Издвоено мислење

Издвоени мислења по предметот У.бр.35/2019

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, („Службен весник на Република Македонија” бр. 70/1992) по моето гласање против Решението на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.35/2019 донесено на 22 мај 2019 година за неповедување на постапка за оценување на уставноста на член 11 став 1 точка ѓ и член 11 став 2 точка ѓ, од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси („Службен весник на Република Македонија” бр. 12/2019) го издвојувам и писмено го образложувам своето:

И З Д В О Е Н О   М И С Л Е Њ Е

Со означеното решение Уставниот суд со мнозинство гласови донесе Решение У.бр.35/2019 за неповедување на постапка за оценување на уставноста на член 11 став 1 точка ѓ и член 11 став 2 точка ѓ од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси („Службен весник на Република Македонија” бр. 12/2019).

Моето мислење е спротивно на оценката образложена во Решението на Уставниот суд поради следните правни причини:

Во член 11 став (1) точка ѓ и член 11 став (2) точка ѓ е утврдено дека

„(1) За претседател на Државната комисија може да биде именувано лице кое ги исполува следните услови:

ѓ. Во последните десет години да не било пратеник во Собрание на Република Македонија, член на Владата на Република Македонија, да не било донатор на политичка партија или да не вршело функција во органи на политичка партија”.

Во членот 11 ставот 2 точка ѓ, е предвидено:

„(2) За член на Државната комисија може да биде именувано лице кое ги исполува следниве услови:

ѓ. Во последните десет години да не било пратеник во Собранието на Република Македонија, член на Владата на Република Македонија, да не било донатор на политичка партија или да не вршело функција во органи на политичка партија”.

Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот една од темелните вредности на Уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Во членот 9 од Уставот е утврдено дека „граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба“.

Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно членот 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Согласно член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Врз основа на цитираните уставни и законски одредби сметам дека со самото тоа што не поведе постапка за оценување на уставноста и ги остави во правниот поредок оспорените одредби Уставниот суд овозможи дискриминација односно неосновано ограничување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот како на пример дека секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции (член 23 од Уставот) односно дека секој има право на работа, слободен избор на вработување (член 32 од Уставот).

Повеќе од јасно е дека оспорените одредби од Законот се во директна спротивност и со принципот на владеење на правото (член 8 став 1 алинеја 3, член 9 според кој граѓаните се еднакви во слободите и правата (член 9) како и со член 52 став 4 од Уставот според кој законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Во конкретниот случај очигледно е дека оспорените одредби од Законот имаат повратно дејство и се понеповолни спрема граѓаните кои во последните 10 години биле избрани функционери во Собранието и Владата или биле донатори на политичка партија или вршеле функција во орган на политичка партија бидејќи нивното дејство има влијание на односи коишто настанале пред донесувањето односно влегувањето во сила на Законот што е во директна спротивност со член 52 ставови 1, 2, 3 и 4 од Уставот според кој законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија” пред да влезат во сила и дека не можат да имаат повратно дејство.

Имено, тие само заради нивниот претходен статус и активности не можат да бидат именувани за претседател или член на Државната комисија за спречување на корупцијата според одредбите од Законот кој е донесен после десет години односно во 2019 година.

Врз основа на изнесеното сметам дека Уставниот суд требаше да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби, а потоа да ги укине или поништи.

Судија на Уставниот суд
Јован Јосифовски

*   *   *

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по гласањето против Решението на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.35/2019 донесено на ден 22 мај 2019 година за не поведување на постапка за оценување на уставноста на член 11 став 1 точка ѓ и член 11 став 2 точка ѓ, од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр.12/2019) судиите: Сали Мурати, д-р Дарко Костадиновски и Насер Ајдари го издвојуваат и писмено го образложуваат своето:

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

На седницата одржана на 22 мај 2019 година, Судот со мнозинство гласови донесе Решение У.бр.35/2019 за не поведување на постапка за оценување на уставноста на член 11 став 1 точка ѓ и член 11 став 2 точка ѓ од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр.12/2019) од причини што:

„Вака донесеното решение е сосема спротивно на нашето убедување по однос на конкретната правна проблематика, а поради следново: Поаѓајќи од предметот на уредување на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, неспорно е дека законодавецот со законските решенија нормирани во оспорените одредби од член 11 став 1 точка ѓ и став 2 точка ѓ, со кои пропишал ограничувачки услови за именување на лица за претседател или член во Државната комисија, ги заштитил политиката и легитимните цели на законодавецот, за ослободување на лицата во составот на Државната комисија од политички влијанија коишто би ги имале во иднина, а предметот на уредување на Законот е всушност директно насочен кон детектирање и откривање на евентуални злоупотреби во вршење на функции, јавни овластувања, службена должност или положба, односно корупција и судир на интереси во работењето во органите при вршење на работи од јавен интерес поврзани со остварување на јавни овластувања. …“ и дека;

„Со именување на претседател и членови во Државната комисија кои во последните 10 години биле надвор од активностите поврзани со вршење на јавни функции на пратеник во Собранието на Републиката, член на Владата, донатор на политичка партија или вршител на функција во орган на политичка партија, не само што интенцијата на законодавецот е да се избере состав кој никогаш или подолг период не бил политички активен со наведените работи, без оглед на видот и континуитетот на тие активности, туку и да се постигне повисок степен на доверба во резултатите и ефектите во борбата против корупцијата и судирот на интересите, како што е тоа уредено со Законот, а е битно и за кредибилитетот на државата во процесот на пристапување кон евро-атлантските интеграции.“

Сметаме дека во постапката по предметот У.бр.35/2019 не беше во целост изнесена фактичката и правна состојба со цел донесување на правилна уставно-судска одлука.

Според нас, со одредбите од член 11 став 1 точка ѓ и став 2 точка ѓ од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр.12/2019) се спречува голем број граѓани да не можат да учествуваат во постапката за избор на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупција и да бидат именувани на тие функции од страна на Собранието на Република Македонија. Ова поради тоа што со оспорените одредби од Законот се елиминирани голем број граѓани кои би сакале да учествуваат во изборот за состав на Државната комисија, бидејќи тие во минатото имале некои активности кои со оспорените законски одредби биле утврдени како пречка односно ограничувачки услови за нивно учество во постапката за избор и именување во составот на Државната комисија. Меѓутоа, со одредбите не се води сметка дека во голем број случаи тие активности на граѓаните биле изразени во минимални, минорни донации, дури и само еднаш, или пак во учество во вршењето на некои партиски функции но во пониските ешалони на партиите или во учество во органите на власта со симболично општествено и партиско влијание и голем дел од овие граѓани биле изедначени со вистинските носители на политичка власт и партиска активност во континуитет, па поради ваквата селективност и општа поставеност на одредбите од Законот е на штета на правата и интересите на граѓаните со тоа што им се попречува еднакво со сите други граѓани да учествуваат во изборот за вршење на јавните функции во Државната комисија.

Од изнесените ставови и аргументи произлегува дека наведената одредба е престрога, нејасна и непрецизна, спротивна на член 8 став 1 алинеја 3 каде владеењето на правото е поставено како темелна вредност на уставниот поредок и како базична уставна норма има израз на политичката филозофија на едно современо граѓанско општество. Темелните вредности на уставниот поредок ја осветлуваат концепцијата, структурата и содржината на Уставот. Во Република Северна Македонија слободно е се што со Устав не е забрането.

Владеењето на правото подразбира дека сите акти на државните органи мора да бидат засновани на прописите содржани на највисокиот правен акт на државата – Уставот и подведување на сите органи на власта под Уставот и законите.

Исто така наведената одредба е спротивна на член 9 став 1 дека граѓаните се еднакви во слободите и правата… и дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви, според наше гледиште со членот 11 став 1 точка ѓ и член 11 став 2 точка ѓ од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр.12/2019) од наведениот закон, граѓаните не се еднакви во слободите и правата и дека граѓаните не се еднакви пред Уставот и законите, а од друга страна Уставот предвидува дека граѓаните треба да се наоѓаат во идентична положба, дека со оспорената одредба постои различен третман и дека различниот третман нема објективно и разумно оправдување.

Наведената одредба не е во согласност и со членот 23 од Уставот, со која се гарантира „секој граѓанин има право да учествува во вршење на јавните функции“, а со оспорената одредба се повредува правото на вршење на јавните функции, конкретно со оваа одредба се создава различити права и обврски на поединецот и на заедницата во општеството.

Поради горното сметаме дека со оспорената одредба се повредува член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, односно владеењето на правото и правната сигурност која произлегува од оваа темелна вредност на уставниот поредок, се повредува правото за еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, утврдено во членот 9 од Уставот и правото секој граѓанин да учествува во вршењето на јавни функции, утврдено во членот 23 од Уставот.

Од друга страна, граѓаните не можат да знаат во изминатите десетина години дека тие поради своите активности наведени во оспорените одредби од Законот, ќе трпат последици во смисла на попречување на правото за избор во составот на Државната комисија, па оттука произлегувало дека оспорените одредби од Законот има и ретроактивно повратно дејство, спротивно на член 52 став 4 од Уставот, според кој законите и другите прописи неможат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаите кога е тоа поповолно за граѓаните.

Непрецизноста во оспорената одредба произлегува од фактот што со истата се дозволува одреден степен на арбитрерност при толкувањето на ограничувачкиот услов во постапката за избор на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупција во последните 10 години „лицето да не било вршител на функција во орган на политичка партија“. Непрецизноста произлегува од фактот што различни политички партии имаат различна внатрешна организација, различни тела, органи, комисии, различни функции, и со ваквото законско уредување не е јасно и прецизно утврдено што се подразбира ниту под „вршител на функција“ ниту пак за кои и какви органи станува збор со уредувањето „во орган на политичка партија“. Исто така, со уредувањето во оспорената одредба не е јасно дали ограничувачкиот услов се однесува и за лице кое било донатор, или вршител на функција во орган на политичка партија која престанала да постои.

Преку владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија, се обезбедува примена на правните норми и на конкретни случаи и таа примена претставува механизам кој го исклучува самоволието и арбитрерноста на носителите на власта, односно обезбедува супремација на правото преку почитување на начелото на уставност и законитост, како и слободите и правата на човекот и граѓанинот. Правната сигурност на граѓаните, исто така, е основа за функционирање на владеењето на правото. Владеењето на правото е гаранција за остварување на сите останати темелни вредности на нашиот уставен поредок.

Од овие причини, сметаме дека Судот требаше да поведе постапка за оценка на уставноста на оспорените одредби од Законот како спротивни на членовите 8 став 1 алинеја 3, 9, 23 и 52 од Уставот на Република Северна Македонија, со кои е уредено декатемелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија е владеењето на првото, дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви, дека секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции и дека законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Од наведените причини, а врз основа на изнесената анализа на уставните и законски одредби компаративните согледувања, силните аргументи за несогласност на оспорената одредба со Уставот и околностите за тоа што Судот не поведе постапка за оценување на уставност на член 11 став 1 точка ѓ и член 11 став 2 точка ѓ од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр.12/2019), согласно член 25 став 6 од Деловникот на Судот го издвојуваме нашето издвоено мислење од донесеното Решение за не поведување на постапката.

Судии на Уставниот суд:

Сали Мурати
Д-р Дарко Костадиновски
Насер Ајдари

Решение У.бр.35/2019