Издвоено мислење

Издвоено мислење по предметот У.бр.129/2018

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), по моето гласање против Решението У.бр.129/2018 година, донесено на ден 27.02.2019 година, за не поведување на постапка за оценување на уставноста на член 11 став 2 во делот: „на денот на влегувањето во сила на овој закон“ од Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија“ број 20/1998, 31/2000, 42/2003, 44/2007, 72/2010, 171/2010, 55/2013, 33/2015 и 104/2015) го издвојувам и писмено го образложувам следното:

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Уставниот суд на Република Македонија постапувајќи по иницијативата на подносителот Комисијата за следење на постапките во врска со процесот за денационализација, за поведување на постапка за оценување на уставност на член 11 став 2 во делот: „на денот на влегувањето во сила на овој закон“ од Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија“ број 20/1998, 31/2000, 42/2003, 44/2007, 72/2010, 171/2010, 55/2013, 33/2015 и 104/2015) со мнозинство гласови донесе Решение за не поведување на постапка за уставноста на оспорената одредба од Законот, и ја отфрли иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 11 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение, бидејќи оцени дека таа одредба по сите основи е во согласност со Уставот.

Изразувајќи несогласност со таквото Решение гласав против и го издвојувам своето мислење, затоа што сметам дека оспорената одредба од членот 11 став 2 од Законот не е во согласност со Уставот, поради што требаше да се поведе постапка за оценување на нејзината уставност и врз основа на изведување на правно издржани аргументи да се донесе правилна одлука.

Моето спротивно мислење го темелам на ставот дека Решението на Судот е во спротивност со член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 11 (владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок, правна заштита на сопственоста и почитување на општо прифатените норми на меѓународното право), член 9, член 29, член 30, член 31, член 50 и членот 51 од Уставот на Република Македонија.

Во ова решение Судот оценил: „Определбата на законодавецот, таквото лице државјанството да го стекнало на денот, односно до денот на влегување во сила на овој закон е негово право и со него не се нарушуваат темелните вредности на уставниот поредок и еднаквата положба на граѓаните пред Уставот и законите, ниту се ограничува правото на сопственост и наследување. Таквата определба на законодавецот под еднакви услови се однесува на сите граѓани што се наоѓаат во иста положба…„

Оспорената одредба е неминовно поврзана со претходно важечката одредба од член 11 став 1 од Законот за денационализација, која гласи: „Право да поднесе барање за денационализација има поранешниот сопственик, односно лицата кои се негови наследници на денот на влегување во сила на овој закон, според прописите за наследување (барател).“, а истата со Одлука на Уставниот суд У.бр.120/98 од 10.03.1999 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/1999) во делот:„на денот на влегување во сила на овој закон“, била укината. Согласно цитираната одлука: „…. на овој начин се исклучува правото на наследниците што таквото својство го добиле по влегувањето во сила на Законот, без оглед на тоа што рокот за поднесување на барањето за враќање на имотот односно плаќање на надоместок е утврден на три односно на пет години, со што се повредува правото на наследување, поради што Судот оцени дека оваа одредба не е во согласност со член 30 став 1 од Уставот.“

Според мене, Уставниот суд во својата анализа во оваа одлука веќе уочил против уставност на членот 11 во ставовите 1 и 2, но за жал имал селективен пристап при одлучување за поведување односно за укинување на дел од одредбите во ставот 1 т.е. се укина „на денот на влегување во сила на овој закон„ а со укинувањето на наведени одредби од ставот 1, без уставна подлога остана ставот 2 од истиот член кој гласи „Барател во смисла на ставот 2 на овој член „е лице кое на денот на влегувањето во сила на овој закон“ е државјанин на Република Македонија“. Сметам дека Судот и во тој предмет и во овој предмет поради истите аргументи и факти требал односно сега требаше да поведе постапка за укинување во целост или во дел од ставот 2 од членот 11 поточно зборовите „е лице кое на денот на влегувањето во сила на овој закон“ која одредба е против уставна.

Одредбата од ставот 2 на членот 11 на Законот за денационализација требало да продолжи да ја следи судбината на укинатиот дел од ставот 1 од одредбата, со цел заштита на законитоста и уставноста. Имено, со укинувањето на делот од спорната одредба јасна и недвосмислена била интенцијата на Судот да ги стави во еднаква положба барателите, откако утврдил дека условот врзан за временски определен настан истите ги ставал во нерамноправна положба односно својство на барател да им се признае единствено на оние наследници/државјани кои таквиот статус го имале само во моментот на влегување во сила на Законот. Во таа смисла Судот правилно ценел дека оној кој ќе биде прогласен за наследник и по влегување во сила на Законот требало да ги има истите права како и останатите наследници. Судот треба истите аргументи да ги користи и за ставот 2 од членот 11 и по влегување во сила на Законот барателот да не е само државјани на Република Македонија и со тоа и другите подносители требало да ги имаат истите права како и останатите баратели во предвидените законски рокови за да бидат како подносители на барање за денационализација.

Наведениот член е во спротивност со целта на донесување на овој закон. Наведениот став е спротивна на целата суштина и карактер на граѓанскиот Устав и меѓународни норми и стандарди. Тие гарантираат основни слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право утврдени со Уставот, правната заштита на сопственост и почитување на општо прифатените норми на меѓународното право како едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија. На овие основи, како една од основните права на човекот и граѓанинот е ПРАВОТО НА СОПСТВЕНОСТ. Содржината на правото на сопственост и неговата гаранција претпоставува приватна сопственост и е јасно поставена со член 30 од Уставот. Новиот уставен поредок и Уставот во целина почива и се изградува врз основа на приватната сопственост. Токму ова го предвидува Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија, кој налага нејзино трансформирање. Членот 7 алинеја 5 од Уставниот закон предвидува донесување на закон за трансформација на општествената сопственост. Во тој контекст Законот за денационализација (и други закони за трансформација) јас го сфаќам како дел од законите за трансформација односно приватизација на општествената сопственост, заштитувајќи ги директно или индиректно правото на поранешните сопственици. Врз основа на наведеното сметам дека државата имала обврска без додатни услови кои не постоеле за време на одземањето на имотите ДА ГО ВРАТИ ОДНОСНО НАДОМЕСТИ СВЕУКУПНИОТ ИМОТ што е одземен без согласност на поранешните сопственици и на нивните наследници и кој по разни основи постанал државна односно општествена сопственост без поставување на додатен услов т.е. условот за државјанство како што се предвидува во членот 11 став 2 од овој Закон. Бидејќи од Уставот и неговиот дух произлегува политички-етички и цивилизациски императив да се врати тоа што не е основано одземено.

Јасен е ставот на повеќето законодавства и научната фела дека „поранешните сопственици“ на одземен имот со присилни прописи, кој имот бил одземен во корист на државата, се третираат КАКО СОПСТВЕНИЦИ на кои според Уставот им се гарантира правото на сопственост и да ги уживаат сите сопствено-правни елементи вклучувајќи ја и правната заштита на сопственоста.

Исто така целта на Законот е да со денационализацијата треба подеднакво да се третираат сите поранешни сопственици, а не нивните права да се условуваат со одредени против уставни услови во конкретниот случај со „условот државјанство“.

Од горната анализа произлегува дека со вториот услов кој Законот го предвидел во ставот 2 во членот 11, а се однесува на државјанството на барателот, делумно се постигнал ефектот во остварувањето на заштитата на уставноста на законските одредби во однос на еднаквата положба на барателите затоа што повторно оние лица кои не се стекнале со статус на државјанство до денот на влегувањето во сила на овој закон немале право да се јават како подносители на барањето за денационализација.

Спорната одредба: „Барател во смисла на ставот 1 на овој член (се мисли на член 11) е лице кое на денот на влегувањето во сила на овој закон е државјанин на Република Македонија“, не е уставна и законита поради што сметам дека Судот требало да го поништи во целост наведениот став. Вака ставот нема никаква Уставна подлога. Дури тогаш, со Законот за денационализација би била вистински исполнета целта, во смисла на враќање на одземениот имот на барателите (поранешен сопственик или наследник на поранешен сопственик), без притоа да се навлегувало во селекција на наследниците поврзана со моментот на стекнување на својствата наследник и државјанин како неопходни за остварување на законски признато право.

Токму целта на Законот за денационализација била имотот (или соодветен надомест за него) да биде вратен на лицата од кои бил одземен. Во прв ред, овој закон ја поставувал заштитата на сопственоста и намерата имотот да се најде повторно во рацете на лицата од кои бил одземен, односно на нивните потомци. Во самата постапка за денационализација барателот дополнително требало да ја докаже својата сопственост на имотот и нејзиното одземање. Оспорената одредба станува конфузна и во крајна линија небулозна во моментот кога еден барател-наследник на поранешен сопственик кој поседува докази за сопственост на одземен имот не можел да поднесе барање за денационализација, само затоа што во моментот на влегување во сила на овој закон самиот тој (наследникот) немал документ за државјанство. На ваков начин се оштетуваат голем број на лица кои биле во постапка на добивање на државјанство или од кои било други причини не успеале да се здобијат со државјанство точно до прецизно дефинираниот момент-влегување во сила на Законот за денационализација, или пак не се државјани а се поранешни сопственици или пак наследници или пак истите тој статус успеале да го стекнат подоцна, но веќе биле отфрлени нивните барања за денационализација од надлежниот орган.

Од друга страна најголемиот проблем лежи во практичната примена на членот, во ситуација кога на наследникот му било признато право на денационализација од надлежен орган, а истиот не можел да поднесе барање за денационализација од причина што лично не ги исполнувал условите предвидени во Законот кои се однесуваат за државјанството. Поточно, барателот бил наследник на правото на денационализација, а правото го стекнал оригинерно од претходниот сопственик кој кумулативно ги имал исполнето двата услови: да биде претходен сопственик на земјиште и да биде државјанин на Република Македонија.

Се обидов да ги анализирам ставовите, предвидувањата на оваа проблематиката во другите држави во транзиција. Ќе ги изнесам правните стојалишта за денационализација во Р. Словенија, Р. Хрватска и во Р. Србија.

Република Словенија е меѓу првите држави која пристапила кон донесување на ваков закон. Zakon o denacionalizciji Slovenije-Zakon o denacionalizaciji (“Uradni list RS”, br. 27/91), предвидува меѓу другото:

II. ПОГЛАВЈЕ – КОРИСНИЦИ

Член 9

„Лицата од членот 3, 4 и 5 на овој закон имаат право на денационализација, ако во тоа време нивниот имот бил национализиран и биле југословенски државјани од 09. 5. 1945 година и тоа државјанството е признато со закон или меѓународен договор…“

Од тука се гледа дека како корисник односно барателот на денационализација немал ограничување како во Република Македонија по основ на „државјанството“ на барателите. Секој имател на правото од денационализација без разлика дали е домашно или странско лице може да биде корисник односно барател. Во оваа одредба има воздигнати стандарди на уставната заштита на сопственоста, еднаквоста на лицата и почитувањето на општи прифатени норми во меѓународното право.

Во Република Србија оваа проблематика е регулирана со „Zakon o vraćanju oduzete imovine i obeštečenju (Sl.Glasnik RS“ br. 72/2011, 108/2013, 142/2014, 88/2015 odluka US 95/2018)“, помеѓу другото право на важање имаат:

Право на враќање на имотот или обештетување
Член 5

Правото на отплата на имот или обештетување има:

1) „домашно физичко лице кое е поранешен сопственик на експроприраната недвижност, како и во случај на негова смрт или прогласување на починатиот – неговите правни наследници, утврдени во согласност со прописите за наследување во Република Србија и на одредбите од овој закон…“
5) „Физичко лице – странски државјанин, а во случај на изјава на неговата смрт или на негови мртви законски наследници, услов на реципроцитет….“

Ако се анализираат одредбите од Законот за денационализација на Република Србија за разлика од Словенија каде нема никакви ограничување во доменот на „државјанство на барателите„ и во Република Хрватска каде по интервентна одлука на Уставниот суд се изедначени како подносители домашни и странски лица, во Република Србија и странци стекнуваат право по основ на денационализација се врзува со условот на реципроцитет.

Од анализата на оваа проблематика и регулирање во Република Хрватска се забележува дека Република Хрватска има посебен закон за враќање на одземениот имот кој гласи „Zakon o naknadi za imovinu oduzetu za vrijeme jugoslavenske komunističke vladavine, (NN 92/96, 39/99, 42/99, 92/99, 43/00, 131/00, 27/01, 34/01, 65/01, 118/01, 80/02 и 81/02).

Потоа е донесен „Zakon o izmjenama i dopunama Zakona o naknadi za imovinu oduzetu za vrijeme jugoslavenske komunističke vladavine (05.07 2002 година).

Од анализата на Хрватскиот закон се гледа дека првично при донесување на законот и Република Хрватска имала одредени ограничување и не уставни одредби а особено во врска со тоа дали странци односно лица кои не се државјани на Република Хрватска можеле да поднесуваат барање за денационализација. Во првичната верзија на членот 9 од нивниот закон во став 1 се предвидувало:

“Правата според овој закон признати физичко лице -. На поранешниот сопственик или неговите правни наследници од прв ред (во понатамошниот текст како претходниот сопственик), кои на денот на донесувањето на овој закон има хрватско државјанство” т.е. “… дека на денот на донесувањето на овој закон барателот требал да има хрватско државјанство”. Неколку години оваа против уставна одредба била во сила се до револуционерната одлуката на Уставниот суд на Република Хрватска под бр.I-673/1996 од 21.04.1999 помеѓу другото со оваа одлука Судот повел и укинал многу одредби од наведениот закон а помеѓу другото утврдил дека и членот 9, 10, 11 што се однесуваат на странски физички и правни лица како учесници во денационализација повел постапка и подоцна ги укинал наведените одредби со што се доближил со ставот на Република Словенија.

Со одлуката Судот во врска со член 9 став 1 “на правата според овој закон признати физичко лице-на поранешниот сопственик или неговите правни наследници од прв ред (во понатамошниот текст како претходниот сопственик), кои на денот на донесувањето на овој закон има хрватско државјанство” – промени во делот кој гласи: “… кои на денот на донесувањето на овој закон имаат хрватско државјанство”; Член 11, став 1 “Странските правни и физички лица не припаѓаат на правата на овој закон” – се брише во делот кој гласи: “… физички и”; Член 11, став 2 “По исклучок на одредбите од став 1 на овој член, правата предвидени со овој закон може да се додели и на странски физички и правни лица доколку утврди меѓународни договори.”

По оваа одлука на Уставниот суд на Република Хрватска се пристапи кон измена и дополнување на наведениот закон. Каде како баратели се изедначиле домашните и странските лица. На странците им се овозможи со нови рокови за да можат да аплицираат кај надлежните органи за да ги остварат сопствените права од овој закон.

Хрватска не остана само со интервентна одлука за Уставниот суд од 1999 година и измени дополнувања на наведениот закон во 2002 година, напротив имаше сериозен пристап за оваа проблематика и им дозволил на странците кој полагаат право од овој закон да поднесуваат барања за денационализација. Но во практичната примена на овие измени и дополнувања од 2002 година се соочувало со одредени проблеми и тоа цели 8 години. На крајот доаѓа примена на уставните одредби, во оваа насока е револуционерната одлука донесена од страна на Управниот суд на Република Хрватска под бр. УС-7912/2003-13 од 14. 2008. Во ова пресуда по тужбата на З.Е застапуван од С.Т адвокат од Загреб против решението на Министерство за правда, управа и локална самоуправа-Управа за граѓанско право, по неколку пати одбивања на барањата за признавање на правото за денационализација поради непоседување на државјанство на Р. Хрватска за време на донесување на законот, Хрватскиот Управен суд утврдил повреда на материјалното право и констатирал не применување на одлуката на Уставниот суд од 1999 година и измените на законот и се повикал на членот 9 во нов изменет облик. Оваа пресуда била потврдена и од страна на Врховниот суд на Република Хрватска со Пресуда број УЗЗ 20/08-2 „дека Хрватска ја изедначува правната положба на поранешниот сопственик на одземениот имот, без ОГЛЕД НА НИВНОТО ДРЖАВЈАНСТВО, А СО ШТО СЕ ВОСПОСТАВУВА РАВНОПРАВНОСТ НА ГРАЃАНИТЕ ПРЕД ЗАКОНОТ.

Уставниот суд на Република Хрватска уште неколку пати го применувал горниот принцип и се повикувал на членот 9, 10 и 11 од Законот и тоа во сопствените одлуки по предметите У-1-3890/2013 и У-1-4148/2015.

По наведените одлуки моментално во Република Хрватска по разни основи имаат аплицирано повеќе од 5.000 странци со право на стекнување на правото на сопственост како поранешни сопственици согласно со Законот за денационализација. Со пресудите се забрзуваат постапките кон странците и дека има откажување од правото на жалби по овие предмети по овие основи од страна на Државните правобранители.

Од се горе изнесеното, првичниот став на Уставниот суд на Република Македонија, со интервенција на став 1 од членот 11, и не интервенција и кон ставот 2 од истиот член (која е не уставна), дадената споредбена анализа во Република Словенија, Република Србија и особено праксата и развојот на оваа проблематика во Р. Хрватска, произлегува и мојот став дека и во Република Македонија, во согласност со принципот на континуитет државата и ред во однос на поранешна Социјалистичка Република Македонија и поранешна Социјалистичка Федеративна Република Југославија, општо прифатените прописи и други акти на тие земји, сум во очекување на донесувањето на нови закони, и во усогласувањето со нејзиниот правен систем со воспоставениот нов поредок.

Нема сомневање дека правните акти на поранешната СФР Југославија и СР Македонија за одземање на имотот се во спротивност со основните принципи и правила на човековите права споменати во Уставот.

Оттука, според мене постои непосредна уставна обврска за законски регулирање на надоместокот за одземениот имот, односно за нејзино враќање. Постои соодветна меѓународна законска обврска на државата, меѓународното право пропишува враќање на конфискуваниот имот, односно формата, обемот и висината на имотот и разни видови на трансформации.

Поради тоа, наведената не уставна одредба (член 11 став 2 од оспорениот закон) не е во согласно со основните принципи на меѓународни договори и други меѓународни акти, како што се принципите и одредбите од: Генерални декларации за човекови права, Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, Документ на Копенхагенски состанок на Конференцијата за човечка димензија на КЕБС и е во спротивност со општите принципи на еднаквост на човекот и граѓанинот, недискриминација и јавноста и фер судење.

Цитираната одредба од членот 11 став 2 не е во согласност со Уставот и тоа со член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 11 (владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок, правна заштита на сопственоста и почитување на општо прифатените норми на меѓународното право), член 9 (забрана на дискриминација и еднаквост пред законот), член 29, член 30, член 31, член 50 и членот 51 од Уставот на Република Македонија.

Од друга страна општо е познато дека во пракса ниту една од земјите во транзиција кои законски ја регулираат и спроведуваат денационализацијата (во најшироката смисла на зборот) имаат односно немаат економска моќ да ги вратат сите конфискувани имоти (ако е законски и практично можно) и да се компензираат за сите последици на присвојувањето. Затоа, во сите национални закони за денационализација се појавуваат истите ограничувања (во различни степени), особено во однос на групата на барателите, имот да се плати или да се врати, такси, опсег и друго. Кај сите од нив во пошироката смисла на зборот доаѓа до повреда на нивните устави. Но кај нас во Законот за денационализација отворено во членот 11 став 2 доаѓа до повреда на наведените уставни одредби и општи прифатени норми во меѓународното право.

Свесен сум дека во сите закони (вклучувајќи го и Законот за денационализација), основните правила дека со коригирање на грешките од минатото не може да предизвикуваме нови посериозни проблеми. Сите главни одредби од Законот се резултат на компромис и соочување на спротивставени права и интереси на поранешните сопственици, сопствениците на права кои се стекнати во текот на стекнување на сопственост и економски и други интереси на државата и општеството.

Од друга страна одредбата не е во согласно и со членот 54 од Уставот во кој е утврдено дека основните слободи и права на човекот и граѓаните се однесува само на постојните субјективни уставни права (право на сопственост). Сопственост на физичко или правно лице може да биде ограничено само во смисла на член 54 од Уставот, но тоа не значи дека во законот не може да се предвиди (иднина) стекнување на сопственост под некои товари или ограничување, кога тоа е оправдано и целисходно да се заштитат интересите на трети лица лице или поради други причини. Субјективните права на сопственост (кои припаѓаат на одреден субјект) може да се ограничат само според условите од член 54 од Уставот; правото на сопственост во објективна смисла (институт на сопственост) може да подлежи на одредени ограничувања.

Уставот предвидува можност за ограничување на правата и слободите на човекот и граѓанинот. Меѓутоа, секое ограничување (дури и кога тоа е потребно и врз основа на Уставот) е исклучително право на државата, поради тоа што отстапува од општите правила на уставните слободи и права. Притоа овие ограничувања треба да се базираат не само на Уставот, туку и на принципот на пропорционалност со целта и намената на законот за да се постигне. Дека целта треба да се постигне со помалку мешање во уставните права на граѓаните (се разбира, ако ограничувања може да биде постепено). Ова правило на ограничувањата пропорционалност со цел и целта на законот да се постигне е општ уставен принцип, кој е карактеристичен за сите уставни одредби за слободите и правата на човекот и граѓанинот.

Нашиот суд согласно со наведените уставни одредби и во предметот во 1998 година, а особено во овој предмет, според мене требаше да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 11 став 2 од наведениот закон, и да го следиме примерот на Република Хрватска, со интервентната одлука на Уставниот суд против наведениот не уставен член од овој закон, со што ќе влијаевме законодавецот да пристапи кон измена и дополнување на наведениот став, следејќи го патот на укинатата одредба од членот 11 став 1, со што ќе се изедначуваат македонски државјани во процесот на денационализација со странците.

За волја на вистината Македонија има позитивен пристап во актуелниот закон за имотите на Евреите, каде со посебна глава се регулира оваа материја. Овој пристап е за поздравување и во правец на почитување на меѓународните норми и принципите на еднаквост на учесниците во постапката и гарантирање на правото на сопственост. Но законодавецот немал ист пристап на другите масовни присилно иселени граѓани од Турска заедница во текот на 1953-60 година, а која бројка изнесувала околу 300.000 македонски-југословенски државјани-граѓани од Турска заедница (Народност) присилно иселени од своите вековни огништа. Меѓу иселениците има илјадници лица кои имале допир со законите кои се спомнуваат во овој закон со кои им се присилно одземени нивните имоти од 1945 година па и наваму. Според ова неуставна одредба која правото на еднаквоста и правото на сопственоста на претходните сопственици и нивните наследници се врзува со условот на државјанство, илјадници луѓе се обесправени, за нив законот немал улога на рехабилитација, исправка на створената неправда и штета, туку со новиот законски/незаконски пристап се створени нови неправди, нееднаквости и тешки облици на дискриминација спротивно на одредбите од Уставот и на општи прифатени меѓународни норми.

Тргнувајќи од сето погоре наведено, сметам дека со основ може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 11 став 2 во целост или во делот: „на денот на влегувањето во сила на овој закон“ од Законот за денационализација (“Службен весник на Република Македонија“ број 20/1998, 31/2000, 42/2003, 44/2007, 72/2010, 171/2010, 55/2013, 33/2015 и 104/2015), цитираната одредба од членот 11 став 2 не е во согласност со Уставот и тоа со член 8 став 1 алинеи 3, 6 и 11 (владеење на правото како темелна вредност на уставниот поредок, правна заштита на сопственоста и почитување на општо прифатените норми на меѓународното право), член 9 (забрана на дискриминација и еднаквост пред законот), член 29, член 30, член 31, член 50, член 51 и членот 54 од Уставот на Република Македонија и општи прифатени меѓународни норми, а согласно со член 25 став 6 од Деловникот на Судот го издвојувам своето мислење од донесеното Решение за не поведување на постапка.

Судија на Уставниот суд на
Република Македонија,
Сали Мурати

Решение У.бр.129/2018