за влијание на животната средина и добиени биле сите позитивни мислења од надлежните институции. Понатаму, се наведува дека Општина Гази Баба, согласно законската регулатива, во текот на постапката за донесување на ДУП, ја имала запазено целата процедура за негово донесување.

Истовремено, известуваат дека Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена (Бр. 08-3755/1 од 05.10.2015 година) заедно со формуларот, била објавена на веб-страната на Општина Гази Баба, како што е предвидено со Законот за животна средина. Во текот на 2015 година, до 28.11.2015 година, се вршело ажурирање на веб-порталот на Општина Гази Баба, вршени биле доста промени и од таа причина не биле во можност да обезбедат докази за објавата на предметната одлука.

Исто така, напоменуваат дека за времетраењето на јавната анкета по ДУП не биле доставени никакви забелешки што се однесуваат по однос на заштита на животната средина и стратешките влијанија, за што на сите граѓани им било овозможено да учествуваат и да доставуваат забелешки од секаков вид што се однесуваат на ДУП.

Дополнително, на 17.04.2019 година, градоначалникот на Општина Гази Баба, до Уставниот суд достави писмена информација (акт бр.08-1739/5 од 17.04.2019 година) дека во текот на месец ноември 2015 година, официјалната веб-страна на Општина Гази Баба била пренесена од еден на друг сервер, при што во процесот на пренесување на податоците (миграција) одредени фајлови, линкови, објави и сл. не биле пренесени (мигрирани) целосно при што како корумпирани фајлови станале недостапни. Во конкретниот случај, станувало збор за Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена, бр. 08-3755/1 од 05.10.2015 година. Во прилог на информацијата се доставени докази (приложени слики бр.1, 2 и 3 од веб страната на Општината). Во информацијата се укажува дека Општината по потреба стои на располагање за изготвување вешт наод и мислење од страна на вешти лица од Бирото за судски вештачења.

Имајќи го предвид наведеното, со акт на Уставниот суд, У.бр.123/18 од 02.05.2019 година, побарано е од Советот и градоначалникот на Општина Гази Баба, да достават до Уставниот суд вешт наод и мислење од страна на вешти лица од Бирото за судски вештачења во врска со спорното објавување на Одлуката, како би продолжила постапката по предметот пред Уставниот суд.

Подносителот на иницијативата, на 22.05.2019 година, достави до Уставниот суд поднесок за дополнување по предметот У.бр.123/18, во кое спори дека Одлуката била објавена на веб-страната, како што тврди градоначалникот на Општината. Поднесокот по мејл е доставен до претседателот и сите судии.

Со акт бр. 08-1739/5 од 09.07.2019 година, Општина Гази Баба достави до Уставниот суд вешт наод и мислење изготвено од Бирото за судски вештачења (СВ 105/19).

Според Наодот и мислењето, спорната одлука за неспроведување на стратегиска оцена, бр.08-3755/1 од 05.10.2015 година, била објавена на веб-сајтот на Општина Гази Баба на 06.10.2015 година во 13:39 часот и додека бил објавен, овој веб артикл бил отворен точно 100 пати, што укажувало дека истиот бил достапен релативно долго време.

Тргнувајќи од фактот дека објавувањето на одлуката за спроведување или за неспроведување на стратегиска процена на веб- страната на општината е законски пропишана обврска при донесување на детален урбанистички план и дека против ваквата одлука јавноста има право на жалба во рок од 15 дена од денот на нејзиното објавување на веб- страната на органот којшто го подготвува планскиот документ, произлегува дека објавувањето на одлуката за спроведување, односно неспроведување на стратегиска процена на веб-страната на општината е дел од законски пропишаната постапка за донесување на детален урбанистички план, од кој зависи информирањето на јавноста и остварувањето на правото на правна заштита во областа на заштитата и унапредувањето на животната средина.

Според Судот, од доставените докази од страна на Општина Гази Баба, како и од Наодот и мислењето изготвено од страна на Бирото за судски вештачења, не може со сигурност да се утврди дека оспорената одлука била објавена на начин и постапка пропишани со Законот за животна средина, што значи дека не била во целост запазена постапката за донесување на Деталниот урбанистички план предвидена со Законот за просторно и урбанистичко планирање, што води кон повреда на начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија. Поради тоа, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот на Република Северна Македонија, со членот 15-в од Законот за просторно и урбанистичко планирање и со членот 65 од Законот за животната средина.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.123/2018
25 септември 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски