Решение У.бр.120/2016

У.бр.120/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 14 март 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 1 став 1 зборовите: „извршени во периодот од 2008 до 2015 година“ и став 3 зборовите: „извршени во периодот од 2008 до 2015 година“, член 3 став 1 зборовите: „Оваа одредба не се однесува на разговор или изјава која претставува јавен интерес“, член 5 и член 7 зборовите: „а ќе започне да се применува од 1 јули 2017 година“ од Законот за заштита на приватноста (”Службен весник на Република Македонија” број 99/2016).

2. Тодор Петров од Гевгелија, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорените законски одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, член 9, член 25, член 51 и член 54 од Уставот на Република Македонија, поради што се бара Уставниот суд да ги поништи.

Во иницијативата се наведува дека Уставот гарантирал почитување и заштита на приватноста на личниот и семејниот живот и на достоинството и угледот на секој граѓанин. Оваа уставна гаранција била општа и временски неограничена. Уставот не пропишувал права и слободи со одложена примена, односно не суспендирал права и слободи со нивна времена непримена.

Почитувањето и заштитата на приватноста на личниот и семејниот живот, на достоинството и угледот на секој граѓанин, не била само уставна, туку и обврска според меѓународното право.

Почитувањето и заштитата на приватноста не можеле да се ограничат временски, како што тоа се правело со членот 1 од Законот за заштита на приватноста, а „во врска со материјалите кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации извршени во периодот од 2008 до 2015 година“. Заштитата на приватноста во врска со материјали кои произлегуваат од незаконското следење на комуникации морало да важи за сите и за цело време. Оттука и иницијативата, Уставниот суд да ги поништи член 1 ставови 1 и 3 во делот: „извршени во периодот од 2008 до 2015 година“.

Во членот 3 од Законот за заштита на приватноста, утврдени биле казни за „тој што ќе му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушувана или тонски снимана, доколку содржината на разговорот ја нарушува приватноста на личниот и семејниот живот.“ Но во истиот став се велело дека казната не следувала за тој кој ќе му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушувана или тонски снимана, ако тоа претставува јавен интерес, што било контрадикторно, бидејќи и при јавен интерес станувало збор за овозможување на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушувана или тонски снимена, доколку содржината на разговорот ја нарушува приватноста на личниот и семејниот живот.

Јавниот интерес не можело да го определува неовластено лице надвор од со закон пропишана процедура и на начин спротивен на дозволени случаи на прислушување на разговори или изјави со следење на комуникации, но од овластени органи!

Јавниот нтерес се определувал од надлежен орган, во случаи на примена на заштитни мерки на безбедност како доказ за извршено кривично дело. Никој без овластување во согласност со закон не можело да примени мерка на следење на комуникации и со разговорот или изјавата која е прислушувана или тонски снимена да му овозможи на неповикано лице да се запознае со тој разговор или изјава, како што било утврдено во член 3 став 1 од Законот за заштита на приватноста.

Посебните мерки на следење на комуникациите биле уредени со закон, тоа можеле да го вршат овластени лица и во пропишани процедури. Никој друг немал дискреционо право да проценува јавен интерес и да му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која била незаконски прислушувана или тонски снимена, доколку содржината на разговорот ја нарушувала приватноста на личниот и семејниот живот на граѓанинот. Поради ова, според подносителот на иницијативата, основано се сметало дека зборовите: „Оваа одредба не се однесува на разговор или изјава која претставува јавен интерес“ од член 3 став 1 на Законот за заштита на приватноста, биле во спротивност со Уставот, а оттука е и барањето истите да бидат поништени.

Поради причините и образложението во иницијативата за оценка на уставноста на член 1 ставовите 1 и 3 во делот: „извршени во периодот од 2008 до 2015 година“, соодветно било и образложението со кое се бара поништување на членот 5 од Законот.

Заштитата на приватноста не можела временски да се ограничи, заштитата на приватноста во врска со материјалите кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации морала да важи за цело време. Оттука и иницијативата за поништување на членот 5 од Законот.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека Законот за заштита на приватноста не можел да има одложена примена, тој морал да влезе во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Уставот не дозволувал селективна или одложена примена на законите за правата и слободите на човекот и граѓанинот, бидејќи тие биле универзални и неограничени, освен во случаите определени со Устав и за време на воена или вонредна состојба, што со Законот за заштита на приватноста не било случај.

Почитувањето и заштитата на приватноста на личниот и семејниот живот, на достоинството и угледот на граѓанинот било уставно загарантирано право и со закон не можела да биде одложена неговата примена. Уставната гаранција важела за сите случаи и за цело време.

Оттука произлегува барањето за поништување на зборовите:„ а ќе започне да се применува од 1 јули 2017 година“, бидејќи не биле во согласност со Уставот на Република Македонија и меѓународното право, посебно со Европската конвенција за човековите слободи и права и пресудите на Европскиот суд за човекови права, споменати во членот 1 став 1 и во членот 4 од Законот за заштита на приватноста.

Во иницијативата има посебно барање, до донесување на конечната одлука по оваа иницијатива, Уставниот суд врз начелата на приоритет и итност, да донесе решение за запирање од обработка и јавно објавување на материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникациите, вклучувајќи и нивно користење и располагање во изборен процес, политички и други цели и постапки, поради страв од обработка и јавно објавување на материјали од незаконско следење на комуникациите, вклучувајќи и нивно користење и располагање во изборен процес, политички и други цели и постапки, што било во спротивност со Уставот на Република Македонија.

Подносителот бара Уставниот суд да одржи подготвителна и јавна седница по оваа иницијатива, во најитен можен рок, на која да биде и тој поканет.

3. Судот на седницата утврди дека според член 1 став 1 од Законот за заштита на приватноста, со овој закон се утврдува заштита на приватноста на граѓаните на Република Македонија, гарантирана со Уставот и Европската конвенција за човекови права, во врска со материјалите кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации извршени во периодот од 2008 до 2015 година. Според став 3 на истиот член, со Законот се утврдува и забрана за поседување, обработка, јавно објавување и располагање на кој било начин со материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации извршени во периодот од 2008 до 2015 година, вклучувајќи и нивно користење и располагање во изборен процес, политички и други цели и постапки.

Според член 3 став 1 од истиот закон, тој што ќе му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушувана или тонски снимана ќе се казни со казна затвор до една година, доколку содржината на разговорот ја нарушува приватноста на личниот и семејниот живот. Оваа одредба не се однесува на разговор или изјава која претставува јавен интерес.

Согласно членот 5 од Законот, одредбите од овој закон не се однесуваат на објавените материјали заклучно со 15 јули 2015 година.

Според членот 7, овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе започне да се применува од 1 јули 2017 година.

4. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, како и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Во согласност со членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.  Во согласност со членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.  Според членот 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот (став 1). Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот (став 2). Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба (став 3). Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста (став 4).

Согласно членот 118 од Уставот, меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон.

Законот за заштита на приватноста има 7 члена.

Со членот 1 од Законот, се утврдува заштитата на приватноста на граѓаните на Република Македонија, гарантирана со Уставот и Европската конвенција за човекови права, во врска со материјалите кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации извршени во периодот од 2008 до 2015 година (став 1). Со Законот се утврдува забрана за поседување, обработка, јавно објавување на материјалите од ставот (1) на овој член кои претставуваат повреда на приватноста на личниот и семеен живот (став 2). Со Законот се утврдува и забрана за поседување, обработка, јавно објавување и располагање на кој било начин со материјали кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации извршени во периодот од 2008 до 2015 година, вклучувајќи и нивно користење и располагање во изборен процес, политички и други цели и постапки (став 3).

Според член 2 став 1 на овој закон, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот. Согласно ставот 2 на истиот член, приватноста на личен и семеен живот согласно со одредбите од овој закон подразбира семејни или лични односи, припадност на одредени религиозни или етнички групи и политички партии, како и здравствена состојба.

Според членот 3 на истиот закон, тој што ќе му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушувана или тонски снимана ќе се казни со казна затвор до една година, доколку содржината на разговорот ја нарушува приватноста на личниот и семејниот живот. Оваа одредба не се однесува на разговор или изјава која претставува јавен интерес (став 1). Тој што ќе објави прислушувани или тонски снимани разговори или делови од нив или нивни транскрипти, со кои се врши повреда на приватноста на личниот и семејниот живот ќе се казни со казна затвор од еден месец до една година (став 2). Доколку делото од ставот (2) го стори правно лице, ќе се казни со парична казна. Одговорното лице во правното лице ќе се казни со казна затвор од најмалку еден месец до една година (став 3).

Согласно членот 4, при примена на овој закон, надлежниот суд е должен да ја почитува Европската конвенција за човековите слободи и права и пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Според членот 5 од истиот закон, одредбите од овој закон не се однесуваат на објавените материјали заклучно со 15 јули 2015 година.

Со членот 6 од Законот се пропишува дека со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за заштита на приватноста („Службен весник на Република Македонија“ број 196/15).

Според членот 7 од Законот, овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе започне да се применува од 1 јули 2017 година.

а) Со иницијативата се оспорува временскиот опфат на заштитата на човековите слободи и права утврден со членовите 1 и 3 од Законот. Имено, почитувањето и заштитата на приватноста не можеле да се ограничат временски, како што тоа се правело во овие одредби, односно заштитата на приватноста не можела да важи само во врска со материјалите кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации извршени во периодот од 2008 до 2015 година, туку заштитата на приватноста во врска со материјали кои произлегуваат од незаконското следење на комуникации морало да важи за сите и за цело време.

Во однос на ваквите наводи во иницијативата, Судот го имаше предвид следното:

Собранието на Република Македонија, согласно своите надлежности утврдени во членот 68 од Уставот, со закон ги уредува областите во општествениот живот, за кои ќе оцени дека е потребно и оправдано да ги уреди посебно. Во таа смисла, Собранието го има донесено Законот за заштита на приватноста со кој се утврдува заштита на приватноста на граѓаните на Република Македонија, гарантирана со Уставот и Европската конвенција за човекови права, во врска со материјалите кои произлегуваат од незаконско следење на комуникации извршени во периодот од 2008 до 2015 година.

Оспорениот Закон за заштита на приватноста е lex specialis и се однесува на строго определени дејствија поврзани со незаконското следење на комуникациите во периодот од 2008 до 2015 година. Заштитата на човековите слободи и права во врска со неовластено прислушкување надвор од наведениот случај и период е обезбедена преку Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014, 27/2014, 28/2014, 115/2014, 132/2014, 160/2014, 199/2014, 196/2015, 226/2015 и 97/2017).

Оттука, Судот оцени дека законодавецот има уставно овластување да го уреди прашањето за заштита на приватноста на граѓаните во одредена ситуација, конкретно во врска со материјалите кои произлегуваат од незаконското следење на комуникации извршени во периодот од 2008 до 2015 година, а определбата тоа да го стори со посебен закон (lex specialis), не значи повреда на уставните одредби за владеењето на правото и заштита на основните слободи и права на човекот и граѓанинот.

Наводите во иницијативата дека Законот за заштита на приватноста всушност треба генерално да важи за сите случаи на повреда на човековите права со незаконско следење на комуникации, а не само за конкретниот случај, е всушност барање за поинакво законско уредување на заштитата на приватноста на граѓаните, што е несомнено прашање од надлежност на законодавецот, а не на Уставниот суд, кој единствено ја цени согласноста на постојните законски решенија со Уставот, а не уредува и креира односи.

Поради наведеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на член 1 став 1 зборовите: „извршени во периодот од 2008 до 2015 година“ и став 3 зборовите: „извршени во периодот од 2008 до 2015 година“, како и на член 5 од Законот за заштита на приватноста со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, членот 9, членот 25, членот 51 и членот 54 од Уставот.

б) Во однос на наводите во иницијативата за неуставноста на член 3 став 1 зборовите:„ Оваа одредба не се однесува на разговор или изјава која претставува јавен интерес“, Судот го имаше предвид следното:

Од анализата на одредбите од Законот за заштита на приватноста, произлегува дека законодавецот го гарантира почитувањето и заштитата на приватноста на личниот и семеен живот на граѓанинот, при што јасно се дефинира дека под приватноста на личен и семеен живот согласно со одредбите од овој закон се подразбира семејни или лични односи, припадност на одредени религиозни или етнички групи и политички партии, како и здравствена состојба. Во таа смисла, со член 3 став 1 од Законот се пропишува дека тој што ќе му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушувана или тонски снимана ќе се казни со казна затвор до една година, доколку содржината на разговорот ја нарушува приватноста на личниот и семејниот живот. Оваа одредба не се однесува на разговор или изјава која претставува јавен интерес. При примена на овој закон, законодавецот пропишал дека надлежниот суд е должен да ја почитува Европската конвенција за човековите слободи и права и пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Според Судот, законската определба во ставот 3 од Законот, со која се штити јавниот интерес на начин што не се предвидува казнување во случаите кога станува збор за запознавање со разговор или изјава која претставува јавен интерес, е во целост согласна со стандардите на Европската конвенција за човековите слободи и права и пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Имено, според член 8 од Конвенцијата, кој се однесува на правото на почитување на приватниот и семејниот живот:

1. Секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката. 2. Јавната власт не смее да се меша во остварувањето на ова право, освен ако тоа мешање е предвидено со закон и ако претставува мерка која е во интерес на државната и јавната безбедност, економската благосостојба на земјата, заштитата на поредокот и спречувањето на кривични дела, заштитата на здравјето и моралот, или заштитата на правата и слободите на другите, во едно демократско општество.

Според член 10 од Конвенцијата, кој се однесува на слобода на изразување:

1. Секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите, на претпријатијата за радио, филм и телевизија да им наметнуваат режим на дозволи за работа.

2. Остварувањето на овие слободи, коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под одредени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судството.

Тоа значи дека правото на почитување на приватниот и семејниот живот и правото на слобода на изразување не се апсолутно заштитени права и дека Конвенцијата укажува на потребата од воспоставување на правичен баланс помеѓу јавниот интерес за објавување на одредена информација, од една страна, и заштитата на приватниот живот на засегнатото лице, од друга страна. Токму во таа насока, според Судот, е и регулативата во оспорениот Закон за заштита на приватноста.

Оттука, Судот ги оцени како неосновани наводите во иницијативата според кои заштитата на приватноста всушност треба да биде апсолутна и дека јавниот интерес нема оправдување за отстапување од ваквата заштита. Утврдувањето на јавен интерес во конкретен случај, како основ за неказнување на сторителот, се врши во судска постапка, што произлегува од содржината на членовите 3 и 4 од Законот, од каде произлегува дека се неосновани наводите во иницијативата дека јавниот интерес, како што било пропишано во членот 3 од Законот, го определувало неовластено лице надвор од со закон пропишана процедура и на начин спротивен на дозволени случаи на прислушување на разговор или изјава со следење на комуникации.

Поради наведеното, Судот оцени дека од причините наведени во иницијативата, не може основано да се постави прашањето за согласноста на член 3 став 1 во делот: „Оваа одредба не се однесува на разговор или изјава која претставува јавен интерес“ од Законот со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11, член 9, член 25, член 51 и член 54 од Уставот.

в) Во однос на прашањето за уставноста на оспорениот член 7 од Законот, со кој се предвидува одложена примена на Законот, Судот го имаше предвид следното:

Според членот 7 од Законот, Законот влегува во сила со денот на објавување во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе започне да се применува од 1 јули 2017 година.

Според член 52 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Законите и другите прописи се објавуваат во “Службен весник на Република Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување. Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето. Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Од ваквата уставна определба произлегува дека објавувањето на законите е услов законите да влезат во сила. Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а само по исклучок што го утврдува Собранието на Република Македонија, со денот на објавувањето.

Во конкретниот случај, законодавецот определил Законот да влезе во сила со денот на објавувањето во службеното гласило, но притоа ја одложил неговата примена за определено време – vacatio legis, како негово неспорно уставно право и обврска да го утврди датумот од кога ќе почне примената на Законот. Во образложението за донесување на овој закон, нема објаснување за потребата од одложената примена на Законот, но тоа сепак не е пречка законодавецот да одлучи за моментот на влегување во сила на Законот и за неговата одложена примена и тоа не го прави неуставно ваквото законско решение.

Поради наведеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на членот 7 во делот: „а ќе започне да се применува од 1 јули 2017 година“ од Законот со одредбите на Уставот на кои се повикува иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Владимир Стојаноски.

У.бр.120/2016
14 март 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply