У.бр.133/2017-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 април 2018 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 2 став 1 во делот: „и исполнет нормиран учинок“ и ставовите 2, 3 и 4 и член 7-б ставови 1 и 3 од Законот за минимална плата во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/2012, 30/2014, 180/2014, 81/2015, 129/2015 и 132/2017).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива на Сојузот на синдикати на Македонија, застапуван од адвокатот Димитар Петровски од Скопје, со Решение У.бр.133/2017 од 21 февруари 2018 година поведе постапка за оценка на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека Законот за минимална плата во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 11/2012, 30/2014, 180/2014, 81/2015, 129/2015 и 132/2017) во членот 2 предвидел:
„(1) Минимална плата е најнискиот месечен износ на основна плата која работодавачот е должен да му ја исплати на работникот за работа извршена за полно работно време и исполнет нормиран учинок.
(2) Нормираниот учинок се утврдува од страна на работодавачот, секоја година, во февруари, врз основа на критериуми на ефикасност на производниот процес, утврдени од страна на работодавачот во соработка со работниците, а кои критериуми мора да се исти за секоја техничко-технолошка целина кај работодавач.
(3) Нормираниот учинок од ставот (2) на овој член треба да е остварлив за најмалку 80% од бројот на вработените за секоја техничко-технолошка целина, поодделно.
(4) Работодавачот е должен, на крајот на секој месец, на работникот да му издаде потврда за остварениот нормиран учинок, заедно со писмената пресметка на платата“.

Во членот 7-б ставови 1 и 3 од овој закон е предвидено:
„(1) Глоба во износ од 3000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на работодавач – правно лице ако:
– не утврди нормиран учинок (член 2 став 2) и – не издаде потврда за остварениот нормиран учинок (член 2 став 4).
(3) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице ќе му се изрече за прекршок од ставовите (1) и (2) на овој член на одговорното лице во правното лице“.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 9 од Уставот, граѓаните во Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уредување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 став 3 од Уставот, секој вработен има право на соодветна заработувачка, а во ставот 5 е определено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 58 став 1 од Уставот, сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето.

Во член 61 став 1 од Уставот е утврдено дека Собранието на Република Македонија е претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката.

Надлежностите на Собранието на Република Македонија се определени во членот 68 од Уставот. Според став 1 алинеја 2 од овој член од Уставот, Собранието на Република Македонија донесува закони и дава автентично толкување на законите.

Според член 88 став 1 од Уставот, Владата на Република Македонија е носител на извршната власт.

Надлежностите на Владата на Република Македонија се определени во членот 91 од Уставот. Според ставот 1 алинеја 1 од овој член од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршување на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување.

Согласно член 110 став 1 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективни договори со Уставот и законите.

6. Законот за минимална плата во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/2012), влегол во сила на 1 февруари 2012 година и во членот 1 го дефинирал предметот на негово уредување, според кој: „Со овој закон се утврдува висината на минималната плата, како и други прашања кои се однесуваат на минималната плата.
Со донесувањето на овој закон во 2012 година, членот 2 имал еден став кој гласел: „Минимална плата е најнискиот месечен износ на основна плата која работодавачот е должен да му ја исплати на работникот за работа извршена за полно работно време и исполнет нормиран учинок“.

Законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.132/2017) кој влегол во сила на 20.09.2017 година, извршил повеќе измени и дополнувања на одредбите од Законот за минимална плата.

Имено, со овој закон, во членот 2 по ставот (1) додадени се три нови ставови (2), (3) и (4) кои, освен ставот 1 и овие нови ставови на членот 2 се оспорени со иницијативата како нејасни и непрецизно нормирани правни категории кои не обезбедуваат загарантирана висина на минимална плата на работникот. Ова поради тоа што ставовите (2), (3) и (4) на членот 2 од Законот, предвидуваат:
„(2) Нормираниот учинок се утврдува од страна на работодавачот, секоја година, во февруари, врз основа на критериуми на ефикасност на производниот процес, утврдени од страна на работодавачот во соработка со работниците, а кои критериуми мора да се исти за секоја техничко – технолошка целина кај работодавачот.
(3) Нормираниот учинок од ставот (2) на овој член треба да е остварлив за најмалку 80% од бројот на вработените за секоја техничко – технолошка целина, поодделно.
(4) Работодавачот е должен, на крајот на секој месец, на работникот да му издаде потврда за остварениот нормиран учинок, заедно со писмената пресметка на платата“.

Со овој закон, членот 7-б е изменет и во ставовите 1 и 3 гласи: „ (1) Глоба во износ од 3000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на работодавач – правно лице, ако:
– не утврди нормиран учинок (член 2 став 2) и – не издаде потврда за остварениот нормиран учинок (член 2 став 4).
(3) Глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правно лице ќе му се изрече за прекршок од ставовите (1) и (2) на овој член на одговорното лице во правното лице“.

Со Законот се уредува дека работодавачот е должен да исплати на работникот најнизок месечен износ на основна плата но тој износ законски не е дефиниран како минимален износ на основна, нето плата. Со одредбите од членот 2 од Законот, се условува дека износот на минималната основна плата зависи, освен од извршената работа во полно работно време, и од исполнет нормиран учинок, што е норма во работата, која согласно Законот, ја утврдува работодавачот во рамки на своите дејности во процесот на работење и делување. Според Судот нејасно и непрецизно е регулирано во однос на тоа каква е формата и видот на соработката што работодавачот при утврдувањето на нормираниот учинок ќе ја остварел со работниците и дали таа соработка, која е спомената во овој член од Законот, во отсуство на прецизно нормирање, воопшто има влијание во однос на законското овластување на работодавачот да го утврдува нормираниот учинок во работата на работниците, што имплицира на декларативно, а не на суштинско учество на работниците по ова битно прашање, што во случајов Законот неделиво го поврзал со реализацијата на минимална основна плата што треба да им се исплати на работниците. Од друга страна спорно е и во однос на тоа дека со условот за исполнет нормиран учинок утврден од работодавачот се доведува во прашање остварувањето на минималната плата на работникот, што е предмет на уредување на Законот за минимална плата во Република Македонија, и дека со овој услов за остварување на минимална плата, работникот ќе остварува плата, а не минимална плата утврдена со посебен закон.

Оттука, категоријата исполнет нормиран учинок, на начин на кој е пропишан со Законот, дека го утврдува работодавачот, но не е дефинирано дали е тоа со колективен договор на ниво на работодавач или со друг пропис, потоа, согласно Законот, работодавачот само соработувал со работниците при што нормираниот учинок би требало да е остварлив за најмалку 80% од бројот на вработените за секоја техничко-технолошка целина кај работодавачот, а работодавачот бил должен на крајот на месецот да му издаде на работникот потврда за остварениот нормиран учинок, заедно со писмената пресметка на платата, упатува на заклучок дека Законот веќе не се занимава со минимална нето плата. Имено тој уредува плата лимитирана со нормиран учинок во производниот процес или друга дејност, која нема надзор кога се утврдува од страна на работодавачот прагот на нормираниот учинок и е сепак фактичко прашање во производните,услужните и други работни организации на пазарот на трудот, а со тоа и дискреционо право на одлучување на работодавачот. Прашањето за утврдување на нормиран учинок е битно прашање во процесот на работење и секако значајно за производните и други дејности во работењето, но во отсуство на законско дефинирање на висината на минималната, основна плата на работникот, тогаш плата формирана на основа на исполнување на нормиран учинок утврден од работодавачот, според Судот нема статус на законски утврдена минимална основна плата на работникот што е определено како предмет на уредување на овој посебен закон.

Во Законот за работни односи („Службен весник на Република Македонија“ број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010,47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013,170/2013, 187/2013, 113/2014,20/2015, 33/2015,72/2015, 129/2015 и 27/2016), во главата „Откажување на договорот за вработување со отказ од страна на работникот и работодавачот“ (членови 70-104), е законски уредена оваа комплексна материја која меѓу другото е поврзана и со неисполнување на работните обврски од разни причини во работниот процес во кој двостраниот однос помеѓу работодавачот и работникот може да прекине, но тоа е во рамките на предметот на уредување на овој општ закон.

Имајќи го во предвид тоа, прашањето за исполнет нормиран учинок утврден од страна на работодавачот може да го најде своето место во реализацијата на оваа законска материја која општо го регулира работниот однос и од аспект на извршената работа во работниот процес, но законски утврдената минимална основна плата на работникот со посебниот Закон за минимална плата е посебно право, и не може да биде детерминирана од услов кој го доведува во прашање тоа загарантирано посебно право со Законот, за утврдување на минималната основна плата на работникот.

Во контекст на оваа анализа за одредбите од членот 2, анализата следователно се однесува и за член 7-б ставови 1 и 3 од Законот кој предвидува глоба за работодавачот- правно лице, ако не утврди нормиран учинок и ако не му издаде потврда на работникот за остварениот нормиран учинок.

Со оглед на изнесената анализа, Судот утврди дека член 2 став 1 во делот: „и исполнет нормиран учинок“ и ставовите 2, 3 и 4 и за член 7-б ставови 1 и 3 од Законот за минимална плата во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.11/2012, 30/2014, 180/2014, 81/2015, 129/2015 и 132/2017), не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според кој владеењето на правото, а со тоа и правната сигурност на граѓаните, е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точка 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.133/2017
18 април 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски