Решение У.бр.61/2017

У.бр.61/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 12 декември 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт И 10, Општина Аеродром, Плански период 2016-2021, број 09-161/22 од 6.04.2017 година, донесена од Советот на Општина Аеродром, на 5 април 2017 година, („Службен гласник на Општина Аеродром“ бр.7/2017).

2. Друштвото за услуги „БУС СЕРВИС“ ДОО Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одлука била во спротивност со важечкиот Генерален урбанистички план на Градот Скопје поради тоа што не бил во согласност со член 51 став 1 од Уставот и членот 11 став 6 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Одлуката го содржела Деталниот урбанистички план, во кој спаѓала и градежната парцела 2.3. која била во нивна сопственост. Подносителот на иницијативата уште во фаза на јавна анкета реагирал и испратил барања до Народниот Правобранител, Државниот Правобранител и Општина Аеодром за измена на предлозите во ДУП-от уште во фаза на јавна анкета, поради спротивност на истите со ГУП-от на Град Скопје. Истиот бил сопственик на катастарска парцела која била опфатена со градежна парцела 2.3, а тоа е КП 28/6 во Имотен лист 51681, КО Кисела Вода 2. Со решението во градежната парцела 2.3, била направена огромна штета на со Уставот и законите гарантираното право на сопственост и биле поништени сите можности за развој и реализација на содржините кои претходно биле предвидени како намени за предметното земјиште.

Во иницијативата е наведено дека решението во донесениот ДУП било спротивно на намените на земјиштето предвидени со ГУП на Град Скопје каде за тој блок била предвидена намена “А” – домување. Со донесениот ДУП кој бил во спротивност на важечкиот ГУП на Град Скопје било предложено решение само на земјиштето кое се наоѓало на катастарска парцела КП бр.28/6 во Имотен лист 51681 КО Кисела Вода 2 и кое било во сопственост на „БУС СЕРВИС“ ДОО Скопје и отсекогаш во целост се користело за деловни потреби на кое имало деловни објекти, а немало зелени површини и биле намалени и поништени можностите за развој. Додека пак на останатиот простор кој во најголем процент бил сопственост на Република Македонија, дадена била можност за развој и со самото тоа била зголемена вредноста на тоа земјиште. Дотолку повеќе што истото било направено и на површини кои биле постојно зеленило па сега постојното зеленило се предвидувало за изградба на објекти со максимална искористеност и по површина и по висина.

Исто така во иницијативата е наведено дека со донесениот ДУП, Општината Аеродром го ставила сопственикот на земјиштето под градежната парцела 2.3 во неповолна и нерамноправна положба спрема соседите, на кои се донесениот ДУП им се дозволува катност и поголем коефициент на градба како и поинаква намена на земјиштето – секако овој пат согласно ДУП-от.

Понатаму во иницијативата е наведено дека со претставката доставена до Народниот правобранител побарале заштита на правата на предлагачите на оваа иницијатива во смисла истиот да даде препорака до Општина Аеродром: „Да се сменат намените и предложеното решение на градежните парцели на предлагачите, да се предвиди намена “А” согласно изводот од ГУП и на предвидените градежни парцели и да се даде можност за максимално искористеност на земјиште, % на изграденост (до 70%) и коефициент на искористеност и висина на градба и катност (како кај околните постојни објекти), а сето погоре согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање и постојните важечки правилници“.

Со иницијативата се бара од Уставниот суд да ја испита уставноста и законитоста на оваа одлука како и да постапи согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија да донесе решение за запирање на поединечните акти или дејствија кои се преземени врз основа на оваа спорна одлука.

3. Судот на седница утврди дека врз основа на член 36 од Законот за локална самоуправа („Службен Весник на Република Македонија“ бр. 05/2002), а во врска со член 39 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/2014, 44/2015 и 193/2015), а согласно член 16 и член 24 од Статутот на Општина Аеродром-пречистен текст („Службен гласник на Општина Аеродром”, број 20/2012) Советот на Општина Аеродром на 66-та седница одржана на ден 05.04.2017 година, донесе Одлука за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт И 10, Општина Аеродром, Плански период 2016-2021 година.

Согласно членот 1 од Одлуката, со оваа одлука се донесува Детален урбанистички план за градска четврт И10, Општина Аеродром. Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за градска четврт И 10, Општина Аеродром, Скопје ги почитува определбите на Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022, Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен Весник на Република Македонија“ бр. 199/2014, 44/2015 и 193/2015), Правилникот за поблиска содржина, форма и начин на обработка на генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село, урбанистички план вон населено место и регулациски план, формата, содржината и начинот на обработка на урбанистичко-планските документации и архитектонско-урбанистичкиот проект и содржина, формата и начинот на обработка на проектот за инфраструктура („Службен Весник на Република Македонија“ бр. 142/2015) и Правилник за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање („Службен Весник на Република Македонија“ бр. 142/2015, 217/2015, 222/2015 и 228/2015).

Според членот 2 од Одлуката, просторот за кој се донесува Деталниот урбанистички план за градска четврт И10, Општина Аеродром е со вкупна површина до регулациони линии на граница на блок од 40.80 ха и површина на плански опфат по осовина на примарните и секундарните сообраќајници од 53.58 ха и е во рамките на следните граници: Од Север; по осовина на речно корито на реката Вардар и по осовина на бул.АСНОМ; Од Исток: по осовина на Бул. “Васко Карангелески“; Од Југ: по осовина на Бул. Кузман Јосифовски Питу и бул. Јане Сандански; Од Запад: по осовина на ул. Борис Кидрич.

Во членот 3 од Одлуката е утврдено дека Деталниот урбанистички план во предлогот, содржел: текстуален дел на документациона основа, планска документација, нумерички дел и услови за изградба. Графичките прилози, текстуалниот дел и параметрите за спроведување на планот се составен дел на планот, направен според Правилникот за поблиска содржина, форма и начин на обработка на генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село, урбанистички план вон населено место и регулациски план, формата, содржината и начинот на обрбаотка на урбанистичко-планските документации и архитектонско-урбанистичкиот проект и содржина, формата и начинонот на обработка на проектот за инфраструктура („Службен Весник на Република Македонија“ бр. 142/2015).

Според член 4 од Одлуката Деталниот урбанистички план се заверува со печат на Советот на Општина Аеродром и потпис на претседавачот на Советот на Општина Аеродром.

Согласно член 5 од одлуката , донесениот урбанистички план задолжително се прикачува во електронска форма во информацискиот систем е-урбанизам.

Според член 6 од Одлуката, овој урбанистички план е составен дел на електронски регистар на донесени урбанистички планови во рамки на информацискиот систем е-урбанизам.

Во членот 7 од Одлуката, примерок од донесениот урбанистички план овој орган во електронска форма ќе го објави на својата веб страна.

Со членот 8 од Одлуката се уредува дека за донесениот урбанистички план ќе се извести Агенцијата за катастар на недвижности во електронска форма преку информацискиот систем е-урбанизам а заради извршување на дигитално преклопување.

Во членот 9 од Одлуката е утврдено дека истата стапува на сила со денот на објавување во „Службен гласник на Општина Аеродром“.

4. Судот на седница исто така утврди дека Одлуката за донесување на ДУП градска четврт И 10, Општина Аеродром, плански период 2016-2021,број 09-161/22 од 06.04.2017 година („Службен весник на Република Македонија“ број 7/2017), е донесена на шеесет и шестата седница на Советот на Општина Аеродром одржана на ден 05.04.2017 година, врз основа на претходно водена постапака за изработка и донесување на детален урбанистички план целосно усогласена со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/2014, 44/2015 и 193/2015), преку е – урбанизам.мк.

Во иницијативата е наведено дека со оспорената одлука бил повреден член 11 став 6 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/2014, 44/2015 и 193/2015), според кој деталниот урбанистички план како план од пониско ниво, мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план односно дека со регулацискиот план на генерален урбанистички план доколку истиот е донесен. Оспорениот детален урбанистички план е донесен по претходно обезбедено позитивно мислење од страна на Градот Скопје, како доносител на генералниот урбанистички план, со што се потврдува усогласеноста на ДУП за градска четврт И 10, со ГУП на Град Скопје плански период 2012-2022 („Службен гласник на Град Скопје“ број 18/12) и целосно се испочитувани одредбите за примарната сообраќајна мрежа на ГУП-от, како и по издадена согласност од Министерството за транспорт и врски на Република Македонија, со која се потврдува дека планот е изработен во согласност со одредбите на закон и прописите донесени врз основа на закон.

Постапката за донесување на ДУП е отпочната согласно одобрената Програма Ф1 од 2016 година од Советот на Општина Аеродром, 09-488/10 од 16.12.2015 година и истата е водена од страна на Комисија за урбанизам на Општина Аеродром формирана од страна на градоначалникот на општината, со Решение број 24-3007/1 од 25.06.2015 година.

Предлогот на ДУП за четврт И 10, е изработен од страна на овластен изработувач со соодветна лиценца „Билд урбан“ ДООЕЛ Скопје, врз основа на одобрена планска програма од Комисијата за урбанизам на Општина Аеродром.

Општината за Деталниот урбанистички план, во согласност со член 35 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/2014, 44/2015 и 193/2015), организирала јавна презентација и јавна анкета за која соодветно ја известила јавноста, истата е одржана во постапка, согласно законските рокови и изготвен е Извештај со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за урбанистичкиот план, од страна на стручна комисија формирана од градоначалникот на општината. За прифатени и неприфатени забелешки или предлози, Комисија во законскиот рок доставила известувања до секој субјект и секое физичко и правно лице кои поднеле анкетен лист, со образложение за истото.

Според членот 36 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, општината ги обезбедила сите потребни мислења и согласности преку информацискиот систем е-урбанизам во електронска форма, од органот надлежен за заштита на културното наследство, органот надлежен за заштита на животната средина, Агенцијата за катастар за недвижности и Градот Скопје.

Во согласност со членот 36 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, извршена е стручна ревизија од страна на правното лице „НИМАЕР“ – де Скопје, кое поседува лиценца за ревизија на урбанистички планови, која со позитивен Извештај за извршена стручна ревизија, потврдила дека конкретниот ДУП е изработен во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Во согласност со членот 38 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/2014, 44/2015 и 193/2015), Општина Аеродром ја обезбедила согласноста од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека ДУП-от е изработен во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Од анализата на доставената документација Судот утврди дека Одлуката за донесување на ДУП за градска четврт И 10, Општина Аеродром, плански период 2016-2021,број 09-161/22 од 06.04.2017 година („Службен весник на Република Македонија“ број 7/2017), е во целост усогласена со: материјалниот закон, Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/2014, 44/2015 и 193/2015), Законот за локална самоуправа („Службен весник на РМ“ број 05/02)- ГУП на Град Скопје, Плански период 2012-2022, па оттука неосновани се наводите на подносителите на иницијативата за неусогласеност на Одлуката со членот 51 од Уставот на Република Македонија, според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Министерството за транспорт и врски ја разгледа доставената документација, со барањето за Согласност на Детален урбанистички план за градска четврт И10, Општина Аеродром, со површина на опфатот (53,58 ха), изработен од „Билд Урбан“, ДООЕЛ Скопје, со тех.бр.0801/200/16 од април 2017 година и врз основа на членот 38 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014, 44/2015,193/2015, 31/2016 и 163/2016) ја издал потребната согласност.

5. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеи 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр. 67/2017 од 30 октомври 2018 година ја ценел оспорената одлука и при тоа Судот констатирал дека: „Во конкретниот случај, од презентираната фактичка состојба, утврдена врз основа на доставената писмена документација од страна на Советот на Општина Аеродром, според Судот произлегува дека доносителот на оспорениот акт ги спровел фазите во постапката за донесувањето на предметниот детален урбанистички план, согласно одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Имено, видно од документацијата подносителите на иницијативата поднеле забелешки преку анкетни листови и со тоа земале активно учество во постапката за донесување на оспорениот Детален урбанистички план. Видно од Извештајот за прифатени и неприфатени забелешки од спроведена јавна анкета и јавна презентација, број 18-5280/1 од 22.12.2016 година, нивните забелешки за пренамена на веќе постоечките објекти со класа на намена Б1-мали комерцијални единици во А2-домување во станбени згради или обратно, биле разгледувани и согласно со дадениот извештај биле прифатени делумно или целосно, односно не биле прифатени.

Од изнесената анализа, како и правната и фактичка состојба според Судот произлегува дека уставноста и законитоста на Одлуката со која е донесен предметниот план не може да се оспори од наводите изнесени во иницијативата, со оглед на тоа што во постапката се спроведени фазите на донесување на планот согласно одредбите од Законот за просторното и урбанистичко планирање и во согласност со тоа и надлежното Министерство за транспорт и врски дало согласност на предлог-планот.

Имајќи го во предвид член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија според кој Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите, Судот утврди дека не е надлежен да ја оценува меѓусебната согласност на деталните урбанистички планови со генералниот урбанистички план, како акти од ист ранг, со оглед на тоа дека се подзаконски акти.

Во однос на барањето од иницијативата за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорената одлука, Судот утврди дека не се исполнети условите за донесување на решение за запирање предвидени во членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), со оглед на тоа дека Одлуката е донесена во постапка пропишана со Законот за просторното и урбанистичко планирање“.

Со оглед на тоа што оспорената одлука веќе била предмет на оценување пред Уставниот суд, Судот оцени дека иницијативата треба да се отфрли врз основа на член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.61/2017
12.12.2018 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски