Решение У.бр.168/2016

У.бр.168/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 7 март 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

 

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 2 став 2 во делот: „и се дели со вкупниот број на корисници на пензија кои пензијата ја оствариле заклучно со септември 2016 година од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.173/2015 и 132/2016).

2. Коле Илијев, стручен соработник од Основниот суд во Виница до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата најнапред се цитираат член 1 од Протоколот бр.12 кон Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи, како и содржината на член 35 став 1, член 8 став 1 алинеи 1, 8 и 11, член 35 од Уставот, а потоа се наведува дека оспорениот дел од ставот 2 на членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.173/2015) бил: „дискриминаторски во однос на одреден број на пензионери коишто се имаат стекнато со повисок износ на пензија пресметана согласно законот. Ова затоа што човековото право на социјална заштита вклучувајќи го и правото на пензија како и нејзиното усогласување е човеково право кое е „неотуѓиво“ и како такво никој нема право да му го одземе и од било каква причина. Во случајот висината на пензијата е заработено право, и како такво е од особена важност за односите меѓу луѓето и државата. Ваквата пропишана одредба претставува општа дискриминација за поголем број на пензионери којашто Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи и Уставот на Република Македонија ја забрануваат. Замислете процентот кој е пропишан за зголемување и кој го следува пензионерот кој остварува повисока пензија да го делиш со оној што има мала пензија. Ова е нон-сенс (non-sens) во една правна држава. Па која е тогаш целта на пресметката и исплатата на придонесите согласно со вложениот труд и остварената заработувачка. Ваквата пресметка и зголемување на пензијата по линеарна линија е забранета во секоја правна држава затоа што токму ваквото зголемување претставува директно кршење на начелото на социјална праведност (да добиеш колку што си вложил). Социјалната неправедност се состои во тоа што со ваквиот начин на пресметака на усогласувањето кое се знае дека е намерно направен, на едни пензионери зголемувањето на пензијата изнесува 3%, на други 4 %, на трети 5%, на четврти 8% и т.н.“

Понатаму во иницијативата е наведено дека токму со ваквото усогласување се повредувал и Уставот на Република Македонија во членот 35 став 1 со кој се гарантирала социјална сигурност на граѓаните согласно начелото на социјална праведност. Исто така се повредувале и темелната вредност на Уставот, член 8 алинеи 1, 8 и 11, кој ги гарантирале основните слободи и права на човекот, во случајот правото на пензија како и правото на соодветно правично усогласување како неотуѓиво право кое ниту државата може да му го одземе како што е во случајот. Усогласувањето мора да биде исто за сите во ист процентуален износ без да се врши делење на неговото право со другите пензионери, онака како што е наведено во случајот.

Ваквата општа дискриминација била забранета во меѓународното право и цитираниот член 1 од протоколот 12 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи на која потписник е и Република Македонија, и поради тоа нашата држава требало да се придржува кон пропишаната забрана на општата дискриминација.

Во иницијативата се предлага Уставниот суд да го укине или поништи член 2 став 2 од Законот и да изрече привремена мерка.

3.Судот на седница утврди дека во членот 2 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.173/2015) се пропишува:

„Одредбите од членот 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија” број 98/12, 166/12, 15/13, 170/13, 43/14, 44/14, 97/14, 113/14, 160/14, 188/14, 20/15, 61/15 и 97/15) нема да се применуваат во период од 1 јануари до 31 декември 2016 година“.

Според ставот 2 од истиот член на Законот се пропишува: „Во 2016 година сите видови на пензии согласно со овој закон се усогласуваат на начин што вкупниот износ за исплата на пензиите за септември 2016 година се зголемува за 5% и се дели со вкупниот број на корисници на пензија кои пензијата ја оствариле заклучно со септември 2016 година.

Во членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.173/2015 од 5 октомври 2015 година) е пропишано дека „овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а одредбите од членот 2 став 2 од овој закон ќе започнат да се применуваат од 1 октомври 2016 година.“

Согласно членот 1 од Законот за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија” брoj 132/2016 од 18 јули 2016 година) направена е измена во Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија” брoj 173/15), и тоа: „во членот 2 став 2 зборот „септември“ се заменува со зборот „ноември“.

Додека според членот 3 „овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе започне да се применува од 1 декември 2016 година.

Оттука, содржината на член 2 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.173/2015 и 132/2016) гласи:

„Во 2016 година сите видови на пензии согласно со овој закон се усогласуваат на начин што вкупниот износ за исплата на пензиите за ноември 2016 година се зголемува за 5% и се дели со вкупниот број на корисници на пензија кои пензијата ја оствариле заклучно со ноември 2016 година.“

4. Според член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата, ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со членот 1 од Законот за изменување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија” брoj 132/2016 од 18 јули 2016 година) направена е измена во Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија” брoj 173/15), и тоа: „во членот 2 став 2 зборот „септември“ се заменува со зборот „ноември“.

Судот на седница утврди дека содржината на член 2 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.173/2015 и 132/2016) е изменета и гласи: „Во 2016 година сите видови на пензии согласно со овој закон се усогласуваат на начин што вкупниот износ за исплата на пензиите за ноември 2016 година се зголемува за 5% и се дели со вкупниот број на корисници на пензија кои пензијата ја оствариле заклучно со ноември 2016 година.“

Исто така, имајќи во предвид дека во член 2 став 1 се определува дека „Одредбите од членот 37 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија” број 98/12, 166/12, 15/13, 170/13, 43/14, 44/14, 97/14, 113/14, 160/14, 188/14, 20/15, 61/15 и 97/15) нема да се применуваат во период од 1 јануари до 31 декември 2016 година“, Судот оцени дека содржината на ставот 2 од член 2, па и на оспорениот дел од истиот став, важеле до 31 декември 2016 година. Оттука, произлегува дека оспорениот дел од ставот 2 на член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија” брoj 173/15), нормативно правно и во неговата примена, од 1 јануари 2017 година, не е во позитивниот правен поредок.

Поаѓајќи од ваквата цел на одредбата на ставот 1 од членот 2 која има привремен карактер, со што се доаѓа до заклучок дека сите дејствија кои се преземале врз основа на истата се исцрпени по определениот краен рок за нивната примена (31.12.2016 година) и фактот дека оспорениот дел од ставот 2 на членот 2 од Законот ја исцрпеле својата содржина и дејство и веќе не се во правниот поредок, односно дека постојат процесни пречки за постапување по иницијативата и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.168/2016
07.03.2018 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply