Решение У.бр.54/2017

У.бр.54/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 21 ноември 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 383 став 4 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (“Службен весник на Република Македонија” број 169/2015, 226/2015, 55/2016 и 11/2018).

2. Дарко Јанкуловски, адвокат од Битола, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот, означен во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата оспорената одредба од Законот била спротивна на член 8 став 1 алинеи 3 и 4, Амандманот XXI со кој се заменува членот 15 од Уставот и членот 50 од Уставот на Република Македонија. Уставот ја гарантирал двостепеноста при сите видови на постапки, но со постапката од оспорениот член 383 став 4 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, едноставно не постоела можност за никаква правна заштита. Имено, доколку полицискиот службеник врз основа на своите овластувања констатирал прекршок и издал платен налог, сторителот на таквиот прекршок имал можност истиот да го плати или да регистрира негативни бодови, а во спротивно мандатниот платен налог ќе добиел сила на извршна исправа и полицискиот службеник имал право да го поднесе до органот надлежен за извршување. Од тие причини оспорената законска одредба била противуставна и со неа се нарушувало владеењето на правото, односно сторителите немале никаква можност за правен лек или друг вид на правна заштита, од кои причини се предлага укинување или поништување на оспорениот член 383 став 4 од наведениот закон.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 383 став 4 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, ако сторителот доброволно не ја плати глобата од ставот (1) на овој член или во рок од 30 дена не ја донесе возачката книшка заради регистрирање на негативни бодови согласно со ставот (3) на овој член, мандатниот платен налог има сила на извршна исправа и полицискиот службеник ќе го достави до органот надлежен за присилно извршување за негово извршување.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото, е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според Амандманот XX со кој се дополнува членот 13 од Уставот, за прекршоците определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања. Против конечна одлука за прекршок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредени со закон.

Според Амандманот XXI со кој се заменува членот 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Според член 50 став 2 од Уставот, се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Членот 383 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата е сместен во делот од Законот посветен на прекршочните одредби.

Според член 383 став 1 од Законот, кога полицискиот службеник ќе утврди дека е сторен прекршок за кој со овој закон е предвидено издавање на мандатен платен налог, на сторителот на прекршокот ќе му врачи мандатен платен налог во кој се наведени битните елементи на дејствието од кое произлегува правното обележје на прекршокот, лично име, адреса и единствен матичен број на граѓанинот, ако се работи за странец и број на патната исправа и држава, а за правно лице, назив, седиште и даночен број, местото и времето на сторување на прекршокот, правната квалификација на прекршокот, износот на глобата, број на сметката за плаќање, правна поука, како и други податоци во согласност со закон, со рок од осум дена од денот на врачувањето на мандатниот платен налог да ја плати глобата во определениот износ. Покрај предлогот сторителот да ја плати глобата во мандатниот платен налог се утврдува дека место глобата на сторителот може во рок од 30 дена да му се запишат негативни бодови.

Според член 383 став 2 од Законот, ако сторителот на прекршокот ја плати предвидената глоба во рок од осум дена од денот на врачувањето на мандатниот платен налог, е должен веднаш со истиот да приложи и банкарска или поштенска уплатница за извршената уплата на уплатна сметка во рамките на трезорската сметка, во полициска станица, односно полициско одделение кој го издал мандатниот платен налог или во најблиската полициска станица, односно полициско одделение или на друг начин пропишан со посебен пропис.

Според член 383 став 3 од Законот, ако сторителот на прекршоците од ставот (1) на овој член, доброволно не ја плати утврдената глоба во рокот утврден во ставот (1) на овој член, сторителот е должен во рок од 30 дена од истекот на законски предвидениот рок за плаќање на глобата, да ја донесе возачката книшка во полициска станица, односно полициско одделение за безбедност на патен сообраќај според местото на живеење, заради регистрирање на негативните бодови.

Според оспорениот член 383 став 4 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, ако сторителот доброволно не ја плати глобата од ставот (1) на овој член или во рок од 30 дена не ја донесе возачката книшка заради регистрирање на негативни бодови согласно со ставот (3) на овој член, мандатниот платен налог има сила на извршна исправа и полицискиот службеник ќе го достави до органот надлежен за присилно извршување за негово извршување.

Подносителот на иницијативата смета дека оспорениот член 383 став 4 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата е во директна спротивност со членот 50 од Уставот со кој се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања, како и на Амандманот XXI со кој се заменува членот 15 од Уставот, со кој се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд, како и дека правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Наведеното од причини што оспореното законско решение гледано во однос на наведените уставни одредби овозможувало изречената, а неплатена глоба, присилно да се наплати преку извршител, без претходна обезбедена можност лицето кое се товари за прекршок, да употреби правен лек или друг вид на правна заштита.

Во однос на овие наводи и причини за оспорување, според Судот, оспореното законско решение не е во спротивност со Амандманот XXI од Уставот, од причини што постапката за порамнување со издавање на мандатен платен налог, подразбира дека сторителот се согласил со наплаќање на изречената глоба, поради што отпаѓа можноста за правно средство (приговор или жалба).

Исто така Судот смета дека со оспореното законско решение не се повредува уставно загарантираната судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања од членот 50 од Уставот, поради следното:

Одредбите содржани во глава XI. Прекршочни одредби од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, законодавецот ги уредил согласно обврската за усогласување на тие одредби со одредбите од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија” број 124/2015), кој е системски закон.

Дел втори од Законот за прекршоците, е посветен на забрзаните постапки во кои спаѓаат постапките за порамнување и постапките за спогодување, кои постапки се соодветно уредени во повеќе материјални закони меѓу кои е и Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, чиј член 383 став 4 е опфатен како оспорен со предметната иницијатива.

Со членот 47 од Законот за прекршоците се уредува дека целта на забрзаните постапки е постигнување на согласност на сторителот на прекршокот и надлежните органи овластени за поведување на прекршочна постапка за отстранување на штетните последици на сторениот прекршок и спречување на повторно вршење на прекршоци и поради тоа избегнување на водење прекршочна постапка пред надлежниот суд, односно прекршочен орган (став 1). Надлежните државни органи овластени за поведување на прекршочна постапка се должни да му предложат на сторителот на прекршокот една од забрзаните постапки, пред да поднесат барање за поведување на прекршочна постапка, ако тоа е определено со закон (став 2).

Видовите на забрзани постапки се уредени со членот 48 од Законот за прекршоците.

Со членот 48 став 1 од Законот за прекршоците, се предвидени два вида на забрзани постапки за порамнување и тоа мандатна постапка со издавање на мандатен платен налог и постапка за издавање на прекршочен платен налог.

Со членот 49 од Законот за прекршоците, се уредени дејствијата во постапката за порамнување пред издавање на мандатен платен налог и прекршочен платен налог.

Според член 49 став 1 од Законот за прекршоците, кога овластениот орган за поведување на прекршочна постапка ќе констатира прекршок составува записник во кој ги забележува битните елементи на дејствието од кое произлегува правното обележје на прекршокот, времето, местото и начинот на сторувањето на прекршокот, описот на дејствието и лицата затекнати на самото место, како и дава предлог за порамнување со издавање на мандатен односно прекршочен платен налог. Записникот го потпишува овластено службено лице и сторителот.

Според член 49 став 2 од Законот за прекршоците, по исклучок од ставот 1 од овој член, ако овластеното службено лице прекршокот го утврди лично или го утврди со употреба на соодветни технички средства и направи, односно со податоци од службена евиденција записникот го потпишува само овластеното службено лице.

Според член 49 став 3 од Законот за прекршоците, доколку во постапката на сторителот му бил издаден мандатен, односно прекршочен платен налог, тоа ќе се забележи во записникот за констатиран прекршок.

Тргнувајќи од погоре цитираните законски одредби, Судот не наоѓа повреда на членот 50 од Уставот според кој се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања, бидејќи чинот на издавање на мандатен платен налог е дејствие кое следи доколку предлогот за порамнување, со издавање на мандатен платен налог, е прифатен од страна на сторителот на прекршокот со цел да се избегне водење на прекршочна постапка пред надлежен суд, односно пред надлежен орган за сторени прекршоци (член 47 од Законот за прекршоците).

5. Имајќи го предвид погоре изнесеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на член 383 став 4 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата со одредбите на Уставот на кои се повикува подносителот со иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.54/2017
21 ноември 2018 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски