Решение У.бр.99/2018 и У.бр.107/2018

У.бр.99/2018 и У.бр.107/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 25 декември 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распишување на референдум бр.08-4666/1, донесена од Собранието на Република Македонија на 30 јули 2018 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.140/2018).

2. Томе Тодоровски, адвокат од Свети Николе и Љубчо Вељанов од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа посебни иницијативи за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

На XXXII-рата седница одржана на 25.12.2018 година Уставниот суд, согласно член 21 од Деловникот одлучи по иницијативите да се води единствена постапка и да се донесе една одлука.

Томе Тодоровски во иницијативата наведува дека оспорената одлука за распишување на референдум била во спротивност со членовите: 1, 2, 8, 52, 68, 73 и 75 од Уставот на Република Македонија, како и со членовите: 2, 9 и 15 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните.

Во иницијативата се изнесуваат повредите направени при склучување на договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција, како и повредите на уставните и законските одредби при донесувањето на оспорената одлука, па се предлага Судот да ја поништи оспорената одлука како неуставна. Воедно се предлага донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспорената одлука.

Љубчо Вељанов наведува дека оспорената одлука била во спротивност со членот 73 од Уставот, а поставеното референдумско прашање, содржано во оспорената одлука било спротивно на членот 1, член 2 точката 1 и членот 8 од Уставот, како и на: Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, Универзалната повелба за фундамен-талните права на Европската Унија, Виенската конвенција за договорното право и Декларацијата за човековите права.

Во иницијативата е содржано и барање за заштита на слободите и правата на подносителот и неговото семејство бидејќи со оспорената одлука бил извршен „силен атак“ врз нивната колективна и индивидуална слобода, тие биле „понижени, навредени, обесправени и загрижени“ за иднината на нивните потомци и постоењето на Република Македонија.

Овој поднесок во Судот е заведен под Р.бр.44/2018 заради утврдени недостатоци. Со допис Р.бр.44/2018 од 14.09.2018 година на подносителот, меѓу другото, му е укажано дека во Деловникот на Уставниот суд не е предвидена можност за водење на единствена постапка за оценување на уставност и законитост и за заштита на слободите и правата, по што подносителот физички ги издвојува двете постапки во два физички независни поднесоци.

Појаснувањето кон иницијативата е заведено под У.бр.107/2018. Во овој поднесок се наведува дека на подносителот на иницијативата му е познато донесувањето на решението на Судот У.бр.88/2018, У.бр.90/2018 и У.бр.91/2018 од 19.09.2018, но сепак се инсистира на постапка пред Судот заради карактерот на референдумското прашање и проблемите што истото ги отварало. Подносителот бара поништување на оспорената одлука.

Барањето за заштита на слободите и правата како независен поднесок не е заведено како посебен предмет. Во појаснувањето се наведува дека со правните акти и политиката на Владата на Република Македонија, како и со актите донесени од Собранието на Република Македонија се кршеле основните човекови права од член 8 став 1 точки 1, 2, 3 и 4 од Уставот, како и претходно означените меѓународни акти.

3.Судот на седницата, утврди дека врз основа на член 73 став 1 од Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 30 јули 2018 година, донесе Одлука за распишување на референдум.

Според член 1 од Одлуката, се распишува референдум за консултирање на граѓаните на целата територија на Република Македонија.

На референдумот граѓаните ќе се изјаснат за прашањето:

„Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?

„ЗА“                    „ПРОТИВ“

Во членот 2 од Одлуката е предвидено дека референдумот ќе се одржи на 30 септември 2018 година.

Во членот 3 од Одлуката е предвидено дека референдумот ќе се спроведе на начин и по постапка утврдена со Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните.

Во членот 4 од Одлуката е предвидено дека референдумот ќе го спроведе Државна изборна комисија.

Во членот 5 од Одлуката е предвидено дека оваа одлука влегува во сила со денот на нејзиното објавување во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно член 28 од Деловникот на Судот, Уставниот суд на Република Македонија ќе ја отфрли иницијативата:
– ако не е надлежен да одлучува за барањето;
– ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и
– ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај предмет на оспорување со иницијативите е уставноста и законитоста на Одлуката за распишување на референдум, донесена од Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 30 јули 2018 година, број 08-4666/1 од 30.07.2018 година, објавена во „Службен весник на Република Македонија” број 140/2018.

Уставниот суд на Република Македонија, по повод претходно поднесени иницијативи за оспорување на уставноста и законитоста на истата одлука веќе се произнел, односно со Решение У.бр.88/2018, У.бр.90/2018 и У.бр.91/2018 од 19 септември 2018 година, не повел постапка за оценување на уставноста и законитоста на означената одлука.

Имајќи предвид дека Судот веќе се произнел за уставноста и законитоста на оспорениот акт, а во конкретниот случај, нема основи за поинакво одлучување, исполнети се условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативите.

Исто така, референдум за изјаснување на граѓаните по прашањето содржано во оспорениот акт се одржал на 30 септември 2018 година, а Државната изборна комисија ги објавила резултатите од гласањето на референдумот на државно ниво во Извештајот број 12-2139/2 од 3 октомври 2018 година („Службен весник на Република Македонија” број 186/2018).

Имајќи ја предвид и оваа околност, Судот утврди дека оспорениот акт е исцрпен во својата примена поради одржување на референдумот, што е уште една процесна пречка за постапување по иницијативите и причина за отфрлање на истите согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.

По однос на наводите од барањето за заштита на слободите и правата на Љубчо Вељанов со кои се бара заштита поради предизвикани емоции со донесување на оспорената одлука кај подносителот на барањето и членовите на неговото семeјство Уставниот суд утврди дека ваков вид на заштита не спаѓа во корпусот на слободи и права што се штитат согласно членот 110 од Уставот. Оттука, по однос на ова барање се исполнети условите за отфрлање на истото согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.99/2018
У.бр.107/2018
25 декември 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски