Издвоено мислење

Издвоено мислење по предметот У.бр.133/2005

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Репуб­лика Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/ 1992), по моето гласање против Одлуката на Уставниот суд по предметот У.бр.133/2005 од 24.10.2007 година) со која се укинуваат поедини одредби и (означени) дело­ви од одредби од Законот за употреба на знамињата на заедниците во Репуб­лика Македонија („Службен весник на Република Македонија“, бр.58/2005), го издвојувам и писмено го образложувам моето

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

1. Уставниот суд на Република Македонија (понатаму: Уставниот суд), подржано од мнозинство судии (сите од македонска етничка припад­ност) донесе Одлука (по предметот У.бр.133/2005), со која се укинуваат поедини одредби од Законот за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија во означени делови и тоа:

– членот 4 во деловите: „и се мнозинство во таа единица на локална самоуправа“ и „постојано“;
– членот 5 во деловите: „и се мнозинство во таа единица на локална самоуправа“,„државните органи, јавните служби и правните лица осно­ва­ни од државата“ и „и други инфраструктурни објекти“;
алинеа 3 на членот 5 во делот: „и други“;
алинеа 4 и 5 на членот 5;
– членот 6 став 1 во делот: „и се мнозинство во таа единица на локална самоуправа“;
алинеата 1 во ставот 1 на членот 6 во деловите: „при меѓународни средби“ и „политички“;
алинеата 2 во ставот 1 на членот 6 во делот: „политички“; и
– членот 8 во делот: „а се мнозинство во таа единица на локална само­управа“ од Законот за употреба на знамињата на заедниците во Репуб­ли­ка Македонија („Службен весник на Република Маке­до­нија“, бр.58/2005).

2. Од значење е да се забележе дека расправата по наведеното пред­метно прашање во Уставниот суд се водеше низ неколку седници во продол­же­ние и прекинувања (под водство на првиот претседател од овој состав на Судот, а после и под водство на вториот по ред претседател) сй до седницата од 6 јуни 2007 година кога, исто така, со мнозинство гласови од судиите (сите од македонска етничка припадност), се донесе Решение за поведување постапка за оценување на уставноста на означените одредби и делови од Законот за знамињата на заедниците, а кои сега се укинуваат со Одлуката на Уставниот суд (У.бр.133/2005 од 24.10.2007 год.). Останатите, тројца судии (припадници од етничките заедници, по учество во расправата и изложувањето на уставно-правни аргументи во прилог на согласноста на Законот (како во целина така и во пединечни одредби) со Уставот на Република Македонија, гласаа против Решението за поведување постапка и конечно против Одлуката за укинување на наведените одредби од Законот. Ова се истакнува од причини што за прв пат судиите на Уставниот суд (во овој состав) се поделија според нивната етничка припадност, иако предмет на уставноправно оценување беше закон, кој според постапката за негово донесување е од специфична при­рода, така да во Собранието на Република Македонија е усвоен гла­сајќи за него преку двојно мнозинство, согласно со амандманот 10 од Уставот на РепубликаМакедонија.

3. Недвосмислено е дека Законот за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија е во потполна согласност со Уставот на Република Македонија и уставните амандмани, поблиску опишувано и преку самиот Уставно-правен основ за негово донесување, истакната во Образложението на Законот при постапката за негово донесување, а во најголем дел тоа е неизбежно констатирано и во образложението на сама­та Одлука на Уставниот суд со која се укинуваат поедини одредби и озна­чени делови од одредби.

Осврнувајќи се само по однос на прашањата засегнати со укинатите одредби од Законот, останувајќи во уверение дека Уставниот суд при самото третирање и анализа на одредбите го напуштил уставно-правниот аспект навлегувајќи истовремено во политичко и опортуно третирање на материјата.

Имено, нема никакво сомневање дека определбата на законода­вецот (како нормативна цел) изразена преку одредбата од член 4 да уреди дека (цитирам): „Во единиците на локалната самоуправа, во која живеат граѓани припадници на заедницата и се мнозинство во таа едини­ца на локална самоуправа, согласно членот 2 од овој закон, „пред и во објектите на органите на единицата на локалната самоуправа постојано се истакнати знамето на Република Македонија и знамето на таа заедница“ (завршен цитат, а подвлеченото во текстот се укинатите делови), според содржината во основа има опортуна (целообразна) димензија. Значи, ако сме согласни третирајќи ја одредбата од уставен аспект дека законода­вецот има право да со посебен закон го уредува прашањето на употреба и службено истакнување на знамињата на заедниците заедно со знамето на Република Македонија, (а согласни сме во тоа сите колеги во Уставниот суд), тогаш веќе прашањата од типот: „на кои места (објекти) ќе се истак­нуваат знамињата и како (повремено или постојано за време на државни и други празници и сл.) претставува политичко и опортуно односно таа е веќе опортуна определба на законодавецот. Од таму може да се третира­ат од политичко правен аспект овие прашања, како „стандарди“, но, тоа е веќе надвор од уставноправниот аспект на анализирање на одредбите, што значи дека одредбите и во тие делови се во согласност со Уставот. Заправо, не е на одмет да се примети дека спомнатиот стандард: „мнозин­ство“, политичката основа од опортун аспект ја има во Охридскиот Рамковен Договор (точка 7.1.). Инаку се согласувам дека законодавецот можел де се послужи и со друг полиберален стандард како што е на пример „јазичниот стандард за службена употреба (повеќе од 20% и сл.), кој исто така е уставна категорија, што секако дека, опортуно односно политичко-правно гледано би било посоодветно, и поиздржливо, како што можел и воопшто да не предвидува никаков стандард во уредувањето на прашањето на службено истакнување на знамињата, но сето тоа е право кое со Уставот на Република Македонија, е ставено во надлежност на Соб­ранието на Република Македонија, како носител на законодавна власт.

Меѓутоа, законодавецот во овој случај во согласност со Уставот, опортуно се определил за наведениот начин на уредување во одредбите од член 4 и 5 од Законот каде ги определил и објектите на који импе­ра­тивно се истакнува знамето на Република Македонија и знамето на заед­ницата. Овде значи имаме опортуна политчка димензија, а не уставно -правна димензија во анализа на наведените одредби.

Излишно е понатаму уставноправно да се аргументира прашањето по однос на делот „постојано или повремено“ и слично. Имено, ако законо­давецот има право да го уреди со закон прашањето на императивно истакнување на знамиња во јавниот и службениот живот и на кои места, тогаш кристално е јасно дека е опортуно „како ќе се истакнуват и кога ќе се истакнуват“ и може тоа да не е најсоодветно од целисходен опортун аспект, но тука нема уставен проблем, туку тоа е ствар на исклучива опре­делба на законодавецот, а не на Уставниот суд.

Според тоа, делот на одредбата од членот 5 која се однесува на определување на места и објекти каде треба да се истакната знамињата, покрај останатото и „пред и во објeктите на државните органи, јавните служби и правните лица основани од државата“ која со Одлуката на Уставниот суд се укинува, недвосмислено е дека во потполна согласност со Уставот, со оглед на изложениот аспект на третирање. Имено и објек­ти­те на институциите на единиците на локалната самоуправа преку локал­ната самоуправа како уставна категорија, се дел од политичкиот и устав­ниот систем на Република Македонија, а знамињата како симболи (било чии и било какви) не можат да се третираат како израз на сувере­нитет, како што се претендира индиректно да се допре од уставно-правен аспект Уставниот суд во образложението на наведената Одлука по предметот У.бр.133/2005,од 24.10.2007год.).

4. Од истите причини, третирајќи ги одредбите од членот 5 алинеа 4 и 5 и членот 6 алинеа 1 и 2 по однос на укинатите делови со наведената Одлука на Уставниот суд, длабоко сум убеден во гледиштето дека не се прашања од уставен аспект туку од опортун, политички аспект и заради тоа останувам во уверение дека Уставниот суд и тука пристапил кон поли­тичка анализа на одредбите а не уставноправно, за да на крај донесе и погрешна одлука и по однос на тие делови на одредбите од Законот за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија.

5. Поаѓајќи од изложеното, сметам дека Уставниот суд на Република Македонија, третирајќи ги пред сй од политички аспект, а не од уставно-правен аспект, назначените одредби и делови од одредби кои се укину­ваат со Одлуката по предметот, У.бр.133/2005 од 24.10.2007 година, е пренагласи својата надлежност утврдена во член 110 и 113 од Уставот на Република Македонија и затоа конечно по однос на тие одредби од Зако­нот за употреба на знамињата на заедниците во Република Македонија оценката на Уставниот суд според мене е уставно неоснована и како таква неиздржлива, а и политичко-правно штетна со оглед на чувствителната природата на материјата уредена со закон.

Заради сето тоа гласав против таквата одлука и го издвоив моето мислење.

Судија на Уставниот суд на Република Македонија
Д-р Бајрам Положани

Скопје, 24.10.2007

Одлука У.бр.133/2005

Leave a Reply