Одлука У.бр.31/2017

У.бр.31/2017-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 3 октомври 2018 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за УЗ 1 блок 1.2 и блок 1.4 и УЗ 3 дел од блок 3.4. Општина Охрид, плански период 2009-2014, бр.07-6092/40 од 30.06.2014 година, донесена од Советот на Oпштина Охрид („Службен гласник на Oпштина Охрид“ бр.7/2014).

2. СЕ СТАВА ВОН СИЛА решението за запирање од извршување на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

3. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Уставниот суд на Република Македонија по поднесената иницијатива од Тито Денковски од с. Бајловце, Куманово, преку полномошник – адвокат Златка Денковска од Скопје, со Решение У.бр.31/2017 од 27 јуни 2018 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за УЗ 1 блок 1.2 и блок 1.4 и УЗ 3 дел од блок 3.4. Општина Охрид, плански период 2009-2014, бр.07-6092/40 од 30.06.2014 година, донесена од Советот на Oпштина Охрид („Службен гласник на Oпштина Охрид“ бр.7/2014).

5. Судот на седницата утврди дека согласно член 1 од одлуката се донесува детален урбанистички план за УЗ 1 блок 1.2 и блок 1.4 и УЗ 3 дел од блок 3.4, Општина Охрид, плански период 2009-2014.

Во членот 2 од Одлуката се предвидува дека со овој урбанистички план се опфаќа простор со површина од 42.76 ха. Просторот на планскиот опфат по детален урбанистички план за УЗ 1блок 1.2 и блок 14 и УЗ 3 дел од блок 3.4, Општина Охрид, плански период 2009-2014 е опфат на границите: ул. „Илинденска”, ул.”Кирил и Методиј”, ул. “Абас Емин”, ул. „бул. Туристичка”, ул. „Пирин Планина“, дел од улица :Васил Стефоски”, река Грашница и Охридско Езеро.

Согласно членот 3 од Одлуката деталниот урбанистички план за УЗ 1 блок 1.2 и блок 1.4 и УЗ 3 дел од блок 3.4 , Општина Охрид плански период 2009-2014 изработен од ДПУП “ПОЛОГ ПРОЕКТ-ПРО” ДОО Гостивар, со технички број 11/03 содржи планиран развој – текстуален дел и графички прилог, како и документациона основа со текстуален дел и графички прилози.

Со член 4 од Одлуката се предвидува дека деталниот урбанистички план за УЗ1 блок 1.2 и блок 1.4 и УЗ 3 дел од блок 3.4, Општина Охрид плански период 2009-2014, се заверува со печат и потпис на претседателот на Општина Охрид.

Во членот 5 од Одлуката се предвидува дека Деталниот урбанистички план за УЗ 1 блок 1.2 и блок 1.4 и УЗ 3 дел од блок 3.4, Општина Охрид плански период 2009-2014, се чува , следи и реализира во секторот за урбанизам и управување со градежно земјиште.

Според членот 6 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на Општина Охрид”.

6. Во текот на претходната постапка, Судот ја утврди следната фактичка состојба

– Програма за изработка на ДУП за УЗ 1 блок 1.2 и блок 1.4 и УЗ 3 дел од блок 3.4 бр.09-682/6 од 20.11.2008 година,
– Програма за изработка на урбанистички планови за Општина Охрид во 2010 година бр.07-3458/6-1 од 29.12.2009 година.
– Планска програма израаботена од изработувачот, заверена со печат и потпис на градоначалникот, јануари 2014 година (во регистерот со предлог план),
– Предлог план ДУП за УЗ 1 блок 1.2. и блок 1.4 и УЗ 3 дел од блок 3.4, општин Охрид предлог план 2008-2018, со тех.бр.11/03 од декември 2013 година,
– Извештај од извршена стручна ревизија од страна на „Урбан“ доо Охрид од декември 2007 година.
– Одговор на сручна ревизија од декември 2008 година.
– Стручно мислење изготвено од Министерството за транспорт и врски бр.16-480 од 3.02.2009 година.
– Одговор на стручното мислење од февруари 2009 година
– Одлука за утврдување Нацрт-ДУП за УЗ 1 УВ 1.2, 1.4 и 3.4 Охрид 2008-2013 бр.07-472/3 од 26.02.2009 година,
– Решение за организирање јавна анкета и јавна презентација бр.09-275/4 од 03.03.2009 година,
– Соопштение за организирање јавна анкета и јавна презентација од 09-275/5 од 03.03.2009 година со:
– Потврда од соопштението во два медиуми,
– покани до правни лица за учество во јавната презентација
– Синтезниот прилог од Нацрт планот бр.09-275/7 од 11.03.2009 година,
– Решение за формирање комисија за изработка на извештај од спроведената јавна анкета и јавна презентација бр.09-275/15 од 7.05.2009 година,
– Записник од јавната презентација по планот бр.09-275/15 од 13.03.2009 година.
– Извештај од спроведената јавна анкета и јавна презентација 09-275/16 од 7.05.2009 година,
– Извештај од спроведената јавна анкета и јавна презентација 09-275/16 од 7.05.2009 година,
– Известување за постапување по Извештајот од спроведената јавна анкета и јавна презентација бр.18-150/13 од 17.01.2014 година,
-Заклучок (произнесување) од Комисијата во однос на член 24 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, бр.15-150/14 од 30.01.2014 година,
– Анекс на Заштитно конзерваторки основи за културно наследство од НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј Охрид бр.13-1537/5 од 22.11.2013 година (во регистерот со предлог план),
– Решение за одобрување на Анекс на Заштитно конзерваторски основи за културно наследство, издадено од Министерство за култура на Република Македонија – Управа за зашита на културното наследство, бр.17-976 од 6.12.2013 година,
– Мислење од Министерството за култура бр.17-4039/2 од 31.12.2013 година,
– Мислење од Министерство за животна средина и просторно планирање бр.11-816/2 од 27.01.2009 година,
– Мислење од Министерство за животна средина и просторно планирање бр.08-3310/2 од 5.04.2012 година,
– Мислење од Министерство за одбрана бр.17/2-75/25 од 26.04.2011 година,
– Мислење од Министерство за внатрешни работи бр.31-2668/2 од 6.04.2011 година,
– Мислење од Дирекција за заштита и спасување, Подрачна единица Охрид, бр.10-100/2 од 4.04.2011 година,
– Мислење од ЕВН Македонија – кец Охрид бр.21-399/2 од 31.01.2014 година,
– Мислење од Р.Е.Проаква Охрид, бр.09-345/2 од 31.01.2014 година,
– Мислење од ЈП „Нискоградба Охрид“ бр.09-345/2 од 31.01.2014 година,
– Мислење од Македонски Телеком, бр.19-28684/1 од 4.02.2014 година,
– Барање на согласност од Министерството за транспорт и врски бр.18-150/12 од 21.01.2014 година,
– Согласност издадена од Министерство за транспорт и врски бр.14-1526/2 од 31.01.2014 година,
– Одлука на Совет на град Охрид бр.07-6092/40 од 30.06.2014 година.

7. Согласно член 8 став 1 алинеите 3 и 10 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се утврдени како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичко планирање се уредени со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” број 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/10, 18/11, 53/2011 и 144/2012).

Постапката за донесувањето на оспорената одлука отпочнала по влегувањето во сила на актуелниот Закон за просторно и урбанистичко планирање од 2005 година, па оттука анализата на правната и фактичката состојба се врши во однос на одредбите од Законот од 2005 година со неговите измени и дополнувања заклучно со последната измена и дополнување на Законот од 2011 година, односно според одредбите од Законот што важел во време на донесувањето на предметниот урбанистичкиот план вон населено место.

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во глава II од Законот за просторно и урбанистичко планирање како “Планирање на просторот”, во која се содржани членовите од 7-48 од Законот.

Co членот 7 од овој закон се утврдени видовите планови кои се донесуваат во зависност од просторот кој е предмет на планирање, и тоа: просторни планови во кои спаѓа Просторен план на Република Македонија и урбанистички планови во кои спаѓаат генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место.

Според членот 13 од Законот, урбанистички план вон населено место се донесува по потреба за плански опфат, за подрачја на општините кои не се опфатени со генералните урбанистички планови и со урбанистичките планови за село. Со овој план се уредува намената и начинот на користење на просторот, како и условите за градење на комплекси и градби вон од градовите и другите населени места (став 1).

Урбанистички план од ставот 1 на овој член содржи текстуален дел и графички прикази на планските решенија, како и нумерички дел со билансни показатели за планираните површини и градби според намената и за инфраструктурата (став 2).

Графичките прикази од ставот 2 на овој член содржат: граница на планскиот опфат и намена и начин на користење на просторот, а за комплекси и градби треба да содржат намена на земјиштето и градбите, регулациони линии, парцелација на градежното земјиште, површини за градење на градби определени со градежни линии, максимална висина на градбите изразена во метри до венец, планско решение на примарната и секундарната сообраќајна мрежа со нивелманско решение и плански решенија на сите примарни и секундарни комунални и телекомуникациски инфраструктури (став 3).

Текстуалниот дел од ставот 2 на овој член содржи: општи услови за изградба, развој и користење на земјиштето и градбите, посебни услови за изградба за поединечни градежни парцели, податоци за сообраќајните, комуналните и телекомуникациските инфраструктури, други параметри за спроведување на планот, стратешка процена на влијанието врз животната средина, мерки за заштита на културното наследство, природата и животната средина, мерки за заштита од разурнувања и друго (став 4).

Нумеричкиот дел од ставот 2 на овој член содржи: податоци за површините на градежни парцели, планираните површини за градење, максималната висина на градбите изразена во метри до венец, податоци за инфраструктурните водови и градби и друго (став 5).

Урбанистичкиот план вон населено место се донесува врз основа на издадени услови за планирање на просторот согласно со закон (став 6).

Податоците за постојната состојба, можностите за просторниот развој и програмските проекции за просторниот развој претставуваат документациона основа на урбанистичкиот план вон населено место, која е прилог на планот (став 7).

Урбанистичкиот план вон населено место во чијшто плански опфат постојат споменици, споменички целини, културни предели и други заштитени добра со статус на културно наследство, треба да содржат детални параметри за заштита на културното наследство (став 8).

Според членот 13-а од Законот, со урбанистичките планови од член 7 точка 2 алинеи 2, 3 и 4 на овој закон предмет на планирање може да биде и една градежна парцела, а може да се врши и нивно изменување и дополнување во рамките на една градежна парцела, доколку постои изградена сообраќајна секундарна инфраструктура, а според ставот 2 од наведениот член од Законот, во случаите од ставот 1 на овој член, урбанистичките планови се донесуваат во постапка утврдена во членот 24 од овој закон, а јавната анкета трае од најмалку пет до најмногу десет работни дена.

Cо членот 17 од Законот е уредено:

(1) За изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, општините и градот Скопје донесуваат годишна програма. Во годишната програма општините и градот Скопје можат да утврдат одредени планови заради економски развој на општината, да се донесат во постапка, пропишана во членот 24-а ставови (2), (3) и (4) на овој закон.
(2) Програмата од ставот (1) на овој член, општините и градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.
(3) Изработката на плановите од програмата од ставот (1) на овој член, се финансира од буџетот на општината и буџетот на градот Скопје.
(4) Градоначалникот на општината, односно градоначалниците на општините во градот Скопје формираат Комисија составена најмалку од три члена од кои еден архитект со овластување за изработка на урбанистичките планови и две стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, која дава мислење на нацрт плановите од членот 7 точка 2 на овој закон и дава предлог до градоначалникот за одобрување на локална урбанистичка планска документација. Градоначалникот на градот Скопје формира Комисија составена најмалку од пет члена од кои двајца архитекти со овластување за изработка на урбанистичките планови и три стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, која дава мислење на нацртот на Генералниот урбанистички план на градот Скопје. Во комисијата формирана од градоначалникот на општината, односно градоначалниците на општините во градот Скопје е потребно најмалку еден член да не е лице вработено во општинската администрација, а во комисијата формирана од градоначалникот на градот Скопје најмалку два члена да не се лица вработени во администрацијата на градот Скопје.
(5) Заради ефикасно спроведување на политиката на планирање и уредување на просторот, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје се должни да обезбедат стручно следење на спроведувањето на плановите и да извршат согледување за степенот на реализација на плановите, заради подготвување на Програма за изработка на урбанистички планови.
(6) За обезбедување на стручност и јавност во процесот на просторното и урбанистичкото планирање советот на општината и Советот на градот Скопје формира партиципативно тело кое ги пренесува ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и правните лица, ги следи состојбите во планирањето преку давање иницијативи, насоки и сугестии за изготвување на плански решенија за соодветната општина и градот Скопје. Партиципативното тело се состои од: претставници од советот, стручно лице од општинската администрација, истакнати стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, претставници од здруженија на граѓани и граѓани од подрачјето на општината. Бројот на претставниците се утврдува со статутот на општината и Статутот на градот Скопје и не може да биде поголем од десет члена.
(7) Изработката на плановите од програмата од ставот (1) на овој член можат да ја финансираат и заинтересирани правни и физички лица чиишто програмски барања и подрачја на интерес се прифатливи за општината и градот Скопје.

Со членот 21 од Законот е определено:

(1) На нацртот на плановите од членот 7 на овој закон се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.
(2) Стручна ревизија на планот од членот 7 точка 1 на овој закон, врши стручна комисија што ја формира министерот кој раководи со органот на државна управа надлежен за работите од областа на просторното планирање и се состои од најмалку три члена од стручно-научни институции, истакнати научни и стручни работници од областа на просторното и урбанистичко планирање и од други области суштествени за изработка на планската документација.
(3) Стручна ревизија на плановите од член 7 точка 2 на овој закон финансирани од Буџетот на Република Македонија, и на државната урбанистичка планска документација врши стручна комисија што ја формира министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот. Стручната комисија се состои од најмалку три члена, од кои најмалку двајца се со овластување за носител на изработка на урбанистички планови.
(4) Стручна ревизија на плановите од член 7 точка 2 на овој закон финансирани од буџетот на општините и буџетот на градот Скопје и на локалната урбанистичка планска документација, врши овластено правно лице од член 18 став (1) на овој закон, определено од градоначалникот на општината или градоначалникот на градот Скопје.
(5) Забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија, до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапувањето по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.
(6) Стручна ревизија не може да врши изработувачот на планот на кој се врши ревизија.
(7) Доколку изработувачот и донесувачот на урбанистичките планови од членот 7 точка 2 на овој закон, на државната и локалната урбанистичка планска документација и на проектот за инфраструктура, не ги прибават потребните податоци и информации согласно со членот 29 од овој закон, на истите не може да се врши стручна ревизија.

Во член 22 став 1 на овој закон се утврдува дека плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.

Со членот 24 на овој закон е определено:

(1) По нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета.
(2) Организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот (1) на овој член, го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од комисијата од членот 17 став (4) на овој закон.
(3) За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај.
(4) За организирањето на јавна презентација и јавна анкета општината е должна писмено да ги извести субјектите од членот 29 на овој закон. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок субјектите од членот 29 на овој закон како и сите заинтересирани физички и правни лица можат да достават забелешки и предлози по нацртот на планот, на анкетни листови. Доколку во овој рок субјектите од членот 29 на овој закон не достават забелешки и предлози, ќе се смета дека немаат забелешки и предлози на планското решение.
(5) Јавната презентација и јавната анкета од ставот (1) на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа.
(6) Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината.
(7) Извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот (1) на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.
(8) Извештајот од ставот (6) на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот.
(9) Врз основа на извештајот, комисијата од ставот (6) на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.
(10) Доколку комисијата од став (7) на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацртот на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета.
(11) Времето и местото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во најмалку две јавни гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот.

Согласно член 25 став 1 од Законот, на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, изработени во форма на нацрт на план се дава мислење од комисијата од член 17 став (4) на овој закон, заради согледување на степенот на усогласеноста на плановите со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Според ставот 2 на овој член од Законот, на плановите од член 7 точка 2 на овој закон изработени во форма на предлог план согласност дава органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека постапката за изработување на предлог планот е спроведена согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Според ставот 3 од истиот член од Законот, согласноста од ставот (2) на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на донесувачот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на согласноста не одговори во наведениот рок, ќе се смета дека согласноста е издадена.

Во ставот 4 на членот 25 од овој закон, се предвидува дека по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.

Според ставот 5 од погоре наведениот член од Законот, градоначалникот на општината е должен најдоцна 15 дена по добивање на согласноста од ставот (2) на овој член да го достави предлогот на планот до советот на општината, а советот е должен во рок од 15 дена од приемот на предлогот на планот да го стави на седница и да одлучи по истиот.

Според членот 26 став 5 од Законот, советите на општините со седиште во град донесуваат: генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место.

Со членот 28 став 5 од Законот е определено дека “измени и дополнувања на плановите и делови од плановите од членот 7 на овој закон се вршат по истата постапка пропишана за нивно донесување”.

Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Во конкретниот случај Советот на Општина Охрид, ја донел оспорената одлука, а во постапката за нејзино донесување ги презема дејствијата кои се децидно наведени во делот за фактичката состојба.

Од анализата на погоре цитираните уставни и законски одредби произлегува дека локалната самоуправа е темелна вредност на уставниот поредок на државата – изразен преку алинеја 9 на став 1 од член 8 на Уставот на Република Македонија, која е во целост издвоена од државниот апарат, со надлежности утврдени со Уставот и со законите.

Прашањата поврзани со урбанизмот и просторното планирање на општините во најголем дел се предмет на уредување во Законот за просторно и урбанистичко планирање, но и во Законот за локалната самоуправа, Законот за заштита на културното наследство, а со оглед на фактот што во случајов се работи за градот Охрид од суштинско значење е и регулативата уредена во Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион и Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење.

Имено, според членот 1 став 1 од Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење, старото градско јадро на Градот Охрид, кое претставува споменична целина, се прогласува за културно наследство од особено значење, поткатегорија – големо значење.

Имено, според членот 1 став 1 од Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење, старото градско јадро на Охрид, кое претставува споменична целина, се прогласува за културно наследство од особено значење, поткатегорија – големо значење.

Во ставот 2 од истиот член од Законот се определува целта и она што ќе се овозможи и постигне со прогласување на споменичната целина Старо градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење.

Ставот 3 на членот 1 од наведениот закон предвидува дека споменатата целина „Старо градско јадро на Охрид“ настанала во периодот од IV век пред нашата ера до XXI век, како културно наследство од особено значење, е добро од општ интерес за Република Македонија и ужива посебна заштита во согласност со овој закон, Законот за заштита на културното наследство и Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион и друг закон.

Во членот 2 од Законот се предвидува дека споменичната целина „Старо градско јадро на Охрид“ се наоѓа на подрачјетона Општината Охрид и го зафаќа просторот со следниве координати: – најисточна точка У 41,110582о, х20,8062,59о, – најјужна точка У 41,109430о, х 20,804770о, најзападна точка У 41,114546о, х 20,787277о и најсеверна точка У 41,119025о, х 20, 790586о, највисока точка (794 м. надморска височина) У 41,115360о, х 20,7913300 и со вкупна површина од 85ха, 08а 74 м2.

Во член 5 ставовите 1 и 2 од Законот се определени законските обврски на Агенцијата за катастар на невижности, а во ставот 3 на истиот член од Законот е определено дека принципите на заштитеното подрачје од ставот 1 на овој член, не можат да се менуваат со просторен урбанистички план, ниту со друг вид акт, освен со акт за заштита или акт за промена во согласност со прописите за заштита на културното наследство.

Член 7 став 1 и член 8 став 1 од Законот, децидно ги набројува градежните и другите дејствија кои не смеат да се преземаат во Старото градско јадро на Охрид.

Имено во член 8 став 1 точка 2 од овој Законот, децидно се наведува дека во контактната зона на Старото градско јадро на Охрид не смее да се предвидуваат новоградби и сообраќајници, како и да се вршат други градежни работи без да се извршат археолошки истражувања на просториите за кои има сознание дека постојат археолошки локалитети.

Од извршениот увид во документацијата, Судот утврди дека со оспорената Одлука за донесување на конкретниот Детален убавнистички план се предвидува нова градба без претходно да бидат извршени археолошки истражувања, како што предвидува член 8 став 1 точка 2 од Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење. Имено, видно од приложените писмени докази Дозвола за археолошко истражување УП.бр.08-65 од 13.02.2017 година бр.02-350/1 од 22.02.2017 година и Програма за сондажни археолошки истражувања на КП.15669/3, КО Охрид Општина Охрид, неспорно произлегува дека оспорениот Детален урбанистички план е донесен во постапка која не е во согласност со позитивната законска регулатива, односно истиот е донесен без почитување на сите фази од постапката, меѓу кои е и претходно археолошко истражување кое е составен дел со оглед дека станува збор за дел кој се однесува на заштитено добро- Античкиот театар и неговите граници.

Управата за заштита на културното наследство во текот на 2007 година, односно со Известување бр.12-1897/2 од 28.09.2007 година дава известување дека предметната парцела е целосно археолошки истражена, а од Дозволата за археолошки истражувања УП.бр.08-65 од 13.02.2017 година, Решението бр.02-350/1 од 22.02.2017 година и Програмата за сондажни археолошки истражувања на КП.15669/3, КО Охрид 3, Општина Охрид неспорно произлегува дека неопходните археолошки истражувања се извршени во 2017 година, односно 3 години по донесување на оспорениот Детален урбанистички план, што значи дека при донесување на оспорената Одлука за Деталниот урбанистички план не се почитувале сите фази на постапката, вклучувајќи ги постапката од Законот за прогласување на старото градско јадро на Охрид за културно наледство од особено значење, поточно член 8 став 1 точка 2 од истиот.

Според Судот, оспорената Одлука за донесување на Деталниот урбанистички план за У.31 брок 1.2 и Блок 1.4 и УЗ 3 дел од брок 3 Општина Охрид плански период 2009-2014 година, е донесена на 30 јуни 2014 година, и тоа за период од 2009-2014, а Анексот на заштитно-конзерваторските основи за Деталниот урбанистички план за Прва урбана единица се донесени во текот на 2013 година, што значи дека, покрај другите фази од постапката неопходно е овие заштитни-конзерваторски основи да се донесат по претходно извршено археолошко истражување на предметното подрачје што е лоцирано на границата на зашитеното добро- Антички театар, што со конкретната оспорена одлука не е сторено.

Донесувањето и објавување на оспорената одлука во ситуација кога не била дадена дозвола за археолошко истражување на делот од Деталниот урбанистички план кој претставува споменична целина и културно наследство во смисла на наведените законски одредби, според Судот, значи дека оспорената одлука била донесена без почитување на сите фази од постапката што претставува суштествен недостаток во постапката за планирање, поради што Одлуката основано може да се доведе под сомнение по однос на нејзината уставност во смисла на член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, што се однесува на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, како и по однос на нејзината согласност со наведените законски уредувања по однос на фазите на постапката за нејзино донесување.

Ова, дотолку повеќе што на предметната парцела немало извршена археолошки истражувања, бидејќи Управата за заштита на културното наследство нема документација дека биле извршени археолошки истражувања, туку напротив видно од известувањето бр.03-3114/2 од 25.08.2017 година издадено од Управата за заштита на културното наследство неспорно се утврдува дека Управата за културно наследство нема издадено Дозвола за археолошко истражување во споменична целина – заштитно добро – Стар дел на градот Охрид во периодот од 2005 и 2006 врз основа на која би бил поднесен и Извештај од археолошки истажувања. Оттука, јасно произлегува дека надлежните органи на Општина Охрид и пред донесувањето на Одлуката и пред нејзиното објавување во службено гласило на општината, во ситуација на недостаток на погоре наведениот писмен доказ, односно отсуство на дозвола за археолошко истражување од надлежната институција, ја донеле и објавиле оспорената одлука.

Од наведените аргументи, Судот оцени дека во целост се основани сите укажувања во поднесената иницијатива по однос на фазите на постапката за донесување на оспорената одлука vis a vis сите наведени законски одредби поради што оспорената одлука не е во согласност со Уставот на Република Македонија, Законот за локална самоуправа, Законот за прогласување на Старото градско јадро на градот Охрид за културно наследство од особено значење, како и со Законот за заштита на културното наследство.

8. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

9. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.31/2017
3 октомври 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски