У.бр.89/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 7 февруари 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Одлуката за стапување на Република Македонија во членство во Северно-атлантската договорна организација – НАТО, бр.88-4670/1 од 23 декември 1993 година донесена од Собранието на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.78/1993).

2. Светскиот Македонски Конгрес до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорената одлука не била во согласност со член 1, член 2, член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 120 од Уставот на Република Македонија.

Најнапред во иницијативата, подносителот ги цитира наведените членови од Уставот, а потоа наведува дека НАТО не е меѓународна организација, туку политички и воен сојуз на држави и затоа, според наводите во иницијативата, Одлуката за пристапување на Република Македонија во сојуз со НАТО Алијансата требало да се донесе во согласност со членот 120 од Уставот на Република Македонија.

Одлуката за стапување на Република Македонија во членство во Северноатлантската договорна организација – НАТО донесена на седница на Собранието на Република Македонија, одржана на 23 декември 1993 година, е во спротивност со членот 120 од Уставот.

Оттука, Одлуката за стапување на Република Македонија во членство во Северно-атлантската договорна организација – НАТО донесена на седница на Собранието на Република Македонија,одржана на 23 декември 1993 година, не била во согласност и со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, според кој „владеењето на правото“е утврдено за темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, и не била во согласност со членот 51 од Уставот на Република Македонија според кој „во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и дека, секој е должен да ги почитува Уставот и законите“.

Во иницијативата, исто така, се наведува дека Одлуката за стапување на Република Македонија во сојуз со НАТО Алијансата, на предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 40 пратеници, требало да ја донесе Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, а истата ќе се сметала за усвоена ако на референдум за неа гласало мнозинството од вкупниот број избирачи.

Од наведените причини, подносителот на иницијативата предлага оспорената одлука да се поништи и истовремено Уставниот суд да донесе времена мерка за запирање од извршување на Одлуката и актите што произлегуваат од оспорениот акт.

3. Судот на седницата утврди дека членот 1 од оспорената одлука предвидува дека Собранието на Република Македонија одлучи Република Македонија да стапи во членство во Северно-атланската договорна организација – НАТО.

Според член 2 од Одлуката, барањето за стапување во членство во Северно-атланската договорна организација – НАТО, да го поднесе претседателот на Република Македонија.

Со членот 3 од оспорената одлука се предвидува дека оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Според член 1 од Уставот на Република Македонија, Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава. Суверенитетот на Република Македонија е неделив, неотуѓив и непренослив.

Согласно членот 2 од Уставот, во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. Граѓаните на Република Македонија власта ја остваруваат преку демократски избрани претставници по пат на референдум и други облици на непосредно изјаснување.

Во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, се предвидува дека една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Во членот 51 од Уставот се предвидува дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Членот 120 од Уставот предвидува дека предлог за стапување во сојуз или заедница со други држави или истапување од сојуз или заедница со други држави можат да поднесат претседателот на Републиката, Владата или најмалку 40 пратеници. Одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави ја донесува Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави е усвоена ако на референдум за неа гласало мнозинството од вкупниот број избирачи.

Според членот 121 од Уставот, одлука за стапување во членство или за истапување од членство во меѓународни организации донесува Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници по предлог од претседателот на Републиката, Владата или најмалку 40 пратеници.

Од анализата на цитираните уставни норми vis a vis наводите во иницијативата, Судот оцени дека истите се неосновани од следниве причини.

Уставот на Република Македонија мошне јасно ја утврдува постапката и органите за одлучување на меѓународните односи на Републиката. Уставот ја презема традиционалната одредба, присутна во повеќе устави во светот кои што градат систем на парламентарна демократија, според која меѓународните договори во името на Република Македонија ги склучува Претседателот на Република Македонија. Притоа, Уставот допушта можност меѓународни договори да склучува и Владата на Република Македонија, кога тоа е определено со закон (член 119).

Но, многу позначајни се одредбите од Уставот кои ги регулираат прашањата за стапување во сојуз или заедница со други држави или истапување од сојуз или заедница со други држави. Како носители на предлогот за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држав, Уставот стриктно и набројува:1) Претседателот на Републиката,2) Владата или3) најмалку 40 пратеници.

Овој предлог тие го доставуваат до Собранието на Република Македонија кое одлуката за стапување или истапување од сојуз или заедница со други држави ја донесува со квалификувано, односно двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Но, постапката со тоа не е завршена. Одлуката донесена од Собранието се смета за усвоена ако на референдум за неа гласале мнозинството од вкупниот број избирачи (член 120).

Оспорената одлука е донесена врз основа на членот 121 од Уставот, и со истиот член Уставот предвидува пократка и поедноставна постапка кога станува збор за стапување во членство или истапување од членство во меѓународни организации, како што е и НАТО организацијата. Имено, во тој случај според овластувањата дадени во членот 121 од Уставот, кој е основ за донесување на оспорената одлука, одлука за стапување или истапување од членство во меѓународните организации донесува Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, а носител на предлогот е претседателот на Републиката, Владата или најмалку 40 пратеници.

Одлуката за стапување на Република Македонија во членство во Северно-атлантската договорна организација – НАТО, Собранието на Република Македонија ја донесе на 23 декември 1993 година и истата е донесена врз основа на членот 121 од Уставот. Донесувањето на оваа одлука врз основа на членот 121 од Уставот е поради тоа што НАТО претставува меѓународна организација, а не сојуз или заедница на држави, како што се сака да се прикаже во иницијативата. Стапувањето во сојуз или заедница со други држави е посебен облик на меѓудржавно сојузување и организирање што предвидува импликации врз прерогативата на државите кои стануваат дел од тој сојуз или заедница, а посебно по однос на суверенитетот на државите, обликот на државно уредување итн., што не е случај со стапување во членство во меѓународна организација. Токму поради тоа и Уставот прави битна разлика во самата постапка за стапување во сојуз или заедница со други држави (член 120) и постапката за стапување во членство во меѓународните организации, како што се предвидува со оспорената одлука (член 121).

Северно-атлантската договорна организација – НАТО е мултилатерална меѓународна организација или политички и воен сојуз – алијанса на 29 земји – членки кои ги исполнуваат целите на северноатлантскиот договор кој во неколку наврати е дополнет со неколку протоколи, а тоа е пред се „соработка во одбранбените и безбедносните прашања за превенирање и мирно решавање на конфликти, зачувување на безбедноста на земјите членки со политички и воени средства по принципот на колективна одбрана”.

Република Македонија има статус на асоцијативна членка, со што преку парламентарната димензија придонесува за афирмирање на процесите за реализација на оваа цел, како и активна партиципација во НАТО мисиите со подготовка на годишните акциски планови за членство.

Од членот 2 на оспорената одлука, јасно произлегува дека барањето за стапување во членство во Северно – атлантската договорна организација – НАТО, треба да го поднесе претседателот на Република Македонија, што е во согласност со членот 121 од Уставот.

Оттука, тргнувајќи од наведените аргументи според Судот не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека НАТО не е меѓународна организација врз основа на што со иницијативата се оспорува уставниот основ за донесување на Одлуката, поради што и не може да се доведе под сомнение нејзината согласност со Уставот на Република Македонија.Ова, дотолку повеќе што, оспорената одлука по наоѓање на Судот, е извор на идни правни дејствија од општо значење кои создаваат одредени правни норми во иднина, односно основ за настапување на поединечни акти и дејствија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите:Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.89/2017
7 февруари 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски