Решение У.бр.104/2018

У.бр.104/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 јануари 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 35 став 1 точка 5 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006, 35/2008, 150/2010 и 83/2018).

2. Влатко Илиевски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 35 став 1 точка 5 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата со оспорениот член се повредувал член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, заради тоа што законодавецот ја елиминирал можноста на граѓаните пред Врховниот суд да бараат заштита и за другите слободи и права од Европската конвенција. Со давањето на можноста да се бара заштита пред Врховниот суд и за другите права тие би можеле на побрз, поефикасен и поекономичен начин да обезбедат заштита на основните човекови слободи и права, со што ќе се овозможи и доследно спроведување на начелото на владеење на правото и заштита од арбитрерност на властите кога одлучуваат за основните човекови слободи и права.

3. Судот на седницата утврди дека според член 35 став 1 точка 5 од Законот за судовите „Врховниот суд на Република Македонија е надлежен да одлучува по барање на странките и другите учесници во постапката за повреда на правото на судење во разумен рок, во постапка утврдена со закон пред судовите во Република Македонија“во согласност со правилата и принципите утврдени со Европската конвенција за човекови права и основни слободи и тргнувајќи од судската пракса на Европскиот суд за човекови права“.

4. Со Законот за судовите („Службен весник на РМ“ бр.58/2006, 35/2008, 150/2010 и 83/2018), судовите судат и своите одлуки ги засноваат врз основа на Уставот и законите и меѓународни договори ратификувани во согласност со Уставот.

Постапката пред судот се уредува со закон и се заснова врз начелата на законитост и легитимност, рамноправност на странките судење во разумен рок, правичност, јавност, контрадикторност, двостепеност, зборност, усност, непосредност, право на одбрана односно застапување и економичност (член 10 став 1).

Со законите за одделните постапки поблиску се уредуваат начелата на постапките и начините на нивното остварување и можното отстапување кај одделни начела (член 10 став 2).

Во членот 35 од Законот за судовите, Врховниот суд на Република Македонија е надлежен:

1) да решава во втор степен против одлуките на своите совети кога тоа е определено со закон;
2) да решава во трет и последен степен по жалбите против одлуките на апелационите судови;
3) да решава по вонредни правни лекови против правосилните одлуки на судовите и одлуките на своите совети кога тоа е определено со закон;
4) да решава за судир на надлежност меѓу основните судови од подрачјето на различни апелациони судови, судир на надлежност меѓу апелациони судови, судир на надлежност меѓу Управниот суд и друг суд; „судир на надлежност меѓу Вишиот управен суд и друг суд,
и да решава за пренесување на месна надлежност кај овие судови;
5) да одлучува по барање на странките и другите учесници во постапката за повреда на правото на судење во разумен рок, во постапка утврдена со закон пред судовите во Република Македонија во согласност со правилата и принципите утврдени со Европската конвенција за човекови права и основни слободи и тргнувајќи од судската пракса на Европскиот суд за човекови права и
6) да врши други работи определени со закон.

Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 2 од Деловникокт на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесента иницијатива, со Решение У.бр.104/2008 од 20 ноември 2008 година, не поведе постапка за оценување на уставноста на член 35 став 1 точка 6, членовите 36 и 36-а од Законот за судовите.

Во наведениот предмет Уставниот суд од утврдената фактичка состојба констатирал дека со Решение У.бр.104/2008 од 20 ноември 2011 година и покрај тоа што во изреката по однос на нумерацијата стои дека е ценет член 35 став 1 точка 6 од Законот, всушност, по својата содржина е ценет сега постоечкиот член 35 став 1 точка 5 (во целина) од Законот за судовите.

Имајќи го предвид наведеното, Уставниот суд по предметот У.бр.22/2012 година од 14 март 2012 година ја отфрлил иницијативата за оценување на уставноста на член 35 точка 5, во делот: „во постапка утврдена со закон “ од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006, 35/2008 и 150/2010).

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби, а имајќи предвид дека одредбата од членот 35 став 1 точка 5 од Законот за судовите била ценета од Судот и со наведеното решение на Судот не била поведена постапка за оценување на уставноста,како и фактот што по предметот У.бр.22/2012 година од 14 март 2012 година Судот ја отфрлил иницијативата за оценување на уставноста на член 35 став 1 точка 5 од Законот за судовите, а конкретната иницијатива не содржи нови основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се настапени условите согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот, за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.104/2018
23.01. 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски