Решение У.бр.28/2019

У.бр.28/2019-1

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 47 алинеја 1 и член 71 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 29 мај 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови, број 08-5438/12 од 13.12.2018 година, донесена на 21-та седница на Советот на Општина Центар, одржана на 13.12.2018 година, објавена во „Службен гласник на Општина Центар” број 20 од 14.12.2018 година.

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА решението за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на Одлуката означена во точката 1 на ова решение.

3. Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива од Градежната комора на Македонија од Скопје и Стопанска комора на Северо-Западна Македонија од Скопје, со Решение У.бр.28/2019 од 20 март 2019 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката наведена во точката 1 од ова решение и го запре извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на наведената одлука, затоа што пред Судот, со основ се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот и законите.

4. Во текот на постапката Судот утврди дека доносителот на оспорениот акт до Уставниот суд достави допис број 09-1859/4 од 27.03.2019 година, со кој го известува Судот дека Советот на Општина Центар донел Одлука за начинот на применување на деталните урбанистички планови, број 08-1859/2 од 27.03.2019 година, во која се наведува дека со донесувањето на таа одлука престанува да важи Одлуката за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови број 08-5438/12 од 13.12.2018 година, објавена во „Службен гласник на Општина Центар” број 20 од 14.12.2018 година, донесена од Советот на Општина Центар. Во прилог на известувањето е доставена и Одлуката за начинот на применување на деталните урбанистички планови, број 09-1859/3 од 27.03.2019 година, донесено од градоначалникот на Општина Центар.

Од увидот во Одлуката за начинот на применување на деталните урбанистички планови, број 08-1859/2 од 27.03.2019 година, донесена од Советот на Општина Центар, Судот утврди дека со членот 7 од Одлуката се утврдува престанување на важење на Одлуката за запирање на спроведувањето на деталните урбанистички планови број 08-5438/12 од 13.12.2018 година, објавена во „Службен гласник на Општина Центар” број 20 од 14.12.2018 година, донесена од Советот на Општина Центар.

Погоре наведената одлука со чие донесување престанува важноста на оспорената одлука за која Уставниот суд со Решение У.бр.28/2019 од 20 март 2019 година, поведе постапка за оценување на нејзината согласност со Уставот и законите, е објавена во „Службен гласник на Општина Центар” број 6 од 28.03.2018 година.

5. Согласно член 47 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја запре постапката ако во текот на постапката законот, другиот пропис или општ акт престанале да важат, а не наоѓа основи за оценување на нивната уставност, односно уставност и законитост во време на важењето.

Во конкретниот случај, имајќи предвид дека во текот на постапката, Советот на Општина Центар донел Одлука за начинот на применување на деталните урбанистички планови, број 08-1859/2 од 27.03.2019 година, објавена во „Службен гласник на Општина Центар” број 6 од 28.03.2018 година, со чие донесување оспорениот акт престанал да важи и не е повеќе во правниот поредок, Судот утврди дека се настапени условите од член 47 алинеја 1 од Деловникот за запирање на постапката.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.28/2019
29 мај 2019 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски

Издвоено мислење по предметот У.бр.28/2019