Одлука У.бр.136/2017

У.бр.136/2017-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 9 јули 2018 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт С3 19 (Влае 2), помеѓу бул. “Партизански oдреди”, ул. “Ацо Шопов”, ул. „Војвода Васил Чакаларов” (Циборовски) и река Вардар, Општина Карпош-Скопје, донесена од Советот на Општина Карпош-Скопје, број 09-6118/4 од 12.07.2016 година, објавена во „Службен гласник на Општина Карпош”, број 9/2016.

2. Оваа одлука произведува правно дејсто од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод поднесената иницијатива од Татјана Чакулев од Скопје, со Решение У.бр.136/2017 од 22 мај 2018 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот акт, означен во точката 1 од Одлуката.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот акт со Уставот и законите.

4. Судот на седницата утврди дека Советот на Општина Карпош-Скопје, донел Одлука за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт С3 19 (Влае 2), помеѓу бул. “Партизански oдреди”, ул. “Ацо Шопов”, ул. „Војвода Васил Чакаларов” (Циборовски) и река Вардар, Општина Карпош-Скопје, број 09-6118/4 од 12.07.2016 година, објавена во „Службен гласник на Општина Карпош”, број 9/2016.

5. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 43 од Уставот, секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина.

Со Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ број 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013, 163/2013 и 42/2014), се уредуваат условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање (член 1).

Според член 7 став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето, се донесуваат следниве планови:

1) Просторен план на Република Македонија и
2) урбанистички планови:
– генерален урбанистички план,
– детален урбанистички план,
– урбанистички план за село и
– урбанистички план вон населено место.

Во конкретниот случај, Советот на Општина Карпош, донел Одлука за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт С3 19 (Влае 2), помеѓу бул. “Партизански oдреди”, ул. “Ацо Шопов”, ул. „Војвода Васил Чакаларов” (Циборовски) и река Вардар, Општина Карпош-Скопје, број 09-6118/4 од 12.07.2016 година, објавена во „Службен гласник на Општина Карпош”, број 9/2016.

Според членот 15-в од Законот за просторно и урбанистичко планирање:

(1) Донесувачот на урбанистичките планови од членот 7 точка 2 од овој закон, државната урбанистичка планска документација, локалната урбанистичка планска документација, урбанистичко-планската документација за туристичка развојна зона и урбанистичко-планската документација за автокамп е должен во рок од три работни дена од денот на одобрувањето на планската програма од членот 15-а од овој закон, да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето на оцената на начин и постапка пропишани со Законот за животната средина.

(2) Доколку органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина во рок од 15 дена од приемот на одлуката со која е одлучено да не се спроведува стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, формуларите и другите придружни документи утврдени со Законот за животната средина, не донесе решение со кое го задолжува донесувачот на урбанистичкиот план, односно урбанистичко-планската документација да спроведе стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето, не се спроведува стратегиска оцена.

Според член 65 став 6 од Законот за животна средина („Службен весник на Република Македонија“ број 53/2005, 81/2005, 24/2007, 159/2008, 83/2009, 48/2010, 124/2010, 51/2011, 123/2012, 93/2013, 187/2013, 42/2014, 44/2015, 129/2015, 192/2015 и 39/2016), органот кој го подготвува планскиот документ е должен да донесе одлука за спроведување или одлука за неспроведување на стратегиска оцена во која се образложени причините за спроведувањето, односно неспроведувањето согласно со критериумите утврдени во прописот од ставот (4) на овој член.

Според ставот 10 на членот 65 од Законот за животна средина, органот што го подготвува планскиот документ во рок од пет дена од денот на донесувањето на одлуката од ставот 6 на овој член, заедно со формуларите од ставот 20 на овој член е должен да ги објави на својата веб-страница на начин пропишан со актот донесен согласно со член 61 став 8 од овој закон.

Според ставот 11 на членот 65 од Законот за животна средина, против одлуката од ставот 6 на овој член, јавноста има право на жалба во рок од 15 дена од денот на нејзиното објавување на веб-страницата на органот кој го подготвува планскиот документ, до министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина кога одлуката ја носи градоначалникот на општината, општината во Градот Скопје или градоначалникот на Градот Скопје, односно до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен кога одлуката ја носи орган на државната управа.

Во текот на постапката за изработување на деталниот урбанистички план, градоначалникот на Општина Карпош, повикувајќи се на член 65 став 6 од Законот за животна средина („Службен весник на Република Македонија“ број 53/2005, 81/2005, 24/2007, 159/2008, 83/2009, 48/2010, 124/2010 и 51/2011), донел Одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз влијанието на луѓето, број 34-1866/27 од 30.10.2015 година.

Во точката 1 од Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена, се наведува дека за планскиот документ Детален урбанистички план за Четврт С3 19, помеѓу бул. “Партизански Одреди”, ул. “Ацо Шопов”, ул. „Војвода Васил Чакаларов” (Циборовски) и река Вардар, Општина Карпош-Скопје, кој се носи согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање, не е потребно да се спроведе стратегиска оцена за влијанието врз животната средина согласно член 65 од Законот за животна средина.

Во точката 2 од Одлуката, е наведено дека Одлуката, заедно со формуларите за определување на потребата од спроведување односно неспроведување на стратегиска оцена се објавува на веб-страната на Општина Карпош www.karpos.gov.mk.

Во точката 3 од Одлуката, е наведено дека согласно критериумите за определување на тоа дали еден плански документ има влијание врз животната средина од член 65 став 4 од Законот за животната средина и врз основа на податоците од прилог 2 на Правилникот за формата, содржината и образецот на одлуката за спроведување односно неспроведување на стратегиска оцена и на формуларите за потребата од спроведување односно неспроведување на стратегиска оцена, донесувањето на планскиот документ Детален урбанистички план за Четврт С3 19, помеѓу бул. “Партизански одреди”, ул. “Ацо Шопов”, ул. „Војвода Васил Чакаларов” (Циборовски) и река Вардар, Општина Карпош-Скопје нема да има влијание врз животната средина од следните причини: бидејќи со планскиот документ кој се донесува има цел усогласување со ГУП на Град Скопје како и рационално користење на земјиштето, се дефинираат и оформуваат урбанистички парцели, со што се решаваат имотно-правните работи на сопствениците од катастарските парцели, намената на земјиштето нема да трпи промени.

Според точката 4 од истата одлука, против оваа одлука може да се поднесе жалба до градоначалникот на Општина Карпош во рок од 15 дена од денот на објавување на одлуката на веб-страната.

Секторот за просторно и урбанистичко планирање и проектирање при Општина Карпош, со писмо број 34-1866/29 од 30.10.2015 година, се обратил до надлежното Министерство за животна средина и просторно планирање, со барање на мислење по Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена.

Министерството за животна средина и просторно планирање со допис број 15-8298/2 од 13.11.2015 година, одговорило на барањето, наведувајќи дека ја прифаќа Одлуката на Општината за неспроведување на Стратегиска оцена за влијание на животната средина и формуларот, со посочување дека Одлуката заедно со формуларот задолжително се објавува на веб-страната на органот кој го подготвува и носи планскиот документ.

Со иницијативата се оспорува уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на предметниот план, со наводи дека доносителот на оспорениот акт, не постапил по законската обврска за објавување на Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз влијанието на луѓето, број 34-1866/27 од 30.10.2015 година.

Општина Карпош-Сектор за урбанизам, во одговорот на наводите во иницијативата, број 47-8524/4 од 01.12.2017 година, доставен до Уставниот суд, наведува дека предметниот детален урбанистички план бил изработен врз основа на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” број 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013, 163/2013 и 42/2014). Наведува и дека содржината на предметниот детален урбанистички план бил изработен согласно Генералниот урбанистички план на Град Скопје (2012-2022 година) донесен со Одлука на Советот на Град Скопје број 07-5058/1 од 03.12.2012 година, како и дека во постапката за донесување на Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 година (согласно кој бил изработен предметниот детален урбанистички план) била спроведена Стратегиска оцена за влијание на животната средина и добиени биле сите позитивни мислења од надлежните институции.

Во одговорот, понатаму се наведува дека Одлуката за неспроведување на стратегиска оцена (бр. 34-1866/27 од 30.10.2015 година) била истакната на огласната табла, јавно и транспарентно на увид на сите граѓани, во период од 15 дена, со што била запазена постапката за донесување на Деталниот урбанистички план.

Во конкретниот случај, во одговорот на Општина Карпош стои дека одлуката била истакната на огласна табла во период од 15 дена, но не се доставува доказ за објавување на одлуката на веб-страната на Општината, од кој датум тече законскиот рок за запознавање на јавноста и за поднесување на жалба на истата.

Од погоре наведените уставни и законски одредби произлегува дека владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата се темелни вредности на уставниот поредок на Републиката, во која смисла законодавецот со Законот за просторно и урбанистичко планирање пропишал прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Изработка на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз здравјето на луѓето е дел од постапката за донесување на плановите за просторно и урбанистичко планирање.

Во конкретниот случај доносителот на оспорениот акт, донел Одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијание врз животната средина и врз влијанието на луѓето, број 34-1866/27 од 30.10.2015 година, меѓутоа оваа одлука, заедно со соодветните формулари, не ја објавил на својата веб-страница, иако за тоа имал законска обврска.

Тргнувајќи од фактот дека објавувањето на одлуката за спроведување или за неспроведување на стратегиска оцена на веб-страната на Општината, е законски пропишана обврска при донесување на детален урбанистички план и дека против ваквата одлука јавноста има право на жалба во рок од 15 дена од денот на нејзиното објавување на веб-страницата на органот кој го подготвува планскиот документ, произлегува дека објавувањето на одлуката за спроведување, односно неспроведување на стратегиска процена на веб-страната на општината е дел од законски пропишаната постапка за донесување на детален урбанистички план, од кој зависи информирањето на јавноста и остварувањето на правото на правна заштита во областа на заштитата и унапредувањето на животната средина.

Оттука, необјавувањето на Одлуката на начин и постапка пропишани со Законот за животна средина, значи дека не е во целост запазена постапката за донесување на деталниот урбанистички план предвидена со Законот за просторно и урбанистичко планирање, што според Судот води кон повреда на начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

6. Имајќи го предвид погоре наведеното, Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со одредбите на член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот на Република Македонија, со член 15-в од Законот за просторно и урбанистичко планирање и со член 65 од Законот за животна средина.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.136/2017
9 јули 2018 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски