Решение У.бр.117/2018

У.бр.117/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 25 декември 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Гордана Јанкулоска од Скопје, застапувана од полномошникот Влатко Илиевски, адвокат од Скопје, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол и политичка припадност во остварувањето на правото на мајчинство и правото на породилно отсуство.

2. Гордана Јанкуловска од Скопје, застапувана преку полномошник Влатко Илиевски, адвокат од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол и политичка припадност во остварувањето на правото на мајчинство и правото на породилно отсуство.

Според наводите во барањето судијата Добрила Кацарска, судија во Основниот суд Скопје I Скопје, при вршење на судиската функција како претседател на судечкиот совет за предметот КОК бр.21/18, во периодот од 01.06.2018 до 03.10.2018 година, во континуитет, на Гордана Јанкулоска и го повредувала уставно загарантираното право на мајчинство, предвидено во членот 42 од Уставот на Република Македонија и правото на породилно отсуство пропишано во член 165 од Законот за работните односи, како резултат на дискриминацијата предизвикана со дејствија на судијата, како претседател на судечкиот совет во конкретниот предмет. Исто така, во барањето се наведува дека судијата преку дискриминацијата извршила и повреда на правото на правично судење од членот 5 од Законот за кривична постапка и членот 6 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП), како и членот 3 и членот 8 од ЕКЧП, членот 5 и членот 46 од Конвенцијата на Совет на Европа за превенција и борба против насилство на жената и семејното насилство; Преамбулата на Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација на жените и членот 12 од Конвенцијата; Преамбулата на Универзалната декларација за човекови права, Преамбулата на Конвенцијата за правата на детето и Препораката бр. Р(2002)5 на Советот на Европа за заштита на жените од насилство.

Повредите биле предизвикани преку закажување на судски рочишта во услови кога Гордана Јанкулоска се наоѓала во ризична бременост со отворено породилно отсуство, како и преку закажување и одржување на судски рочишта во услови кога Гордана Јанкулоска била во постпородилна состојба со двомесечно бебе со што извршила дискриминација на именуваната по основ на пол и политичка припадност, повредувајќи го на тој начин и членот 9 од Уставот на Релублика Македонија.

Имено, Добрила Кацарска како претседател на судечкиот совет за предметот КОК бр. 21/18 отстапила од вообичаената динамика на закажување на судски рочишта (едно до две рочишта во месецот) за предмет кој по ниту еден основ не може да се третира како итен, игнорирајќи ги притоа лекарските потврди за нејзината ранлива состојба и потребата од мирување, и на рочиштето одржано на 01.06.2018 закажала 8 судски рочишта во услови кога Гордана Јанкулоска се наоѓала во деветти месец на ризична бременост (помеѓу 38-ма и 42-ра недела на бременост). На истото рочиште, судијата наредила и преглед на Клиниката за гинеко.логија и акушерство, изнесувајќи податоци од медицинско досие во кое биле депонирани документи што се однесувале на здравствениот статус, медицинската, односно клиничката состојба на Јанкулоска, без да ја исклучи јавноста, повредувајќи го правото на приватност и заштита на правата на пациентите (повреда на член 354 од Законот за кривична постапка, член 25 од Закон за заштита на правата на пациентите и членот 8 од Европската конвенција за човекови права).

Одржаните 12 судски рочишта во 20-тина работни денови во период од 29-ти август до 3-ти октомври, во успови кога Гордана Јанкулоска требала да се грижи за своето двомесечно бебе, го потврдувале дискриминаторскиот однос од страна на судијата Добрила Кацарска, со оглед на фактот што од јавно достапните информации со кои располагал подносителот на ова барање, во историјата на македонското судство не било забележано за предмет кој не е итен, да се одржуваат со интензивна динамика судски рочишта на жена која има отворено породилно отсуство и која била со ризична бременост. Како резултат на ваквите дејствија на претседателот на судечкиот совет, Гордана Јанкулоска била ставена во нерамноправна положба по однос на политичка припадност и пол.

Според наводите во барањето, недопуштеноста во постапувањето на судијата Добрила Кацарска се состоела во фактот што именуваната, преку закажување и одржување на интензивна динамика на судење на Гордана Јзнкулоска во предметот КОК бр. 21/18 прекинувајќи и го на тој начин породилното отсуство, со јавно кажани закани дека Јанкулоска присилно ќе биде донесена на судење доколку не се појави на закажаните рочишта, сакала да ја оствари целта во најбрз можен рок да ги исполни формалните претпоставки за донесување на веќе објавената одлука по однос постоењето на вина на Гордана Јанкулоска.

Имено, судијата Добрила Кацарска, во својство на претседател на судечкиот совет во предметот КОК бр. 59/17, во кој Гордана Јанкулоска беше првообвинета но на барање на Обвинителството на 18.04.2018 постап­ката за неа се издвои за да потоа продолжи во нова постапка како предмет под број КОК 21/18, при изрекување на пресудата за преостана­тите двајца обвинети (Ѓоко Поповски како второобвинет и Никола Груевски како третообвинет) на рочиштето одржано на 23.05.2018 година, јавно изјавила дека Гордана Јанкулоска го поттикнала Ѓоко Поповски да го фаворизира економскиот оператор “МАК АУТО СТАР” ДООЕЛ Скопје да го купи возилото мерцедес. Содржината на ваквата изјава се повторувала и во Пресудата IX КОК- 59/17, каде на втората страна од пресудата се наведувало дека Гордана Јанкулоска со умисла го поттикнала обвинетиот Ѓоко Поповски да стори кривично дело “Злоупотреба на службената положба и овластување”.Со ваквата изјава и пресуда, судијата Кацарска на експлицитен начин го прејудици­рала прашањето на вина на Јанкулоска, утврдувајќи нејзина одговор­ност и покрај фактот што постапката за неа била издвоена со што била исклу­чена можноста обвинетата да даде сопствена аргументација за отфрла­ње на кривичните дела кои и се ставаат на товар и побивање на теори­јата на случај на Обвинителството. Со оглед на фактот што кај Јанкулоска се појавил основан сомнеж за непристрасноста на судијата, било поднесено бзрање до претседателот на судот за нејзино изземање. Ова барање било одбиено во експресен рок (за помалку од еден час од поднесувањето), создавајќи на тој начин претпоставки за повреда на правото на правично судење од членот 5 од Законот за кривичната постапка и членот 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права.

Според наводите во барањето, услови за повреда на правото на правично судење биле создадени и со оглед на фактот што покрај посочениот предмет КОК бр. 21/18, во истиот период за Гордана Јанкулоска биле закажани и три рочишта за предметот „Титаник” бр. КОК 7/18 и предметот „Тврдина/Таргет” бр. КОК 39/18 со што и било ускратено потребното време за подготовка на одбраната согласно член 6 став 3 (6) од Европската конвенција за заштита на човековите права (ЕКЧП). Имено, согласно прецедентното право на Европскиот суд за човекови права, член 6 став 3 (6) гарантира за обвинетиот доволно време и услови за подготовка на одбраната, што подразбира дека суштинска подготовка на одбрана вклучува се што е неопходно за организирање на одбраната за главното рочиште (види Пресуда „Gregacevic v. Croatia“ § 51). Правото на одбрана е воспоста­вено над се за да овозможи еднаквост, колку што е тоа возможно, помеѓу обвинителството и одбраната (види Пресуда „Mayzit v. Rиѕѕiа” §79). Нерамноправната положба била присутна доколку се имало во предвид фактот на армија на обвинители со кои располага Специјалното јавно обвинителство, стручната служба, како и практично неограниче­ниот буџет за работа, наспроти ресурсите за одбрана на Јанкулоска и ограниченото време за подготовка на одбраната.

Овој различен третман бил дискриминаторски затоа што му „недостига објективно и разумно оправдување” а тоа било дека „не постои разумен однос на пропорционалност помеѓу средствата кои се употребени и целите кои се сака да се постигнат” (види пресуда на ЕСЧП „Members of the Gldani congreation of Jehovah’s witnesses and others v. Georgia” §139). Имено, форсирањето на интензивна динамика на судење со цел негово завршување во што е можно пократок рок преку игнорирање на медицинските потврди за потребата од мирување во последниот месец од бременоста, возраста на Јанкулоска, условите кои владееле во судницата, должината на самите судски рочишта, истекување на информации за здравствената состојба на именуваната, наредбата за гинеколошки преглед на Јанкулоска за чие време и место на одржување биле запознаени сите медиуми кои во „реално време” вршеле „пренос“ од истото, нарушувајќи ги врските меѓу родителот и новороденчето во услови кога било на возраст од два месеци, не покажувало дека постои пропорционалност помеѓу целите и средствата кои се користат за нивно постигнување (види пресуда на ЕСЧП „Маrсkх v. Веlgiит” § 33). Во конкретниот случај, постоела огромна диспропорционал­ност помеѓу целта на кривичната постапка (утврдена во членот 1 од Законот за кривична постапка) со горенаведените средства и преземени дејствија од страната на судијата Кацарска.

Ваквата диспропорционал­ност била дотолку поголема ако се земале во предвид околностите кои упатуваат на основано сомневање за повредата на презумпцијата на невиност (утврдување на вина кај Јанкулоска уште пред да почне судењето – повреда на членот 2 од ЗКП), повреда на правото на правично судење (пристрасност кај членовите на судскиот совет кои утврдиле вина кај Јанкулоска уште пред да почне да и се суди – повреда на членот 5 од ЗКП) и користење на докази прибавени на незаконски начин (повреда на членот 12 од ЗКП), кои предизвикале душевно страдање кај Гордана Јанкулоска.

Фреквентноста на закажани рочишта не била во согласност ниту со принципот „неопходност во демократско општество”. Поимот за неопход­ност подразбирало дека вмешувањето на државата во правото на семеен живот „кореспондира со притисокот на општествената потреба и особено, дека е пропорционален на легитимната цел” (види пресуда на ЕСЧП „Нааѕе v. Germany” § 88). Правото на мајчинство и семејниот живот биле едни од врвните приоритети на секое општество. Судот не водел грижа за тоа што градинките во општината во која живее Гордана Јанкулоска не располагале со услови за згрижување на бебе на двомесечна возраст (сопругот на Гордана Јанкулоска преку електронска пошта се обратил до сите три градинки кои постојат во Општина Центар, од кои две му одговориле дека не можат да згрижат толку мало бебе, додека во третата градинка директорката усно му кажала дека градинката нема просторни ни човечки капацитети за згрижување на толку мало бебе но не може да го одбие згрижувањето за да нема проблем со законот). Во конкретниот случај ниту интересот на новороденчето, ниту интересот на апликантот како родител, ниту интересот на општеството во целина, не го оправдувало ваквото очекување на судот и не може да има општествен притисок за експресно судење на апликантот на сметка на негата на бебето.

Дискриминација по основ на политичка припадност постоела доколку горенаведените дејствија се ставеле во контекст на фактот што именуваната била истакнат припадник на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и била генерален секретар на партијата од 2004 до 2006 година, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од 2004 до 2017 и министер во Министерството за внатрешни работи од 2006 до 2015 година во Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Единствен доказ против Јанкулоска во постапката КОК бр. 21/18 во рамките на која била извршена дискриминацијата, биле незаконски следени комуникации во периодот кога таа ја извршувала функцијата министер за внатрешни работи. Овие незаконски прибавени снимки, во 2015 година биле екстензивно експлоатирани од страна на политичката партија Социјалдемократски сојуз на Македонија преку нивно јавно објавување на прес конференции и подоцна истите биле реемитувани од страна на медиумите во Република Македонија. Ваквата наметната јавна кампања на политички линч, во која преовладувал дискурсот за несомнената вина на Јанкулоска, што се потврдило и преку повредата на презумпција на невиност од страна на судијата Кацарска и форсирањето интензивна динамика на судење со цел потврдување на констатцијата за вина со пресуда донесена во што е можно пократок рок, несомнено укажувало на постоење на дискриминација поради политичка припадност.

Подносителката на барањето за заштита на слободите и правата смета дека дискриминација по основ на пол постоела со оглед на фактот што судијата ги игнорирала правата на Јанкулоска за мајчинство и породилно отсуство, кои на именуваната и припаѓале како резултат на нејзината полова припадност. Како резултат на ваквото однесување на судот, на Јанкулсока и биле ускратени правата кои ги имале останатите бремени жени и родилки во Република Македонија.

Објективна потврда за дискриминација на Гордана Јанкулоска претставувало истовремено и Мислењето на Комисијата за заштита од дискриминација бр. 08-193/10 од 27.08.2018 со кое се утврдува вознемирување од член 7 став 1 од Законот за спречување и заштита од дискриминација кон Гордана Јанкулоска од страна на судијата Добрила Кацарска, затоа што во предметот КОК бр. 21/18 постапила спротивно на член 5 точка 4 и 6 од Законот и ја депривилегирала и изложила на деградирачки однос во областа на пол и политичка припадност, при што дошло до вознемирување со повреда на достоинството на Гордана Јанкулоска, создавајќи понижувачка состојба односно практика.

Во образложението на Мислењето, Комисијата наведува дека судот не ја уважил препораката од лекарот за мирување заради ризична бременост и во период од еден месец закажал осум рочишта во услови кога Гордана Јанкулоска била во деветтиот месец од бременоста и дека судечкиот совет не и ги признал лекарските потврди кои потврдувале ризична бременост и наредил преглед на Клиниката за гинекологија и акушерство за време на кој што медиумите ја нарушувале нејзината приватност. Како резултат на ваквото постапување, како и закажување на рочиште во 40-тата недела од бременоста на Јанкулоска и уште над 20 рочишта од 29 август до 26 октомври, Комисијата заклучува дека судот отстапил од вообичаената пракса на закажување на рочишта и дека постои дискриминаторско однесување и постапување, што доведува до вознемирување и повреда на достоинството на лицето и претставува заканувачка, понижувачка и застрашувачка практика според член 7 од Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Потврда за претрпеното душевно страдање на Гордана Јанкулоска претставувал Вештиот наод и мислење во областа на психијатријата на д-р Славица Арсова, психијатар вработен во Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје. Во Наодот, меѓу другото, на страна 4 се наведувало дека „емоционалните страдања на мајката кои обично се манифестираат во вид на зголемена анксиозност или депресивност имаат сериозно влијание и врз идниот емоционален и когнитивен развој на самото бебе.” и дека нарушувањето на релацијата мајка – дете „доведува до зголемен ризик од пречки во правец на когнитивни или емоционални потешкотии кои би се манифестирале во идниот развоен период”. На страна 5 од Наодот се наведува дека „вознемирувањето кое било констатирано од страна на Комисијата за дискриминација, а кое произлегло од дискриминирачкиот однос кон барателката во однос на нејзината бременост и постпородилниот период доведува до низа психолошки манифестации кои… се манифестираат во вид на намалено расположение, чувство на страв и несигурност, неможност за целосно и квалитетно грижење за себе и своето здравје, неможност за целосна грижа за бебето за кого мајката е примарен објект во тек на првата година од неговиот живот”. Исто така, во вештиот наод се наведувало дека „психолошката состојба на мајката…во тек на контактот со детето се пренесува на истото и влијае на неговото функционирање”; дека „…ова би значело успорен и неквалитетен развој на малото бебе”, заклучувајќи дека „…кај барателката постои изразено душевно страдање, врзано со дискриминирачкиот однос во тек на бременост и по породувањето.” и дека „Барателката претрпела душевна болка…во вид на продолжена реактивна анксиозно депресивна состојба која сеуште трае со променлив интензитет”. Ваквото психијатриското вештачење го потврдува чувството на страв, психичка болка и инфериорност кое предизвикува понижување (Види пресуда на ЕСЧП „Eremia v. the Republic of Molodva §54) и предизвикала тешко душевно страдање како резултат на наведената дискриминација, повредувајќи го на тој начин член 3 од Европската конвенција за човекови права.

Имајќи ги во предвид изнесените факти и приложените докази, според наводите во барањето се докажувало постоењето на дискриминација од страна на судијата Добрила Кацарска, претседавач на судечкиот совет од Основниот суд Скопје 1 Скопје за предметот КОК бр. 21/18.

Согласно наведеното, а врз основа на член 56 од Деловникот на Уставниот суд, му предлага на Уставниот суд да го прифати барањето за утврдување на повреда на правото на забрана од дискриминација по основ на пол и политичка припадност на Гордана Јанкулоска и да ги поништи поединечните акти на судечкиот совет за предметот КОК бр. 21/18 со кои се преземени дејствијата со кои и било повредено ова право.

3. Судот на седницата утврди дека пред Основниот суд Скопје 1 Скопје против обвинетата Гордана Јанкулоска во Одделението за организиран криминал и корупуција се водела постапка за кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.1 в.в. со чл.23 од КЗ, по поднесен обвинителен акт со обвинителен предлог од страна на Јавното обвинителство за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, кој беше заведен под КОК.бр.59/17, а во кој предмет како обвинети биле и сега веќе осудените Ѓоко Поповски и Никола Груевски. Меѓутоа во текот на постапката по однос на обвинетата Гордана Јанкулоска истата била раздвоена и се водела одвоена постапка заведена под IX КОК бр.21/18, која е завршена со пресуда IX КОК бр.21/18 од 08.10.2018 година, со која обвинетата огласена е за виновна за сторено кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од чл.353 ст.5 в.в. со ст.1 вв чл.23 од КЗ и осудена на казна затвор од 6-шест години.

Од увидот во записниците од одржаните рочишта на закажаните главни претреси се утврди дека при водењето на постапката на обвинетата и било овозможено правото на судење во разумен рок, кое нешто е експлицитно наведено во чл.6 ст.1 од Европската конвенција за заштита на човековите права, кој е посветен на правичното судење и експлицитно се наведува во истиот правото на судење во разумен рок. Европскиот суд за човекови права во случајот Перез против Франција апликација број 47287/99 од 12 февруари 2004 година констатирал дека правото на правично судење зазема така значајно место во едно демократско општество што не може да постои оправдување за евентуално рестриктивно толкување на чл.6 ст.1 од Конвенцијата.По однос на времетраењето на релевантниот период според јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права од суштинско значење е и однесувањето на обвинетата во постапката.

Видно од записниците прибавени во фаза на претходна постапка како докази се утврди дека одбраната на обвинетата на една иста расправа поднела двапати барање за изземање на судијата Добрила Кацарска од постапување по предметот КОК бр.59/17 кој бил оформен против Ѓоко Поповски, Гордана Јанкулоска и Никола Груевски, потоа поднесувала приговори коишто биле на исти околности за коишто Советот одлучувал на самата расправа и сето тоа допринесувало рочиштата да траат подолго.

По однос на истите наводи поради кои е поднесено и барањето за заштита на правото на забрана од дискриминација, обвинетата како што наведува и во истото, до Комисијата за заштита од дискриминација поднела претставка против судечкиот судија, па постапувајќи по истата, Комисијата усвоила мислење бр.0801-193/1 од 11.06.2018 година со кое утврдила вознемирување спрема подносителот на претставката врз основа на пол и политичка припадност, а во областа социјална сигурност и здравствена заштита како и правосудство и управа.

Во судскиот предмет каде подносителот на претставката е обвинета биле закажани повеќе рочишта во текот на еден месец. Од увидот во записниците произлегува дека постапката за обвинетата е раздвоена само поради нејзината бременост, а после породувањето не биле закажани рочишта во рок од 60 дена за да може обвинетата да се грижи за своето новороденче и да ги остварува нејзините права како родилка и мајка. Притоа, дадениот рок од 60 дена по породувањето не е предвиден во Законот за кривичната постапка кој што во случајов е lex specialis при водењето на кривичната постапка и во кривичната постапка не е задолжително да се применуваат одредбите од Законот за работните односи на кои се повикува обвинетата.

Во врска со наводите на обвинетата за доставените лекарски потврди од страна на бранителите до Судот, се утврди дека во Основното јавно обвинителство Скопје веќе бил оформен предмет врз основа на поднесено известување од страна на Јавното обвинителство за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, а кое се однесува на доставената медицинска документација од бранителите на обвинетата Гордана Јанкулоска во постапката по предметот КОК.бр.21/18, како и КОК.бр.7/18.
Од увидот во приложените записници по конкретниот предмет неспорно произлегува дека рочиштата за главна расправа траеле само по неколку часа при што на обвинетата и било овозможувана пауза од 1 час и 30 минути што е согласно Законот за работни односи, поточно истото е предвидено во чл.171 од наведениот закон.

4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Согласно член 9 од Уставот на Република Македонија граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичко и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 42 став 1 од Уставот, кој се однесува на економски, социјални и културни права, Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица.

Во членот 1 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, се предвидува дека со овој закон се обезбедува спречување и заштита од дискриминација во остварувањето на правата загарантирани со Уставот на Република Македонија, закон и ратификување меѓународни договори.

Според член 6 став 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права, секој има право правично и јавно, во разумен рок, пред независен и непристрасен со закон воспоставен суд да бидат разгледани и утврдени неговите граѓански права и обврски или основаноста на какви било кривични обвиненија против него. Пресудата се изрекува јавно, а новинарите и публиката можат да бидат исклучени за време на целата или на дел од постапката во интерес на моралот, јавниот ред или националната безбедност во едно демократско општество, кога тоа го наложуваат интересите на малолетник или заштитата на приватниот живот на страните во спорот, или кога тоа судот го смета за неопходно затоа што во посебни околности публицитетот би можел да им нанесе штета на интересите на правдата.

Во членот 5 од Кривичниот законик утврдено е дека на сторителот, меѓу другото, на кривично дело во извршувањето на кривичната санкција можат да му бидат одземени или ограничени права само во мера која им одговара на природата и содржината на таа санкција, а според членот 60 од истиот Законик целта на мерките на безбедност е да се отстранат состојбите или условите што можат да влијаат сторителот во иднина да врши кривични дела.

Членот 8 од Конвенцијата предвидува дека секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката.Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштитата на поредокот и спречувањето на кривични дела, заштитата на здравјето и моралот или заштитата на правата и слободите на другите во едно демократско општество.

Барање за заштита на слободите и правата може да се поднесе само против поединечен акт со кој е одлучено за конкретни права или обврски на точно определено лице или лица. Во согласност со членот 51 од Деловникот, барањето се поднесува против конечен или правосилен поединечен акт која формула на алтернативно оспорување овозможува барањето да се поднесе исклучиво против поединечен акт кој станал конечен во постапката што ја водат определени, пред се, управни органи и тела што одлучуваат за правата на граѓаните.

Слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот може да бидат изворно повредени и со правосилна судска одлука без претходно да постои поединечен конечен акт. Во тој случај барањето пред Уставниот суд може да се поднесе откако судската одлука стане правосилна.

Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, освен против конечен или правосилен поединечен акт, барање за заштита на слободите и правата, а во смисла и на членот 51 од Деловникот, може да се поднесе и против дејство за кое се тврди дека ги повредува тие права и слободи. Меѓутоа, во тој случај од суштинско значење е да се работи за дејства кои што се директни и одлучувачки за остварување на едно право или слобода.

Според Судот, оспорувањето на дејства кои претседателот на судечкиот совет на Основниот суд Скопје 1 Скопје во предметот КОК.бр.21/2018, судијата Добрила Кацарска, ги преземала во текот на постапката која завршува со донесување на поединечен акт, наведувајќи дека со нив барателката била подложена на дискриминација по некоја основа, во случајов по основ на пол и политичка припадност, Судот оцени дека таквите дејства немаат директен одлучувачки карактер за правата и слободите, туку тоа може да биде само поединечниот акт што е донесен во таа постапка.

Имајќи ги во предвид наводите во барањето, како и фактот што подносителот во барањето наведува голем број на дејства на претставникот на судската власт, кој наводно, нечовечки му ги повредиле слободите и правата на подносителот на барањето, според Судот од целината на барањето, несомнено произлегува, дека подносителот на барањето е незадоволен од динамиката, ефикасноста, работењето и текот на кривичната постапка. Поради тие причини, наведеното барање, се сведува на барање Уставниот суд да ја преиспита работата и преземените дејства на Основниот суд Скопје I Скопје, односно Уставниот суд да се стави во улога на инстанционо надлежен суд за оцена на уставноста и законитоста на преземените дејствија од страна на Основниот суд Скопје 1 Скопје и конкретно на претседателот на судечкиот совет, судијата Добрила Кацарска, кои според Судот, вака преземените дејства немаат директен одлучувачки карактер по однос на остварувањето на основните права на барателката во конкретниот кривично- правен предмет, во кој истата има својство на обвинета.

Од друга страна, пак, согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија нема надлежност да одлучува за права и интереси на граѓани по конкретни предмети од надлежност на судовите и други државни органи, ниту може да постапува како инстанционо повисок суд кој ќе ја цени уставноста и законитоста на нивните одлуки и преземени дејствија. Ова, дотолку повеќе што од увидот во доставената писмена документација се утврди дека по конкретниот предмет е донесена пресуда заведена под IX КОК. бр.21/2018 од 08.10.2018 година со која барателката Гордана Јанкуловска е огласена за виновна за сторено кривично дело “Злоупотреба на службена положба и овластување” од член 353 став 5 в.в.со став 1 в.в. со член 23 од Кривичниот законик и осудена на казна затвор во траење од 6-шест години.

Меѓутоа, конкретниот акт, односно пресудата на Основниот суд Скопје 1 Скопје не е сеуште правосилна , во смисла на членот 51 од Деловникот и истата не претставува конечен или правосилен акт врз основа на кој може да се бара заштита за сторена повреда на слободи и права, утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот, од причина што барањето до овој суд, е поднесено на ден 29.10.2018 година, а наведената пресуда со комплет списите по предметот по изјавена жалба се наоѓа во фаза на жалбена постапка пред Апелациониот суд во Скопје и се уште истиот не се произнел по жалбата, што значи дека првостепената пресуда не е се уште правосилна што е предуслов, односно процесна претпоставка за да може Уставниот суд мериторно да се впушти во одлучување по поднесеното барање.

Со оглед на тоа што пресудата на Основниот суд Скопје 1 Скопје, во која постапка на донесување барателката смета дека со определени дејства на Судот и била сторена дискриминација по основ на пол и политичка припадност , не претставува конечен или правосилен акт во смисла на член 51 од Деловникот на Уставниот суд, Судот оцени дека во конкретниот случај, не постојат процесни претпоставки за постапување по барањето односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот за отфрлање на истото.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.117/2018
25.12.2018 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски