Решение У.бр.58/2018

У.бр.58/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 23 јануари 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решението УПОВ. бр.24/2017 од 06.04.2017 година донесено од Вишиот управен суд.

2. Абедин Јусуфи и Надир Јусуфи, двајцата од Тетово до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителите на иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот акт ги цитираат член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 6 и членот 51 од Уставот и наведуваат дека со оспорениот акт им биле загрозени правото на сопственост и правото на надоместок за експроприрана недвижност, одземена од страна на државна институција, односно Министерството за внатрешни работи на Република Македонија. Поточно дел од КП.6757/2 на КО Тетово или 1645 м2 им биле одземени со решение на Собранието на Општина Тетово во 1982 година, без определување на надоместок, а во корист на тогашниот Републички секретаријат за внатрешни работи на Република Македонија, со цел изградба на станица за милиција и безбедност, контрола и регулирање на сообраќај.

Во иницијативата се образлага текот на долгогодишниот управен спор во кој последен одлучувал Вишиот управен суд, кој со оспорениот акт го отфрлил поднесеното барање за повторување на постапката, иако новите докази биле решителни и доколку би биле прифатени би довеле до носење на одлука во корист на подносителите на иницијативата.

Со ваквото постапување не биле почитувани позитивните законски одредби и биле повредени член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и Амандманот XXV на Уставот.

Инаку, во уводот и образложението на иницијативата како оспорен акт се означува Решение УПОВ.бр.24/2017 од 06.04.2017 година на Вишиот управен суд, а во петитумот покрај ова решение како оспорени се означуваат и Пресудата УЖ-1.бр.297/2016 од 06.07.2016 на Вишиот управен суд и Решението У-2.бр.12/2014 од 26.03.2015 година на Управниот суд на Република Македонија. Имајќи ги предвид наводите од иницијативата и надлежноста на Уставниот суд за ваков вид на оспорени акти Судот утврди дека предмет на анализа треба да биде само Решение УПОВ.бр.24/2017 од 06.04.2017 година на Вишиот управен суд, кое во себе ги опфаќа и Пресудата УЖ-1.бр.297/2016 од 06.07.2016 на Вишиот управен суд и Решението У-2.бр.12/2014 од 26.03.2015 година на Управниот суд на Република Македонија.

3. Судот на седницата, утврди дека Вишиот управен суд со Решение УПОВ.бр.24/2017 од 6.04.2017 година ја отфрлил тужбата на тужителот Абедин Јусуфи од Тетово за повторување на постапката правосилно завршена со Пресуда на Вишиот управен суд УЖ.бр.1.бр.297/2016 од 06.07.2016 година.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 12 од Деловникот секој може да поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на пропис или друг општ акт.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Во смисла на одредбите од Законот за управните спорови („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2006 и 150/2010) управниот суд, по утврдување на фактите, го решава спорот помеѓу конкретните субјекти со донесување на пресуда или решение. Пресудите и решенијата донесени во управна постапка, и во било која судска постапка се конкретни акти, засновани на конкретен правен настан, со нив се одлучува за правната работа на конкретни учесници во постапката, за прашања поврзани со примената на материјалното или процесното право и немаат карактер на пропис во смисла на цитираните уставни и деловнички одредби.

Прописот подобен за уставно-судска анализа, содржи општи норми на однесување, уредува односи на субјектите во правото на општ начин и утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, што овде не е случај.

Во постапката пред Уставниот суд се бара оцена на уставноста и законитоста на решение донесено од страна на Вишиот управен суд, но судските пресуди и решенија според формата, содржината и начинот на донесување немаат карактер на пропис и не подлежат на апстрактна контрола на уставноста и законитоста.

Конкретниот поднесок не може да добие ниту третман на барање за заштита на слободите и правата, најнапред од причина што од Судот не се бара да спроведе ваков вид на постапка, а правото на сопственост не е едно од правата кои се штитат пред Уставниот суд согласно член 110 алинеја 3 од Уставот. Уставниот суд не е надлежен да одлучува за заштита на сите права на човекот и граѓанинот, туку само на оние кои се децидно утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот.

Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на барањето.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.58/2018
23 јануари 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски