Решение У.бр.64/2019

У.бр.64/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 септември 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценка на уставноста на:

– член 17-а став 2 алинеја 5 од Законот за безбедност и здравје при работа („Службен весник на Република Македонија“ бр.92/2007, 136/2011, 23/2013, 25/2013, 137/2013, 164/2013, 158/2014 15/2015, 129/2015, 192/2015 и 30/2016), и

– членовите 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10 и 11 од Правилникот за условите за вработените, организацијата, техничките и други услови кои треба да ги исполни правното или физичкото лице за вршење стручни работи („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/2008), донесен од министерот за труд и социјална политика.

2. Горан Путиќ од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценка на уставноста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со член 17-а став 2 алинеја 5 од Законот за безбедност и здравје при работа, било предвидено како еден од условите за полагање на стручен испит заради проверка на потребното стручно знаење од областа на безбедноста при работа, лицето да има најмалку пет години работно искуство по дипломирањето, во соодветната област за која е поднесено барањето за полагање на стручен испит. Ваквата законска одредба била рестриктивна, а со тоа спротивна на уставната определба за слободен пристап на пазарот на трудот, со оглед на тоа што предвиденото практично искуство стекнато во период од пет години после стекнувањето на високо образование од конкретната област, безбедност и здравје при работа, во никој случај не можело да се смета дека е соодветен услов за подигање на критериумите за оспособување на лицето кое полага стручен испит за стекнување статус на стручно лице за безбедност при работа. Имено, ниту петгодишното практично искуство ниту полагањето на стручниот испит не биле гарант за квалитетно стручно знаење и со тоа одредбата била неправилна.

Од друга страна, со ваквата несоодветна законска регулатива се давало можност само преку полагање на еднократен стручен испит да се стекнат со звање како стручно лице од областа на безбедност при работа и тоа недоволно образовани профили на кадри за разлика од оние лица во кои спаѓал и подносителот на иницијативата, кои посветиле дел од својот живот во стручна наобразба од областа на безбедноста при работа.

Во иницијативата се наведува дека оспорените членови од 3 до 11 од Правилникот за условите за вработените, организацијата, техничките и други услови кои треба да ги исполни правното или физичкото лице за вршење стручни работи, уредувале ограничувачки правила за начинот и структурата на организирање на лицата за вршење на стручни работи од областа на безбедност при работа, спротивно на одредбите на Уставот, кои се однесуваат на слободата на пазарот и претприемништвото, и наместо да се дозволело избор на тие лица во рамки на своите потреби на стручно работење да го координираат начинот на слободно и пазарно делување како физички и правни лица кои ќе одлучат да вршат определени стручни работи од областа на безбедност при работа, биле неосновано административно ограничени.

Имено, едно стручно лице кое е деловно и пазарно ориентирано, за потребите на своето деловно работење од областа на безбедност при работа, наместо лично да поседува, би требало да има регулирана можност да изнајмува простор за одржување на советувања, предавања и обуки и наместо да прави трошоци за соодветни мерни инструменти и апаратура, би требало да има можност да воспоставува облигационен однос со кој ќе ангажира веќе постоечки капацитети на институции или лаборатории и на тој начин стручното лице би можело преку тие услуги успешно да ја врши својата работа на проценка односно анализа на безбедноста при работа.

Поради погоре наведеното, во иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на оспорените одредби од Законот и Правилникот, како несогласни со членот 8 став 1 алинеја 7 од Уставот, според кој слободата на пазарот и претприемништвото се темелна вредност на уставниот поредок на Републиката.

3. Судот на седницата утврди дека Законот за безбедност и здравје при работа е донесен во 2007 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.92/2007) и имал повеќе измени и дополнувања.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност и здравје при работа („Службен весник на Република Македонија“ бр.164/2013), со членот 1 се додадени по членот 17 нови 27 членови со наслов „Услови за полагање на стручен испит за безбедност при работа“, при што е предвиден членот 17-а, кој гласи:

„(1) Стручниот испит се полага заради проверка на потребното стручно знаење од областа на безбедноста при работа.

(2) Стручен испит може да полага лице кое ги исполнува следниве услови:

– да е државјанин на Република Македонија,
– да има живеалиште во Република Македонија,
-да има високо образование од заштита при работа, технички или друг отсек, кој одговара на дејноста на работодавачот (диплома од завршено четиригодишно високо образование или диплома со 300 кредити според европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС),
– со правосилна одлука да не му е изречена забрана за вршење професија, дејност или должност се додека траат последиците од забраната и
– да има најмалку пет години работно искуство по дипломирањето, во соодветната област за која е поднесено барање за полагање на стручен испит“.

Врз основа на членот 46 од Законот за безбедност и здравје при работа („Службен весник на Република Македонија“ бр.92/2007), министерот за труд и социјална политика го донел Правилникот за условите за вработените, организацијата, техничките и други услови кои треба да ги исполни правното или физичкото лице за вршење стручни работи.

Овој правилник е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.37/2008.

Оспорените одредби од овој правилник гласат:

Член 3

За вршење на работите проценка на ризик, правното или физичкото лице треба да има вработено најмалку три стручни лица со високо образование, отсек заштита при работа, технички или друг отсек кој одговара на дејноста на работодавачот, со најмалку пет години работен стаж во струката.

Член 4

За вршење на работите за редовно тестирање и контрола на опремата за работа, правното или физичкото лице треба да има вработено најмалку три стручни лица со високо обрзование, отсек заштита при работа, технички или друг отсек кој одговара на дејноста на работодавачот со најмалку три години работен стаж во струката.

Член 5

За вршење на работите изработка концепт за изјава за безбедност, правното или физичкото лице треба да има вработено најмалку три стручни лица со високо образование, отсек заштита при работа, технички или друг отсек, со најмалку пет години работен стаж во струката.

Член 6

За вршење на работите изработка и спроведување на програми за обука на вработените за безбедно изршување на работата, правното или физичкото лице треба да има вработено најмалку три стручни лица со високо образование, отсек заштита при работа, технички или друг отсек, со најмалку три години работен стаж во струката.

Член 7

За вршење на работите периодични мерења на физичките штетности во работната средина, правното или физичкото лице треба да има вработено најмалку три стручни лица со високо образование, отсек за физика, хемија и хемиско-технолошки и електротехнички отсек со најмалку три години работен стаж во струката.

Член 8

За вршење на работите периодични мерења на хемиските штетности во работната средина, правното или физичкото лице треба да има вработено најмалку три стручни лица со високо образование од хемиски или технолошки отсек, со најмалку три години работен стаж во струката.

Член 9

За вршење на работите периодични мерења на биолошки штетности во работната средина, правното или физичкото лице треба да има вработено најмалку три стручни лица со високо образование од биолошки отсек, со најмалку три години работен стаж во струката.

Член 10

Правното или физичкото лице за вршење на поедини работи утврдени во членот 2 од овој правилник, може да формираат сектори односно одделенија како специјализирани форми на организација за одредена услуга за која добиле овластување.

Член 11

Покрај кадровските услови утврдени во членовите 4, 5, 6, 7, 8 и 9 од овој правилник, правното или физичкото лице кое врши стручни работи за безбедност при работа, треба да има потребна мерна и техничка опрема и соодветни работни простории.
Мерно и техничката опрема за вршење на мерења и контрола треба да е исправна и уредно да се одржува, согласно техничките податоци, начините и роковите утврдени од производителот на опремата.
Мерно-техничката опрема за вршење на мерења од член 2 точките 2 и 5 од овој правилник е утврдена во Прилогот кој е составен дел на овој правилник.
За редовно тестирање и контрола на опремата за работа, вршење на периодични мерења на хемиските, физичките, биолошките штетности, микроклиматските услови како и за изработка и спроведување на програми за обука на вработените за безбедно извршување на работата, правното или физичкото лице треба да поседува најмалку три работни простории од кои:
– една работна просторија од 25 м2 наменета за административно-технички работи, евиденција и документација,
– една работна просторија од 25 м2 наменета за лабораториски и други испитувања, сместување на мерно-техничката опрема, складирање на соодветни реагенси, материјали и сл., и
– една работна просторија од 25 м2 наменета за настава и спроведување на програми за обука на вработените за безбедно извршување на работите.

4. Според член 8 став 1 алинеја 7 од Уставот, слободата на пазарот и претприемништвото се темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност.

Во членот 55 од Уставот е определено дека се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото (став 1); Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот (став 2); Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничуваат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето (став 3).

Според членот 68 од Уставот, Собранието на Република Северна Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Според членот 91 од Уставот, Владата на Република Северна Македонија, меѓу другото, ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување, предлага закони и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Законот за безбедност и здравје при работа е донесен во 2007 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.92/2007, 136/2011, 23/2013, 25/2013, 137/2013, 164/2013, 158/2014, 15/2015, 129/2015, 192/2015, 30/2016) и во членот 1 го определил предметот на уредување: „Со овој закон се утврдуваат мерките за безбедност и здравје при работа, обврските на работодавачот и правата и обврските на вработените од областа на безбедноста и здравјето при работа, како и превентивните мерки против професионалните ризици, отстранувањето на ризичните фактори за несреќа, информирање, консултирање, обука на работниците и нивните претставници и нивно учество во планирањето и преземањето на мерки за безбедност и здравје при работа“.

Според членот 2 од овој закон, одредбите од овој закон се применуваат во сите дејности на јавниот и приватниот сектор, за сите лица осигурени од повреда на работното место или професионалните болести според прописите за пензиското, инвалидското и здравственото осигурување и за сите други лица кои се вклучени во работните процеси. Одредбите од овој закон не се применуваат во дејностите доколку со посебен пропис е регулирана оваа материја (вооружените сили, полицијата, царинската управа, во некои посебни активности на силите за заштита и спасување).

Во членот 3 од овој закон се дефинирани поимите кои се користат во овој закон, при што под поимот „стручно лице за безбедност при работа“ е дефинирано значењето дека „е вработено стручно лице кај работодавачот назначено од него за извршување стручни задачи поврзани со безбедноста при работа (во натамошниот текст: стручно лице).

Со донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност и здравје при работа („Службен весник на Република Македонија“ бр.164/2013), во членот 1 е утврдено дека по членот 17 се додаваат 27 нови членови (17-а до 17-х) кои гласат „Услови за полагање на стручен испит за безбедност при работа“.

Членот 17-а од овој закон, кој е погоре во целост цитиран, во ставот 2 алинеја 5, предвидува дека еден од условите за полагање на стручен испит за стекнување статус на стручно лице, е лицето да има најмалку пет години работно искуство по дипломирањето, во соодветната област за која е поднесено барањето за полагање на стручен испит.

Со останатите одредби од Законот, коишто се однесуваат на условите за полагање на стручен испит за безбедност при работа, е пропишан начинот на спроведување на испитот (теоретски и практичен дел на испитот, градивото и литературата за полагање на испитот, прашањата за испитот, стручни и административни работи за спроведување на стручниот испит, барањето за полагање на испитот кандидатот го поднесува до Министерството за труд и социјална политика и кон барањето се поднесуваат докази за исполнување на условите за полагање на стручниот испит, начин на полагање на стручниот испит, уверение за положен испит, трошоците ги сноси кандидатот доколку институцијата каде што е вработен не ги плати, министерот за труд и социјална политика воспоставува Регистар на стручни лица).

Согласно членот 46 од Законот за безбедност и здравје при работа, министерот за труд и социјална политика има законско овластување да донесе подзаконски акт правилник во кој ќе бидат утврдени условите за вработените, организацијата, техничките и другите услови коишто треба да ги исполни правното или физичко лице за вршење на стручните работи.

Наведениот правилник е донесен од страна на министерот за труд и социјална политика и објавен во „Службен весник на Република Македоија“ бр.37/2008, кој во членот 2 определил дека стручни работи за безбедност при работа се:

1. проценка на ризик,
2. редовно тестирање и контрола на опремата за работа,
3. концепт на изјава за безбедност,
4. изработка и спроведување на програми за обука на вработените за безбедно извршување на работата, и
5. вршење на периодични мерења на хемиски, физички и биолошки штетности и на микроклиматските услови во работната средина.

Со одредбите од членовите 3 до 11 од овој правилник, кои се оспорени со иницијативата, посебно се уредени прашањата во однос на тоа кои структури на вработени стручни лица треба да ги има правното или физичкото лице за вршење на наведените пет стручни работи за безбедност при работа утврдени во членот 2 од Правилникот, како и можноста тие да си формираат сектори односно одделенија како специјализирани форми на организација за одредена услуга за која добила овластување. Во членот 11 од Правилникот, посебно е уредено дека покрај кадровските услови од овој правилник, правното или физичкото лице кое врши работи за безбедност при работа, треба да има потребна мерна и техничка опрема и соодветни работни простории.

Мерно и техничката опрема за вршење на мерења и контрола треба да е исправна и уредно да се одржува, согласно техничките податоци, начините и роковите утврдени од производителот на опремата..

За редовното тестирање и контрола на опремата за работа, вршење на периодични мерења на хемиските, физичките, биолошките штетности, микроклиматските услови како и за изработка и спроведување на програми за обука на вработените за безбедно извршување на работата, правното или физичкото лице треба да поседува намалку три работни простории од кои: – една работна просторија со површина од 20 м2 наменета за административно-технички работи, евиденција и документација, – една работна просторија од 25 м2 наменета за лабораториски и други испитувања, сместување на мерно-техничката опрема, складирање на соодветни реагенси, материјали и сл. и–една работна просторија од 25 м2 наменета за настава и спроведување на програми за обука на вработените за безбедно извршување на работите.

5. Од погоре изнесеното неспорно е дека со оспорената одредба од член 17-а став 2 алинеја 5 од Законот за безбедност и здравје при работа и со одредбите од членовите 3 до 11 од Правилникот за условите за вработените, организацијата, техничките и други услови коишто треба да ги исполни правното или физичкото лице за вршење стручни работи, се уредува и операционализира материјата од областа на безбедност при работа во која се третираат условите и критериумите за стекнување статус на стручно лице и овластување за вршењето на корпусот на работи за безбедност при работа, имајќи ги предвид спецификите и комплексноста коишто произлегуваат во конкретни дејности на работење и нивен работен ангажман како стручни лица од страна на работодавач.

Поаѓајќи од членот 12 од Законот, работодавачот ја организира безбедноста и здравјето при работа во зависност од технолошкиот процес, со примена на научно-стручни методи и во согласност со современите достигнувања, при што стручните работи на безбедност ќе ги врши работник со стручна подготовка за безбедност при работа или друга стручна подготовка адекватна на технолошкиот процес на работодавачот или ќе користи надворешни услуги од овластени правни или физички лица.

Оттука и полагањето на стручниот испит предвиден во членот 17-а од Законот, под услов лицето да има високо образование од заштита при работа, технички или друг отсек кој одговара на дејноста на работодавачот, а притоа да има најмалку пет години работно искуство по дипломирањето, во областа на безбедност при работа, се законски пропишани услови за стекнување статус на стручно лице, што не може уставно-правно да се проблематизира од аспект на наводите во иницијативата дека посебно условот за работно искуство бил непотребен, од причини што според Судот ова е прашање на целисходност и право на законодавецот да ги проценува соодветните параметри на нормирање на предметната материја. Притоа, во овој контекст се укажува и на членот 32 од Уставот, од кој произлегува и обврската на работодавачот да обезбеди заштита при работа на работниците.

Со иницијативата општо се проблематизираат од уставен аспект одредбите од членовите 3 до 11 од Правилникот, без посебен осврт на секоја оспорена одредба за нејзината несогласност со Устав, при што само во однос на утврдените параметри во членот 11 од Правилникот иницијативата се задржува и укажува дека биле ограничувачки за вршење на дејноста заштита при работа.

Имено, со иницијативата за оспорената одредба од Законот и за оспорените одредби од Правилникот, се наведува дека тие не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 7 од Уставот, според кој слободата на пазарот и претприемништвото е темелна вредност на уставниот поредок на Републиката и дека оспорените одредби ја ограничувале оваа уставно определена слобода. Од овој аспект Судот оцени дека наводите во иницијативата се неосновани и со нив не можат уставно-правно да се проблематизираат, не само погоре наведената одредба од член 17-а став 2 алинеја 5 од Законот, туку и оспорените одредби од Правилникот, кои заедно претставуваат правна регулатива која важи за сите во исти услови подеднакво во рамки на нормативните параметри за стекнување на правата и обврските во предметната стручна област која што егзистира на пазарот и претприемништвото.

Од овие причини Судот утврди дека за оспорените одредби од Законот и Правилникот не може основано да се постави прашањето за несогласност со Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.64/2019
18.09.2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски