Решение У.бр.42/2017

У.бр.42/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 21 февруари 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на:

– Одлука бр.08-4160/28 од 22.03.2017 година за поништување на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план „Голем ринг-Јужен дел-Запад“-Општина Центар-Скопје, бр.07-5569/18 од 18.07.2012 година, донесена од Советот на Општина Центар и Решение бр.09-4160/29 од 22.03.2017 година за објавување на означената одлука, донесено од градоначалникот на Општина Центар („Службен гласник на Општина Центар“ бр.6/2017);

– Одлука бр.08-4160/30 од 22.03.2017 година за поништу-вање на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план „Централно зеленило покрај реката Вардар-Јужен дел“-Општина Центар-Скопје бр.07-6530/12 од 13.09.2012 година донесена од Советот на Општина Центар-Скопје и Решението бр.09-4160/31 од 22.03.2017 година за објавување на означената одлука донесено од градоначалникот на Општина Центар („Службен гласник на Општина Центар“ бр.6/2017);

– Одлука бр.08-4160/32 од 22.03.2017 година за поништување на Одлуката за донесување на изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за „Централно градско подрачје на Град Скопје-Мал ринг”-Општина Центар-Скопје број 07-9816/8 од 21.12.2012 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје и Решението број 09-4160/33 од 22.03.2017 година за објавување на означената одлука, донесено од градоначалникот на Општина Центар („Службен гласник на Општина Центар“ бр.6/2017) и

– Одлука бр.08-4160/34 од 22.03.2017 година за поништу-вање на Одлуката за донесување на изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план „Голем ринг-Јужен дел-Исток“- Општина Центар-Скопје донесена од Советот на Општина Центар, број 07-2780/18 од 05.04.2012 година, донесена од Советот на Општина Центар-Скопје и Решението бр.09-4160/35 од 22.03.2017 година за објавување на означената одлука, донесено од градоначалникот на Општина Центар („Службен гласник на Општина Центар“ бр.6/2017).

2. Друштво за промет, трговија и услуги Амадеус Девелоп-мент ДООЕЛ Скопје, преку полномошник Ѓорѓи Доновски, адвокат од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата Општината Центар со оспорените одлуки поништила одлуки донесени пред повеќе од четири години што во целост не било во согласност со членовите: 30, 50, 51 и 52 од Уставот на Република Македонија, како и со Амандманот XVII на Уставот. Исто така, оспорените акти не биле во согласност со член 10 став 1 точки 1 и 12, член 11, член 15 став 1 точки 1 и 10, член 52, член 53 и член 54 од Законот за Градот Скопје; членовите 4 и 73 од Законот за локалната самоуправа; членовите: 1, 2, 4, 6, 11, 15 и 76 од Законот за просторното и урбанистичко планирање; одредбите од Законот за општата управна постапка и членовите 1, 2 и 3 од Правилникот за стандарди и нормативи за просторното и урбанистичко планирање.

Во иницијативата е содржано и посебно барање за донесување на решение за запирање на извршувањето на поеди-нечните акти и дејствија што се преземаат врз основа на оспорените акти.

3.Судот на седницата, утврди дека, Советот на Општина Центар-Скопје, врз основа на член 15 став 1 точка 1 алинеја 3 и член 26 од Статутот на Општина Центар, член 41 став 4 од Законот за просторното и урбанистичкото планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014, 44/2015, 193/2015, 31/2016 и 163/2016), на 5-та седница одржана на 22.03.2017 година донел четири одлуки и тоа:

-Одлука за поништување на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план „Голем ринг-Јужен дел-Запад“-Општина Центар-Скопје бр.07-5569/18 од 18.07.2012 година,

-Одлука за поништување на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план „Централно зеленило покрај реката Вардар-Јужен дел“-Општина Центар-Скопје бр.07-6530/12 од 13.09.2012 година,

-Одлука за поништување на Одлуката за донесување на изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за „Централно градско подрачје на Град Скопје-Мал ринг”-Општина Центар-Скопје број 07-9816/8 од 21.12.2012 година и

-Одлука за поништување на Одлуката за донесување на изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план „Голем ринг–Јужен дел-Исток“-Општина Центар-Скопје донесена од Советот на Општина Центар, број 07-2780/18 од 05.04.2012 година.

Сите одлуки имаат идентична содржина и го уредуваат: поништувањето на четири, одделно донесени, детални урбанистички планови во текот на 2012 година, влегувањето во сила на четирите претходно донесени детални урбанистички планови за истиот плански опфат и начинот на реализација на вака донесените одлуки.

Од страна на градоначалникот на Општина Центар на 22. 03.2017 година донесени се и четири посебни решенија за објавување на наведените одлуки во „Службен гласник на Општина Центар“ и истите се објавени во гласилото бр.6/2017.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од суштината на член 110 од Уставот произлегува дека Судот ја оценува уставноста само на оние закони и други акти што се дел од правниот поредок на Република Македонија, што значи дека Уставниот суд е надлежен да ја оценува уставноста само на оние акти кои се во правна сила, односно важат и се применуваат на територијата на Република Македонија, а не и на оние што престанале да важат.

Во конкретниот случај Уставниот суд:

– Со Одлука У.бр.38/2017 од 20.12.2017 година ја поништил Одлуката бр.08-4160/30 од 22.03.2017 година на Општина Центар за поништување на донесен Детален урбанистички план за „Централно зеленило покрај реката Вардар-Јужен дел“-Општина Центар“, заедно се решението за објавување.

Одлуката на Судот е објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.193/2017 од 27.12.2017 година.

-Со Одлука У.бр.37/2017 од 24.01.2018 година ја поништил Одлуката бр. 08-4160/28 од 22.03.2017 за поништување на донесен Деталнен урбанистички план „Голем ринг-Јужен дел-Запад“-Општина Центар, заедно со решението за објавување.

Одлуката на Судот е објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр25/2018 од 08.02.2018 година.

-Со Одлука У.бр.39/2017 од 24.01.2018 година ја поништил Одлука бр.08-4160/34 од 22.03.2017 година за поништување на донесен Детален урбанистички план „Голем ринг-Јужен дел- Исток“-Општина Центар заедно со решението за објавување.

Одлуката на Судот е објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2018 од 08.02.2018 година и

-Со Одлука У.бр.36/2017 од 31.01.2018 година ја поништил Одлуката бр.08-4160/32 од 22.03.2017 на Општина Центар за поништување на донесен Детален урбанистички план за „Централно градско подрачје на Град Скопје-Мал ринг”-Општина Центар заедно со решението за објавување.

Одлуката на Судот е објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2018 од 09.02.2018 година.

Сметано од наведените датуми кога се објавени четирите поништувачки одлуки на Судот (20.12.2017, 24.01.2018 и 08.02.2018 година) во означените службени гласила, оспорените акти повеќе не се дел од правниот поредок на Република Македонија, од каде Судот оцени дека не постојат процесни претпоставки за оценување на нивната согласност со Уставот и со закон.

Оттаму исполнети се условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот.

Од сето наведено произлегува и дека не се исполнети условите за донесување на решение согласно членот 27 од Деловникот на Судот за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорените акти.

5.Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседа-телот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.42/2017
21 февруари 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply