Решение У.бр.122/2018

У.бр.122/2018

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992,) на седницата одржана на 29 мај 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Димитар Дангов, адвокат од Скопје, поднесено преку неговиот полномошник Ана Дангова Хуг, адвокат во Адвокатското друштво „Интер Партес“ од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија што се однесуваат на правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата.

2. Подносителот во барањето за заштита на слободите и правата наведува дека со Решението КОК бр.62/17 од 27.08.2018 год. на Основниот суд Скопје 1 Скопје и Решението КОК-КР.бр.932/18 од 24.09.2018 година на Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 Скопје му била повредена слободата на мислата и јавното изразување на мислата. Тој во барањето ја изнесува фактичката состојба на следниот начин:

Подносителот како единствен бранител на обвинетиот Сашо Срцев на 27 август 2018 година, во 10 часот требало да присуствува на главната расправа по предметот КОК бр.62/17 позната под името „Титаник 2“.

На истиот ден, во исто време, во истиот суд, но во друга судска сала, подносителот на барањето бил повикан како бранител на обвинетиот Љупчо Димовски, во притворскиот предметот КОК бр.40/18 познат под името “27 Април”.

Поради објективната неможност истовремено да присуству­ва на двете главни расправи, подносителот на барањето одлучил да присуствува на расправата по притворскиот предмет и на 27.08.2018 год. околу 09.20 часот, во писарницата доставил поднесок-молба за одлагање на расправата во предметот „Титаник“ образложувајќи ја истата со својот истовремен ангажман како бранител во притворскиот предмет “27 Април”.

На главната расправа во предметот 05 КОК бр.62/17, Судот откако констатирал дека подносителот е отсутен, усно им соопштил на присутните дека ќе го казни, иако вработен кај подносителот го запознал судот за поднесеното барање за одлагање на расправата. Други двајца бранители што присуствувале на судењето му укажале на судот на проблемите со кои се соочуваат бранителите поради тоа што судењата се поклопуваат и се закажуваат во блиски термини, и дека е неосновано и некоректно адвокатот да се казни бидејќи дал приоритет на притворскиот предмет.

По получасовната пауза што ја дал судијата за да може адвокатот назначен од Судот да го брани клиентот на подносителот, да се запознае со списите на предметот, во 11 часот, подносителот, откако завршило судењето во предметот “27 Април”, дошол во судницата и се извинил за настанатиот проблем и објаснил од кои причини не можел да присуствува на расправата од нејзиниот почеток, но и покрај тоа судијата усно му кажал дека ќе биде казнет заради навреда на судот и сите присутни согласно член 361 и член 88 од ЗКП без да ја соопшти висината на казната.

Судот донел и формално решение KOK бр.62/17 од 27 август 2018 со кое го казнил подносителот на барањето на парична казна од 1000 евра. Во образложението на одлуката судот навел дека подносителот со своето однесување ги злоупотребил правата на учесниците во постапката и наштетил како на обвинетите така и на целокупниот судски процес. Судот заклучил дека одложувањето на главната расправа во оваа фаза било неефикасно односно спротивно на начелото на судење во разумен рок, а фактот што поднесокот за одложување на рочиштето судот го примил по завршетокот на истото, судот не бил во можност да одлучи по тоа барање. Конечно, Судот заклучил дека одлуката на подносителот да не присуствува на закажаната главна расправа претставувало навредливо однесување кон Судот и сите учесници во постапката.

По вложена жалба против првостепеното решение, Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 Скопје со Решение КОК-КР. бр.932/18 на 24.09.2018 год., ја одбил жалбата на подносителот како неоснована и ја потврдил првостепената одлука, во целост парафразирајќи ги наводите на првостелениот суд.

Подносителот смета дека неговото казнување со парична казна од 1000 евра претставува попречување на правото на слобода на изразување, коешто нема основа во член 10 став 2 од Европската конвенција за човекови права (“ЕКЧП”) и судската пракса на Европскиот суд за човекови права (“ЕСЧП”). Подносителот во барањето детално се осврнува на пресудата на Европскиот суд за чове­кови права во случајот Морис против Франција (Пресуда на Голем судски совет од 23 април 2015 година, жалба бр. 29369/10) и Отан против Франција (Пресуда од 19 април 2018 година, жалба бр. 41841/12), образложувајќи зошто принципите и ставовите на Европскиот суд изразени во тие предмети треба да се применат и при одлучувањето во овој конкретен предмет.

Тој наведува дека поднесокот-молба за одлагање била упатена во негово својство како бранител на обвинет до судот со намера да се одложи главната расправа поради неможност на подносителот истовремено да присуствува на две расправи закажани во исто време; молбата односно поднесокот можела да се смета како изразување, односно однесување во суд, наспроти однесување надвор од суд; дека со барањето за одлагање тој упатил порака до судот дека е потребно судиите да се координираат кога закажуваат термини за главна расправа за да се избегне преклопување на судењата; дека поднесокот се однесувал на постапка пред суд и на водење на кривично судење; дека во поднесокот биле изнесени само вистинити факти, не бил употребен навредлив речник; дека барањето за одлагање морало да се стави во контекст на интензивното закажување на рочишта по двата предмети, со што бранителите биле доведени во ситуација да избираат во кој предмет ќе присуствуваат; дека судот требало да даде должно внимание на содржината на молбата за одлагање и да преиспита дали однесувањето на бранителот е такво со кое се злоупотребувале правата на учесниците во постапката или било навредливо однесување кон судот, или пак тоа било последица на нужда на бранителот да присуствува на друг предмет на кој дал приоритет, дека казната од 1000 евра била превисока и можела да има обесхрабрувачко влијание при остварувањето на слободата на изразувањето, дека таа директно го повредувала неговиот углед и довербата во него од неговите клиенти и дека истата не била пропорционална и неопходна во демократско општество.

На крајот од барањето подносителот предлага Уставниот суд да утврди дека со оспорените решенија му било повредено правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата и да ги поништи двете решенија.

3. Уставниот суд, врз основа на наводите во барањето за заштита на слободите и правата, оспорените решенија КОК бр.62/2017 од 27.08.2018 и КОК-КР.бр.932/18 од 24.09.2018 година, доставените одговори од Основниот суд Скопје I Скопје, во претходна постапка ја утврди следнава фактичка состојба:

Подносителот на барањето, Димитар Дангов од Скопје е адвокат, сопственик на Адвокатското друштво „Интер Партес“ од Скопје, во кое покрај него, се вработени 7 адвокати.

Подносителот на барањето во текот на 2018 година бил ангажиран како бранител на двајца обвинети во два одделни кривични процеси што се воделе пред Основниот суд Скопје I Скопје: кривичниот предмет КОК бр.62/17 (случај кој во јавноста е познат под името “Tитаник 2“), како и во предметот КОК бр.40/18 (случај кој во јавноста е познат под името „27 Април“). Неговиот клиент Љ.Д. обвинет во предметот „27 Април“ се наоѓал во притвор.

На 27 август 2018 година, во исто време (10 часот), во истиот суд – Основен суд Скопје I Скопје, но во различни судници, биле закажани расправи во двата наведени кривични предмети.

Расправата во предметот КОК бр.62/17 (“Tитаник 2“) била закажана на 6 јули 2018, додека пак расправата во предметот КОК бр.40/18 („27 Април“) била закажана на 28 јуни 2018 година.

Подносителот на барањето, адвокатот Дангов одлучил да присуствува на расправата по предметот „27 Април“ бидејќи неговиот клиент обвинетиот Љ.Д. се наоѓал во притвор. Поради тоа, дента на 27 август 2018 година, непосредно пред почетокот на судењето, во 9.20 часот до судот поднел писмен поднесок – молба за одлагање на расправата во предметот „Титаник 2“, во која како причина за барањето за одлагање го навел фактот што во исто време требало да присуствува на судење во притворскиот предмет КОК бр.40/18.

Расправата по предметот КОК бр.62/17 почнала во 10 часот, претседателот на советот го констатирал отсуството на адвокатот Дангов кој бил единствен бранител на обвинетиот С.С. Обвинетиот го известил судот дека претходниот ден разбрал дека неговиот адвокат ќе треба да присуствува на друго судење во исто време во истиот суд. Претседателот на советот му дал неколку минути за да стапи во контакт со бранителот и го известил дека ќе треба да му се определи бранител по службена должност.

Вработен во адвокатското друштво „Интер Партес“, кој присуствувал на расправата го известил судијата за поднесената писмена молба за одлагање на расправата. Судечкиот судија, откако констатирал дека ова лице не може да биде бранител на обвинетиот С.С. бидејќи го немал потребното адвокатско искуство, го определил адвокатот Љ.Ш. кој бил присутен во салата како бранител на друг обвинет, за бранител по службена должност. Обвинетиот С.С. му дал полномошно на записник, а заради запознавање на новоназначениот бранител со списите во предметот, Судот дал получасовна пауза.

Во 11.10 часот, пред да започне главната расправа, во судницата се појавил подносителот – адвокатот Дангов, кој се јавил за збор и го известил судот дека од 10 до 11 часот, бил на расправа по предметот „27 Април“ во друга судска сала.

Претседателот на Советот донел усно решение чијашто изрека ја внел во записникот од расправата, со кое адвокатот Димитар Дангов се казнува согласно член 361 и член 88 од Законот за кривична постапка.

Адвокатот определен по службена должност укажал дека бил спремен да пружи квалитетна одбрана, но од причина што во судницата бил присутен адвокатот Дангов, обвинетиот С.С. му го откажал полномошното на адвокатот Љ.Ш. и неговата одбрана повторно ја презел адвокатот Дангов.

Расправата траела до 13.50 часот и по нејзиното завршување, на судијата му бил врачен поднесокот со кој подносителот барал одлагање на расправата.

Во изреката на писменото решение VКОК бр.62/17 од 17.08.2018 стои дека се казнува адвокат Димитар Дангов, како бранител на обвинетиот С.С., со парична казна од 1000 евра во денарска противредност, која казна е должен да ја плати во рок од 15 дена од правосилноста, под страв од присилно извршување. Како правен основ за донесување на решението е наведен член 88 став 1 во врска со член 361 ставови 1 и 3 од Законот за кривичната постапка. Во образложението на решението се наведува оценката на судот дека адвокатот Димитар Дангов, кој во постапката бил единствен бранител на обвинетиот С,С., со своето однесување ги злоупотребил правата на учесниците во постапката и им наштетил на обвинетите и на целокупниот судски процес. Со своето првобитно отсуство, предизвикал потреба од ангажирање на друг бранител кој требало да се подготви за одбраната, што придонесло за одолговлекување на постапката, што е спротивно на правото на обвинетиот да му се суди без неоправдано одложување. Судот го имал предвид фактот дека адвокатот Димитар Дангов е адвокат во адвокатско друштво и тој имал можност навремено да обезбеди своја соодветна замена. Неоправданоста и неоснованоста на отсуството на бранителот судот ја гледал и во тоа што предметната постапка била во фаза на изведување на докази, адвокатот знаел дека треба да се сослушаат 4 сведоци, така што одлагањето на расправата во оваа фаза било неефикасно и нецелисходно и спротивно на начелото за судење во разумен рок. Судот исто така го имал во предвид и фактот дека поднесокот за одлагање го примил по завршување на судењето, така што не бил во можност да одлучи по ова барање. За оценката на Судот бил ирелевантен фактот што адвокатот Дангов пристапил на судењето. Во таа смисла Судот оценил дека првобитната одлука на адвокатот да не присуствува на закажаната главна расправа претставува навредливо однесување кон судот и сите учесници во постапката.

Против ова решение подносителот на барањето поднел жалба до кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 Скопје, кој со решение КОК-КР.бр.932/18 од 24.09.2018 година жалбата ја одбил и го потврдил решението КОК бр.62/17 од 27.08.2018.

Подносителот на барањето согласно правосилната одлука, ја платил казната од 1000 евра во денарска противредност од 61.500,оо денари.

На 7 ноември 2018 година, адвокатот Димитар Дангов, преку полномошникот Ана Дангова Хуг, адвокат во адвокатското друштво „Интер Партес“ од Скопје, благовремено, во рамките на рокот од два месеци, поднел барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на правото на слобода на мислата и јавното изразување на мислата.

4. Според член 8 став 1 алинеја 1 од Уставот основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 16 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и тоа само во време на воена или вонредна состојба, според одредбите на Уставот, при што ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имот или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата, според ставот 4 на овој член, не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповедта.

Според членот 19 од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права, 1) Никој не може да биде вознемируван поради своето мислење; 2) Секој има право на слобода на изразување; тоа право подразбира слобода да се бараат, примаат и шират информации и идеи од секој вид, без оглед на границите, било усно, писмено, по пат на печат или во уметничка форма или со кое било друго средство во свој избор; 3) Вршењето на слободата предвидена во став 2 на овој член повлекува посебни обврски и одговорности. Тоа може да биде подложено на одредени ограничувања кои сепак мора да бидат изречно утврдени со закон и кои се нужни: а) за почитување на правата и угледот на другите лица; б) за заштита на националната безбедност или јавниот поредок или јавното здравје или моралот.

Според членот 10 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислењето и слободата на примањето и пренесувањето информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите…2) Остварувањето на овие слободи коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под определени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, и кои се неопходни во едно демократско општество заради заштита на државната безбедност, територијалниот интегритет и јавна безбедност, заштитата на редот и спречување нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширење на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.

Законските основи за казнување на адвокатите во кривичната постапка се утврдени во Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 150/2010, 51/2011, 100/2012, 142/2016 и 198/2018) во следните членови:

Во член 6 (Право на судење во разумен рок) во ставот 2 е определено дека судот е должен постапката да ја спроведе без одолжување и да ја оневозможи секоја злоупотреба на правата кои им припаѓаат на лицата кои учествуваат во постапката. Согласно ставот 3 на истиот член, со парична казна од 700 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе се казни физичко лице, а со казна во висина од 2.500 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе се казни правно лице кое ќе ги злоупотреби правата што му припаѓаат во постапката.

Во член 88 (Казнување поради навреда на судот) став 1 од Законот за кривичната постапка е утврдено дека судот ќе го казни со парична казна од 200 до 1.200 евра во денарска противвредност учесникот во постапката кој во поднесокот или усно, односно на друг начин го навреди судот или лицето кое учествува во постапката. Решението за казнување го донесува судот пред кој е дадена изјавата, а ако тоа е сторено во поднесокот, судот што треба да одлучи за поднесокот. Против ова решение е дозволена жалба по која одлучува советот од членот 25 став (5) на овој закон.

Во член 361 (Казнување поради нарушување на редот и дисциплината) во ставот 1 е предвидено дека ако јавниот обвинител, обвинетиот, бранителот, оштетениот, законскиот застапник, полномош­никот, сведокот, вештакот, преведувачот, односно толкувачот или друго лице кое присуствува на главната расправа го нарушува редот или не се придржува на наредбите од претседателот на советот за одржување на редот, претседателот на советот ќе го опомене. Ако опомената биде безуспешна, советот може да нареди обвинетиот да се отстрани од судницата, а другите лица може не само да ги отстрани, туку и да ги казни со паричната казна предвидена во член 88 став 1 од овој закон. Во ставот 3 на истиот член е определено дека на бранителот или полномошникот, кој по казната ќе продолжи да го нарушува редот, советот може да му ја ускрати натамошната одбрана, односно застапување на главната расправа и во тој случај странката ќе се повика да земе друг бранител, односно полномошник. Ако е невозможно обвинетиот или оштетениот тоа да го сторат веднаш без штета за своите интереси или ако во случај на задолжителна одбрана не може веднаш да се постави нов бранител или полномошник, главната расправа ќе се прекине или одложи, а на бранителот односно полномошникот ќе му се нареди да ги плати трошоците што настанале од прекинот или одложувањето.

Правата и должностите на адвокатите се утврдени во Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/2002, 60/2006, 29/2007, 106/2008, 135/2011, 148/2015) и Кодексот за професионалната етика на адвокатите, адвокатските стручни соработ­ници и адвокатските приправници што го има донесено Адвокатската комора.

Во членот 17 од Законот за адвокатурата, во кој се уредени правата и должностите на адвокатите, е утврдено дека правната помош на странката адвокатот ја дава совесно и стручно, согласно со закон, Кодексот на адвокатската етика и другите акти на Комората и како тајна го чува она што му го доверила странката. Давањето правна помош, може да се одбие или откаже од причини утврдени со закон, Кодексот на адвокатската етика и другите акти на Комората.

Согласно членот 30 од Законот за адвокатурата, адвокатите се одговорни за стручно и совесно вршење на адвокатската должност и за чување на угледот на адвокатурата. Како потешка повреда на адвокатската должност и угледот на адвокатурата, особено се смета неизвршување или очигледно несовесно вршење на работите на правна помош и вршење на јавни овластувања, непостапување по овласту­ва­њето и непреземањето дејствија што адвокатот е должен да ги преземе во заштита на правата и интересите на странката и повредување на должноста на чување тајна.

Во Кодекстот за професионалната етика на адвокатите, адвокатските стручни соработници и адвокатските приправници на Адвокатската комора, во точка 1 е утврдено дека адвокатот како давател на правна помош и вршител на јавни овластувања треба да дава правна помош, да застапува или да брани странки кога тие му се обраќаат за таа цел. Адвокатот може да го одбие давањето правна помош или вршењето на јавни овластувања од оправдани причини, како што се: преоптовареност во работењето, незначителни изгледи за успех по предметот, неплаќање на доспеаните обврски од клиентот (трошоци и награда), кога е во прашање неодговорен парничар и слично.

Одбивањето да се даде правна помош во кривичните предмети (одбрана) треба да се цени по строги критериуми. Тоа е дозволено само во особено исклучителни случаи и тоа од објективна и од субјективна природа, како што се: болест на адвокатот, неплатени обврски од страна на обвинетиот за претходно дадена одбрана и слично.

2. Ако адвокатот прифати вршење на јавни овластувања, давање правна помош, застапување или одбрана тој е должен да и остане верен на својата странка и да се труди со истата да воспостави однос на доверба. Тој може да го откаже застапувањето, одбраната или давањето друга правна помош само од исти причини поради кои можел да одбие давање правна помош, ако за тие причини дознал по преземањето на предметот Но, и во овој случај адвокатот е должен својата странка да ја застапува се додека не си обезбеди друг правен застапник.

5. Адвокатот е должен совесно да ја застапува и да ја брани својата странка, користејќи ги притоа сите потребни средства, дозволени со Законот или со друг пропис.

9. Адвокатот не треба да прифати вршење на јавни овластувања, застапувања, одбрана или давање друга правна помош во толкава мера, кога со тоа би бил преоптоварен до таа мерка, што секој случај не би можел совесно и темелно да го обработи. Во случај на презафатеност, адвокатот треба странката да ја упати на други свои колеги во кои има доверба, а кои имаат временска можност за прифаќање на странката.

13. Во извршувањето на својата професија, адвокатот е должен да го чува угледот на судот, и институциите пред кои се јавува. Неговиот настап треба да биде таков, судовите и другите органи во него да гледаат заштитник во спроведувањето на законитоста и заштитата на правата и правните интереси на странките.

Адвокатот е должен да укажува почитување кон судот и институциите пред кои се јавува, но исто така, во интерес на угледот на адвокатурата, е должен да не дозволи некоректен однос на претставниците на тие органи кон него и кон неговата странка.

5. Слободата на изразувањето е предуслов за функционирањето на секое демократско општество и за остварување на многу други слободи и права. Слободата на мислата и јавното изразување на мислата претставува субјективно право кое е нераскинливо поврзано со човековата личност. Гарантирањето на оваа слобода во Уставот на Република Северна Македонија е на такво рамниште што овозможува нејзино директно остварување, без поддршка на посебно законско уредување и истовремено овозможува нејзина директна заштита врз основа на Уставот, од страна на Уставниот суд, согласно член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот. Исто така, Уставот на Република Северна Македонија не содржи ниту специјална, ниту генерална законска резерва која би ги определила границите на остварувањето на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, поради што нејзината граница треба да се бара во севкупноста на Уставот и неговите определби имајќи ги притоа во предвид меѓународните документи што се ратификувани во согласност со Уставот.

Границите на манифестирањето на оваа слобода за поединецот се наоѓаат во со закон санционираните дејствија, без оглед дали се работи за кривична или граѓанско-правна санкција. Оттука, уставно-правен спор дали постои повреда на со Уставот загарантираната слобода на јавното изразување на мислата преку санкционирање на нејзината манифестација, се сведува на уставно – правна оцена дали со ваквата санкција е повредена самата содржина на уставно гарантираната слобода на поединецот без никакво ограничување јавно да го искаже своето мислење, или, пак, е санкционирано дејствие кое, иако како свој појавен облик го има јавното искажување на мислење, всушност ја изгубило смислата на слобода на мислење и јавно искажување на мислата којашто Уставот ја гарантира и заштитува, преминувајќи во дејствие со кое се повредуваат други со Уставот и со закон заштитени слободи, права и интереси.

Слободата на изразување на мислата на адвокатите, преставува посебен контекст и таа е поврзана со значајната улога што ја имаат адвокатите во судските постапки. Адвокатите, заедно со судиите и обвинителите се тие што треба да обезбедат почитување на човековите права и владеењето на правото во судските постапки. Особено значајна е улогата на адвокатите бидејќи тие обезбедуваат правна помош и застапување, а во кривичната постапка се јавуваат во својство на бранители на обвинети лица. Значењето на адвокатите се гледа и од таму што правото на застапување од страна на адвокат, претставува составен елемент на правото на фер судење признато со меѓународното и домашното право. За да може правната помош да биде ефикасна, неспорно е дека таа мора да се остварува независно, поради што и Уставот на адвокатурата и ја признава и гарантира нејзината самостојност и независност. Самостојноста и независноста на адвокатурата не се исцрпува само во правата на адвокатите, туку и во нивните должности, од кои секако најзначајна е должноста на почитувањето на законите.

Од богатата судска практика на Европскиот суд за човекови права во врска со слободата на изразувањето на адвокатите, може да се резимираат следниве општи принципи:

– Посебниот статус на адвокатите им дава централна позиција во администрацијата на правдата како посредници помеѓу јавноста и судовите. Според тоа тие имаат клучна улога во обезбедувањето на довербата на јавноста во судовите, чија што мисија е од фундаментално значење во секоја држава што е заснована на принципот на владеењето на правото (Morice v. France, став 132, Kuyprianou v. Cyprus, став 173);

– Слободата на изразувањето се однесува и на адвокатите и ја опфаќа не само суштината и содржината на идеите и информациите што се изразени, туку и формата преку која се пренесени (пресуда во случајот Kuyprianou v. Cyprus, став 174, Morice v. France, став 134). Адвокатите имаат право да коментираат во јавноста прашања поврзани со администрацијата на правдата, под услов нивната критика да не надминува определени граници (Morice v. France, став 134, Nikula v. Finland, став 46). Потребно е да се направи баланс помеѓу различните интереси што се во игра, коишто опфаќаат право на јавноста да добива информации за прашања што произлегуваат од судските одлуки, прашања поврзани со соодветното спроведување на правдата и дигнитетот на правната професија (Nikula v. Finland, став 46);

– Слободата на изразувањето не е целосно неограничена, бидејќи нејзиното остварување повлекува „обврски и одговорности“ (Europapress Holding, d.o.o. v. Croatia, став 58). Слободата на изразувањето во судницата не е неограничена и определени интереси, како што се авторитетот на судството, се доволно важни за да се оправдаат ограничувањата на оваа слобода;

– Изразот „авторитет на судството“ го вклучува поимањето дека судовите се, и се прифатени од јавноста како соодветниот форум за утврдување на правата и обврските и за решавање на споровите на граѓаните; дека јавноста во целина има почитување и доверба во способноста на судот да ја исполни оваа функција (Sunday Times v. United Kingdom, став 55). Работата на судовите, кои се гаранти на правдата и кои имаат фундаментална улога во државата заснована на владеењето на правото, мора да уживаат јавна доверба и тие треба да бидат заштитени од неосновани напади. Меѓутоа, судовите како сите јавни институции не се имуни на критика и контрола. Оттука, иако странките имаат право да го коментираат спроведувањето на правдата со цел да ги заштитат своите права, нивната критика не смее да премине определени граници. Особено треба да се направи јасно разграничување меѓу критиката и навредата. Доколку единствената намера на која и да било форма на изразување е да се навреди судот, или членови на тој суд, соодветната санкција во принцип, не би се сметала дека претставува повреда на членот 10 од Конвенцијата (Skalka v. Poland);

– Адвокатите се подложени на ограничувања во поглед на нивното професионално однесување кое мора да биде дискретно, чесно и со дигнитет, но тие исто така имаат ексклузивни права и привилегии, меѓу кои и определена слобода во поглед на аргументите што можат да ги изнесат пред судот (Morice v. France, став 133).

Од наведените одредби од Законот за адвокатурата произлегува дека адвокатот е должен да ги штити интересите на странката на најдобар начин и со законски средства, правната помош да ја дава совесно, стручно и во согласност со закон и етичките правила на адвокатурата, да се придржува на Уставот и законите, да внимава на угледот на адвокатурата како јавна служба како и е одговорен за повреда на адвокатската должност и угледот на адвокатурата. Слободата на изразувањето на адвокатите кои се јавуваат како бранители на обвинети во кривична постапка мора да служи заради одбрана на правата на обвинетиот, и токму од тие причини на адвокатите им се признава висок степен на заштита при остварувањето на оваа слобода. Но при остварувањето на оваа слобода адвокатот е врзан со процесните правила на една строго формализирана постапка како што е кривичната постапка, како и со неговите професионални должности и етика. Оттука произлегува дека слободата на изразување на адвокатите не може да се користи како оправдување за дејствијата на адвокатите со кои се злоупотребуваат правата и процесните овластувања и кои се преземаат со единствена цел за одолговлекување на постапката.

Токму заради оневозможување на злоупотребите на правата во постапката, во горенаведените членови 6, 88 и 361 од Законот за кривичната постапка, законодавецот му дал овластување на судот како орган задолжен за водење на постапката и за обезбедување на редот во судницата и достоинството на судот, да може да изрекува парични казни во случај на злоупотреба на правата од страна на странките, навреда на судот и поради нарушување на редот и дисциплината од страна на странките и учесниците во постапката. Обврска на судот е да ја води постапката на начин што ќе обезбеди соодветно однесување на странките и фер судење. Законските одредби за навреда на судот имаат за цел да го санкционираат она однесување со кое се оневозможува судењето да се одвива на правичен, ефикасен и експедитивен начин, да овозможи непречено одвивање на судењата, без непотребни одлагања и одолжувања на постапките, да се спроведуваат одлуките на судечкиот судија и во целина судството да се заштити од неосновани напади и манипулација со кои се загрозува довербата на јавноста во независноста, непристрасноста и интегритетот на судството.

6. Во конкретниов случај, имајќи ја предвид утврдената фактичка состојба, содржината на оспорените одлуки, наводите во барањето, релевантните уставни и законски одредби, практиката на Европскиот суд за човекови права, Уставниот суд оцени дека барањето за заштита на слободите и права кои се однесуваат на слободата на изразувањето е неосновано од следниве причини.

Имено неспорно е дека статусот што го има подносителот на барањето како адвокат – бранител на обвинет во кривична постапка, му дава право на заштита на неговата слобода на изразувањето гарантирана со членот 16 од Уставот и членот 10 од Европската конвенција за човекови права, но само во обем и доколку изречената санкција може да се оцени дека претставува вмешување, односно попречување на остварувањето на слободата на изразувањето. За да тоа се утврди потребно е да се направи анализа на самата санкција, односно да се утврди поради кое однесување и поради кои причини подносителот бил казнет, во контекст на фактите на случајот и релевантните одредби од законите.

Во самото барање подносителот наведува дека неговото казнување од страна на Судот било поради неговото мислење изразено во поднесокот–барање за одлагање на рочиштето по предметот КОК бр.62/17 („Титаник 2“) во кое тој изнесел само вистинити факти, не бил употребен навредлив речник, ниту пак изразил вредносен суд за функционирање на системот, дека со него упатил порака до судот дека е потребно судењата да се координираат за да се избегне преклопување на рочиштата.

Судот не ги прифати наводите во барањето дека поднесокот-молба за одлагање на расправата претставува изразување коешто може да се смета како изразување во суд, со кое тој искажал некаква порака по прашањето за закажувањето на судските рочишта. Ова од причина што од содржината и формата на поднесокот јасно произлегува дека станува збор за поднесок којшто е од процесна, а не од материјална природа. Имено, поднесокот има вообичаена содржина за овој вид на процесни поднесоци, односно содржи барање судот да го одложи судењето поради неможност на адвокатот да присуствува исто време на две судења. Во поднесокот не е наведено ништо што би можело да се смета дека претставува изразување на став, мислење, оценка или критика, дадена во контекст на одбраната на обвинетиот во предметот КОК. Бр.62/2017, а коешто изразување би било предмет на анализа пред Уставниот суд од аспект на слободата на изразувањето.

При градењето на правното мислење Судот ја имаше предвид практиката на Европскиот суд за човекови права и особено општите принципи за слободата на изразувањето на адвокатите утврдени од страна на Европскиот суд, особено пресудата на Големиот совет во случајот Morice v. France.

Меѓутоа, Судот смета за потребно да укаже дека случајот Морис против Франција на кој се повикува подносителот на предметното барање пред Уставниот суд и кој е детално презентиран во барањето, како и други случаи коишто ги разгледувал Европскиот суд за човекови права во кои адвокати тврделе дека им била повредена слободата на изразувањето поради изречена санкција спрема нив (како на пример случаите Kyprianou v. Cyprus, Nikula v. Finland, Ceferin v. Slovenia и др.), не можат да се поистоветат со предметниот случај. Ова од причина што во сите тие случаи, постоело определено спорно вербално изразување, дадено во контекст на одбрана или застапување на странките пред судот, чијашто содржина била предмет на анализа и оценка од страна на Судот во Стразбур, и коешто изразување содржелo изјави во форма на критика кон судот или други учесници во постапката, а коешто по својата форма било усмено – (усна одбрана на клиентите пред судот) или пак во писмена формa (писмен поднесок како што е жалба, одговор на жалба, одговор на вештачење или друг поднесок што бил во функција на одбрана односно застапување на интересите на клиентот). Судот во овие случаи прифаќал дека е применлив членот 10 од Конвенцијата и дека изречените санкции претставуваат вмешување односно ограничување на слободата на изразувањето, по што го применувал трипартитниот тест за оценување на законитоста, оправданоста и неопходноста односно пропорционалноста на мерката.

Она што конкретниот случај пред Уставниот суд го разликува од наведените случаи на Европскиот суд, а што произлезе од утврдената фактичка состојба, е што во конкретниот случај не постои спорно изразување односно спорна изјава поради која подносителот бил санкциониран. Од образложението на првостепеното решение на судеч­киот судија во предметот КОК бр.62/17, потврдено со второ­оспореното решение на кривичниот совет (КОК-КР.бр.932/18), јасно произлегува дека подносителот бил казнет за злоупотреба на процесните права во постапката, а не за негово конкретно изразување. Судот при изрекува­њето на санкцијата го имал предвид целокупното однесување на подносителот и истото го оценил како однесување што имало за цел одолговлекување на постапката и повреда на правата и интересите на другите странки во постапката, посебно правото на лицето против кое се води постапката кое има право да му биде судено без неоправдано одложување. Судечкиот судија утврдил, а Кривичниот совет потврдил, дека подносителот со своето однесување ги злоупотребил правата на учесниците во постапката бидејќи поради отсуството на подносителот кој бил единствен бранител на обвинетиот, морало да се определи друг бранител, на истиот да му се даде време да ја подготви одбраната што придонесло за неосновано одолговлекување на постапката. Судот посебно ги ценел околностите дека подносителот на барањето е сопственик на адвокатско друштво и дека истиот имал можност навремено да обезбеди соодветна замена. Во решението, Судот укажал дека барањето го примил по завршетокот на рочиштето, така што тој и не бил во можност да се произнесе по барањето.

Од фактичката состојба произлегува дека судечкиот судија при изрекувањето на казната воопшто го немал пред себе поднесокот со барање за одлагање (што и објективно не бил во можност да го има од причина што истото било доставено до писарнрицата на судот истиот ден, непосредно пред почетокот на расправата). Од тука може да се заклучи дека подносителот на барањето не бил казнет за она што тој го искажал во поднесокот односно во барањето за одлагање на рочиштето, туку за неговото поведение, односно недоаѓање на рочиштето со што тој предизвикал одолговлекување на постапката. Дека слободата на изразувањето на подносителот на барањето не била попречена зборува и фактот што во моментот кога тој пристапил на судењето, веќе биле исполнети сите претпоставки расправата да може да отпочне, бидејќи бил обезбеден бранител по службена должност на неговиот клиент, обвинетиот С.С, така што присуството на подносителот веќе не било ниту нужно. Но судот, сепак ја почитувал изразената волја на обвинетиот С.С. да биде бранет од адвокатот Дангов, како адвокат што тој го избрал и му овозможил на подносителот одново да ја преземе неговата одбрана.

Во решението со коешто на подносителот му е изречена паричната санкција, судечкиот судија дал доволно образложени аргументи за несоодветното однесување на подносителот како бранител на обвинетиот во тој предмет, коешто сосема оправдано го оценил како поведение со кое се злоупотребуваат правата во постапката, се наштетува на судскиот процес и на правата на одбраната и во целина се придонесува за неосновано одолговлекување на постапката.

Како дополнителен аргумент во прилог на оценката дека поведението на бранителот било со цел да се оддолжи судскиот процес, можат да се посочат и фактите што беа утврдени во текот на постапката пред Уставниот суд, имено дека подносителот на барањето речиси два месеци пред одржувањето на расправите на 27 август 2018 година, знаел дека во истиот ден, во исто време, биле закажани судењата во двата предмети во коишто неговите клиенти биле обвинети. Имено расправата во предметот КОК бр.62/17 (“Tитаник 2“) била закажана на 6 јули 2018 година, додека пак расправата во предметот КОК бр.40/18 („27 Април“) била закажана на 28 јуни 2018 година, што упатува на заклучокот дека подносителот на барањето имал доволно време да определи своја замена со цел да пружи квалитетна одбрана на своите двајца клиенти и ниту еден од нив да не го остави без одбрана на судењето од 27 август 2018 година. Подносителот на барањето не само што имал доволно време да определи замена и да ја испочитува својата обврска за пружање одбрана во случај кога и покрај својата оптовареност и ангажираност, се нафатил да биде бранител на обвинетите во двата процеси, тој имал и реална можност да го стори тоа, бидејќи подносителот не ја врши адвокатската дејност како адвокат-поединец, туку е сопственик на адвокатското друштво „Интер Партес“, во кое покрај него, се вработени уште 7 адвокати.

Фактичката состојба што беше изнесена погоре покажува дека суштински аспект на овој конкретен случај е санкционирањето на непрофесионалното однесување на адвокатот, а не неговата слобода на изразувањето поради што Судот оцени дека барањето за заштита на слободите и правата треба да се отфрли како неосновано.

7. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.122/2018
29 мај 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски