Издвоено мислење

Издвоени мислења по предметот У.бр.61/2009

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), после моето гласање против укинување на акт на Владата, го изнесувам и писмено го образложувам своето

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

на Одлуката У.бр.61/2009 од 25 ноември 2009 година, со која се укинува актот на Владата на Република Македонија за разгледувње и усвојување на Информацијата за начинот на одбивање на надоместокот за превоз од бруто плата на вработените во 2009 година, кои и досега не го примиле истиот, донесен на Педесеттата седница на Владата одржана на 30 јануари 2009 година.

Уставниот суд на Република Македонија постапувајќи по повод иницијатива на Основна организација на СОНК при ОУ „Емин Дураку“ с. Буковиќ – Скопје претставувана од Хаџби Зендели, најнапред со Решение од 23 септември 2009 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста, а потоа, на седницата одржана на 25 ноември 2009 година, со мнозинство гласови донесе Одлука со која го укина оспорениот акт на Владата, бидејќи оцени дека тој не е во согласност со одредбите од Уставот, како и со одредби од Законот за Владата на Република Македонија.

Изразувајќи несогласност, претходно на Решението за поведување на постапката, а потоа и на Одлуката за укинување на оспорениот акт на Владата, гласав против и го издвојувам своето мислење, според кое сметам дека Уставниот суд оценуваше работен заклучок, односно писмо – известие што не претставува пропис, поради што во согласност со член 110 од Уставот и член 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, иницијативата требаше да ја отфрли.

Мислам дека Судот во овој предмет, непотребно се впушти во анализа на проблемите што не ја тангираат формално правната страна, па според тоа и уставно судската оцена, туку навлезе во барања на решениа за материјално правните аспекти во областа на работните односи и системот на плати. Имено, во конкретниот случај, Судот се впушти во анализа на писмо со кое Министерството за финансии и другите буџетски корисници се известуваат за прашања за кои Владата на седница донела соодветни заклучоци. Притоа, констатирајќи дека таквиот допис нема елементи на пропис, а всушност тоа беше предмет на иницијативата, Судот по сопствена иницијатива се впушта во друг таков допис со кој Владата ги известува корисниците на Буџетот за водена расправа и усвоена информација на Министерството за финанасии за начинот на одбивање на надоместокот за превоз од бруто плата на вработените во 2009 година. На таквото писмено известие од седницата на Владата, односно на Нацрт-записник од седницата на Владата како повод за иницијативата, мнозинството на судии му препиша својство на пропис, за кој следуваше уставно судска анализа на таквото писмо оквалификувано како акт и истото со Одлуката се укина.

Тргнувајќи од местото и улогата, односно положбата и надлежностите на Уставниот суд, меѓу другото да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, моето убедување е дека Судот во конкретниот случај немаше ниту основ, ниту можност на оспореното писмено известување да му придава елементи на акт подобен за уставно судска оценка.

Поаѓајќи од одредбите на Уставот и неговиот концепт по однос на прописите, како и од богатата уставно судска пракса за Уставниот суд неспорно било дека предмет на уставно судска оцена може да биде пропис кој содржи определени правни елементи кои му даваат карактер на пропис, меѓу другото да е донесен од надлежен орган, да содржи општи норми на однесување, да ги уредува односите на субјектите во правото на општ начин и за неопределен круг на субјекти во правото. Стои моето убедување дека писменото известување на Владата на Република Македонија за разгледување и усвојување на Информацијата на Министерството за финансии од 30 јануари 2009 година е редовен допис на Владата со органите на државната управа и со другите субјекти на правото и таквиот допис не е и не може да се третира како пропис. Според тоа, иницијативата за оценување на таквото писмо Судот согласно Уставот и Деловникот на Уставниот суд требаше да ја отфрли.

Во сообразност со таквото мое гледиште логички е да не се впуштам во натамошна елаборација на Одлуката донесена од Судот, но сепак ќе укажам само на неколку прашања на кои не им е посветено доволно внимание при донесувањето на Одлуката.

Законодавецот востановувајќи концепт на пресметка и исплата на бруто плата на вработените од почетокот на 2009 година, всушност изврши соодветни измени во системот на пресметување и исплата на платите во делот што се однесуваа по основа на исхрана за време на работа и превоз до и од работа.Овие надоместоци, како посебни категории, веќе не влијаат на висината на платата определена како бруто плата. Прашањата од оваа област и понатаму останаа предмет на уредување на законите и колективните договори. Владата на Република Македонија во овој дел ниту креирала, ниту менувала, или, пак, суспендирала законски решенија во однос на субјектите, условите и обемот на правата утврдени со таквите прописи, туку напротив овозможила остварување на законските определби што произлегуваат од променетиот систем на бруто плати, вклучувајќи ги овде и прашањата во однос на: надоместокот за исхрана до 2009 година и можноста од организирање на оваа потреба во наредниот период; надоместокот за превоз до и од работа за оддалеченост од 2 односно 2,5 километри од работното место или, пак, независно од оддалеченоста (како што е наведено во образложението на Олдуката на Судот); невлегувањето на овие надоместоци односно трошоци во системот на бруто плати; компензацијата на дел од овие трошоци во делот за пресметаниот данок за плата и задолжителните социјални придонеси и слични прашања кои биле и се предмет на уредување со закон, колективен договор и нивното конкретно остварување во договорите за вработување.

На крајот, стои впечатокот дека и покрај желбата на мнозинството судии на Уставниот суд, преку отстранување на еден допис на кој му се даде карактер на пропис, да се отстранат одредени недоречености во областа на работните односи и утврдувањето на системот на плати или протоивуставни и незаконити дејствија на Владата според нив, сепак не мислам дека на начинот на кој се постапи во овој предмет, дека се постигна саканата цел, туку напротив се доаѓа до една неконзистентност во правниот систем во оваа област на општествените односи во која Судот непотребно се инволвира.

25 ноември 2009 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

*   *   *

Врз основа на член 25 став 6 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) после моето гласање против укинување на акт на Владата, го изнесувам и писмено го образложувам своето

ИЗДВОЕНО МИСЛЕЊЕ

На Одлуката У.бр.61/2009 од 25 ноември со која се укинува актот на Владата на Република Македонија за разгледување и усвојување на Информацијата за начинот на одбивање на надоместокот за превоз од бруто плата на вработените во 2009 година кои и досега не го примале истиот, донесен на Педесеттата седница на Владата одржана на 30 јануари 2009 година.

Уставниот суд на Република Македонија со Одлука У.бр.61/2009 од 25.11.2009 го укина актот на Владата на Република Македонија за разгледување и усвојување на Информацијата за начинот на одбивње на надоместокот за превоз од бруто плата на вработените во 2009 година, а по иницијатива на Основна органиација на СОНК при ОУ „Емин Дураку“ од с. Букович – Скопје. Ваквата одлука Уставниот суд ја донесе со мнозинство гласови.

Од причина што против ваквата одлука на Судот јас гласав против, чувствувам потреба а во смисла на горе цитираната деловничка одредба да го издвојам своето мислење, а од следните причини:

Според моето мислење во конкретниот случај Уставнииот суд постапи спротивно на член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд бидејќи сметам дека оспорениот акт не ги содржи сите елементи што треба да ги содржи еден општ пропис, само за кои Уставниот суд согласно член 110 од Уставот има надлежност да постапува.

Имено од одредбите на Уставот и неговиот концепт пооднос на прописите, според мое мислење неспорно е дека предмет на уставно судска оценка може да биде само пропис кој содржи определени правни елементи кои му даваат карактер на пропис, поточно да е донесен од надлежен орган, да содржи општи норми на однесување, да ги уредува односите на субјектите во правото на општ начин и за неопределен круг на субјекти во правото. Меѓутоа сметам дека во конкретниот случај оспорениот акт – писменото известување на Владата на Република Македонија за разгледување и усвојување на информацијата на Министерството за финансии од 30.01.2009 година претставува редовен допис на Владата со органите на државната управа и со другите субјекти на правото и како таков тој нема карактер на пропис. Од тука според моето длабоко убедување иницијативата за оценување на таквиот допис Уставниот суд согласно своите надлежности дефинирани во Уставот, во смисла на член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, требаше да ја отфрли

Судија
на Уставниот суд на Република Македонија
Вера Маркова

Одлука У.бр.61/2009

Leave a Reply