Решение У.бр.41/2018

У.бр.41/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 ноември 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 78 од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија” бр. 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 149/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011,11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 20/2015, 33/2015, 72/2015, 129/2015, 27/2016 и 120/2018).

2. Лилјана Кочоска од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата самиот наслов на членот 78 бил во спротивност со содржината на истиот. Имено, насловот гласи: „Понуда на променет договор пред отказ“, а во содржината на член 78 став 1 се наведува ….. „во случајот кога работодавачот го откажува договорот за вработување и на работникот истовремено му предлага склучување на нов променет договор за вработување“. Поточно, во насловот стоело “Понуда на нов променет договор пред отказ”, а во ставот 1 од членот 78 всушност било обратно напишано и стоело дека прво се откажува договорот за вработување, а потоа се нудел променет договор за вработување, што според иницијативата, се работело за класична уцена, а не понуда.

Според одредбите од Законот за работните односи престанокот на работниот однос со отказ на договорот за вработување значел престанок на правната важност на истиот, односно од тој момент тој веќе не предизвикувал правна последица за договорните страни. Оттука, врз основa на тоа што се утврдува понуда на нов променет договор, со тоа истиот нема правна важност и не можел да биде основ за „нов“ променет договор за вработување.

Според наводите во иницијативата не можело работник да добие отказ доколку не го прифати новиот променет договор за вработување од причини кои биле јасно наведени во член 28-а став 4 од Законот, а тоа се: „Измените на договорот за вработување можат да бидат извршени ако и двете страни се договорат за истото, што значи ако не се договорат работникот и работодавачот, останува да важи договорот за работа кој бил на сила пред предлогот за измени. Оттука, според иницијативата, членот 78 бил во целосна колизија со член 29-а став 4, со што се повредувале принципот на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните.

Основите за престанок на работен однос биле децидно наведени во членот 62 од Законот за работните односи, во кои, меѓу другите не спаѓал и отказ поради неприфаќање на нов променет договор.

Поради наведените причини се предлага, Уставниот суд да го укине оспорениот член од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 78 од Законот:

(1) Одредбите на овој закон што се однесуваат на откажување на договорот за вработување, се применуваат и во случајот кога работодавачот го откажува договорот за вработување и на работникот истовремено му предлага склучување на нов променет договор за вработување.
(2) Работникот мора да се изјасни за новиот променет договор за вработување во рок од 15 дена од денот на приемот на понудата.
(3) Ако работникот во случајот од ставот (1) на овој член ја прифати понудата на работодавачот, нема право на отпремнина поради престанување на претходниот договор за вработување, а го задржува правото да ја оспорува пред надлежниот суд одлуката за промена на договорот за вработување.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните како негов составен дел.

Според членот 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјалната обезбеденост за време на привремена невработеност. Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Секој вработен има право на соодветна заработувачка. Секој вработен има право на платен, дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат. Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Законот за работните односи ги уредува работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување. Работниот однос се уредува со овој и со друг закон, колективен договор и договорот за вработување (член 1).

Според член 5 став 1 точка 1 од Законот, „работниот однос“ е договорен однос меѓу работникот и работодавачот, во кој работникот доброволно се вклучува во организираниот процес на работа кај работодавачот, за плата и други примања, лично непрекинато ја извршува работата според упатствата и под надзор на работодавачот.

Во член 12 став 4 од Законот за работните односи се предвидува дека правата од работен однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот.

Според членот 28-а од Законот, кој е поместен во поднасловот: “Измена на договорот за вработување” се предвидува дека измени на договорот за вработување можат да бидат предложени од страна на работодавачот или од страна на работникот. Измените на договорот за вработување се вршат со анекс на договорот за вработување. Анексот на договорот за вработување се склучува во иста форма како и договорот за вработување, согласно со закон. Измените на договорот за вработување можат да бидат извршени ако и двете страни се договорат за истото..

Во членот 62 од Законот, кој е поместен во точката со наслов: „Начини на престанување на важноста на договорот за вработување“, децидно се наведува во кои случаи договорот за вработување престанува, а тоа се:

1) со изминување на времето за кое што бил склучен,
2) со смрт на работникот или работодавачот (физичко лице),
3) поради престанување на работодавачот согласно со закон,
4) со спогодбено раскинување,
5) со отказ,
6) со судска пресуда, и
7) во други случаи утврдени со закон.

Оспорениот член 78 од Законот е поместен во точката со наслов: „Понуда на нов променет договор пред отказ“.

Членот 78 од Законот предвидува:

(1) Одредите на овој закон што се однесуваат на откажување на договорот за вработување, се применуваат и во случајот кога работодавачот го откажува договорот за вработување и на работникот истовремено му предлага склучување на нов променет договор за вработување.
(2) Работникот мора да се изјасни за новиот променет договор за вработување во рок од 15 дена од денот на приемот на понудата.
(3) Ако работникот во случајот од ставот (1) на овој член ја прифати понудата на работодавачот, нема право на отпремнина поради престанување на претходниот договор за вработување, а го задржува правото да ја оспорува пред надлежниот суд одлуката за промена на договорот за вработување.

Тргнувајќи од анализата на наведените уставни и законски норми vis a vis наводите во иницијативата, Судот оцени дека истите се неосновани, од следниве причини:

Правата од работен однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор на можат да се одземаат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот.

Согласно член 28-а став 4 од истиот закон, измените на договорот за вработување можат да бидат извршени ако и двете страни се договорат за истото.

Согласно член 62 од Законот за работните односи, договорот за вработување престанува да важи: со изминување на времето за кое што бил склучен со смрт на работникот или работодавачот (физичко лице); поради престанување на работодавачот согласно со закон, со спогодбено раскинување, со отказ, со судска пресуда и во други случаи утврден со закон.

Согласно членот 78 од Законот одредбите на овој закон што се однесуваат на откажување на договорот за вработување, се применуваат и во случајот кога работодавачот го откажува договорот за вработување и на работникот истовремено му предлага склучување на нов променет договор за вработување.

Притоа, работникот има обврска да се изјасни за новиот, променет договор за вработување во рок од 15 дена од денот на приемот на понудата. Доколку работникот ја прифати понудата на работодавачот, нема право на отпремнина поради престанување на претходниот договор за вработување, а го задржува правото да ја оспорува пред надлежниот суд одлуката за промена на договорот за вработување.

Согласно членот 78 од Законот, откажувањето на постојниот договор за вработување и истовремено нудење на работникот на нов, променет договор, според Судот, е правна ситуација која исклучува дискриминираност на која се повикува подносителот на иницијативата. Имено,истовременоста на откажување на постојниот и нудењето на нов, променет договор за вработување овозможува продолжување на заштитата на работникот по основ на новиот договор и едновремено продолжување на работниот однос. Исто така, во овој случај, постои правна можност, односно сигурност, за работникот, преку судска заштита да бара преоценување на оправданоста на доставувањето на нов, променет договор за вработување.

Со потишувањето на новиот договор, според судот, се обезбедува конзистентност на работиот однос, а од друга страна, доколку се докаже неоснованоста на променетиот договор во соодветна постапка пред надлежен орган, работникот ќе се стекне и со право да биде вратен на претходното работно место и да му се надомести штетата настаната со промената.

До состојба на отказ на работникот, односно до престанок на работниот однос, согласно оспорениот член од Законот, ќе дојде само доколку работникот не го потпише новиот договор за вработување. Наводите на подносителот на иницијативата за злоупотребата на новиот променет договор како правна алатка за уцена за работникот да потпише нов договор за вработување со помала плата,според Судот, е погрешно толкување на материјалното право бидејќи ваквите промени во договорите се прават согласно член 28-а со потпишување на анекс на договорот со вклученост на двете договорни страни. Фактички, ова значи дека нудењето на нов, променет договор е наменет за случаите кога постои правна основаност, односно причина за промена на постојниот договор за вработување, што е поблага форма од давањето на директен престанок на работниот однос, а во сите други случаи, постоечкиот договор за вработување се менува со анекс. Почнувањето на нов, променет договор за вработување значи можност работникот да го продолжи работниот однос кај истиот работодавач, во ситуации кога се исполнети условите за откажување на постоечкиот договор за вработување, но пред се членот 78 од Законот се применува кога има откажување на договорот за вработување од деловни причини, како една од можностите за олеснување на последиците од престанокот на работниот однос од деловни причини.

Согласно наведеното, при понудата на нов, променет договор за вработување секогаш останува правото на преиспитување на основаноста за нудењето на нов променет договор и понатаму, со правото на судска заштита, дадено во член 78 став 3, се обезбедува заштита на интересите на работниците од работниот однос, заштита на достоинството, односно се обезбедува функционалност на слободата на трудот, како уставно загарантирани права во членот 32 од Уставот на Република Македонија.

Врз основа на направената уставно – судска анализа, Судот оцени дека оспорениот член од Законот за работните односи не може да се доведе под сомнение на однос од одредбите од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите:Насер Ајдари, Елена Гошева,д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.41/2018
7 ноември 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски