Издвоено мислење

Издвоено мислење по предметот У.бр.49/2018

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, по моето гласање против Решението У.бр.49/2018 донесено на 27 јуни 2018 година, за неповедување на постапка за оценување на уставноста на членот 37 од Законот за обука и испит за директор на основно училиште, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење („Службен весник на Република Македонија‟ бр. 10/2015, 145/2015, 192/2015 и 30/2016) го издвојувам и писмено го образложувам следното

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

Не се согласувам со ставот на мнозинството судии на Уставниот суд на Република Македонија дека не може да се постави под сомнение согласноста на оспорената одредба со член 8 алинеја 3, членот 9 и член 52 став 4 од Уставот, имено со владеењето на правото и забрана на повратно дејство на законите и кои со означеното Решение одлучија да не се поведе постапка за оценување на уставноста на членот 37 од Законот за обука и испит за директор на основно училиште, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење.

Оспорениот член 37 е преодна одредба која гласи:

„Кандидатите кои се стекнале со уверение за директор согласно прописите кои важеле до денот на отпочнувањето на примената на овој закон, должни се најдоцна до 1 септември 2018 година да го положат испитот за директор и да се стекнат со уверение за директор согласно одредбите од овој закон“.

Според член 52 ставови 3 и 4 од Уставот на Република Македонија: „Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето.
Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните“.

Од цитираните уставни одредби јасно и недвосмислено произлегува дека законите важат во иднина.

Меѓутоа, во конкретниот случај со оспорената одредба на новиот закон на лицата кои се стекнале со уверение за директор на законит начин врз основа на Законот за основното обрзование, Законот за средното образование, Законот за државниот испитен центар и другите закони од оваа област, како и врз основа на Правилникот за начинот на спроведувањето на испитот за директор, програмата за подготвување и полагање, како и формата и содржината на уверението за положен испит за директор, се задолжуваат повторно да го положат испитот за директор и да се стекнат со уверение за директор.

Притоа, нагласувам дека веќе стекнатите уверенија за положен испит за директор кои се издадени според претходно важечките прописи, се со неограничен рок на важење. Исто така, потребно е да се истакне дека трошоците за полагање на испит за директор според претходно важечките прописи, но и со новиот важечки закон, паѓа на товар на кандидатите.

Оттука, повеќе од очигледно е дека оспорената одредба има повратно дејство бидејќи е понеповолна за граѓаните.

Исто така, сметам дека во конкретниот случај оспорената одредба не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот според кој владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок бидејки истата одредба е непрецизна, нејасна и не ја гарантира правната сигурност на граѓаните кои ги стекнале своите права во согласност со важечките закони и други прописи.

Сметам дека оспорената одредба од новиот закон може да се проблематизира од аспект на тоа дали е во согласност со член 9 став 2 од Уставот според кој „Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви“. Ова поради тоа што принципот на еднаквост наложува еднакво постапување со еднаквите, односно со субјектите кои се во иста правна ситуација да се постапува на ист начин, а со субјектите кои се во различна правна ситуација, на различен начин.

Исто така, сметам дека оспорената одредба од Законот покрај тоа што не е во согласност со наведените уставни одредби истата е во директна контрадикторност и со членот 36 од новиот закон според кој се овозможува „Започнатите постапки за обука и полагање на испитот за директор до денот на отпочнување на примената на овој закон ќе завршат според одредбите на прописите по кои започнале“.

Оттука основано може да се постави прашањето за основаноста на оспорениот член 37 од Законот бидејќи со него се утврдува обврска кандидатите кои го положиле испитот за директор и се стекнале со уверение за директор согласно прописите кои важеле до денот на отпочнувањето на примената на овој закон, вклучително и кандидатите од членот 36 од Законот, повторно најдоцна до 1 септември 2018 година да го полагаат истиот испит, пред истиот орган, за повторно да го исполнат условот кој е предвиден за вршење на мандатот директор.

Имено обврската кандидатите повторно да го полагаат истиот испит според одредбите на новиот закон, создава правна ситуација според која новиот закон треба да се применува и на односи кои настанале и биле завршени пред неговото влегување во сила, а тоа значи дека оспорената одредба од Законот има ретроактивно дејство кое е неповолно за граѓаните, а што уставно не е можно односно е забрането.

По однос на ставот на Судот дека со членот 25 од новиот закон, законодавецот пропишал рок на важење на уверението за директор по истекот на кој кандидатот за директор кој не е избран треба повторно го полага испитот, сметам дека ваквиот став се должи на погрешна интерпретација на означената одредба. Имено, сметам дека законодавецот со оваа одредба само во еден случај пропишал кога престанува важноста на уверението на директор и тоа е доколку кандидатот за директор што го поседува не биде избран за директор во период од пет години од денот на издавањето на уверението. Тоа значи дека законодавецот не пропишал норма за престанок на стекнатите уверенија за директор во сите случаи. Инаку сметам дека и членот 25 (кој не беше оспорен во иницијативата на подносителот) од Законот би можело да се стави под сомнение за неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот бидејќи се повредува правната сигурност на граѓаните како елемент на владеењето на правото.

Исто така сметам дека при донесувањето на својата одлука Судот требаше да ја земе предвид постојната уставно-судска пракса по предметите У.бр.74/2014 од 29.06.2016 година и У.бр.110/2016 од 29.03.2017 година и во нив наведените ставови и образложенија кои можат да се применат на овој предмет, а во кои случаи Судот донел укинувачка односно поништувачка одлука.

Тргнувајќи од наведените правни аргументи, јасно произлегува дека Уставниот суд требаше да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 37 од Законот, а потоа да ја поништи оваа одредба поради несогласност со член 8 став 1 алинеја 3, членот 9 и член 52 став 4 од Уставот.

Судија на Уставниот суд
на Република Македонија
Јован Јосифовски

Решение У.бр.49/2018

Leave a Reply