Решение У.бр.64/2018

У.бр.64/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 12 декември 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за забрана за паркирање и издавање на пловни објекти-педалинки за пловење по Охридското Езеро, донесена од Советот на Општина Струга на седница одржана на 14.05.2018 година, број 08-2108/26 од 14.05.2018 година, објавена во „Службен гласник на Општина Струга” број 5/2018.

2. Ален Деребан и Дејан Пауноски, двајцата од Струга, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот, означен во точката 1 од Решението.

Со иницијативата се наведува дека Одлуката со која Советот на Општина Струга забранил паркирање и издавање на пловни објекти-педалинки за пловење по Охридското Езеро, на брегот на Охридското Езеро за подрачјето на Општина Струга, за периодот од 20.05.2018 до 20.10.2018 година, била донесена спротивна со член 8 став 1 алинеја 7, членот 51, член 54 став 1 и член 55 ставови 1 и 3 од Уставот.

Според подносителите на иницијативата, за да можел Советот на Општината да ја донесе оспорената одлука, вршењето на таквата дејност претходно требало да биде забранета со закон поради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето, а бидејќи наведената дејност не била забранета со закон, Советот на Општина Струга немал законско право, ниту пак законска можност да го забрани вршењето на таа дејност и требало да му биде јасно дека се она што не било забрането со Уставот и законот било дозволено.

Оттука, со донесената одлука Советот на Општината го повредил правото на слободата и претприемништвото на начин што на лицата кои со основна регистрирана дејност се занимавале со издавање на пловни објекти-педалинки, им забранил истата да ја вршат за периодот од 20.05.2018 до 20.10.2018 година, од кои причини со иницијативата се предлага поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука, нејзино укинување, како и донесување на Решение за запирање на извршувањето на оспорената одлука заради спречување на штета на субјектите кои се занимавале со издавање на пловни објекти-педалинки, со што би се заштитила и Општината од водење на граѓански судски постапки во иднина за надомест на материјална штета во вид на испуштена корист.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 88 став 2 од Статутот на Општина Струга („Службен гласник на Општина Струга”, број 2/18), Советот на Општина Струга на 9-тата седница одржана на ден 14.05.2018 година, расправајќи за забрана за паркирање и издавање на пловни објекти-педалинки во Општина Струга, донел Одлука за забрана за паркирање и издавање на пловни објекти-педалинки за пловење по Охридското Езеро.

Во членот 1 од Одлуката се наведува дека со оваа одлука се забранува паркирање и издавање на пловни објекти-педалинки за пловење по Охридското Езеро, на брегот на Охридското Езеро за подрачјето на Општина Струга, за периодот од 20.05.2018 до 20.10.2018 година.

Со членот 2 од Одлуката се задолжува Секторот за инспекциски работи-Инспекторат, да ги преземе сите потребни дејствија и во соработка со други надлежни државни органи да ја спроведе одлуката.

Со членот 3 од Одлуката се наложува истата да се објави во локалните печатени и електронски медиуми.

Според членот 4 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Струга”

Одлуката е со број 08-2108/26 од 14.05.2018 година, потпишана од претседателот на Советот на Општина Струга.

4. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Предмет на оспорување со иницијативата е Одлука за забрана за паркирање и издавање на пловни објекти-педалинки за пловење по Охридското Езеро, донесена од Советот на Општина Струга на седница одржана на ден 14.05.2018 година, објавена на 17.05.2018 година во „Службен гласник на Општина Струга” број 5/2018, со која Советот на Општина Струга забранил на брегот на Охридското Езеро за подрачјето на Општина Струга, да се паркираат и издаваат пловни објекти-педалинки, за периодот од 20.05.2018 до 20.10.2018 година.

Според подносителите на иницијативата Советот на Општина Струга немал законско право ниту пак законска можност да го забрани вршењето на таа дејност, бидејќи со член 55 став 1 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а според ставот 3 на членот од Уставот, слободата на пазарот и претприемништвото можела да се ограничи со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Со доставениот одговор и мислење по наводите од иницијативата Советот на Општина Струга ги појаснува причините за донесување на оспорената одлука, наведувајќи дека по низата случувања со смртни последици во периодот од неколку години наназад на подрачјето на Општина Струга, предизвикани како резултат на давење на деца од помлада возраст во езерото со пловење на изнајмени педалинки на градските плажи во Струга, по предлог на градоначалникот на Општина Струга, Советот на Општината ја донел предметната одлука.

Во доставениот одговор, Советот на Општина Струга ги отфрла наводите дека со оспорената одлука се вршело забрана на слободата на пазарот и претприемништвото, бидејќи на сопствениците на педалинките не им се забранувало да пловат во водите на Охридското Езеро (освен во зоните означени како капалишта), туку дека со истата им се забранувало да вршат паркирање и издавање на педалинките во делот на крајбрежниот појас – градски плажи, кој простор бил наменет за капачите и туристите, а не за паркирање на пловни објекти за кои Општината имала утврдено посебен простор за паркирање на градската марина во Општина Струга, каде се паркирале бротчиња, чамци, глисери, едрилици, педалинки и кајаци, без паричен надоместок и никаква забрана.

Во текот на претходната постапка во која се пристапи кон прибирање на потребните податоци и известувања по повод поднесената иницијатива, Судот констатира процесни пречки за постапување по истата, од причини што оспорениот акт кој е од темпорален карактер, односно со важност од 20.05.2018 до 20.10.2018 година, во меѓувреме се исцрпи во својата примена и правно дејство, односно престана да важи, што е процесна пречка за одлучување по иницијативата.

5. Имајќи го предвид погоре наведеното, Судот утврди исполнетост на условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата поради постоење на процесни пречки за одлучување по истата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.64/2018
12 декември 2018 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски