Решение У.бр.29/2015-1

У.бр.29/2015-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 47 алинеја 1 и член 71 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 14 ноември 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста на членот 175 од Законот за електронските комуникации (“Службен весник на Република Македонија” број 39/2014, 188/2014, 44/2015 и 193/2015).

2. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесената иницијатива од Новица Наков од Скопје, со Решение У.бр.29/2015 од 21 јуни 2017 година, поведе постапка за оценување на уставноста на членот од Законот, означен во точката 1 од Решението, затоа што пред Судот, со основ се постави прашањето за неговата согласност со одредбите на Уставот.

3. На седницата на Судот, одржана на 27.09.2017 година, се гласаше по предлогот за одлучување по предметот, меѓутоа поради некомплетен состав на Судот заради истекување на мандатот на судија на Уставниот суд, не се постигна одлука, од кои причини Судот заклучи, одлучувањето по предметот да се одложи за една од наредните седници до комлетирање на составот на Судот.

4. Меѓувремено во текот на постапката Судот утврди дека Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 30 јануари 2018 година, донело Закон за изменување и дополнување на Законот за електронските комуникации, објавен на 2 февруари 2018 година во “Службен весник на Република Македонија” број 21/2018.

Исто така, Судот утврди дека со членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за електронските комуникации, членот 175 од Законот е избришан, а од членот 6 од измените и дополнувањата на Законот, Судот утврди дека овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе започне да се применува со денот на започнувањето на примената на Законот за следење на комуникациите.

Судот утврди и дека Законот за следење на комуникациите е донесен од Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 12 април 2018 година, а објавен на 19 април 2018 година во “Службен весник на Република Македонија” број 71/2018. Од членот 80 од Законот за следење на комуникациите, Судот утврди дека, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе започне да се применува најдоцна до 1 ноември 2018 година.

Согласно член 47 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја запре постапката ако во текот на постапката законот, другиот пропис или општ акт престанале да важат, а не наоѓа основи за оценување на нивната уставност, односно уставност и законитост во време на важењето.

Имајќи предвид дека во текот на постапката, со Закон за изменување и дополнување на Законот за електронските комуникации (“Службен весник на Република Македонија” број 21/2018), оспорениот член 175 од Законот за електронските комуникации, е избришан, како и имајќи предвид дека со започнувањето на примената на новиот Закон за следење на комуникациите (“Службен весник на Република Македонија” број 71/2018), оспорениот член 175 од Законот за електронските комуникации, престана да важи и не е повеќе во правниот поредок, Судот утврди дека се настапени условите од член 47 алинеја 1 од Деловникот за запирање на постапката.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.29/2015
14 ноември 2018 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски