Решение У.бр.45/2017

У.бр.45/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 21 февруари 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 29 став 3 од Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија” број 25/2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 37/2006, 18/2007, 36/2007, 82/2008, 98/2008, 6/2009, 67/2009, 50/2010, 156/2010, 53/2011, 26/2012, 16/2013, 91/2013, 187/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 112/2014, 113/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 98/2015, 129/2015, 150/2015, 154/2015, 192/2015, 217/2015, 27/2016, 37/2016, 120/2016, 142/2016 и 171/2017).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 10 точка 8 и член 70 став 7 од Законот, означен во точката 1 од Решението.

3. Адвокатското друштво „Тошиќ и Јевтиќ”, преку адвокатот Ивана Јевтиќ од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот, означен во точката 1 од Решението.

Подносителот на иницијативата, цитирајќи ги оспорените одредби од Законот и член 1 став 1, член 8 став 1 алинеите 3 и 8, член 9 став 2, член 34, член 35 став 1 и член 39 од Уставот на Република Македонија, наведува дека со оспорените одредби од Законот за здравственото осигурување се повредувале уставните одредби, на начин што законодавецот го условил правото на здравствена заштита со околноста дали Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија склучил договор со определена здравствена установа. Со тоа законодавецот засегнал во правото на граѓаните слободно да определат во која здравствена установа ќе ги користат основните здравствени услуги, како и во нивното право слободно да го изберат својот лекар. За наведеното подносителот се повикува на одлуки на Уставниот суд У.бр.45/2006 од 11.07.2007 година и У.бр.185/2009 од 27.01.2010 година, наведувајќи дека Судот веќе расправал за истото прашање и оценил дека Фондот за здравствено осигурување кој имал својство на купувач на здравствени услуги, не бил тој кој можел да го условува остварувањето на правото на здравствена заштита и дека основниот пакет на здравствени услуги кои паѓале на товар на Фондот, осигуреникот можел да ги остварува во секоја здравствена установа, независно од тоа дали Фондот со истата склучил договор или не. Подносителот повикувајќи се на наведените одлуки, наведува и дека покрај тоа што се повредувале правото на социјална сигурност и социјална заштита, со оспорените законски одредби се загрозувал и се поткопувал принципот на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните на начин што се воспоставувала ситуација повторно да бидат ставени во сила еднаш укинати законски одредби од страна на Уставниот суд и со тоа што на Фондот за здравствено осигурување му било дадено овластување и дискреционо право да одлучи каде граѓаните имаат право да ги користат здравствените услуги.

Со иницијативата се предлага поништување на оспорените законски одредби.

4. Судот на седницата утврди дека според членот 10 од Законот за здравственото осигурување, со задолжителното здравствено осигурување не се опфатени здравствените услуги извршени во здравствени установи кои се надвор од мрежата на здравствени установи, во која се врши здравствената дејност, а според оспорената точка 8 на членот 10 од Законот, како и специјалистичко – консултативни и болнички здравствени услуги без упат од избраниот лекар и здравствени услуги и права кои произлегуваат од извршени здравствени услуги во здравствени установи каде што Фондот не го обезбедил вршењето на такви здравствени услуги, освен правата кои произлегуваат од областа на работните односи.

Според оспорениот член 29 став 3 од Законот, избраниот лекар и лекарот специјалист од ставот 1 на овој член го упатуваат осигуреното лице да користи здравствени услуги во здравствените установи, каде што Фондот обезбедил вршење на такви здравствени услуги.

Судот, исто така утврди дека според оспорениот член 70 став 7 од Законот, здравствените услуги на осигурените лица кои се извршени спротивно на ставот 1 на овој член, не паѓаат на товар на средствата на Фондот.

5. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 8 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдено со закон и со колективен договор.

Согласно член 35 став 1 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Во член 39 став 1 од Уставот е утврдено дека на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита.

Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеите 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија” број 25/2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 37/2006, 18/2007, 36/2007, 82/2008, 98/2008, 6/2009, 67/2009, 50/2010, 156/2010, 53/2011, 26/2012, 16/2013, 91/2013, 187/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 112/2014, 113/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 98/2015, 129/2015, 150/2015, 154/2015, 192/2015, 217/2015, 27/2016, 37/2016, 120/2016, 142/2016 и 171/2017), се уредува здравственото осигурување на граѓаните, правата и обврските од здравственото осигурување, како и начинот на спроведување на здравственото осигурување (член 1).

Со членот 2 од Законот е определено дека здравственото осигурување се установува како задолжително и доброволно (став 1). Задолжително здравствено осигурување се установува за сите граѓани на Република Македонија заради обезбедување на здравствени услуги и парични надоместоци врз начелата на сеопфатност, солидарност, еднаквост и ефективно користење на средствата под услови утврдени со овој закон (став 2). Доброволно здравствено осигурување се установува за обезбедување на здравствени услуги кои не се опфатени со задолжителното здравствено осигурување (став 3).

Согласно член 3 став 1 од Законот, задолжителното здравствено осигурување го спроведува Фондот за здравствено осигурување на Македонија (во натамошниот текст: Фонд), а според ставот 2 на членот од Законот, доброволно здравствено осигурување можат да спроведуваат друштва за осигурување основани според прописите за осигурување.

Предмет на оспорување со иницијативата се одредбите од член 10 точка 8, член 29 став 3 и член 70 став 7 од Законот за здравственото осигурување. Со иницијативата, посебна елаборација и аргументи за спротивноста на секоја оспорена законска одредба со одредбите на Уставот на кои се повикува подносителот, со иницијативата не се дадени, туку тие општо се оспоруваат, со посочување на одлуки на Уставниот суд и делови од правното мислење на тие одлуки (У.бр.45/2006 од 11.07.2007 година и У.бр.185/2009 од 27.01.2010 година), со наведување дека и конкретно оспорените законски одредби не биле во согласност со одредбите на Уставот.

Оспорениот член 10 точка 8 од Законот, определува дека со задолжителното здравствено осигурување не се опфатени здравствените услуги извршени во здравствени установи кои се надвор од мрежата на здравствени установи, во која се врши здравствената дејност, како и:

8) специјалистичко – консултативни и болнички здравствени услуги без упат од избраниот лекар и здравствени услуги и права кои произлегуваат од извршени здравствени услуги во здравствени установи каде што Фондот не го обезбедил вршењето на такви здравствени услуги, освен правата кои произлегуваат од областа на работните односи.

Во конкретниот случај, Судот утврди дека со Решение У.бр.163/2011 од 12.09.2012 година, Уставниот суд помеѓу другото, не повел постапка за оценување на уставноста и на членот 10 во делот: „извршени во здравствени установи кои се надвор од мрежата на здравствени установи, во која се врши здравствена дејност“ и точката 8 од Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 37/2006, 18/2007, 36/2007, 82/2008, 98/2008, 6/2009, 67/2009, 50/2010, 156/2010 и 53/2011).

Членот 10 точка 8 кој бил предмет на оценување, гласел:

„Со задолжителното здравствено осигурување не се опфатени здравствените услуги извршени во здравствена установа кои се надвор од мрежата на здравствени установи, во која се врши здравствената дејност, како и:

8) специјалистичко-консултативни и болнички здравствени услуги без упат од избраниот лекар и здравствени услуги и права кои произлегуваат од извршени здравствени услуги во здравствени установи каде што фондот не го обезбедил вршењето на такви здравствени услуги.”

Во конкретниот случај, Судот утврди дека содржината на член 10 точка 8 од Законот, кој се оспорувал со иницијативата по предметот У.бр.163/2011, е иста со содржината на сега оспорениот член 10 точка 8 од Законот, со тоа што во продолжение на предметната оспорена законска одредба, е содржан текстот: „освен правата кои произлегуваат од областа на работните односи”, кои со подоцнежни измени и дополнувања е уреден во членот од Законот.

Судот, утврди и дека членот 10 точка 8 од Законот, повторно бил оспорен, при што Судот со Решение У.бр.116/2012 од 10.10.2012 година, ја отфрлил иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 10 точка 8 од Законот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ број 25/2000, … и 26/2012).

Судот, постапувајќи по предметот У.бр.116/2012, се повикал на Решението У.бр.163/2011 од 12.09.2012 година, и ја отфрлил иницијативата поради одлучена работа.

Судот, повторно со Решение У.бр.78/2015 од 14.10.2015 година, ја отфрлил иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 10 став 1 точка 8 во делот „каде Фондот не го обезбедил вршењето на такви здравствени услуги“ од Законот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“број 25/2000, … и 154/2015), поради одлучена работа, исто така повикувајќи се на Решението У.бр.163/2011 од 12.09.2012 година.

Имајќи предвид дека Судот со Решение У.бр.163/2011 од 12.09.2012 година, веќе одлучувал за содржината: „специјалистичко-консултативни и болнички здравствени услуги без упат од избраниот лекар и здравствени услуги и права кои произлегуваат од извршени здравствени услуги во здравствени установи каде што Фондот не го обезбедил вршењето на такви здравствени услуги” на член 10 точка 8 од Законот за здравственото осигурување, а во конкретниот случај нема основи за поинакво одлучување, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Судот оцени да не се впушта во мериторно одлучување по иницијативата во овој дел и истата да ја отфрли, поради одлучена работа.

Со предметната иницијатива, како оспорена е опфатена целата точка 8 на членот 10 од Законот, во која е содржан и делот: „освен правата кои произлегуваат од областа на работните односи”, кој дел дополнително е уреден со измени и дополнувања на Законот. Меѓутоа во иницијативата не се изнесени аргументи и образложени причини за неговата спротивност со одредбите на Уставот, што согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, е процесна пречка за одлучување по иницијативата и причина за отфрлање на истата во тој дел.

Што се однесува до посочените одлуки со иницијативата У.бр.45/2006 од 11.07.2007 година и У.бр.185/2009 од 27.01.2010 година, со кои биле укинати слични или делумно исти законски решенија, Судот постапувајќи по предметот У.бр.163/2011 кога одлучувал за уставноста на член 10 точка 8 од Законот, ги имал во предвид наведените одлуки, кои исто така биле посочени со иницијативите по тие предмети. Меѓутоа Судот го имал во предвид и претходното одлучување кога постапувал по предметот У.бр.25/2009, каде со Решение У.бр.25/2009 од 10.06.2009 година, не повел постапка за оценување на уставноста на член 10 став 1 точка 8, во делот: „или извршени здравствени услуги во здравствени установи каде што Фондот не обезбедил вршење на здравствени услуги на негов товар“ од Законот за здравствено осигурување („Службен весник на Република Македонија“ број 25/2000, … и 6/2009).

Во образложението на Решението по предметот У.бр.163/2011, со кое Судот не повел постапка за оценување на уставноста на член 10 точка 8 од Законот, Судот изразил став дека со оспореното законско решение не се ограничувало правото на избор на лекар и правото на избор на здравствена установа за добивање на здравствена услуга бидејќи граѓаните биле слободни во изборот каде ќе ја остварат здравствената услуга, дали во здравствена установа
каде што Фондот ја обезбедил здравствената услуга на негов товар, или пак во здравствена установа каде не постоел склучен договор помеѓу Фондот и здравствената установа за таа цел, во кој случај трошоците за здравствената услуга, паѓаат на товар на самите осигуреници. Според Судот, договорот помеѓу Фондот и одредена здравствена установа е доброволен договорен однос помеѓу Фондот како купувач на услугите од една страна и здравствената установа, како продавач на услугите, од друга страна. Станува збор за чист облигационо-правен однос (договорен однос) од кој произлегуваат одредени права и обврски за двете страни – Фондот за здравствено осигурување (како купувач) и одредена здравствена установа (како продавач на здравствени услуги). Во оваа смисла, Судот не го прифатил и тврдењето во иницијативите дека одредени приватни здравствени установи биле доведени во нееднаква правна положба во однос на другите со кои Фондот склучил договор од причина што се работело за присуство на субјективен елемент, волја, за склучување на ваков договор, а и поради тоа што постоела можност, некои приватни здравствени установи да не сакаат да постигнат таков договор со Фондот. Судот во образложението навел и дека, во отсуство на такви законски решенија, се отворала можност за зголемување на бројот на непотребни здравствени услуги, што можело да доведе до неконтролирано вршење на здравствени услуги и неможност од планирање на потребите на осигурените лица за одреден вид на здравствени услуги, неможност за следење на потребните трошоци во здравствените установи и неможност за покривање на трошоците на здравствените установи кои немаат склучено договор со Фондот за здравствено осигурување на Македонија.

Според оспорениот член 29 став 3 од Законот, избраниот лекар и лекарот специјалист од ставот 1 на овој член го упатуваат осигуреното лице да користи здравствени услуги во здравствените установи, каде што Фондот обезбедил вршење на такви здравствени услуги.

Во однос на овој оспорен член од Законот, со иницијативата не се дадени посебни аргументи за причините поради кои подносителот смета дека ова законско решение, не е во согласност со одредбите на Уставот, туку законската одредба општо се оспорува во контекст на другите оспорени законски одредби. Всушност, сите оспорени законски одредби се оспоруваат од ист аспект, односно дека го условувале правото на здравствена заштита со околноста дали Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија склучил договор со определена здравствена установа или не, односно дека со тие оспорени законски одредби се засегнувало во правото на граѓаните слободно да определат во која здравствена установа ќе ги користат основните здравствени услуги, како и во нивното право слободно да го изберат својот лекар.

Во оваа насока, прашањето, дали со ваквите законски решенија се ограничуваат и условуваат граѓаните во нивното право на избор на лекар и здравствена установа, Судот утврди дека за ова прашање веќе изразил став по предметите У.бр.25/2009, У.бр.197/2010, У.бр.163/2011, но и по предметот У.бр.109/2009 и 185/2009 (кои се здружени предмети), каде Судот оценил дека ваквите законски решенија, не се во спротивност со одредбите на Уставот.

Конкретно, Уставниот суд со Решение У.бр.109/2009 и У.бр.185/2009 од 11.11.2009 година (кои се здружени предмети), не повел постапка за оценување на уставноста на член 10 став 1 точка 7-а и 8 во делот „специјалистичка, консултативна и болничка здравствена услуга без упат од избраниот лекар“, поднасловот „Упатување“ и член 29 од Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2000, … и 67/2009).

Членот 29 од Законот со поднаслов „Упатување“ кој бил предмет на оцена пред овој суд, содржел само два става и уредувал дека осигуреното лице може да користи здравствени услуги во специјалистичко-консултативната и во болничката здравствена заштита, со упат од избраниот лекар согласно со член 9 став 2 на овој закон (став 1) како и дека по исклучок од ставот 1 на овој член, во итни случаи, осигуреникот може да користи здравствени услуги без упат (став 2).

Според ставот на Судот изразен по предметите У.бр.109/2009 и У.бр.185/2009 (кои се здружени предмети), законската поставеност на институтот избран лекар значело остварување на постојано следење на здравјето на пациентот од ист лекар, прибирање на сите информации и медицинска документација. Преку избраниот лекар, кој осигуреникот согласно актот на Фондот може да го смени доколку не е задоволен од медицинскиот третман спрема него, осигуреникот ја остварува потребата од здравствени услуги во примарната, специјалистичко-консултативната и болничката здравствена заштита со упат, за кои услуги надоместокот во здравствени установи го врши Фондот. Од друга страна, со утврдената обврска дека осигуреникот при користење на здравствени услуги во специјалистичко консултативните и болнички установи преку упат, се воспоставува систем на здравствена заштита на различни нивоа на специјалност кога за тоа постојат релевантни стручни медицински индикации, со што се елиминира неконтролираното и непотребно користење на здравствените услуги во овие здравствени установи на товар на Фондот за здравствено осигурување. Ова дотолку повеќе што ако се дозволи осигуреникот да може да користи услуги на товар на Фондот во примарната здравствена заштита кај било кој лекар, а кој не му е избран лекар, или, пак, без упат, освен во итни случаи, да користи услуги во специјалистичко-консултативни и болнички установи, се поставува прашањето дали воопшто е потребен институтот избран лекар утврден со закон и воспоставениот систем на остварување на здравствена заштита според медицински параметри и индикации. Оценувајќи ја уставноста на членот 29 од Законот во погоре наведениот предмет, Судот, помеѓу другото изразил и став дека: …со предвидената законска обврска осигуреникот да има избран лекар во примарната здравствена заштита, за што тој при преглед кај овој лекар за извршена здравствена услуга не партиципира, туку тоа го прави Фондот, а доколку осигуреникот врши преглед во примарна здравствена заштита кај лекар кој не му е избран лекар т.н. матичен лекар, трошоците паѓаат на товар на осигуреникот, не се доведуваат во прашање правото на избор на лекар и правото на здравствена заштита.

Со подоцнежни измени и дополнувања на предметниот закон, членот 29 од Законот, добива пет става, а со иницијативата се оспорува ставот 3 на членот 29 од Законот, за кој според Судот, исто така не може да се постави прашањето за неговата согласност со одредбите на Уставот, поради следното:

Од оспореното законско решение произлегува обврска на избраниот лекар и лекарот специјалист да го упатат осигуреникот, здравствената услуга да ја оствари во оние здравствени установи каде трошоците за реализираната здравствена услуга, ќе паднат на товар на Фондот, односно во оние здравствени установи со кои Фондот склучил договор, кое е во рамките на целокупната поставеност на здравствениот систем и произлегува од Законот. Според Судот, обврската за упатување на осигурениците во наведените здравствени установи, која како императив е уредена за избраниот лекар и лекар специјалист, не значи и обврска за осигурениците, да мора да го прифатат тоа упатување. Имајќи предвид дека наведеното упатување, не значи неможност или ограничување за граѓаните осигуреници здравствените услуги да ги остварат и во други здравствени установи, поточно во здравствени установи каде Фондот не обезбедил вршење на такви здравствени услуги на негов товар, таква забрана ниту постои во оспорената законска одредба, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на членот 29 став 3 од Законот со одредбите на Уставот на кои се повикува подносителот со иницијативата.

Според оспорениот член 70 став 7 од Законот, здравствените услуги на осигурените лица кои се извршени спротивно на ставот 1 на овој член, не паѓаат на товар на средствата на Фондот.

Содржината на сега оспорениот член 70 став 7 од Законот, исто така бил предмет на оцена пред овој суд.

Имено, со Решение У.бр.197/2010 од 13.11.2013 година, Уставниот суд, не повел постапка за оценување на уставноста на член 70 став 6 од Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2000, … и 16/2013) кој гласел: „Здравствените услуги на осигурените лица кои се извршени спротивно на ставот 1 на овој член, не паѓаат на товар на средствата на Фондот.”

Членот 70 став 7 од Законот за здравственото осигурување, кој се оспорува со предметната иницијатива, го содржи истото уредување како во ставот 6 на членот 70 од Законот за кој Судот одлучувал, само што во случајов е нумериран како „став 7”, како резултат на измени и дополнувања на Законот во овој дел.

Имено, Судот со Решението У.бр.197/2010 од 13.11.2013 година, со кое не повел постапка за оценување на уставноста на член 70 став 6 од Законот, изразил став дека на граѓаните им е дадена можност да изберат дали здравствената заштита ќе ја остварат во здравствена установа влезена во мрежата на здравствени установи, која е составена од приватни (меѓу кои се и конкретни посебно афирмирани здравствени установи) и јавни здравствени установи (меѓу кои се и клиничките болници), при што бројот на овие здравствени установи е огромен (над 4.000), со што здравствената заштита граѓаните ќе ја остварат од нивниот придонес за здравствено осигурување, или ќе изберат здравствената заштита да ја остварат во здравствени установи кои се надвор од мрежата на здравствените установи, при што ќе изберат со лични средства да ја платат пружената здравствена услуга. Оттука Судот оценил дека граѓаните имаат избор (квалитативен и квантитативен) и ставени се во еднаква правна положба во однос на основните здравствени услуги од задолжителното здравствено осигурување, а граѓанинот кој сака здравствена услуга од задолжителното здравствено осигурување надвор од мрежата на здравствените установи, исто така, има избор таа здравствена услуга да ја оствари во, според него, соодветна здравствена установа и за чија здравствена услуга знае дека самиот ја плаќа иако е здравствено осигуран а тоа значи дека нееднаквоста би била последица на таквиот избор на граѓанинот-осигуреник. Исто така, Судот утврдил дека …„предвидувањето во оспорениот член 70 став 6 од Законот, „здравствените услуги на осигурените лица кои се извршени спротивно на ставот 1 на овој член, не паѓаат на товар на средствата на Фондот“, осигуреното лице да може да ги оствари здравствените услуги само во здравствени установи со кои Фондот склучил договор, значи определување на начинот на остварувањето на правата на здравствена заштита, за што Фондот, формално гледано, има законско овластување во член 9 став 4 од Законот за здравственото осигурување, и за што Фондот, содржински гледано, има директно законско овластување во член 68-а став 2 и член 70 став 1 од Законот за здравственото осигурување како и индиректно законско овластување во член 9 став 2 и член 10 од наведениот закон”. Поради наведеното, пред Судот не се поставило прашањето за согласноста на оспорената одредба на членот 70 став 6 од Законот за здравственото осигурување со одредбите од член 8 став 1 алинеите 3 и 8, членот 9, членот 35 став 1 и членот 39 од Уставот.

Со оглед дека Уставниот суд веќе одлучувал за уставноста на членот 70 став 7 (претходно став 6) од Законот за здравствено осигурување, а во конкретниот случај нема основи за поинакво одлучување, Судот согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот, оцени да ја отфрли иницијативата и во овој дел, поради одлучена работа.

6. Имајќи го предвид погоре наведеното, Судот оцени дека не може да постави прашањето за согласноста на оспорениот член 29 став 3 од Законот со одредбите на Уставот. Исто така Судот одлучи согласно член 28 алинеите 2 и 3 од Деловникот да ја отфрли иницијативата во однос на оспорениот член 10 точка 8 од Законот, поради одлучена работа и поради постоење на процесни пречки за одлучување по иницијативата. Воедно и во однос на содржината на член 70 став 7 (тогаш означен како став 6), Судот одлучи иницијативата да ја отфрли поради одлучена работа согласно член 28 алинеи 2 од Деловникот на Уставниот суд.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од Решението.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.45/2017
21 февруари 2018 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply