Решение У.бр.74/2018

У.бр.74/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 21 ноември 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на:

– член 3 став 2 од Колективниот договор за јавните установи за деца во дејноста згрижување и воспитание на децата и во дејноста одмор и рекреација на децата („Службен весник на Република Македонија“ бр.26/2011);
– член 3 и член 99 од Колективниот договор за основното образование во Република Македонија „Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2009, 84/2009, 28/2010 и 39/2010) и
– член 3 од Колективниот договор за средното образование во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2009, 84/2009, 28/2010 и 39/2010).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на членот 96 од од Колективниот договор за средното образование во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2009, 84/2009, 28/2010 и 39/2010).

3. Мартин Ефремов, Ана Митричка и Томислав Гиевски за Независниот синдикат за образование и наука, до Уставниот суд на Република Македонија доставија иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на наведените одредби од колективните договори означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Подносителите на иницијативата ја цитираат содржината на член 3 став 2 од Колективниот договор за јавните установи за деца во дејноста згрижување и воспитание на децата и во дејноста одмор и рекреација на децата и содржината на членот 3 од Колективниот договор за основното образование во Република Македонија и Колективниот договор за средното образование во Република Македонија и наведуваат дека од наведените одредби произлегувало дека правата и обврските предвидени со наведените колективни договори кои претставуваат посебен извор во уредувањето на трудово-правните односи, се однесувале само на работниците кои се членови на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), а не и на работниците кои се членови на друг синдикат, или пак не се членови на ниту еден синдикат.Во пракса примената на овие одредби би значело дека доколку работниците саакат да ги остварат правата предвидени во колективниот договор, присилени се да се зачленат во синдикатот – потписник во овој случај СОНК.

За подносителите повеќе од јасно било дека оспорените одредби кои ја ограничуваат примената на колективните договори само врз одредена група на работници и тоа врз основа на нивното членство во синдикатот потписник на договорите, биле во спротивност со членот 185,членот 208 став 3 како и со член 226 од Законот за работните односи.

Според подносителите, различниот третман на работниците во зависност од тоа дали се членови или не во репрезентативниот синдикат претставува директна повреда на одредбите од Законот за работните односи кои гарантираат заштита од дискриминација, Законот за спречување и заштита од дискриминација како и со членот 54 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 204 став 1 точка 2 и член 216 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” бр. 62/05, 106/2008 и 161/208), Владата на Република Македонија и Конфедерацијата на слободни синдикати на Република Македонија на 16 јануари 2008 година и 25 јуни 2009 година склучиле Општ колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.10/2008 и 85/2009).

Според член 1 од наведениот договор,со овој колективен договор се уредуваат правата и обврските на работниците и работодавачите од работен однос во јавниот сектор на Република Македонија, условите и начинот на остварување на правата и обврските од работен однос, како и начинот и постапката за решавање на меѓусебните спорови.

Во членот 2 е предвидено дека работодавачи во смисла на овој колективен договор се: органите на државната власт, јавните установи, заводите, агенциите, организациите и другите правни лица од јавниот сектор кои вработуваат работници и се финансираат од Буџетот на Република Македонија.

Според член 3 од Договорот работник во смисла на овој колективен договор е секое физичко лице кое засновало работен однос на неопределено или определено работно време, со полно, со пократко од полното работно време или со скратено работно време.

Во членот 4 од Договорот е предвидено дека овој колективен договор е задолжителен, односно ги обврзува сите работодавачи од членот 2 на овој колективен договор, работодавачи кои му пристапиле и сите работници кои во времето на склучувањето на колективниот договор биле или дополнително станале членови на синдикатите на Конфедерацијата на слободни синдикати на Република Македонија.

Овој колективен договор е задолжителен, односно ги обврзува и работниците членови на други синдикати и работодавачите, кои вршат дејност од јавен интерес кои дополнително по писмен пат ги известиле и добиле согласност од потписниците на договорот за пристапување кон овој колективен договор.

Според членот 5, пак, од договорот,со колективен договор на ниво на гранка, односно на ниво на работодавач и со договор за вработување можат да се утврдат поголеми права од правата утврдени со закон и колективен договор, ако тоа не е во спротивност со закон и овој колективен договор. Доколку со колективен договор на ниво на гранка, односно на ниво на работодавач, се утврдени помали права или понеповолни услови за работа од правата, односно условите за работа утврдени со овој колективен договор, се применуваат одредбите од овој колективен договор.

Во членот 6 е предвидено дека во случај на дискриминација согласно со Законот за работни односи, кандидатот за вработување или работникот има право да бара надомест на штета.

5. Судот во натамошната постапка утврди дека врз основа на член 203 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија 62/2005, 106/2008, 114/2009и 130/2009) и согласно член 5 од Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.10/2008 и 85/2009), Министерството за образование и наука на Република Македонија и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура склучиле Колективен договор за основно образование во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија “ бр.24/2009, 84/2009, 28/2010 и 39/2010).

Според член 1 од Колективниот договор,со овој колективен договор се уредуваат правата и обврските на работниците и работодавачите од работен однос во основното образование.

Овој колективен договор е задолжителен ,односно ги обврзува сите работодавачи од ставот 1 на овој член

Овој колективен договор е задолжителен, односно ги обврзува работниците членови на СОНК и на други синдикати кои дополнително по писмен пат ги известиле и добиле согласност од потписниците на овој договор за пристапување кон Колективниот договор за основно образование.

Според член 2 од договорот работодавач во смисла на овој Колективен договор е основно училиште.

Според оспорениот член 3 од Колективниот договор, работник во смисла на овој колективен договор е лице кое засновало работен однос во основното училиште и е член на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија.

Според член 4 од наведениот колективен договор со колективен договор на ниво на работодавач и со договор за работа може да се утврдат поголеми права утврдени со овој колективен договор, како и други права кои не се предвидени со овој колективен договор,ако тоа не е во спротивност со закон.

Доколку со колективен договор на ниво на работодавач некои од правата на работниците се утврдени понеповолно од правата што произлегуваат од овој Колективен договор, се применуваат одредбите од овој Колективен договор.

Овој колективен договор се применува и непосредно, доколку не е случен колективен договор на ниво на работодавач или со склучениот договор на ниво на работодавач не се опфатени сите права утврдени со овој колективен договор.

Во оспорениот член 99 од Колективниот договор е предвидено дека овој колективен договор се склучува на неопределено време.

6. Судот, исто така утврди дека врз основа на членот 203 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија 62/2005, 106/2008, 114/2009и 130/2009) и согласно член 5 од Општиот колективен довор за јавниот сектор на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“бр.10/2008 и 85/2009), Министерството за образование и наука на Република Македонија и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура склучиле Колективен договор за средното образование во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија “ бр.24/2009, 84/2009, 28/2010 и 39/2010).

Според член 1 од Колективниот договор, со овој колективен договор се уредуваат правата и обврските на работниците и работодавачите од работен однос во средното образование.

Овој колективен договор е задолжителен ,односно ги обврзува сите работодавачи од ставот 1 на овој член.

Овој колективен договор е задолжителен, односно ги обврзува работниците членови на СОНК и на други синдикати кои дополнително по писмен пат ги известиле и добиле согласност од потписниците на овој договор за пристапување кон Колективниот договор за средното образование.

Според член 2 од договорот работодавач во смисла на овој колективен договор е средно училиште.

Според оспорениот член 3 од Колективниот договор, работник во смисла на овој колективен договор е лице кое засновало работен однос во јавно средно училиште и е член на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија.

Според член 4 од наведениот колективен договор со колективен договор на ниво на работодавач и со договор за работа може да се утврдат поголеми права утврдени со овој колективен договор, како и други права кои не се предвидени со овој колективен договор,ако тоа не е во спротивност со закон.

Доколку со колективен договор на ниво на работодавач некои од правата на работниците се утврдени понеповолно од правата што произлегуваат од овој колективен договор, се применуваат одредбите од овој колективен договор.

Овој колективен договор се применува и непосредно, доколку не е склучен колективен договор на ниво на работодавач или со склучениот договор на ниво на работодавач не се опфатени сите права утврдени со овој колективен договор.

Во оспорениот член 96 од Колективниот договор е предвидено дека овој колективен договор се склучува на неопределено време.

7.Понатаму, Судот утврди дека врз основа на членовите 203 и 218 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 62/05, 106/08, 161/08, 114/09,130/09, 50/10, 52/10 и 124/10) и согласно со членот 5 од Општиот колективен договор за јавниот сектор на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 10/08 и 85/09), Министерството за труд и социјална политика и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија, на ден 18.2.2011 година, склучиле Колективен договор за јавните установи за деца во дејноста згрижување и воспитание на децата и во дејноста одмор и рекреација на децата.

Во членот 1 од наведениот колективен договор е предвидено дека со овој Колективен договор (во натамошниот текст: Договор) се уредуваат правата и обврските на работниците и работодавачите од работен однос во дејноста згрижување и воспитание на децата и во дејноста одмор и рекреација на децата.

Според член 2 од договорот „Работодавач“ во смисла на овој Договор е јавна установа за деца во дејноста згрижување и воспитание на децата и во дејноста одмор и рекреација на децата (во натамошниот текст: детска градинка и детско одморалиште).

Работодавач во смисла на овој договор може да биде и приватна детска градинка и приватно детско одморалиште кои дополнително по писмен пат ги известиле потписниците на договорот за пристапување кон овој колективен договор (во натамошниот текст: Договор).

Според член 3 став 1 од договорот „Работник“ во смисла на овој договор е секое физичко лице кое е во работен однос на неопределено или определено работно време, со полно, со пократко од полното работно време и со скратено работно време, врз основа на склучен договор за вработување во детска градинка, односно во детско одморалиште.

Во оспорениот член 3 став 2 е предвидено дека овој договор се применува непосредно и е задолжителен за работодавачите и работниците кои го склучиле и работниците кои во времето на склучување биле или дополнително станале членови на Самостојниот синдикат за образование наука и култура (во натамошниот текст: СОНК).

Во членот 4 од договорот е предвидено дека доколку со колективен договор на ниво на работодавач се утврдени помали права или понеповолни услови за работа од правата, односно условите за работа утврдени со овој договор, се применуваат одредбите од овој договор.

Со колективен договор на ниво на работодавач може да се утврдат поголеми права од правата утврдени со овој договор, ако тоа не е во спротивност со закон.

Според член 5 овој договор се применува и непосредно доколку не е склучен колективен договор на ниво на работодавач или со склучениот колективен договор на ниво на работодавач не се опфатени сите права утврдени со овој договор.

8. Согласно член 32 од Уставот на Република Македонија, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со членот 37 од Уставот, е определено дека заради остварување на своите економски и социјални права, граѓаните имаат право да основаат синдикати. Синдикатитите можат да основаат свои сојузи и да членуваат во меѓународни синдикални организации. Со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на синдикално организирање во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, а според ставот 3 на истиот член од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Од изнесените уставни одредби, покрај другото, произлегува дека секој има право на работа, слободен избор на вработување, секое работно место е достапно секому под еднакви услови, и правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор, при што граѓаните на Република Македонија се еднакви пред Уставот и законите. Со други зборови, уставна обврска на законодавецот е при уредувањето на прашањата во врска со остварувањето на правата, обврските и одговорностите на работникот и работодавачот од работниот однос, вклучително и правото на соодветна заработувачка и право на платен дневен, неделен и годишен одмор, граѓаните да ги става во еднаква правна положба.

Правото на синдикално здружување на работниците, што значи и негово делување, произлегува од самиот Устав (член 37), а воедно и во Законот за работни односи (член 184) е транспонирана уставната одредба за правото на работниците по свој слободен избор, да основаат синдикат и во него да се зачленуваат, заради застапување, претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други поединечни и колективни интереси и тие можат да се основаат без какво било претходно одобрување.

Воедно, уставотворецот, при утврдување на економските права утврдил дека остварувањето на правата на вработените се уредуваат со закон и со колективни договори што подразбира дека формулацијата, “со закон”, наведува на заклучок дека тоа може да се стори со еден, но и со повеќе закони и колективни договори од соодветната област.

9. Со Законот за работни односи („Службен весник на Република Македонија” број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015, 27/2016 и 134/2016) се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување.

Според член 184 став 1 од Законот за работни односи, работниците имаат право, по свој слободен избор, да основаат синдикат и во него да се зачленуваат, под условите пропишани со статутот или правилата на тој синдикат. Синдикатот е самостојна, демократска и независна организација на работниците во која доброволно се здружуваат заради застапување, претставување, унапредување и заштита на своите економски, социјални и други поединечни и колективни интереси (став 2).

Според член 185 од Законот, поместен во делот „Доброволност на членство во синдикатот и здружението на работодавачите“, работникот ,односно работодавачот слободно одлучува за своето стапување и истапување од синдикатот, односно здружението на работодавачите.

Никој не смее да биде ставен во понеповолна положба поради членство или нечленство во синдикатот,односно здружението на работодавачите,односно учество или неучество во дејноста на синдикатот,односно здружението на работодавачите

Според член 186 став 2 од Законот за работни односи, активноста на синдикатот и на нивниот претставник не може да се ограничува со акт на работодавачот, ако таа е во согласност со закон и колективен договор.

Според член 203 од Законот, колективен договор се склучува како општ на ниво на Република, посебен на ниво на гранка односно оддел, согласно со Националната класификација на дејности и поединечен на ниво на работодавач.

Според член 208 став 3 од Законот, поединечниот колективен договор ги обврзува – важи и за работниците кај работодавачот кои не се членови на синдикат или на синдикатот – потписник на колективниот договор.

Во членот 206 од Законот е определено дека со колективните договори се уредуваат правата и обврските на договорните страни кои го склучиле тој договор, а може да содржи и правни правила со кои се уредува склучувањето, содржината и престанокот на работните односи и други прашања од работните, односи или во врска со работните односи. Правните норми содржани во колективниот договор се применуваат непосредно и се задолжителни за сите лица на кои, во согласност со одредбите на овој закон, се применува колективниот договор.

Со член 210 став 1 од Законот, се определува дека колективен договор склучуваат работодавачот или репрезентативното здружение на работодавачите и репрезентативниот синдикат.

Во член 212 став 4 од Законот, утврдени се условите за определување на репрезентативност на синдикатот, при што репрезентативен синдикат на ниво на гранка, односно оддел е синдикат кој е запишан во регистарот кој го води министерството надлежно за работите од областа на трудот и во кој се зачленети најмалку 20% од бројот на вработените во гранката ,односно одделот и кои плаќаат членарина.

Министерот надлежен за работите од областа на трудот, ја утврдува репрезентативноста на синдикат на предлог од Комисија за утврдување на репрезентативноста (член 213-а), за што донесува решение за репрезентативност (член 213-г став 2), кое може да се обжали до второстепена надлежна комисија, а и да се води управен спор пред надлежен суд против решението со кое е одлучувано по жалбата (член 213-г ставови 3 и 4).

Со членот 217 од Законот, се определени страните за склучување на колективниот договор за гранка, односно оддел, при што посебниот колективен договор за гранка односно оддел го склучуваат репрезентативниот синдикат и репрезентативното здружение на работодавачи на ниво на гранка, односно оддел.

Во членот 226 од Законот за работните односи е определено дека колективен договор може да се склучи на определено време за период од две години, со можност за продолжување, со писмена согласност на страните на договорот.

Од анализата на Законот за работните односи, како lex generalis, произлегува дека со него се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување и работниот однос се уредува со овој закон кој ги пропишува основните, односно минималните права и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување, при што со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а ако содржат такви одредби, се сметаат за ништовни. Со договорот за вработување, односно со колективен договор може да се одредат правата, кои за работниците се поповолни, отколку што ги определува овој закон. Правата од работниот однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземаат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот.

Тргнувајќи од анализата на наведените уставни одредби и одредбите од Законот за работните односи наспрема наводите од иницијативата дека со оспорениот член 3 став 2 од Колективниот договор за јавните установи за деца во дејноста згрижување и воспитание на децата и во дејноста одмор и рекреација на децата „Овој договор се применува непосредно и е задолжителен за работодавачите и работниците кои го склучиле и работниците кои во времето на склучување биле или дополнително станале членови на Самостојниот синдикат за образование наука и култура (во натамошниот текст: СОНК)“,дека според оспорениот член 3 од Колективниот договор за основното образование во Република Македонија „Работник во смисла на овој колективен договор е лице кое засновало работен однос во основното училиште и е член на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија ( во натамошниот текст:СОНК), дека оспорениот член 99 од наведениот колективен договор овој колективен договор се склучува на неопределено време“,како и дека оспорениот член 3 од од Колективниот договор за средното образование во Република Македонија „Работник“ во смисла на овој колективен договор е лице кое засновало работен однос во основното училиште и е член на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија ( во натамошнопт текст:СОНК) и дека во оспорениот член 96 од наведениот колективен договор било предвидено дека „Овој колективен договор се склучува на неопределено време“ се повредувале уставните и законските одредби кои се однесувале на правото на слободно здружвање во синдикат се неосновани.

Ова од причина што во конкретниов случај се работи за колективни договори на ниво на гранка кои согласно член 205 став 3 од Законот за работните односи се применуваат непосредно и кои се задолжителни за работодавачите и работниците кои во времето на склучување или дополнително станале членови на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија (СОНК), при што наведените колективни договори се склучени од страна на репрезентативен синдикат и надлежните министерства, односно Министерство за труд и социјална политика на Република Македонија и Министерството за образование, наука и култура на Република Македонија. Работниците кои членуваат во репрезентативниот синдикат согласно член 212 од Законот за работните односи, плаќаат членарина.

Според тоа, Судот оцени дека утвредните права и обврски во колективните договори ги опфаќаат и се однесуваат на членовите на овие синдикати,од каде барањето на подносителите на иницијативата дека правата утврдени со колективните договори на ниво на гранка да се однесуваат и за работниците кои се членови на друг синдикат или не се членови на ниту еден синдикат е неосновано.

Имено, подносителите на иницијативата како да стават знак на еднаквост помеѓу колективен договор на нио на гранка како посебен вид на колективен договор и поединечен колективен договор на ниво на работодавач. Имено, согласно член 208 став 3 од Законот за работните односи поединечниот колективен договор ги обврзува – важи и за работниците кај работодавачот кои не се членови на синдикат или на синдикатот – потписник на колективниот договор.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека дефинирањето на поимот „работник“ во оспорениот член 3 од Колективниот договор за основното образование во Република Македонија и оспорениот член 3 од Колективниот договор за средното образование според кои „Работник“ во смисла на наведените колективни договори е лице кое засновало работен однос во основното училиште или во јавно средно училиште и е член на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија ( во натамошниот текст:СОНК), има појаснувачки карактер и е во функција за работниците на кои се однесуваат и непосредно се применуваат колективните договори на ниво на гранка.

10.Во однос на наводите од иницијативата со кој се оспорува член 96 од Колективниот договор за средно образование според кој овој колективен договор се склучува на неопределено време, за кој Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.7/2012 од 20 март 2013 година, не повел постапка за оценување на законитоста, а предметната иницијатива не содржи основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 став 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата за наведениот член.

11.Оспорениот член 99 од Колективниот договор за основно образование има идентична содржина како и членот 96 од Колективниот договр за средно образование кој бил ценет од Уставниот суд на Република Македонија и за кој Судот не повел постапка за оценување на неговата согласност со Законот за работните односи.

Тргнувајќи од содржината на Законот за работните односи произлегува дека со колективен договор се уредуваат правата и обврските на договорните страни кои го склучиле тој договор, во врска со правата од работен однос, при што одредбите содржани во колективниот договор се применуваат директно и задолжителни се за сите лица на кои се однесува (член 206 од Законот). Исто така, законодавецот остава на договорните страни сами да го определат времето на важењето на колективниот договор, со тоа што, ако договорните страни одлучат да го склучат колективниот договор на определено време (член 226 став 1 од Законот), законодавецот ја уредува таа материја така што го определува времето на престанување на важењето (член 227 ставови 1 и 3 од Законот) и начинот на продолжување на колективниот договор-писмена согласност на договорните страни (член 226 од Законот) и спогодба која се склучува меѓу договорните страни најдоцна 30 дена пред истекот на важењето на колективниот договор, па одредбите од колективниот договор се применуваат до склучување на нов колективен договор (член 228 став 1 и 2 од Законот). Но, таквите законски одредби не значат дека колективните договори не може да се склучат на неопределено време.

Од друга страна, колективен договор склучен на неопределено време, како во конкретниот случај, не значи дека безконечно време во иднина важат правилата од колективниот договор и дека не можат да се менуваат, туку значи дека во моментот на склучувањето на Колективниот договор договорните страни не го ограничиле неговото време на важење, но можат да ги менуваат договорните правила во секое време кога ќе се согласат меѓу себе за тоа, како и кога ќе настанат промени на законските одредби кои се однесуваат на прашања опфатени со одредбите од Колективниот договор.Имајќи го предвид наведеното, Судот смета дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 99 од Колективниот договор за основно образование со наведените одредби од Законот за работните односи.

12.По однос на наводите од иницијативата дека со оспорените одредби од колективните договори не само што се повредувал Законот за работните односи,туку и Законот за спречување и заштита од дискриминација Судот исто така оцени дека се неосновани.

Ова од причини што Законот за работни односи содржи низа одредби во насока на заштита на работниците поради нивното синдикално здружување заради делување и членување во синдикати. Законот за работни односи забранува ставање на некој во понеповолна положба поради членување или нечленување во синдикатот, односно здружението на работодавачите, односно учество или неучество во дејноста на синдикатот, односно здружението на работодавачите (член 185 став 2 од Законот за работни односи). Исто така, членот 186 кој се однесува на заштита на синдикатот и здружението на работодавачите, уредува неможност, синдикатот, односно здружението на работодавачите да бидат распуштени или нивната дејност запрена по административен пат, ако се основани и дејноста ја вршат во согласност со закон, ниту да се ограничи активноста на синдикатот и на нивниот претставник со акт на работодавачот, ако таа е во согласност со закон и колективен договор.

Во рамките на Законот за работни односи се уредени одредби кои се однесуваат и на судска заштита на членските права. Имено според член 196 од Законот, член на синдикатот, односно здружението на работодавачите може да бара судска заштита во случај на повреда на неговите права утврдени со статутот или другите правила на синдикатот, односно здружението. Уредени се и одредби (член 197) кои се однесуваат на судска заштита на правото на здружување, а и одредби со кои се забранува нееднакво постапување поради синдикално членство или активности (член 198), ниту пак работодавачот, директорот или некој друг орган и застапникот на работодавачот, не смеат да користат присила против кој било синдикат (член 198 став 3).

13.Според Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2013, 44/2014, 150/2015, 31/2016 и 21/2018) се забранува секоја директна или индиректна дискриминација, повикување и поттикнување на дискриминација и помагање во дискриминаторско постапување врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална и телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба или која било друга основа која е предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор (во натамошниот текст: дискриминаторска основа).

Во делот II. ОБЛИЦИ НА ДИСКРИМИНАЦИЈА од Законот, поднасловот „Директна и индиректна дискриминација“, во членот 6 е предвидено:
(1) Директна дискриминација врз дискриминаторска основа е секое неповолно постапување, разликување, исклучување или ограничување кое како последица има или би можело да има одземање, нарушување или ограничување на еднаквото признавање или уживање на човековите права и основни слободи, споредено со третманот кој го има или би можело да го има друго лице во исти или слични услови.
(2) Индиректна дискриминација врз дискриминаторска основа е секое ставање на некое лице или група во неповолна положба во споредба со други лица, со донесување очигледно неутрални одредби, критериуми или со преземање на определени практики, освен кога таквите одредби, критериуми или практики, произлегуваат од оправдана цел, а средствата за постигнување на таа цел се соодветни и неопходни.

Имајќи го предвид наведното, Судот оцени дека во конкретниов случај не може да стане збор за повреда на правата од синдикалното организирање и дискриминација по овој основ од причини што работниците кои се членови на гранковиот синдикат и имаат одредени права наспрема работниците кои не се членови на тој синдикат не се во иста или слична положба.

14.Врз основа на наведеното,Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

15.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.74/2018
21.11.2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски