Решение У.бр.12/2019

У.бр.12/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 и член 28 алинеи 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 10 април 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 43 став 1 од Законот за инспекциски надзор („Службен весник на Република Македонија“бр.50/2010, 162/2010, 157/2011, 147/2013, 41/2014, 33/2015, 193/2015, 53/2016, 11/2018, 83/2018 и 120/2018).

2. СЕ ОТФРЛА инцијативата за оценување на меѓусебната согласност на оспорениот член 43 став 1 од Законот за инспекциски надзор со член 106 став 1 од Законот за општата управна постапка.

3. Зорица Черкезова од Штип, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, достави барање за оценување на уставноста на член 43 став 1 од Законот за инспекциски надзор и оценување на меѓусебната согласност на оспорениот член од наведениот закон со член 106 став 1 од Законот за општата управна постапка.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот како и со член 106 став 1 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 124/2015), од причина што со оспорената одредба од Законот е пропишано дека може да се изјави жалба во рок од 8 дена од денот на приемот на решението ако со закон не е предвиден пократок рок, а со Законот за општата управна постапка странката може да изјави жалба против управниот акт во рок од 15 дена од денот на доставувањето, односно известувањето за управниот акт, освен ако со посебен закон не е определен подолг рок. Законот за инспекциски надзор во предметната иницијатива не само што не предвидел подолг рок од општиот рок од (15) дена, туку предвидува пократок рок (8 дена).

Од наведените причини, подносителот предлага Уставниот суд да донесе решение за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот член од Законот за инспекциски надзор и истиот да го укине/поништи како несогласен со Уставот и Законот за општата управна постапка.

4. Судот на седницата утврди дека според член 43 став 1 од Законот за инспекциски надзор, против решението на инспекторот може да се изјави жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението ако со закон не е предвиден пократок рок.

5. Според член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеи 1 и 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд по повод поднесената иницијатива, со Решение У.бр.151/2017 година од 7 март 2018 година, не повел постапка за оценување на уставноста на член 43 став 1 во деловите:„осум“ и „пократок“ од Законот за инспекциски надзор („Службен весник на Република Македонија“ бр. 50/2010, 162/2010, 157/2011, 147/2013, 41/2014, 33/2015, 193/2015 и 53/2016).

Со сега доставената иницијатива се бара оценување на уставноста на целината на ставот 1 на членот 43 од Законот за инспекциски надзор.

Со оглед дека со Решение У.бр151/2017 од 7 март 2018 година, Судот не повел постапка за оценување на уставноста на член 43 став 1 во деловите:„осум“ и „пократок“ од Законот за инспекциски надзор што според Судот е суштина на оспорениот член, како и фактот што со предметната иницијатива членот во целина се оспорува од истите причини како и во наведениот предмет, Судот оцени дека се настапени условите согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот, за отфрлање на иницијативата.

Исто така, Судот во предметот У.бр.151/2017 се произнел по наводите во иницијативата за тоа дали пропишаните рокови за поднесување на жалба на решението донесено во постапка на инспекциски надзор се во согласност со роковите за поднесување на жалба на решение донесено согласно Законот за општата управна постапка, при што оценил дека таквите наводи всушност претставуваат барање за оцена на меѓусебната согласност на одредби од два закони, што е прашање за кое, согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека и по овој навод во сега доставената иницијатива се настапени условите согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот, за отфрлање на иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.12/2019
10 април 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски