Решение У.бр.96/2018

У.бр.96/2018

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 13 февруари 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на:

– Правилникот за подготовка, организирање и спроведување референдум на државно ниво 30 септември 2018 година, бр.12-1401/1, донесен од Државната изборна комисија на 1 август 2018 година, и
– Одлуката за дополнување на Правилникот бр.12-1401/1 од 01.08.2018 година за подготовка, организирање и спроведување референдум на државно ниво 30 септември 2018 година, бр.12-1401/2, донесена од Државната изборна комисија на 10 август 2018 година.

2. Здружението „Светски македонски конгрес“ од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на правилникот и одлуката означени во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата наведува дека оспорените акти не се во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 51 и член 68 став 1 алинеја 2 од Уставот, потоа со член 32 став 1 алинеи 1 и 3 и член 45 став 1 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2005), како и со член 31 став 1 и став 2 точки 2 и 44 и член 192 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 54/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018 и 140/2018). Неуставноста и незаконитоста на Правилникот и Одлуката се состоела во тоа што (1) со нив се вршело усогласување на неусогласеностите меѓу Законот за референдум и Изборниот законик, што произлегува и од Преамбулата на Правилникот, иако тоа не било надлежност на Државната изборна комисија бидејќи таа нема законодавна власт, како и што Правилникот и Одлуката (2) се засноваат на член 45 став 1 од Законот за референдум и на член 192 од Изборниот законик, што исто така произлегува и од Преамбулата на Правилникот, иако тие законски одредби се повикуваат на закон кој престанал да важи (Закон за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија-„Службен весник на Република Македонија“ бр.42/2002 и 46/2004), па Државната изборна комисија нема надлежност да го усогласува судирот на законите.

Со иницијативата се бара организирање на подготвителна седница или јавна расправа и поништување на Правилникот и Одлуката, а претходно, се предлага, Судот да изрече привремена мерка со цел да се спречат штетни последици по Буџетот на Република Македонија и даночните обврзници, како и по правата и слободите и правниот поредок на државата.

3. Судот на седницата утврди дека:

а) Оспорениот правилник не содржи членови туку делови насловени како: „Вовед“, „Одржување на референдумот“, „Рокови“, „Органи за спроведување на референдумот на државно ниво“, „Надлежност на органите за спроведување на референдум на државно ниво и начин на работа“, „Начин на работа на изборните органи“, „Поддршка за работата на изборните органи“, „Задолжителна едукација на изборните органи“, „Избирачко право, избирачки список, јавен повик и пријава за гласање“, „Избирачки список“, „Јавен увид“, „Јавен повик и пријава за гласање“, „Заштита на личното избирачко право“, „Овластен предлагач и јавна пропаганда“, „Финансиски извештаи“, „Избирачки места“, „Овластен претставник на предлагачот“, „Набљудување на референдумот“, „Гласачки материјал“, „Предавање на гласачкиот материјал“, „Гласачко ливче“, „Спроведување на референдумот“, „Важечко гласачко ливче“, „Обезбедување на гласачкото место“, „Утврдување на резултатите од референдумот“, „Резултат од гласањето“, „Заштита на гласачкото право при спроведување на референдум на државно ниво“ и „Евентуално повторување на гласањето“.

Од (1) Насловот на Правилникот, кој гласи: „Правилник за подготовка, организирање и спроведување референдум на државно ниво 30 септември 2018 година“, потоа од (2) Воведот на Правилникот според кој „…со цел да се овозможи непречена подготовка, организирање и спроведување на референдумот на државно ниво кој ќе се одржи на 30 септември 2018 година, …, како и од (3) содржината на одделните делови на Правилникот (на пример, во делот: „Вовед“ се наведува дека „со овој правилник се уредува начинот, постапките и роковите за преземање на дејствијата при организирањето и спроведувањето на референдумот на државно ниво кој ќе се одржи на 30 септември 2018 година“, или, на пример, во делот: „Одржување на референдумот“ се наведува дека „референдумот ќе се одржи на 30 септември (недела) 2018 година“), произлегува дека Правилникот уредува прашања во врска со дејствијата што се преземаат за да се подготви, организира и спроведе референдумот на државно ниво закажан за 30 септември 2018 година.

б) Оспорената одлука, пак, содржи 4 (четири) члена, при што во членот 1 се определува дополнување на делот: „Јавна пропаганда“ од наведениот правилник така што по шестиот став се додаваат седум нови става, а во членот 2 се определува дека „останатите одредби од Правилникот, бр.12-1401/1 од 01.08.2018 година, остануваат непроменети.“ Во членот 3 од Одлуката се определува дека таа влегува во сила со денот на донесувањето и дека е составен дел на „Правилникот бр.12-1401/1 од 01.08.2018 година за подготовка, организирање и спроведување референдум на државно ниво“, а според член 4 „оваа одлука веднаш се објавува на интернет страницата на Државната изборна комисија.“

Од (1) насловот на Одлуката, кој гласи: „Одлука за дополнување на Правилникот бр.12-1401/1 од 01.08.2018 година за подготовка, организирање и спроведување на референдум на државно ниво 30 септември 2018 година“, како и од (2) содржината на Одлуката (на пример, дека се дополнува делот: „Јавна пропаганда“ од Правилникот бр.12-1401/1 од 01.08.2018 година-член 1 од Одлуката, или, на пример, дека останатите одредби од Правилникот бр.12-1401/1 од 01.08.2018 година остануваат непроменети-членот 2 од Одлуката, или од членот 3 на Одлуката – дека таа е составен дел од Правилникот бр.12-1401/1 од 01.08.2018 година), произлегува дека Одлуката исто така уредува прашања во врска со дејствијата што се преземаат за да се подготви, организира и спроведе референдумот на државно ниво закажан за 30 септември 2018 година.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Во член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд се пропишува дека Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Имајќи предвид дека оспорениот правилник и оспорената одлука веќе беа предмет на оценување пред Уставниот суд, при што Судот со Решение У.бр.115/2018 од 23 јануари 2019 година ја отфрли иницијативата бидејќи утврди дека има процесни пречки за постапување по неа со оглед дека Правилникот и Одлуката не се во правниот поредок по 30 септември 2018 година, а нема основи за поинакво одлучување, Судот утврди дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата утврдени во член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.96/2018
13 февруари 2019 г.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски