Решение У.бр.65/2019 и У.бр.68/2019

У.бр.65/2019 и У.бр.68/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 11 септември 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2014).

2. Славица Илијева и Мартин Илијев од с.Истибања –Виница, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијативи за оценување на уставноста на членот 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителите на иницијативата го цитираат членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 113/2014) со кој е изменет и дополнет постојниот член 104 од Законот како конкретна одредба којашто го уредува работно правниот институт „Прекин на договорот за вработување на работникот поради возраста“.

1. Според наводите во иницијативата поднесена од Славица Илијева, ваквата законска одредба била противуставна и спротивна на Конвенцијата за заштита на правата и основните слободи бидејќи се вршело дискриминација на правата од работен однос на одредени граѓани односно на граѓаните од женски пол. Оваа одредба била спротивна на темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија уредени во член 8 алинеи 2 и 3 од Уставот на Република Северна Македонија, коишто се однесуваат на основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот и на принципот на владеење на правото.

Исто така, во наводите во иницијативата се наведува дека оспорената законска одредба била спротивна и на Протоколот број 12 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи којшто пропишува општа забрана на дискриминација.

Според наводите во иницијативата, оспорената законска одредба била дискриминаторска во однос на одреден број на граѓани кои биле од женски пол бидејќи биле ограничени во правото да го продолжат работниот однос само до 65-години возраст – жена, додека пак на работникот – маж било овозможено правото на работен однос да го продолжи до 67 години. Од тие причини, граѓаните од женски пол биле ставени во подредена положба и не биле еднакви во правата од работен однос што било забрането со Конвенцијата за заштита на човековите права и спротивно на членот 9 од Уставот според кој граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.

2. Според наводите во иницијативата поднесена од Мартин Илијев, оспорената законска одредба била спротивна на членот 9 од Уставот, Законот за спречување и заштита од дискриминација, Кривичниот законик, Законот за еднакви можности на мажите и жените, Законот за работните односи, Законот за социјална заштита и Законот за судовите, како и со Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи.

Подносителот на иницијативата, повикувајќи се на членот 9, членот 51 и член 53 став 3 од Уставот, смета дека оспорената одредба била противуставна и дискриминаторска како врз основа на полот така и врз основа на општествената положба.

Според подносителот, со оваа одредба се вршела директна дискриминација по основа на пол бидејќи на жените им било дозволено работниот однос да го продолжат само до 65 години, а на мажите до 67 години. Исто така, оваа одредба важела само за одредена категорија на граѓани за кои правата од работен однос биле пропишани со Законот за работните односи, односно граѓани од стопанството, јавните обвинители и граѓани од јавниот сектор, а оваа одредба не важела за оние за кои важеле законите кои се lex specialis, како што бил Законот за судска служба, Законот за нотаријатот, Законот за судовите, Законот за извршување, во кои било пропишано дека работниот однос престанува со наполнување на 64 години.

Во наводите на иницијативата, се укажува и на тоа дека оваа одредба била во спротивност и со одредени закони како што се: Законот за спречување и заштита од дискриминација кој забранувал директна и индиректна дискриминација по основ на пол и општествена положба, Кривичниот законик кој во членот 137 пропишувал кривично дело „Повреда на рамноправноста на граѓаните“ а во членот 319 кривично дело „Предизвикување на национална, расна и верска одмазда, раздор и нетрпеливост“, Законот за еднакви можности на мажите и жените, кој овозможувал еднаков третман на мажите и жените во однос на политиката, работните односи, образованието, културата односно во сите области на општествениот живот, Законот за работните односи кој во членот 6 забранувал директна и индиректна дискриминација во правата од работен однос за да во изменетиот член 104 став 2 се пропишува директна дискриминација како по однос на пол така и по однос на општествената положба, Законот за социјалната заштита кој исто така забранувал директна и индиректна дискриминација по основ на пол, вера итн. особено во правата од социјалата и Законот за судовите во кој во членовите од 3 до 6 било утврдено дека цели на судската власт, меѓу другото, било обезбедување на еднаквост, рамноправност, недискриминација, правна сигурност и владеење на правото.

И во двете иницијативи, подносителите наведуваат дека оспорената законска одредба била спротивна и на членот 1 од Протоколот бр.12 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, при што наводите од овој аспект се идентични во двете иницијативи.

Подносителите на иницијативата му предлагаат на Уставниот суд да го укине или поништи членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2014) со кој се менува член 104 став 2 од истиот закон.

3. Судот на седницата утврди дека согласно членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2014) со кој се изменил член 104 став 2 било предвидено дека работникот со писмена изјава до работодавачот може да побара да му се продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст (маж), односно до 65 години возраст (жена), доколку со закон поинаку не е утврдено.

По ставот 2 се додадени два нови става 3 и 4. Во ставот 3 било предвидено дека писмената изјава од ставот (2) на овој член, работникот ја дава најдоцна до 31 август во тековната година за продолжување на договорот за вработување од ставот (1) на овој член, а за секое натамошно продолжување на договорот за вработување од ставот (2) на овој член изјавата ја дава еднаш годишно, а најдоцна до 31 август во тековната година за продолжување на договорот за вработување за наредната година. Во ставот 4 било предвидено дека работодавачот е должен по дадената изјава од ставот (2) на овој член да го продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст (маж), односно најмногу до 65 години возраст (жена).

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во наводите во иницијативите се оспорува членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.113/2014), со кој се менува член 104 став 2 од основниот Закон за работните односи.

Во однос на прашањето за престанок на работен однос на работничка жена под услови различни од работникот маж, Судот се произнел со Одлуката У.бр.114/2014 од 29 јуни 2016 година, со која го укина член 104 став 2, во делот: „(маж), односно до 65 години возраст (жена)“ и став 4, во делот: „(маж), односно најмногу до 65 години возраст (жена)“ од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015 и 72/2015).

Судот, во оваа одлука утврдил дека определбата на законодавецот работникот маж да може да побара од работодавачот продолжување на договорот за вработување до 67 години возраст, а работничката жена до 65 години возраст, при што работодавачот е должен да го продолжи договорот за вработување до периодот што го бара работникот маж или работничката жена, без можност да излезе надвор од утврдената законска рамка, наметнува престанок на работниот однос на работничката жена под поинакви услови од работникот маж, односно на неа и престанува работниот однос и правото на работа со навршени 65 години живот, а на мажот со навршени 67 години живот. Во овој контекст, Судот оценил дека оспорените законски одредби не се во согласност со уставно утврденото начело на еднаквост на граѓаните по основ на полот определено во членот 9 од Уставот.

Според образложението на Одлуката: „…. правото на осигуреникот жена да стекнува старосна пензија порано од осигуреникот маж, доколку тоа го избере самата, со оглед дека тоа право има оправдување во принципот на афирмативна акција, односно принципот на позитивна дискриминација на жената. Но, тоа право на жената во сферата на пензиското и инвалидското осигурување не може по автоматизам да се применува и во други сфери, особено не ако тоа води кон ограничување на правата по основ на пол. Во конкретниот случај, Судот оцени дека продолжувањето на договорот за вработување всушност значи продолжување на работниот однос односно остварување на правото на работа кое се разликува од остварувањето на правото на старосна пензија.“

Согласно Одлуката на Судот, последователно со сите измени и дополнувања на Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/ 2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/ 2015, 27/2016 и 120/2018) оспорениот член 104 од Законот, ја има следнава содржина:

„(1) Работодавачот го прекинува договорот за вработување на работникот кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж.
(2) Работникот со писмена изјава до работодавачот може да побара да му се продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст, доколку со закон поинаку не е утврдено.
(3) Писмената изјава од ставот (2) на овој член, работникот ја дава најдоцна до 31 август во годината којашто и претходи на годината во која ги исполнува условите од ставот (1) на овој член. За секое натамошно продолжување на договорот за вработување од ставот (2) на овој член, изјавата ја дава еднаш годишно, а најдоцна до 31 август во годината којашто и претходи на годината за која се бара продолжување на договорот за вработување.
(4) Работодавачот е должен по дадената изјава од ставот (2) на овој член да го продолжи договорот за вработување најмногу до 67 години возраст.“

Со оглед на тоа што Судот ја укинал во дел оспорената одредба од членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи и таа веќе не постои во правниот поредок во содржина како што е оспорената, Судот оцени дека иницијативата треба да се отфрли поради постоење на процесни пречки согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот од Уставниот суд.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.65/2019
У.бр.68/2019
11.09.2019 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски