Решение У.бр.33/2017

У.бр.33/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 21 март 2018 година, донесеУставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 21 март 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 84 ставови 1, 2 и 3, став 7 во делот: „(3)“ и став 8 во делот: „(1)“, од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016 и 142/2016).

2. Тони Нанчовски, адвокат од Ресен, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата најнапред ја цитира содржината на членот 26 од Уставот, дека се гарантира неповредливоста на домот (став 1) и дека правото на неповредливост на домот може да биде ограничено единствено со судска одлука кога е во прашање откривање или спречување на кривични дела или заштита на здравјето на луѓето (став 2), а потоа наведува дека член 84 став 1 од Законот му давал право на извршителот, иако тој не бил лице овластено да открива или спречува кривични дела ниту да се грижи за заштита на здравјето на луѓето, да може без одобрување на оние што живеат во определен простор, да влегува и презема дејствија во тој простор.

Истиот став понатаму му давал право на извршителот да врши и претрес на лица без притоа да било определено на кој начин да се извршува тоа дејствие, оправдувајќи го тоа овластување со општа формулација „да постапува со должна почит спрема личноста на должникот и членовите на неговото домаќинство“, а тоа било во спротивност со Уставот и со Законот за кривична постапка во кој детално била определена постапката за претрес на лице.

Обезбедената еднократна писмена дозвола за влегување и претрес на станот и на лицата што живеат во станот, што ја издава претседателот на основниот суд на чие подрачје се спроведува извршувањето, во која не се назначува денот на преземањето на дејствието и која важи до завршувањето на дејствието, не било оправдано и било во директна спротивност со уставната одредба од член 26 став 2 според која „со судска одлука кога е во прашање откривање или спречување на кривични дела или заштита на здравјето на луѓето.“ Судската одлука се донесувала како пресуда, решение, наредба, а никако во форма на дозвола.

Во однос на ставот 2 од истиот член, се наведува дека таа одредба се однесува на содржината на ставот 1, поради што од истите причини како за ставот 1 и ставот 2 бил неуставен.

Ставот 3 исто така бил во спротивност со членот 26 од Уставот бидејќи предвидувал извршителот да презема дејствија дури и ако должникот, неговиот законски застапник, полномошник или полнолетен член на неговото домаќинство не се присутни во домот. Дури таа одредба противуставно предвидувала насилно влегување во домот ако бил заклучен и ако во него не биле присутни лицата кои живеат во тој дом, при што се давала можност да се промени бравата и новиот клуч да се оставел кај старател за посебни случаи што би го определил Центарот за социјални работи на барање на извршителот.

Ставот 7, во делот „(3)“, и ставот 8, во делот „(1)“ од членот 84 на Законот, исто така биле спротивни на членот 26 од Уставот, со оглед дека се однесувале на членот 84 ставови 1, 2 и 3 кои биле противуставни.

Подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд да ги запре од извршување дејствијата преземени врз основа на оспорените законски одредби, до донесување на конечна одлука, за да се спречат тешко отстранливи штетни последици по основните слободи и права на лицата кои живеат во тие домови. Имено, подносителот смета дека  во Република Македонија традиционално во еден дом живеат повеќе генерации или домаќините живеат со потстанари со кои не се во роднинска поврзаност, па преземањето на дејствија од страна на извршителите ги вознемирувало останатите членови на семејната заедница, посебно малолетните деца, и им оставало трајни негативни душевни последици, а не само на лицата врз кои се спроведувало извршувањето.

3. Судот на седницата утврди дека членот 84 е систематизиран во дел втори „Извршување“, раздел втори „Спроведување на извршувањето“, наслов „Постапување на извршителот“ од Законот за извршување.

Според оспорениот став 1 од наведениот член, „Извршителот е должен при преземање на дејствија во станот на должникот, при пребарување на облеката што тој ја носи на себе и при преземање на другите дејствија, да постапува со должна почит спрема личноста на должникот и членовите на неговото домаќинство. За преземање на секое дејствие во станот на должникот, кој е физичко лице, извршителот обезбедува еднократна писмена дозвола за конкретно дејствие од Претседателот на основниот суд на чие подрачје се спроведува извршувањето, во која не се назначува денот на преземањето на дејствието, а важи до завршување на дејствието кое се презема.“

Во оспорениот став 2 од истиот член се предвидува дека: „Писмената дозвола важи 30 дена од денот на издавањето.“
Оспорениот став 3 определува дека: „На преземените дејствија во станот на должникот  на кои не присуствува должникот, негов законски застапник, полномошник или полнолетен член на неговото домаќинство, мора да присуствува полиција и двајца полнолетни сведоци. Доколку при тоа е променета бравата од станот, новиот клуч се остава кај старател за посебни случаи (во понатамошниот текст: старател), кој на барање на извршителот го определува Центарот за социјални работи.“

Ставот 4, кој не е оспорен, пропишува дека: „Кога дејствието треба да се спроведе во просторија на правно лице која не е заклучена, извршителот дејствието ќе го спроведе во присуство на кое било лице кое ќе се затекне во просторијата. Доколку нема  присутни лица дејствието се спроведува во присуство на двајца полнолетни сведоци.“

Ставот 5, кој исто така не е оспорен, предвидува дека: „Кога дејствието треба да се спроведе во просторија што е заклучена, а должникот не е присутен или не сака да ја отвори просторијата, извршителот ќе ја отвори просторијата во присуство на полиција и двајца полнолетни сведоци.“

Понатаму, ставот 6, кој исто така не е оспорен, определува дека: „Ако претставникот на правното лице одбие да постапи во согласност со барањето на извршителот или ако извршителот не го затече во просториите на правното лице при преземањето на дејствието, дејствието ќе го преземе во присуство на полиција и двајца полнолетни сведоци.“

Според ставот 7 од член 84 на Законот, чиј дел е оспорен со иницијативата, „Доколку извршителот при преземањето на дејствијата од ставовите (3), (4), (5) и (6) на овој член не може да обезбеди присуство на двајца полнолетни сведоци, тој може да повика нотар.“  Според став 8 од истиот член, чиј дел е исто така оспорен, „Извршителот за преземените дејствија од ставовите (1) до (7) на овој член составува записник кој го потпишуваат присутните сведоци и полицијата. Доколку извршителот дејствијата ги преземал во присуство на нотар, нотарот составува записник согласно со Законот за нотаријатот.

4. а) Според член 26 став 1 од Уставот, „се гарантира неповредливоста на домот“, а во ставот 2 од истиот член се определува дека  „правото на неповредливост на домот може да биде ограничено единствено со судска одлука кога е во прашање откривање или спречување на кривични дела или заштита на здравјето на луѓето“ (став 2).

Членот 26 од Уставот е систематизиран во делот II на Уставот посветен на „Основни слободи и права на човекот и граѓанинот“, раздел 1. посветен на „Граѓански и политички слободи и права“ (членови 9-29), и во тие уставни рамки се определуваат следните начела, слободи и права: начелото на еднаквост на граѓаните во слободите и правата (член 9); неприкосновеноста на животот на човекот до степен да не може да се изрече смртна казна по ниту еден основ (член 10); неприкосновеноста на физичкиот и моралниот интегритет на човекот до степен да се забранува секој облик на мачење, нечовечко или понижувачко однесување и казнување, како и присилна работа (член 11); неприкосновеноста на слободата на човекот и нејзиното ограничување само со одлука на суд и во случаи и во постапка утврдена со закон (член 12); обвинетото лице се смета за невино се додека вината не биде утврдена со правосилна судска одлука (член 13); никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон како казниво дело (член 14); правото на жалба (член 15); слободата на уверување, мисла, јавно изразување на мисла и слободата на комуницирање (член 16); слободата и неповредливоста на писмата и на сите други облици на комуникација (Амандман XIX); сигурноста и тајноста на личните податоци (член 18); слободата на вероисповест (член 19); слободата на здружување (член 20); правото на мирно собирање и изразување јавен протест (член 21); избирачкото право (член 22); правото да учествува во вршење на јавни функции (член 23); правото на поднесување претставки и добивање одговор на нив (член24); почитувањето и заштитата на приватноста на личниот и семејниот живот на граѓанинот, на достоинството и угледот (член 25); неповредливоста на домот (член 26); слободниот избор на местото на живеење (член 27).

Од изнесените уставни одредби произлегува дека правото на неповредливост на домот: (1) припаѓа на граѓанските слободи и права,  (2) тоа право е особено поврзано со (а) неприкосновеноста на физичкиот и моралниот интегритет на човекот, (б) почитувањето и заштитата на приватноста на личниот и семејниот живот на граѓанинот и на нивното достоинство и углед, (в) слободниот избор на местото на живеење, (3) дури и кога постои сомневање за сторено кривично дело од граѓанинот (а) мора тоа дело да било утврдено со закон како кривично дело, (б) обвинетото лице се смета за невино додека вината не биде утврдена со правосилна судска одлука, (в) граѓанинот има право на жалба пред да стане правосилна судската одлука, и (4) таквата положба на граѓанинот е во функција на (а) неприкосновеноста на животот на човекот и (б) неприкосновеноста на слободата на човекот.

Во таа смисла гледано, правото на неповредливост на домот од членот 26 на Уставот е загарантирано (став 1), а ставот 2 од истиот член ги определува исклучоците во кои може да се ограничи правото на неповредливост на домот и тие ситуации се кога во домот треба (а) да се откријат или спречат кривични дела, или (б) да се заштити здравјето на луѓето, и во тие случаи е потребна судска одлука за влегување во домот.

Според тоа, содржината на уставното право на неповредливост на домот е физичкиот и моралниот интегритет на човекот, заштитата на приватноста на личниот и семејниот живот на граѓанинот и на нивното достоинство и углед, како и слободниот избор на местото на живеење, а таквата содржина на ова право е ограничена кога е потребно откривање или спречување на кривични дела во домот или кога е потребна заштита на здравјето на луѓето во домот и во тие случаи е потребна судска одлука за влегување во домот. Со други зборови, правото на неповредливост на домот определено во членот 26 на Уставот е ограничено и во содржина и во обем, а не е неограничено во содржина па секое влегување во домот надвор од случаите предвидени во ставот 2 на член 26 од Уставот да претставува повреда на правото на неповредливост на домот, како што се наведува во иницијативата.

б) Во членот 1 од  Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016 и 142/2016) се определува дека со Законот „се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено“ (став 1). Според став 2 од истиот член, „одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено“, а во ставот 3 се предвидува дека „одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на нотарски исправи и други извршни исправи предвидени со закон.“

Членот 12 став 1 од Законот пропишува дека извршни исправи се извршна судска одлука и судско порамнување (точка 1), извршна одлука и порамнување во управна постапка, ако гласат на исполнување на парична обврска (точка 2) и извршна нотарска исправа (точка 3).

Според член 14 од Законот, „судската одлука е извршна ако станала правосилна и ако истекол рокот за доброволно исполнување на должниковата обврска“ (став 1), а според став 2 „одлуката донесена во управна постапка е извршна ако станала конечна и ако истекол рокот за доброволно исполнување на обврската.“ Според член 16 став 1 од Законот, „нотарската исправа е извршна исправа, ако станала извршна според посебен пропис кој ја уредува извршноста на таквата исправа.“ Според член 32 став 1 од Законот, „извршителот е лице кое врши јавни овластувања утврдени со закон именувано од Министерството за правда (во понатамошниот текст: Министерството), согласно со одредбите од овој закон.“

Оспорените одредби од членот 84 на Законот се систематизирани во раздел втори „Спроведување на извршувањето“ и под наслов „Постапување на извршителот“. Содржината на тој член од Законот е напред презентирана.

Со членот 86 од Законот се уредуваат прашања во врска со приговорот на странката, учесникот или трето лице против постапувањето на извршителот и тие прашања се: приговорот се поднесува до основниот суд на чие подрачје се спроведува извршувањето; рок за поднесување на приговорот е три дена; приговорот се доставува до извршителот во рок од 48 часа, а тој е должен да одговори на него во рок од 24 часа; потоа, по приговорот одлучува надлежен судија во рок од 72 часа од истекот на рокот за одговор на извршителот, по што судот донесува решение со кое приговорот може да се отфрли, одбие или усвои; ако се усвои приговорот, судот ги става вон сила преземените извршни дејствија или пак го утврдува пропуштањето за преземање на определено законско дејствие.

Во членот 87 од Законот се уредуваат прашања во врска со жалба против решение по приговор и тоа: странките, учесникот или трето лице имаат право да поднесат жалба против решението донесено од основниот суд по приговорот до Апелациониот суд на чие подрачје се наоѓа основниот суд во рок од три дена од приемот на решението; примерок од жалбата се доставува до спротивната странка, која може да поднесе одговор на жалбата во рок од три дена; потоа, предметот од основниот суд се доставува до Апелациониот суд, кој е должен во рок од пет дена да одлучи по жалбата; Апелациониот суд може да го укине, потврди или да го преиначи првостепеното решение.  Од изнесените законски одредби произлегува дека: (1) извршителот е лице кое врши јавни овластувања утврдени со закон, именувано од Министерството за правда согласно со одредбите од овој закон, (2) извршителот постапува според правилата од Законот за извршување за да присилно изврши (а) судска одлука која гласи на исполнување на обврска, (б) одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, (в) нотарски исправи и други извршни исправи предвидени со закон, дека  (3) судската одлука и одлуката донесена во управна постапка се извршни (а) ако судската одлука станала правосилна, одлуката донесена во управна постапка станала конечна и (б) ако истекол рокот за доброволно исполнување на должниковата обврска, а нотарската исправа е извршна ако (в) станала извршна според посебен пропис кој ја уредува извршноста на таквата исправа, (4) со оспорените одредби од членот 84 на Законот се уредува постапувањето на извршителот при спроведувањето на извршувањето во станот на должникот или при пребарувањето на облеката што тој ја носи на себе и при преземање на другите дејствија, при што извршителот (а) мора да постапува со должна почит кон личноста на должникот и членовите на неговото домаќинство, (б) за преземање на секое дејствие во станот на должникот кој е физичко лице, мора да обезбеди еднократна писмена дозвола со важност 30 дена од претседателот на основниот суд на чие подрачје се спроведува извршувањето, (в) ако должникот, негов законски застапник, полномошник или полнолетен член на неговото домаќинство не присуствува на дејствијата преземени во неговиот стан, мора да присуствува полиција и двајца полнолетни сведоци, (г) ако при тоа се промени бравата од станот, новиот клуч се остава кај старател за посебни случаи кој се определува од Центарот за социјални работи на барање на извршителот, (д) ако не може да се обезбеди присуство на двајца полнолетни сведоци, извршителот може да повика нотар и (ѓ) за преземените дејствија извршителот составува записник кој го потпишуваат присутните сведоци и полицијата, а ако на извршувањето присуствувал нотар, тогаш тој составува записник, (5) против постапувањето на извршителот, странката, учесникот или трето лице (а) може да поднесат приговор до основниот суд на чие подрачје се спроведува извршувањето во рок од три дена, (б) приговорот се доставува до извршителот на одговор во рок од 48 часа и тој е должен да одговори во рок од 24 часа од приемот, (в) потоа надлежен судија одлучува по приговорот во рок од 72 часа и донесува решение со кое приговорот може да се отфрли, одбие или усвои, па (г) ако се усвои приговорот, судот ги става вон сила преземените извршни дејствија, а (д) ако се одбие или отфрли приговорот, странките, учесникот или трето лице имаат право да поднесат жалба против првостепеното решение до месно надлежниот апелационен суд во рок од три дена од приемот на решението, па по добивањето на одговор на жалбата во рок од три дена или по истекот на тој рок, апелациониот суд е должен да одлучи по жалбата во рок од пет дена од приемот на предметот, при што второстепениот суд може да го укине, потврди или преиначи првостепеното решение.

Според тоа, извршителот е лице кое е именувано од Министерството за правда, лице кое ги извршува судските одлуки од имотната сфера, одлуките донесени во управна постапка за парични обврски и нотарските исправи со имотна содржина, и лице кое ги презема законските дејствија откако должникот не ги исполнил доброволно неговите обврски во определен рок по правосилноста или конечноста на извршните исправи, па извршителот пристапува кон присилно извршување на тие исправи. Притоа, извршителот има законски овластувања, определени во членот 84 од Законот за извршување, да презема дејствија и во станот на должникот и да ја пребарува облеката на должникот што тој ја носи на себе за да ги спроведе извршните исправи, и тоа е должен да го прави на начин и во постапка пропишана со Законот, а доколку не се придржува до законските правила за извршување постои механизам за оспорување на преземените дејствија и за заштита на правата на засегнатите лица.

Имајќи ја предвид содржината и обемот на уставно загарантираното право на неповредливост на домот определена во членот 26 на Уставот, од една страна, и содржината на оспорените одредби од членот 84 на Законот за извршување, од друга страна, Судот утврди дека оспорените одредби од членот 84 на Законот не може да се смета дека претставуваат повреда на уставното право на неповредливост на домот во наведената ситуација, туку претставуваат уредување на специфична материја и нејзино влијание на правото на неповредливост на домот при доброволно неизвршување на правосилни и конечни извршни исправи. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од членот 84 на Законот за извршување со членот 26 од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.33/2017
21 март 2018 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply