Решение У.бр.49/2019

У.бр.49/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 јули 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценка на уставноста на:

– Член 3 став 1 во делот: „се поведува само по службена должност и“, од Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/1993 и 99 /2016),
– Член 5 став 1 и ставот 2 во делот: „кои не започнале со издржување на казна затвор“, од Законот за амнестија („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/2018),
– Член 457 во делот: „јавниот обвинител на Република Македонија“, и член 458 став 1 во делот: „поднесено од јавниот обвинител на Република Македонија“, од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010, 100/2012, 142/2016 и 198/2018).

2. Александра Илиева Милчова, адвокат од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредби од законите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, поведувањето на постапка за помилување на осудено лице, што значело делумно ослободување од казна, било дозволено да се покренува по барање на осуденото лице, согласно членот 2 од Законот за помилување, а од друга страна со оспорената одредба од ставот 1 на членот 3 од Законот, постапката за помилување за ослободување од кривично гонење, што значело целосно ослободување, се поведувала само по службена должност, преку службено лице.

Со ваквата законска определба се правело разлика во однос на искористување на уставното право за помилување, да може на различен начин да се бара помилување во зависност од тоа дали се работи за целосно или делумно ослободување, што ги ставало граѓаните да бидат нееднакви пред Уставот и законите спротивно на членот 9 од Уставот и спротивно на правото на секој граѓанин да се повикува на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Северна Македонија, согласно член 50 од Уставот.

Понатаму, според наводите во иницијативата, со Законот за амнестија, со одредбите од член 5 став 1 и членот 5 став 2 во делот: „кои не започнале со издржување на казната затвор“ неосновано се правело разлика според општествената положба на иста категорија – а тоа е категорија на осудени лица, на оние кои започнале и на оние кои не започнале да издржуваат казна затвор и притоа оние кои веќе започнале да издржуваат казна затвор се ставени во понеповолна положба бидејќи со закон дозволеното право за барање на амнестија оваа категорија лица можеле да го искористат единствено преку затворската управа, но не и изворно преку нивен бранител или лично, а од друга страна оние кои не започнале со издржување на казната можеле директно да бараат амнестирање. Со тоа, неправедно се вршела дискриминација по основ на статус на граѓаните на Републиката по основ на тоа дали почнале да издржуваат казна затвор или не почнале да издржуваат казна затвор, во рамки на иста категорија на веќе осудени лица што е спротивно на член 1 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи. Според членот 1 од оваа Конвенција: „Уживање на право предвидено со закон ќе биде обезбедено без дискриминација врз било која основа како пол, раса, боја, јазик, религија, политичко или друго мислење, национално или социјално потекло, поврзано со национално малцинство, имот, раѓање или друг статус. Никој не смее да биде дискриминиран од страна на јавен орган по која било основа наведена во ставот 1“.

Со оглед на изнесеното во иницијативата се наведува дека оспорениот член 5 став 1 и ставот 2 во делот: „кои не започнале со издржување на казната затвор“, од Законот за амнестија, не се во согласност со членот 9 и членот 50 од Уставот на Република Северна Македонија.

Според наводите во иницијативата, Законот за кривичната постапка, во однос на уредувањето на прашањето на вонредни правни лекови, за правниот институт – барање за заштита на законитоста со членот 457 предвидел дека само преку јавен обвинител на Република Македонија може да се поднесе барање за заштита на законитоста против правосилни судски одлуки, а во ставот 1 од членот 458 предвидел дека барањето го поднесувал јавниот обвинител на Република Македонија во смисла на членот 457 од овој закон, до Врховниот суд на Република Македонија.

Членот 457 од овој закон, во делот: „ јавен обвинител на Република Македонија“ и членот 458 став 1 од овој закон, во делот: „поднесено од јавниот обвинител на Република Македонија“, биле спротивни на членот 9 и членот 50 од Уставот на Републиката и спротивни на членот 1 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, со оглед на тоа што го исклучувале правото на граѓанинот да има изворен и директен пристап до употреба на ова вонредно правно средство, со цел докажување во кривичната постапка на правото и вистината кои биле поврзани со неговиот правен интерес во постапката, без тоа да биде исклучиво дозволено на јавниот обвинител, односно со посредник кој немал за тоа правен интерес и потреба, па оттука Законот требал да обезбеди граѓанинот лично или преку бранител да побара пред Врховниот суд да се одлучува за барањето за заштита на законитоста. Со оглед на тоа, членот 457 од Законот за кривичната постапка во делот: „јавен обвинител на Република Македонија“ и членот 458 став 1 во делот: „поднесено од јавниот обвинител на Република Македонија“, биле во несогласност со членовите 9 и 50 од Уставот и членот 1 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи.

Поради изнесениве причини, со иницијативата се предлага за оспорените законски одредби од Законот за помилување, Законот за амнестија и Законот за кривичната постапка, Судот да поведе постапка за оценка на уставноста и истите да ги поништи.

3. Судот на седницата утврди дека Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/1993 и 99/2016), во членот 3 предвидел:

„Постапка за помилување за ослободување од кривично гонење се поведува само по службена должност и може да се поведе во секој стадиум на кривичната постапка.

Постапката од ставот 1 на овој член ја поведува министерот за правосудство и управа“.

(Оспорен е делот: „се поведува само по службена должност и “ од ставот 1 на цитираниот член 3 од Законот).

Законот за амнестија („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/2018) во членот 5 предвидел:

„Постапката за примена на овој закон за осудените лица кои се наоѓаат на издржување казна затвор, се поведува по службена должност од страна на казнено-поправната установа.

Постапката за примена на овој закон за осудените лица кои не започнале со издржување на казната затвор, ја поведува судот што ја донел првостепената пресуда по службена должност, по барање на јавен обвинител или по барање на осуденото лице.

Решението за амнестија според одредбите на овој закон го донесува судот што ја донел првостепената пресуда, во рок од пет дена од денот на приемот на барањето во судот.

Против решението од ставот 3 на овој член, жалба можат да поднесат осуденото лице и лицето кое во корист на осуденото лице може да изјави жалба, во рок од 24 часа од приемот на решението.

По жалбата против решението на првостепениот суд одлучува непосредно повисокиот суд, во рок од 48 часа.

Жалбата од ставот 4 на овој член не го задржува од извршување решението“.

(Оспорен е во целост став 1 и делот од ставот 2 кој гласи: „кои не започнале со издржување на казната затвор“, од цитираниот член 5 од Законот).

Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010, 100/2012, 142/2016 и 198/2018) со наслов „Барање за заштита на законитоста“ во членот 457, ги предвидел „основите за поднесување“ и овој член гласи:

„Против правосилни судски одлуки јавниот обвинител на Република Македонија може да поднесе барање за заштита на законитоста ако е повреден Уставот на Република Македонија, законот или меѓународен договор, ратификуван согласно со Уставот на Република Македонија“.

Членот 458 од овој закон, кој се однесува на „одлучување за барањето за заштита на законитоста против правосилни судски одлуки“, гласи:

„(1) Барањето за заштита на законитоста поднесено од јавниот обвинител на Република Македонија во смисла на членот 457 од овој закон се поднесува до Врховниот суд на Република Македонија.
(2) Врховниот суд на Република Македонија за барањето одлучува на седница.
(3) Пред да биде предметот изнесен на решавање, судијата определен за известител може, по потреба, да прибави известување за истакнатите повреди на законот.
(4) За седницата секогаш ќе се известува јавниот обвинител“.

(Со иницијативата се оспорува членот 457 во делот „ јавниот обвинител на Република Македонија“, и член 458 став став 1 во делот „ поднесено од јавниот обвинител на Република Македонија“, од наведениот закон).

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот,Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е едно од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 84 од Уставот, претседателот на Републиката, покрај другото дава помилување во согласност со закон, а според член 79 од Уставот, претседателот на Републиката ја претставува Републиката (став 1) и своите права и должности ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите (став 3).

Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/1993 и 99/2016), во членот 1 определил дека претседателот на Републиката дава помилување на поименично определени лица за кривични дела предвидени со закони на Републиката, согласно со одредбите на Кривичниот законик и одредбите од овој закон.

Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014, 27/2014, 28/2014, 115/2014, 132/2014, 199/2014, 196/2015, 226/2015, 97/2017), во членот 114 утврдил: „Со помилувањето на поименично определено лице му се дава ослободување од гонење или потполно или делумно ослободување од извршување на казната, му се заменува изречената казна со поблага казна или со алтернативни мерки или му се определува бришење на осудата или му се укинува, односно му се определува пократко траење на определена правна последица од осудата или на кзаната (став 1); Со помилувањето може да се определи укинување или пократко траење на овие казни, забрана на вршење на професија, дејност или должност, забрана на управување со моторно возило на сторителите кои се возачи по занимање и протерување на странец од земјата (став 2).

Со одредбите од Законот за помилување се разработени начинот, обемот и видот на помилувањето преку водење постапка за помилување и по пат на помилување без спроведување на постапка за помилување. Имено, со одредбите од овој закон е уредено дека за осудено лице постапката се поведува по барање на осуденото лице или по барање на негови роднини кои се набројани во Законот, а за ослободување од кривично гонење постапката се поведува само по службена должност и може да се поведе во секој стадиум на кривичната постапка. Во секој од овие два начина на поведување постапка, во зависност од тоа дали се работи за осудено лице или за ослободување од кривично гонење, со одредбите од Законот е уредено дека постапката за помилување е итна, а молбата за помилување се поднесува до претседателот на Републиката.

Меѓутоа, со Законот е уредено дека постапката опфаќа редослед на дејствија и тоа кога лицето се наоѓа на издржување на казна, молбата од осуденото лице или неговите роднини се упатува преку казнено-поправната установа и заедно со извештајот за поведението на осуденото лице и други податоци, се доставува до надлежниот суд, односно судот што ја изрекол пресудата во прв степен, по правосилноста на пресудата, а потоа судот ја доставува молбата со другите списи до министерот за правда кој веднаш по приемот ја разгледува молбата и другите списи и заедно со свој предлог ја доставува до претседателот на Републиката.

Кога се работи за помилување за ослободување од кривично гонење постапката се поведува само по службена должност ( а не по молба на лицето кое е гонето) и може да се поведе во секој стадиум на кривичната постапка, а ја поведува министерот за правда, кој со свој предлог ја доставува до претседателот на Републиката.

Во Законот е предвидено и помилување кое може претседателот на Републиката да го даде и без спроведување на постапка за помилување, по исклучок, кога е тоа од интерес за Републиката, или кога посебни околности што се однесуваат на личноста и на кривичното дело укажуваат дека е тоа оправдано, а за ова законско решение Уставниот суд со Решение У.бр.144/1999 веќе оценил дека е во согласност со Уставот.

Поаѓајќи од погоре изнесеното, имајќи предвид дека со членот 84 од Уставот, на претседателот на Републиката му се дава уставно овластување да помилува, во согласност со закон, а со Кривичниот законик и Законот за помилување се уредени институтот помилување, според видот и начинот на остварување на правото на помилување од страна на претседателот на Републиката, сметаме дека оспорената одредба од члено 3 став 1 во делот „се поведува само по службена должност и“ од Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/1993 и 99/2016) не може уставно-правно да се проблематизира од наводите кои се изнесени во иницијативата.

Имено, оспорената законска одредба се однесува на поведување постапка за помилување за ослободување од кривично гонење кое само по службена должност се поведува на начин како што е уредено.

Оспорената законска одредба не се однесува за поведување на постапка за помилување на осудено лице, која може да се иницира по молба на осуденото лице или негови роднини на начин како што е уредено.

Тоа значи се работи за различни ситуации – на лица со статус во постапка на кривично гонење и на оние со статус на веќе осудени лица со правосилни пресуди, по кои законодавецот имал и различни законски решенија кои важат еднакво за сите со ист статус во наведените услови. Оттука и не може да се поистоветува статусот на лицата кои се веќе осудени со правосилна пресуда и лицата кои се во постапка на кривично гонење и не се правосилно осудени, а за кои поради тоа постои можност за неизвесно одлучување на судот како и за ослободителни пресуди по нив, ниту различниот статус на овие лица може во однос на прашањето за поведување постапка за помилување да се третира како повреда на членот 9 и членот 50 од Уставот.

Законот не ги исклучил ниту едните ниту другите лица кои имаат различен статус како што е наведено, по однос на институтот помилување, но во законски рамки и на начин како што е определено со Законот.

Од овие причини Судот оцени дека нема основ за поведување постапка за оценка на уставноста на членот 3 став 1 во делот „се поведува само по службена должност и“ од Законот за помилување („Службен весник на Република Македонија“ бр.20/1993 и 99/2016).

Во овој дел се напоменува дека во Законот за помилување релацијата во нормирањето кое се оспорува со иницијативата е помеѓу осудени лица и лица во постапка на кривично гонење, а во Законот за амнестија кој е исто така предмет на оспорување со иницијативата, релацијата е помеѓу осудени лица – кои започнале и кои не започнале со издржување на казна затвор.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото, е темелна вредност на уставниот поредок на Републиката.

Со членот 9 од Уставот е уредено дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со член 68 став 1 алинеја 18 од Уставот, се утврдува дека Собранието на Република Северна Македонија дава амнестија.

Амнестијата е право на простување (милост) на државата кон сторителите на казнени дела која во правните системи е позната како овластување на државата под услови пропишани со закон, против сторители на кривични дела да не се покренува казнено гонење или на веќе осудените лица казната да им биде простена или ублажена. Институтот амнестија наоѓа смисла во неприкосновеното право на казнување на државата, од каде произлегува и правото на простување на сторителот на казненото дело.

Според Уставот на Република Северна Македонија, орган за давање на амнестија во нашата држава е Собранието на Републиката.

Во однос на амнестијата, Уставот само утврдува овластување за законодавецот да дава амнестија, но не го определува видот на амнестијата, ниту за кои кривични дела и сторители таа ќе се однесува, со што овие прашања се препуштени поблиску да ги уреди законодавецот како овластен давател на амнестијата со актот на амнестија.

Со членот 113 (амнестија) од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија” број 37/1996,…и 97/2017), законодавецот ги определил видовите на амнестија, односно дека на лицата кои се опфатени со акт за амнестија им се дава ослободување од гонење или потполно или делумно ослободување од извршување на казната, им се заменува изречената казна со поблага казна, им се определува бришење на осудата или им се укинува определена правна последица од осудата.

Од донесувањето на Уставот на Републиката до денес, правото за давање на амнестија законодавецот го има искористено неколкупати, при што самиот го утврдил видот на амнестијата, за кои кривични дела и за кои лица истата ќе се однесува, имајќи во вид дека не постои уставно ограничување за тоа.

Имајќи предвид дека во Уставот нема ограничување за законодавецот за начинот на кој ќе ја одреди амнестијата, ниту во поглед на категоријата на лица на казнени дела, ниту во поглед на категоријата на сторители или осудени лица кои ќе бидат опфатени со амнестијата, ниту во поглед на определени казни, ниту ограничување во однос на степенот и обемот од ослободување од извршување на изречена казна затвор, неспорно произлегува дека законодавецот има право со конкретен Закон за амнестија да ги определи лицата на кои ќе се однесува ослободувањето од извршување на казна затвор, односно амнестијата, а на кои тоа нема да се однесува.

Потребата од донесување на конкретен акт за амнестија може да биде различна, па во зависност од таа потреба и целта која сакал законодавецот да ја постигне со амнестијата, таа може да се однесува за определени казнени дела, определена категорија на сторители или осудени лица, или пак определени казни, што законодавецот го утврдува во секој конкретен акт за амнестија.

Во конкретниот случај, Собранието на Република Северна Македонија користејќи го уставното право и овластување за давање на амнестија, повторно го употребил своето право на простување на сторителите на казнени дела, донесувајќи го предметниот Закон за амнестија во јануари 2018 година.

Собранието на Република Северна Македонија како овластен давател на амнестија, го донел Законот за амнестија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 11/2018) за давање на амнестија како еднократна милост на државата кон определена категорија на сторители на кривични дела и за одреден вид кривични дела, со што законодавецот го определил видот на амнестијата, односно ослободување од извршување на казна затвор, ги прецизирал условите за ослободување од извршување на казната затвор и го определил опфатот на осудените лица врз кои таа ќе биде применета.

Законот за амнестија („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/2018), во членот 5 определил: „Постапката за примена на овој закон за осудените лица кои се наоѓаат на издржување казната затвор, се поведува по службена должност од страна на казнено-поправната установа (став 1); Постапката за примена на овој закон за осудените лица кои не започнале со издржување на казната затвор, ја поведува судот што ја донел првостепената пресуда по службена должност, по барање на јавен обвинител или по барање на осуденото лица (став 2); Решението за амнестија според одредбите од овој закон го донесува судот што ја донел првостепената пресуда, во рок од пет дена од денот на приемот на барањето во судот (став 3); Против решението од ставот 3 на овој член, жалба можат да поднесат осуденото лице и лицето кое во корист на осуденото лице може да изјави жалба, во рок од 24 часа од приемот на решението (став 4); По жалбата против решението на првостепениот суд одлучува непосредно повисокиот суд во рок од 48 часа (став 5); Жалбата од ставот 4 на овој член не го задржува од извршување решението (став 6)“.

Со иницијативата се оспорува ставот 1 од членот 5 и ставот 2 од овој член, во делот: „кои не започнале со издржување на казната затвор“ од Законот за амнестија, од причините кои се изнесени во иницијативата, а според кои законодавецот амнестијата неосновано ја поделил со различен пристап во однос на поведување на постапката за амнестија кон осудените лица со правосилна пресуда и тоа на едни кои започнале и на други кои не започнале со издржување казна затвор.

Имено, од одредбите во ставовите 1 и 2 од членот 5 на Законот за амнестија произлегува дека амнестијата ги опфаќа осудените лица на казна затвор со правосилна пресуда,кои започнале и кои не започнале со издржување на казната затвор, при што самата постапка за оние кои веќе се наоѓале на издржување на казната затвор, можела да се поведе по службена должност од страна на казнано-поправната установа, а постапката за оние кои не започнале со издржување на казната затвор можела да се поведе од страна на судот што ја донел првостепената пресуда по службена должност, по барање на јавен обвинител или по барање на осуденото лице.

Значи, законската определба за поведување на постапка за амнестирање, за првата категорија на осудени лица и за втората категорија на осудени лица со правосилни пресуди на казна затвор, се разликува по однос на тоа што првите веќе се наоѓаат на издржување казна затвор, а вторите не започнале со издржување на казна затвор. Имено со Законот се уредуваат следниве елементи:

– ослободување од извршување на казна затвор,
– со правосилни пресуди се изречени казните затвор за кривични дела пропишани со Кривичниот законик и други закони, кои биле сторени пред 20 септември 2017 година, а во членот 3 е пропишано кои кривични дела не се опфатени,
– овој закон се однесува на лица осудени на казна затвор кои на денот на влегување во сила на овој закон (18 јануари 2018 година) започнале или не започнале со издржување на казната затвор,
– поведувањето на постапката за примена на овој закон е препуштено да започне по службена должност од страна на казнено-поправната установа за осудените лица кои веќе се наоѓаат на издржување на казната затвор, а поведувањето на постапката за осудените лица кои не започнале со издржување на казната затвор е пропишано да започне по службена должност за судот што ја донел првостепената пресуда, по барање на јавен обвинител или по барање на осуденото лице.
– решението за амнестија според одредбите од овој закон го донесува судот што ја донел првостепената пресуда.

Од анализата на оспорените одредби од Законот за амнестија во контекст со целината на Законот, произлегува дека не се пропишани помали права на осудените лица кои веќе започнале со издржување казна затвор, наспрема оние осудени лица кои не започнале со издржување на казна затвор, во однос на поведувањето на постапката за нивна амнестија.

Ова поради тоа што судот што ја донел првостепената пресуда еднакво ги донесува решенијата за амнестија на осудените лица без оглед дали започнале или не започнале со издржување на казната затвор, при што со цел за брзо и ефикасно спроведување на постапката со користење на евиденцијата од казнено-поправните установи, основните судови и основните јавни обвинителства е пропишано за лицата кои издржуваат казна затвор постапката да се поведе директно по службена должност од страна на казнено-поправните установи како ефикасно и економично правно решение, што не го исклучува правото на осудените лица евентуално и да го иницираат-побараат тоа од казнено-поправните установи. На овој начин, со одредбите од Законот за амнестија се обезбедува ефикасност во остварување на амнестијата кон лицата за кои Законот е донесен,имајќи предвид дека за лицата кои не започнале со издржување на казната затвор, а се опфатени со одредбите од Законот за амнестија, поведувањето на постапката не може да започне по службена должност од страна на казнено-поправните установи, туку поведувањето е овозможено по службена должност од страна на судот што ја донел првостепената пресуда, по барање на јавен обвинител или по барање на осуденото лице што е ефикасно правно решение пропишано со Законот.

Со Уставот, дел втори со одредбите 9 до 60, се утврдени основните слободи и права на човекот и граѓанинот, а според принципот на еднаквост од членот 9 од Уставот, граѓаните се еднакви во слободите и правата, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според принципот на еднаквост граѓаните се еднакви пред Уставот и законите.

Принципот на еднаквост е во функција на обезбедување на еднаков третман на граѓаните во можноста од практикување на нивните уставно загарантирани слободи и права. Принципот на еднаквост обезбедува лицата кои се во иста категорија и иста правна ситуација, под еднакви услови и критериуми да ги користат тие права.

Меѓутоа, со Уставот, амнестијата не е утврдена како право на граѓаните, туку како право на законодавецот со закон да пропишува давање на амнестија.

Во конкретниов случај, поведувањето на постапката за амнестија е под исти услови кои важат за сите осудени лица кои ја издржуваат казната затвор и се опфатени со одредбите од Законот, како и поведување на постапката за амнестија е под исти услови кои важат за сите осудени лица кои не започнале со издржување на казната затвор и се опфатени со Законот.

Принципот на еднаквост може да се разгледува само помеѓу опфатената категорија на осудени лица со Законот за амнестија, бидејќи само опфатените лица со амнестијата кои подеднакво ги исполнуваат условите пропишани со Законот за амнестија, се еднакви во можностите од извршување на казната затвор. Во овој контекст оспорените законски одредби во рамки на целината на Законот за амнестија, суштински не ги поларизира осудените лица во однос на амнестирањето опфатено со овој закон, туку ги пропишува начинот и формата на поведување на постапката која и кај осудените кои ја издржуваат казната затвор може од нив да се иницира до казнено-поправната установа која по службена должност е обврзана да покренува постапка, но и оние кои сеуште не започнале со издржување на казната затвор може да се иницира и по барање на самото осудено лице.

Притоа, случаите на евентуално нееднаков третман на некое или некои од лицата кои припаѓаат на категоријата осудени лица кои се опфатени со Законот за амнестија, е фактичко прашање, односно прашање од сферата на примена на Законот, а со членот 5 од Законот се определени субјектите надлежни за спроведување на постапката за примената на овој закон, во кој истовремено се уредени правни средства за осуденото лице доколку смета дека при спроведувањето на овој закон, истото е нееднакво третирано во можностите од искористување на амнестијата која ја дава Собранието на Републиката.

Врз основа на изнесеново, Судот оцени дека за оспорените одредби од член 5 став 1 и ставот 2 во делот: „кои не започнале со издржување на казна затвор“, од Законот за амнестија, не може да се постави прашањето за несогласност со Уставот.

6. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот владеењето на правото е едно од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, а со член 9 став 2 од Уставот е утврдено дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 106 од Уставот, јавното обвинителство е единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела и врши и други работи утврдени со закон (став 1); Јавното обвинителство ги врши своите функции врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот (став 2); Функцијата на јавното обвинителство ја вршат Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и јавни обвинители (став 3); Надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и функционирањето на јавното обвинителство се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници (став 4); Јавниот обвинител на Република Северна Македонија го именува и разрешува Собранието на Република Северна Македонија за време од шест години со право на повторно именување (став 5); Јавните обвинители ги избира Советот на јавни обвинители без ограничување на траење на мандатот (став 6); При изборот на јавните обвинители ќе се запази соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници (став 7); За разрешување на јавните обвинители одлучува Советот (став 8); Надлежноста, составот и структурата на Советот, мандатот на неговите членови, како и основите и постапката за престанок и разрешување на член на Советот се уредуваат со закон (став 9); Основите и постапката за престанок и разрешување на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија и јавните обвинители се уредува со закон (став 10); Функцијата Јавен обвинител на Република Северна Македонија и јавен обвинител е неспојлива со членување во политичка партија или со вршење на други јавни функции и професии утврдени со закон (став 11); Се забранува политичко организирање и дејствување во јавното обвинителство (став 12).

Законот за јавното обвинителство („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2007 111/2008 и 198/2018), во членот 30 пропишал дека во остварувањето на функцијата на гонење на сторителите на кривичните дела и прекршоци, јавниот обвинител, меѓу другото може да изјавува редовни или вонредни правни лекови против судски одлуки.

Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010, 100/2012, 142/2016 и 198/2018), во делот кој се однесува на „Вонредни правни лекови“ со одредбите од членовите 446-467, ги уредил видовите на вонредни правни лекови и постапката за нивна примена, при што како вонредни правни лекови ги пропишал повторувањето на кривичната постапка (барање за повторување на постапката можело да поднесат странките и бранителот), потоа барање за заштита на законитоста (барање за заштита на законитоста може да поднесе јавниот обвинител на Републиката) и барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда (барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда може да поднесе лицето кое правосилно е осудено на безусловна казна затвор или малолетнички затвор од најмалку една година и неговиот бранител).

Од изнесеното, јасно произлегува дека со Уставот е пропишано јавното обвинителство како уставна категорија чијашто надлежност, основање, укинување, организација и функционирање се уредува со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Врз основа на ваквата уставна определба е донесен Законот за јавното обвинителство, со кој меѓу другото на јавниот обвинител му се дава законско овластување за изјавување на вонредни правни лекови против судски одлуки, а со Законот за кривичната постапка е уредено, меѓу другото, дека против правосилни судски одлуки јавниот обвинител на Република Македонија може да поднесе барање за заштита на законитоста ако е повреден Уставот на Република Македонија, законот или меѓународен договор, ратификуван согласно со Уставот, (член 457) и барањето за заштита на законитоста поднесено од јавниот обвинител на Република Македонија во смисла на членот 457 од овој закон се поднесува до Врховниот суд на Република Македонија (член 458 став 1).

Со иницијативата членот 457 во делот: „јавниот обвинител на Република Македонија“ и членот 458 став 1 во делот: „поднесено од јавниот обвинител на Република Македонија“ од Законот за кривичната постапка, се оспоруваат од аспект дека не би требало наведеното вонредно правно средство да биде ексклузивно и исклучиво право на јавниот обвинител на Република Македонија, туку тоа требало да биде законски овозможено како право на изјавување и од страна на граѓаните, односно и на осудените лица кои имале правен интерес и потреба од употреба на барањето за заштита на законитоста, поради што законското решение било неправедно и спротивно на членовите 9 и 50 од Уставот и членот 1 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи.

Меѓутоа, со Уставот е препуштено на законодавецот да ги регулира надлежностите на јавното обвинителство во рамки на неговото уставно дефинирање како единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела и на други со закон утврдени казниви дела. Оспорените законски решенија имаат уставен основ преку уставното овластување со закон да се уредат надлежностите на јавното обвинителство во рамки на неговата уставна определба, па оттука не може уставно да се проблематизира и правото на јавното обвинителство дадено со Законот, само тоа да може како посебен државен орган да изјавува барање за заштита на законитоста. Воедно, на граѓаните кои имаат правен интерес им се дадени други права за употреба на вонредни правни лекови, согласно Законот за кривичната постапка. Но, наспроти оваа анализа според која не може уставно да се проблематизира законското право на јавното обвинителство да го употребува барањето за заштита на законитоста до Врховниот суд на Република Северна Македонија , иницијативата во овој дел секако има и елементи со интенција преку оспорување на деловите од наведените членови од Законот за кривичната постапка, да се предизвика и креирање на нова содржина на тие членови од Законот, во насока да ги прошири рамките на субјектите кои можат да го употребат ова вонредно правно средство, што е прашање на законско нормирање во надлежност на законодавната власт која ги донесува законите.

Од овие причини Судот утврди дека оспорените одредби од Законот за кривичната постапка не се во несогласност со Уставот, како и со членот 1 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи кој упатува на почитување и заштита на правата и слободите.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Сали Мурати.

У.бр.49/2019
10 јули 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски