Решение У.бр.112/2018

У.бр.112/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 јануари 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 23 од Законот за адвокатурата(“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2002, 60/2006, 29/2007, 106/2008, 135/2011, 113/2012 и 148/2015).

2. Санде Пејоски од Охрид до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член не бил во согласност со членот 8, членот 9, член 32 ставовите 1 и 2 и член 54 став 3 од Уставот на Република Македонија.

Во образложението на иницијативата подносителот му предочува на Судот дека спротивно на цитираните одредби од Уставот, во оспорениот член 23 од Законот за адвокатура никаде не било предвидено дека годините на старост задолжително треба да бидат земени во предвид како услов за стекнување со старосна пензија, што не било случај со останатите закони во Република Македонија и сите други позитивни прописи и колективни договори кои важат во државата.

На тој начин, според наводите во иницијативата, сите останати граѓани и профили на професии или носители на јавни функции биле дискриминирани во однос на адвокатите бидејќи тие можеле согласно оспорената одредба да останат во работен однос се додека истите сакале.

Од наведените причини подносителот на иницијативата смета дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 23 од Законот за адвокатура со членовите од Уставот на кои се укажува во иницијативата.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 23 од Законот за адвокатурата се предвидува:

(1) правото на вршење адвокатска дејност престанува под услови и во постапка утврдени со овој закон.
(2) Правото на вршење адвокатска дејност на адвокатот му престанува ако:
1) се откаже од правото на вршење адвокатска дејност;
2) трајно ја загуби способноста за вршење на адвокатската дејност;
3) го изгуби државјанството на Република Македонија;
4) биде лишен од деловна способност или трајно ја загуби способноста за вршење адвокатска дејност;
5) ако му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење адвокатска дејност;
6) не врши уплата на коморска членарина;
7) му е одземена лиценцата за работа и
8) не се осигура од одговорност за штета нанесена на странката.
(3) Против одлуката за престанок на правото на вршење адвокатска дејност од став (1) на овој член е дозволена жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката до надлежниот орган на Адвокатската комора на Република Македонија.
(4) Против конечната одлука на Адвокатската комора на Република Македонија може да се поведе управен спор пред надлежен суд определен со закон.

4. Согласно член 8 од Уставот на Република Македонија, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се:
– основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот;
– слободното изразување на националната припадност;
– владеењето на правото;
– поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска;
– политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори;
– правната заштита на сопственоста;
– слободата на пазарот и претприемништвото;
– хуманизмот, социјалната правда и солидарноста;
– локалната самоуправа;
– уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, и
– почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.

Во Република Македонија слободно е се што со Уставот и закон не е забрането.

Согласно член 9 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување; имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 32 од Уставот секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Секој вработен има право на соодветна заработувачка. Секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат. Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно членот 54 од Уставот слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот. Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Согласно член 53 од Уставот адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Согласно член 2 од Законот за адвокатурата, адвокатурата е самостојна и независна јавна служба која обезбедува и дава правна помош согласно со овој и друг закон. Адвокатите вршат јавни овластувања во согласност со овој и друг закон.

Во членот 5 од Законот, во делот со наслов „Услови за вршење на адвокатска дејност“, децидно е прецизирано дека самостојноста и независноста на адвокатурата како јавна служба се остварува со слободно и независно вршење на адвокатската дејност, слободен избор на адвокатот, организирање на адвокатите во Адвокатска комора на Република Македонија и нејзино финансирање, автономно донесување на акти за работа на Адвокатска комора на Република Македонија и нејзините органи и запишување и бришење од Именикот на адвокатите итн.

Во оспорениот член 23 од Законот за адвокатура, се предвидува:
(1) правото на вршење адвокатска дејност престанува под услови и во постапка утврдени со овој закон.
(2) Правото на вршење адвокатска дејност на адвокатот му престанува ако:
1) се откаже од правото на вршење адвокатска дејност;
2) трајно ја загуби способноста за вршење на адвокатската дејност;
3) го изгуби државјанството на Република Македонија;
4) биде лишен од деловна способност или трајно ја загуби способноста за вршење адвокатска дејност;
5) ако му е изречена мерка на безбедност забрана на вршење адвокатска дејност;
6) не врши уплата на коморска членарина;
7) му е одземена лиценцата за работа и
8) не се осигура од одговорност за штета нанесена на странката.

(3) Против одлуката за престанок на правото на вршење адвокатска дејност од став (1) на овој член е дозволена жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на одлуката до надлежниот орган на Адвокатската комора на Република Македонија.
(4) Против конечната одлука на Адвокатската комора на Република Македонија може да се поведе управен спор пред надлежен суд определен со закон.

Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од изнесените уставни и законски норми произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија во рамки на своите уставно определени надлежности одлучува за уставноста и законитоста на прописите што се во правниот поредок, а во тие рамки може да ја оценува уставноста на одредбите од Законот за адвокатурата кои се предвидени и содржани во Законот, но нема надлежност да одлучува за тоа што овој закон не содржел, а требало да содржи, на што впрочем и се однесува барањето во предметната иницијатива.

Поаѓајќи од наводите во иницијативата со која се оспорува уставноста на членот 23 од Законот за адвокатура од аспект дека истиот не предвидува посебен услов за стекнување на право на старосна пензија како што предвидувале другите закони во Република Македонија, а според подносителот на иницијативата требало истиот да биде содржан и предвиден во оспорениот член 23 од Законот, па поради што тој бил спротивен на Уставот, според Судот, а притоа имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби, се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

5. Поради погоре изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Дарко Костадиновски, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.112/2018
30 јануари 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски