Решение У.бр.154/2017

У.бр.154/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 јануари 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 30-д став 1 алинеја 2 од Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2010, 53/2011, 6/2012, 23/2013 и 106/2013).

2. Винарската визба „Повардарие“ АД – Неготино, застапувана од адвокат Васко Томановиќ од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 30-д став 1 алинеја 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со Законот за изменување и дополнување на Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ бр.106/2013) бил дополнет Законот за виното со нов член 30-д, кој во ставот 1 алинеја 2 предвидувал: „По исклучок од член 30 став 1 алинеја 5 од овој закон, производителот на вино кој бил избришан од Регистарот од член 30 од овој закон, во текот на истата или наредната календарска година, може повторно да биде запишан во Регистарот на производители на вино доколку:

– плати надоместок за повторен упис на сметка на Буџетот на Република Македонија во висина од 10% од неисплатените финансиски обврски за купено винско грозје за претходната година согласно со податоците од извештајот од членот 30-а од овој закон (алинеја 2)“.

Оспорениот член 30-д став 1 алинеја 2 од Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2010, 53/2011, 6/2012, 23/2013 и 106/2013) не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според кој владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и со членот 55 од Уставот, со кој се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото (став 1), Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот (став 2), слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувување на природата, животната средина и здравјето на луѓето (став 3).

Во иницијативата се наведува дека деловниот однос помеѓу производителите на вино и добавувачите на винско грозје бил заснован на договори и обезбеден со одредбите од Законот за облигациони односи (член 266) кој определува право на казнена камата за задоцнето плаќање, и со одредбите од Законот за финансиска дисциплина („Службен весник на Република Македонија“ бр.187/2013), каде било уредено прашањето на ненавременото исполнување на паричните обврски кои произлегуваат од деловните трансакции. Поради тоа се поставувало прашањето, што претставувала законската обврска за пререгистрација на производителот на вино, да се плати во Буџетот на Република Македонија 10% од неисплатените финансиски обврски за купено винско грозје за претходната година согласно со податоците од извештајот од членот 30-а од Законот, како што е предвидено во оспорената одредба од Законот.

Овој услов за пререгистрација на производителот на вино, предвиден во оспорената одредба од Законот, ниту бил казна-глоба, ниту бил надоместок на штета, и не било јасно што всушност претставувала обврската за плаќање во Буџетот на Република Македонија, ако се има во предвид дека ненавременото исполнување на наплатата од страна на производителот на вино на никого не причинувало штета освен на производителите на грозје, но секако не на Република Македонија и нејзиниот Буџет.

Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба од Законот како несогласна со Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“бр.106/2013) кој влегол во сила на 29 јули 2013 година, бил предвиден член 30-д кој гласел:

(1) По исклучок од членот 30 став 1 алинеја 5 од овој закон, производителот на вино кој бил избришан од Регистарот од членот 30 од овој закон, во текот на истата или наредната календарска година, може повторно да биде запишан во Регистарот на производители на вино доколку:

– ги исполнува условите од членот 30 став 1 алинеи 1, 2, 3 и 4 од овој закон,
– плати надоместок за повторен упис на сметка на Буџетот на Република Македонија во висина на 10% од неисплатените финансиски обврски за купено винско грозје во претходната година согласно со податоците од извештајот од членот 30-а од овој закон и
– на лицата спрема кои има неисплатени финансиски обврски за купено винско грозје во претходната година им исплатил казнена камата согласно со Законот за облигациони односи за периодот од истекот на рокот за доставување на извештајот од членот 30-а од овој закон па се до целосната исплата на обврската.

(2) Потребната документација за докажување на исполнетоста на условите од ставот (1) алинеи 2 и 3 на овој член ги пропишува министерот.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативата се оспорува уставноста на член 30-д став 1 алинеја 2 од Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ бр.50/2010, 53/2011, 6/2012, 23/2013 и 106/2013), меѓутоа овој закон имал и подоцнежни измени и дополнувања со закони објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.188/2013, 149/2015, 39/2016 и 172/2016. Оспорената одредба од Законот, како таква со содржината која се оспорува постоела до донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за виното („Службен весник на Република Македонија“ бр.172/2016) кога со членот 8 од овој закон е изменет членот 30-д став 1 алинеја 2.

Со оглед на тоа што со иницијативата се оспорува законска одредба со содржина која престанала да постои во правниот поредок, односно не содржи законско нормирање кое со иницијативата се оспорува поради тоа што оспорената одредба е изменета, не постојат процесни претпоставки за постапување на Судот и согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот оцени дека иницијативата треба да се отфрли.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски,Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.154/2017
24 јануари 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply