Решение У.бр.155/2017

У.бр.155/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 2 мај 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 9 став 1 во делот: „и да не е член на други сродни здруженија со ЗВИ и СВИМ” од Статутот на Здружението на воени инвалиди на Тетово, бр.0101-008 од 13.02.2011 година, донесен од Собранието на Здружението на воени инвалиди -Тетово.

2. Марин Најдов од Тетово, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на дел од одредбата на членот од Статутот, означен во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата со оспорениот дел: „и да не е член на други сродни здруженија со ЗВИ и СВИМ”, се оневозможувало (забранувало) на граѓаните на Република Македонија слободно да се зачленуваат, односно да пристапуваат во и кон Здружението на воени инвалиди на Општина Тетово, само затоа што биле членови и на други сродни здруженија со ЗВИ и СВИМ. Тоа значело дека оспорениот дел од статутарниот член, забранувал и ограничувал членување не само за ЗВИ, туку и за СВИМ.

Со Статутот не се утврдувало кои се тие сродни здруженија со ЗВИ и СВИМ, како и од кои причини и тие членови не можеле да бидат членови, иако имале својство на воен инвалид. Тоа било парадокс, бидејќи доколку тие биле членови и на други сродни здруженија, дотолку подобро, бидејќи ќе дале поголем придонес во работата на Здружението на воените инвалиди поради нивното поголемо искуство.

Други сродни здруженија со ЗВИ и СВИМ биле Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста на Република Македонија и Сојузот на борците од НОБ 1941-1945 и граѓаните продолжувачи. Со член 20 став 4 од Уставот, се забранувале воените или полувоените здруженија што не им припаѓале на вооружените сили на Република Македонија, меѓутоа, боречката организација и воените ветерани од 2001 година, чиј член бил подносителот на иницијативата, не смеело да се третираат како непријателски организации. Тој смета дека оспорениот дел на членот од Статутот бил насочен дури кон нетрпеливост кон новите кандидати заинтересирани воени инвалиди, што не било добро и разумно од уставно-правен аспект.

Со членот 9 од Уставот, се забранувала и негирала дискриминацијата, привилегиите и повластувањата по основ на социјалното потекло и општествената положба. Меѓутоа со оспорениот дел на членот од Статутот, се дискриминирале членовите кои членувале во други здруженија сродни со ЗВИ и СВИМ, во однос на сите други граѓани во Република Македонија.

Оспорениот дел на членот од Статутот, создавал правна несигурност кај граѓаните, што било спротивно на начелото на владеењето на правото. Ова начело го обврзувал доносителот на Статутот да конципира прецизни, недвосмислени и јасни норми, а самата формулација на оспорениот дел на членот од Статутот не бил доволно прецизен и јасен и како таков не обезбедувал правна сигурност на граѓаните, како елемент на принципот на владеењето на правото, гарантирано со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Законите согласно член 51 од Уставот, морале да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој бил должен да ги почитува Уставот и законите.

Од наведените причини, оспорениот дел на членот од Статутот, не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, како и членовите 9, 20 и 51 од Уставот, поради што со иницијативата се предлага негово поништување, како и решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот дел на одредбата од Статутот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 9 став 1 од Статутот на Здружението на воени инвалиди (ЗВИ) на Тетово, членувањето во ЗВИ-Тетово е доброволно, врз основа на изразена желба, со пополнување на пристапница, кон која се приложува копија од решението на надлежниот орган на Република Македонија за постојана инвалидност, за утврден статус, степен и процент на инвалидитет и да не е член на други сродни здруженија со ЗВИ и СВИМ (Сојуз на воени инвалиди на Македонија).

Со иницијативата се оспорува член 9 став 1 во делот: „и да не е член на други сродни здруженија со ЗВИ и СВИМ” од Статутот.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 20 ставови 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања и граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Според член 110 алинеја 7 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните.

Од Статутот на Здружението на воени инвалиди од Тетово (член 1 став 4), произлегува дека ова здружение е здружено во Сојузот на воени инвалиди на Македонија (СВИМ). Со зачленувањето во ЗВИ-Тетово, воениот инвалид автоматски станува и член на СВИМ-Скопје, а со престанок на членство во СВИМ, му престанува и членството во ЗВИ-Тетово (член 10 став 2 од Статутот).

Според членот 7 од Статутот на Здружението на воени инвалиди (ЗВИ) на Тетово, член на здружение на воени инвалиди на Општина Тетово е државјанин на Република Македонија, на територијата на Општина Тетово на кого му е признат статус на воените инвалиди, со утврден инвалидитет од I до X група, со решение од надлежен државен орган на Република Македонија, врз основа на Законот за правата на воените инвалиди, на членовите на нивните семејства и на членовите на семејствата на паднатите борци („Службен весник на Република Македонија” број 13 од 15 март 1996 година).

Со член 9 став 1 од Статутот на Здружението на воени инвалиди (ЗВИ) на Тетово, се уредува дека членувањето во ЗВИ-Тетово е доброволно, врз основа на изразена желба, со пополнување на пристапница, кон која се приложува копија од решението на надлежниот орган на Република Македонија за постојана инвалидност, за утврден статус, степен и процент на инвалидитет и да не е член на други сродни здруженија со ЗВИ и СВИМ (Сојуз на воени инвалиди на Македонија).

Подносителот смета дека оспореното уредување: „и да не е член на други сродни здруженија со ЗВИ и СВИМ” на член 9 став 1 од Статутот, било спротивно на член 20 ставови 1 и 2 од Уставот, со кои се гарантирала слободата на здружување на граѓаните во здруженија и политички партии, како и слободното пристапување и истапување од истите. Подносителот бил член на Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста на Република Македонија, но иако имал желба да членува и во Здружението на воени инвалиди од Тетово, тоа не можел да го оствари поради воспоставениот услов со оспорениот дел на член 9 став 1 од Статутот на тоа здружение.

Од анализата на оспорениот дел од одредбата на членот од Статутот, произлегува дека кандидатот за член во ЗВИ-Тетово, покрај пристапницата и документацијата приложена кон истата за докажување на условите за членство во Здружението, потребно е и да не е член на други сродни здруженија со ЗВИ и СВИМ.

Со Статутот на Здружението е воспоставено правило за неможност од паралелно, односно истовремено членување и во други сродни здруженија со Здружението на воени инвалиди од Тетово и СВИМ.

Ваквата статутарна определба на Здружението, според која истовремено членство, не се овозможува кога се во прашање сродни здруженија со ЗВИ-тетово и СВИМ, според Судот, тоа не значи спречување на граѓаните да го остварат своето право на здружување во ова здружение, од причини што заинтересираните кандидати, тоа можат да го остварат со истапување од членство од сродното здружение, доколку се членови на такво здружение, со што би го исполниле условот за членување во конкретното здружение, поради што Судот оцени дека оспорениот дел содржан во одредбата на членот од Статутот, не е во спротивност со уставно загарантираното право на граѓаните слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Оспорениот дел: „и да не е член на други сродни здруженија со ЗВИ и СВИМ” на членот 9 став 1 од Статутот на ЗВИ-Тетово, подеднакво се однесува за сите граѓани кои сакаат да членуваат во Здружението на воени инвалиди од Тетово и секој кој ги исполнува условите за членство во Здружението, меѓу кои и оспорениот услов, слободно може да пристапи кон Здружението, од кои причини Судот оцени дека оспореното уредување не имплицира повреда на членот 9 од Уставот.

Од аспект на поставеното прашање со иницијативата „кои се тие сродни здруженија”, според Судот, оспореното уредување не може да се доведе под уставно сомнение во однос на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, имајќи предвид дека секое здружение има свои акти (статут и програма) со кои се утврдени целите на здружението и неговите програмски определби и дејствувања, преку кои се препознава меѓусебната сродност на здруженијата.

5. Имајќи го предвид погоре наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорениот дел на член 9 став 1 од Статутот, со одредбите на Уставот.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.155/2017
2 мај 2018 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply