Решение У.бр.146/2016

У.бр.146/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 14 март 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за техничката инспекција („Службен весник на Република Македонија“ брoj 119/2010).

2. Стамен Филипов од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба означена во точката 1 од ова решение.     Подносителот на иницијативата најнапред ја изнесува содржината на членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за техничката инспекција, а потоа содржината на членот 12 од претходниот Закон за техничка инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2008) кој беше изменет со оспорениот член 4, при што иницијаторот наведува дека членот 12 од претходниот Закон за техничката инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2008) бил во ред од уставно-правен аспект, затоа што законодавецот при нормирањето на одредбата поаѓа од принципите на стручност и компетентност и работното искуство во струката, како и од специфичноста во областите на машинството, електротехниката, хемиското инжинерство, физиката, технологијата, рударството и геологијата, а не и од правото и економијата, како што е случај со оспорената законска одредба. Така што имало специјално: државен инспектор за опрема под притисок, државен инспектор за лифтови, жичари, дигалки и транспортери, државен инспектор за производи и постројки за работа во експлозивна атмосфера, државен инспектор за електроенергетски постројки, електрични производи и уреди, државен инспектор за опрема, производи и постројки наменети за користење при експлоатација на минерални суровини и државен инспектор за геологија и рударство. Тоа значи дека, оспорената законска одредба битно отстапувала од претходната одредба од членот 12 од Законот за техничката инспекција, што не била во согласност со темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија, владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија. Владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија и таа вредност се остварува преку усогласеноста на законите со Уставот и на другите прописи со Уставот и со законите, како и преку обврската на секој да ги почитува Уставот и законите.

Според подносителот на иницијативата, оспорената одредба не била во согласност ни со членот 51 од Уставот, според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Меѓутоа, токму Собранието на Република Македонија, како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт на Републиката, при нормирањето на оспорената законска одредба не го почитувало Уставот на Република Македонија и веќе постоечките закони од оваа сфера, особено што е утврдено дека државен технички инспектор од областа на машинството, електротехниката, хемиското инженерство, физиката, технологијата, рударството и геологијата може да биде и лице од областа на правото и економијата, бидејќи тоа лице не може да има три години работно искуство во наведените области, затоа што бил правник и економист, односно, тоа лице нема стручно-технички познавања за наведената проблематика

Оспорената законска одредба не била во согласност ниту со членот 58 од Уставот на Република Македонија, според кој сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето. Учеството во управувањето и одлучувањето во јавните установи и служби се уредува со закон и врз принципите на стручност и компетентност.

Меѓутоа, каде е тука стручноста и компетентноста и работното искуство во струката на правникот и економистот, како државен технички инспектор во областите на: машинството, електротехниката, хемиското инженерство, физиката, технологијата, рударството и геологијата, од оспорената законска одредба не може да се утврди.

Имено, инспекцискиот надзор не опфаќал само проверка на примената на законите туку и техничките прописи при користење на определена техничка опрема, член 2 точка 7 од Законот за техничката инспекција.

Според тоа, оспорената одредба не била во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 51 и членот 58 од Уставот на Република Македонија, особено во делот „правото и економијата“.

Подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за техничката инспекција и истиот да го укине или поништи, како несогласен со Уставот на Република Македонија. Истовремено, предлага Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршување на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одредба.

3. Судот на седницата утврди дека членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за техничката инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр.119/2010) пропишува дека членот 12 се менува и гласи: „Државен технички инспектор (во натамошниот текст: државен инспектор) може да биде лице кое има висока стручна подготовка од областа на машинството, електротехниката, хемиското инженерство, физиката, технологијата, рударството, геологијата, правото и економијата и најмалку три години работно искуство.“

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед дека оспорениот член 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за техничката инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр.119/2010) престанал да важи со членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за техничката инспекција („Службен весник на Република Македонија“ бр.164/2013), со што оспорената законска одредба не е во правниот поредок од 1 мај 2014 година, односно пред поднесувањето на иницијативата, произлегува дека постојат процесни пречки за постапувањето по иницијативата, поради што се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.146/2016
14 март 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply