Решение У.бр.27/2017

У.бр.27/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеа 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 6 декември 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 11 став 8 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016 и 142/2016).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 30 став 4, член 68 ставови 2, 3 и 4 и член 153 став 7 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Организацијата на работодавачи на Македонија, преку претседателот Ангел Димитров од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива за оценување на уставноста на членовите означени во точките 1 и 2 од Законот за нотаријатот.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените одредби не биле во согласност со член 8, член 9, член 30, член 50, член 53, член 54 став 1 и член 55 од Уставот.

Според подносителот со оспорениот член 11 став 8 од Законот, адвокатите неоправдано биле фаворизирани за сметка на правниците од стопанството. Иако коректноста налага секогаш да се оправда причината за минимизирање на улогата на одредени лица за сметка на други, таквото нешто е изоставено во конкретниов случај.

Флоскулата дека тоа е така за да се зголеми правната сигурност на странките во постапката пред нотар, побргу добро звучи отколку што е засновано на научни аргументи и факти.

Новото законско решение не се базира на друго компаративно искуство на земјите членки на ЕУ или на оние кои кандидираат за членство.

Оттука, според подносителот воопшто не е јасно од кои причини според членот 11 став 8, зашто стажот на правниците кои работат во трговските друштва не може да се смета како предност во случај на рангирање кандидат за нотар?

Проценката дека правник вработен кај извршител или трето лице подобро ќе ја врши нотарската служба од правник вработен во трговско друштво е погрешно и незасновано на факти и аргументи. Нотарот е само лице што врши јавни овластувања утврдени со закон, поради што поделбата не смее да биде заснована на видот овластување кое лицето го има, туку на видот на материјата која ја работи.

Според подносителот оваа одредба е крајно дискриминаторска во однос на правниците кои работат во стопанството од аспект на тоа што покрај критериумот должина на работен стаж за давање предност во рангирањето, се определуваат и работни места кои се основа за подобар ранг на одреден правник кој е кандидат за нотар. Во таквата провизорна класификација, намерно од невнимание или заради непознавање на правната материја, се испуштени правниците кои работат во стопанството.

Но и покрај претходно наведеното, иако со член 11 став (8) од Законот за нотаријат на правниците кои работат во трговските друштва во конкуренција со други категории правници не им се дава предност во постапката за изменување на нотар во член 161 став (1) од Законот се предвидува кои лица можат да полагаат т.н. квалификационен испит и испит за рангирање за нотар, децидно е наведено дека секој дипломиран правник со положен правосуден испит може да ги полага овие испити.

Оттука, оправдано се поставува прашањето зошто на секој правник со положен правосуден испит му се дозволува да ги полага стручните испити како основа за именување на нотар, а од друга страна се врши елиминација на правници на трговски друштва во фазата на самото именување. Според тоа, за подносителот станува збор за две одредби помеѓу кои постои колизија.

Ваквиот процес на изземање на правниците вработени во стопанството од можноста да ги застапуваат трговските друштва во кои се вработени во постапките пред нотар, се наоѓа и во член 30 став 4 од Законот. Едноставно кажано, адвокатурата со новиот Закон за нотаријат се прокламира како гарант за правната сигурност на граѓаните и трговските друштва во инаку неспорните постапки пред нотарите. Од друга страна, пак, целта на зголемувањето на надлежностите на нотарите беше единствено растоварување на судовите од неспорните работи. Сите тие активности требало да се одвиваат под превезот на начелата на економичност. Но, дали таа цел е постигната со едно вакво неиздржано законско решение. За подносителот на иницијативата особено е спорен член 68 став 2 од Законот за нотаријат, при што се наведува дека се што е поврзано со активностите околу издавањето на платни налози и заштита на имотните права во таа постапка е ексклузивно право на адвокатите.

Притоа поштедена од еден ваков облик на дискриминација се само друштвата (освен доколку доверител е Република Македонија) и делумно банките, штедилниците, финансиските друштва, давателите на финансиски лизинг и осигурителните компании.

Од друга страна на сите останати субјекти без никаква правна постапка им се одзема ова право, оценувајќи ги како неспособни за поднесување на предлог за издавање на решение за нотарски платен налог. Уште повеќе, нотарот не може ниту да издаде платен налог, доколку странките претходно не ја надоместиле неговата и наградата на адвокатот (член 153 став 7).

Понатаму, подносителот на иницијативата ја цитира Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.134/2002 година од 18.02.2003 година и наведува дека со истата Судот спречил еден потполно ист облик на монополизација на пружањето и обезбедувањето на правната заштита кој бил направен со Законот за адвокатура од причина што правната заштита ја обезбедувале исклучиво адвокатите.

Исто така подносителот наведува дека со новиот Закон за нотаријат не се повредува само правото на помош, туку и правото непосредно и самостојно да се побара заштита за еден од наједноставните начини на заштита на правата.

Ставовите за неиздржаност на новите решенија во Законот за нотаријат, целосно и недвосмислено се поткрепуваат и со одредбите од Регулативата бр.1896/2006 од Европскиот парламент и Совет за воведување на постапка за европски платен налог од 12.12.2006 година.

Исто така, во иницијативата се укажува и на Спогодбата за стабилизација и асоцијација меѓу Република Македонија од една страна и Европската заедница и нивните земји-членки од друга страна („Службен весник на РМ“ бр.28/2001) кој има за цел поддржување на нотарите на Република Македонија за развој и економска и меѓународна соработка и усогласување на законодавството со законодавството на заедницата.

Во иницијативата се цитирани одредбите од член 8,член 9, член 30, член 50 став 1,член 53,член 54 и 55 од Уставот и се наведува дека оспорените одредби од Законот за нотаријатот не кореспондираат со улогата, значењето и воопшто со определбите изразени во Уставот во поглед на слободите и правата на човекот и граѓанинот. Ова од причина што решението во оспорените одредби од Законот, според кое правната помош единствено и исклучиво ја обезбедуваат адвокатите, не е во интерес на граѓаните и правните лица прво затоа што премногу е рестриктивна во однос на кругот на лицата (целосно се исклучени правниците кои работат во трговските друштва и второ, ова решение создава дискриминација меѓу граѓаните и правните лица како по нивниот вид (држава, банка, други трговски друштва) така и по основ на имотна состојба бидејќи правната помош во овој случај ќе им биде достапна само на онаа категорија на граѓани и правни лица кои ќе имаат средства да ги платат услугите на адвокатите што не било случај пред донесување на новиот Закон за нотаријатот.

Самата поделба на правните субјекти според кои некои можат (банки, државата итн.), а останатите не можат самостојно да преземаат дејствија пред нотар, е направено без никаков критериум и е чиста дискриминација која е основа за нарушување на балансот или еднаквоста на положбата на субјектите на пазарот.

Според подносителот од наведените причини опстанокот на оспорените одредби во правниот промет ќе значи попречување на остварување на слободите и правата на човекот и граѓанинот.

Врз основа на изнесеното, подносителот му предлага на Судот да ги укине или поништи оспорените одредби од Законот, а до донесување на конечна одлука да донесе и времена мерка.

4. Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 11 став (8) од Законот е предвидено дека „Комисијата при изготвување на ранг листата, доколку кандидатите имаат ист број на освоени бодови, ги зема предвид времетраењето и видот на работниот стаж. Предност во рангирањето има оној кандидат со подолг работен стаж стекнат кај нотар, извршител, адвокат, во правосудни органи и органи на државна управа од областа на правосудство и финансии“.

Во оспорениот член 30 став 4 од Законот е предвидено дека:

„Нотарот ќе одбие преземање на службено дејствие, ако странките немаат уредно овластување во согласност со прописите со кои е уредено преземањето на таквото дејствие, како и доколку исправата за правната работа не содржи адвокатски печат и потпис, односно не е присутен адвокат согласно одредбите од овој закон“.

Во оспорениот член 68 ставови 2, 3 и 4 од Законот е предвидено:

„(2) Предлог за издавање на решение за нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа, приговорот против решението со кое е издаден нотарски платен налог или по однос на одлуката за трошоците, приговорот против решението на нотарот со кое се отфрла предлогот како неуреден, предлогот за укинување на потврдата на правосилност и извршност, приговорот против решението на нотарот за укинување на потврдата за правосилност и извршност, приговорот против одлуката на нотарот со која се одбива предлогот за укинување на потврдата за правосилност и извршност, жалбата против решението на судот, задолжително ги составува адвокат и содржат адвокатски печат и потпис, освен доколку доверител е Република Македонија.

(3) По исклучок од ставот (2) на овој член, предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог од страна на доверител за побарување кое произлегува од комунални услуги и тоа:

– за вода, смет и одржување на заеднички простории за парично побарување од веродостојна исправа до 2.000,00 денари за електрична или топлинска енергија за парично побарување од веродостојна исправа до 6.000,00 денари, – за телефонија, мобилни оператори или кабелски оператори за парично побарување од веродостојна исправа до 2.000,00 денари, се поднесува непосредно до нотарот.

(4) По исклучок од ставот (2) на овој член, предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог од страна на доверител банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или осигурително друштво, не мора да биде составена од адвокат и да содржи адвокатски печат и потпис, доколку вредноста на побарувањето во веродостојната исправа е над 10.000 евра“.

Понатаму, Судот утврди дека во член 153 став 7 од Законот е предвидено дека:

„Нотарот нема да ја издаде нотарската исправа или решение кое го донесува согласно одредбите од овој закон, доколку странките претходно не ги надоместат наградата и трошоците на нотарот и адвокатот и таксите утврдени со овој закон“.

5. Темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, во смисла на член 8 став 1 алинеи 1, 3, 6 и и 11 од Уставот се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, правната заштита на сопственоста и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.

Со членот 30 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Во членот 50 од Уставот се предвидува дека секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност. Се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања. Граѓанинот има право да биде запознат со човековите права и основни слободи и активно да придонесува, поединечно или заедно со други за нивно унапредување и заштита.

Членот 53 од Уставот предвидува дека адвокатурата е самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот. Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната за мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување,на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Со членот 55 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016 и 142/2016), ги уредува организацијата на нотаријатот како јавна служба и неговите органи, постапката за именување и разрешување на нотарите, делокругот на работа и службените дејствија на нотарите, овластувањата на нотарите, составување на нотарски исправи, надзорот и дисциплинската одговорност на нотарите, како и други прашања кои се однесуваат на нотаријатот (член 1).

Според членот 2 од истиот закон, нотарската служба е јавна служба што ја вршат нотари, кои се самостојни и независни носители на таа служба (став 1). Нотаријатот е самостојна, независна јавна служба во која се вршат работи од видот на јавни овластувања, врз основа на закон (став 2).

Согласно член 3 од Законот, нотарот е лице што врши јавни овластувања утврдени со закон, именувано од Министерството за правда, кое нотарската служба ја врши како единствено професионално занимање (став 1). Нотарската служба опфаќа составување и издавање на јавна исправа за правните работи во форма на нотарски акт, изјави и потврди за факти врз основа на кои се востановуваат права или обврски, донесување решенија во постапка за издавање на нотарски патни налози, потврдување на приватни исправи (солемнизација), издавање на потврди, заверка на потпис и ракознак, на препис, на превод, примање на чување исправи, на пари и на предмети од вредност заради нивно предавање на други лица или органи, како и вршење на доверени работи определени со закон (став 2). Нотарската служба нотарот ја врши слободно, независно, самостојно, стручно и непристрасно врз основа на Уставот, закон, меѓународни договори што се ратификувани во согласност со Уставот на Република Македонија и други прописи и општи акти засновани врз основа на закон (став 3). Нотарската служба се врши со примена на начелата за гарантирање на законито вршење на работите, одговорност за причинетата штета во вршењето на нотарската служба, неспорност на правниот однос, надзор над законитоста во вршењето на нотарската служба, угледно и достоинствено вршење на нотарската служба и надоместок за извршената работа (став 4).

Според член 4 од Законот нотарските исправи се јавни исправи кои нотарот ги составил во рамки на делокругот на работата и службените дејствија утврдени со закон и тие исправи за правни работи и изјави кои ги составил нотарот во форма на нотарски акт, нотарски писмен налог, записници за правни работи и други дејствија што ги презел нотарот или биле преземени во негово присуство (нотарски записници), потврди за факти кои нотарот ги утврдил со непосредно забележување или со помош на исправи (нотарски потврди) и потврдени (солемнизирани) приватни исправи (став 1). Нотарски заверки се заверени на потпис и ракознак, заверки на идентичност на препис или извод (заверка на пропис), заверки на превод и други заверки предвидени со закон (став 2). Нотарските акти, потврдените (солемнизирани) приватни исправи, нотарските платни налози и решенија донесени во оставинска постапка како доверени работи од судот, во случаите утврдени со овој закон имаат сила на извршна исправа (став 3). Нотарските исправи имаат доказна сила на јавни исправи ако при нивното составување и издавање се исполнети потребните услови со овој закон (став 4). Нотарските заверки имаат доказна сила на јавни исправи во делот на фактите кои нотарот ги потврдил (став 5).

Во членот 10 од Законот за нотаријат се утврдени условите за именување на нотар при што:

(1) За нотар може да биде именувано лице кое ги исполнува следниве услови:
а) да е државјанин на Република Македонија;
б) да е деловно способно и да има општа здравствена способност, што се докажува со уверение издадено од надлежна здравствена установа од областа на медицината на трудот; )
в) да е дипломиран правник со завршено четиригодишно високо образование на правни студии или дипломиран правник кој според Болоњската декларација има 300 кредити на правни студии според Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС) или нострифицирана диплома за завршени правни студии во странство во траење од четири години или според Болоњската декларација има 300 кредити на правни студии според Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС);
г) да има положено правосуден испит;
д) да има положено квалификационен нотарски испит и испит за рангирање за нотар за конкретниот конкурс, психолошки тест и тест на интегритет;
ѓ) да има работен стаж на правни работи од најмалку две години по положен правосуден испит;
е) да не е осуден со правосилна судска одлука на безусловна казна затвор над шест месеци или да не му е изречена забрана за вршење на професија, дејност или должност;
ж) да даде изјава заверена од нотар дека ќе обезбеди соодветна опрема и простории за вршење на нотарската служба;
з) да даде изјава пред нотар дека не е презадолжено, со сите последици од давање на лажен исказ;
ѕ) активно да го владее македонскиот јазик и неговото кирилско писмо;
и) да поседува меѓународно признат сертификат за познавање на најмалку еден од трите најчесто користени јазици на Европската Унија (англиски, француски, германски) издаден од официјален европски тестатор, член на здружението ALTE на европски тестатори на Б1 (B1) нивото на ЦЕФР (CEFR), односно ИЕЛТС со 3,5 -4,5 поени, ПЕТ, БЕК П, БУЛАТС, или Аптис, или ТОЕФЕЛ ПБТ најмалку 450 бода, ТОЕФЕЛ ЦБТ најмалку 135 бода, или ТОЕФЕЛ ИБТ најмалку 45 бода, или ДЕЛФ, ТЦФ, ТЕФ, или Гете сертификат, ТестДаФи
ј) да не му престанала функцијата судија, односно не му престанал работниот однос како државен службеник, помошник нотар, заменик нотар, адвокат или извршител со правосилна одлука во дисциплинска постапка додека не поминат три години од денот на правосилноста на одлуката.

(2) Кандидатот за нотар доставува пријава со прилози со кои се докажува дека се исполнети условите за именување на нотар утврдени во став (1) точки б), в), д)-во делот на психолошки тест и тест на интегритет, ѓ), ж), з), ѕ), и) и ј) на овој член. Преостанатите документи за исполнување на условите за именување на нотар утврдени во став (1) точки а), г), д) -во делот на нотарскиот испит и е) на овој член, Министерството ги прибавува електронски по службена должност од имателите на соодветните информации, за што од кандидатот наплатува надоместок во висина на реалниот трошок.

Во членот 11 од Законот е уредена постапка за именување на нотар при што:

(1) Нотарот се именува со решение на Министерството врз основа на конкурс.
(2) Конкурсот за именување на нотари го распишува Министерството, а го спроведува Комората која за таа цел формира комисија составена од пет члена од кои два члена од Комората, еден член по предлог од Судскиот совет на Република Македонија, еден член по предлог од Академијата за судии и јавни обвинители и еден универзитетски професор од правните факултети акредитирани во Република Македонија. При формирањето на комисијата од овој став, Комората го применува начелото на соодветна и правична застапеност.
(3) Во конкурсот се определува службеното подрачје за кое треба да се именува нотарoт, вкупниот број на објавените нотарски места и бројот на местата за припадници на заедниците од вкупниот број на објавени места, почитувајќи го начелото за соодветна и правична застапеност. Ако истовремено се распишува конкурс за повеќе нотарски места, во конкурсот се наведува можноста дека кандидатите можат да се пријават за сите објавени нотарски места. Ако кандидатот се пријавува за повеќе нотарски места, во пријавата може да го наведе приоритетот на местата на кои сака да биде именуван.
4) Конкурсот за именување на нотари се објавува во „Службен весник на Република Македонија” и во два дневни весници, од кои по еден од весниците што се издаваат на македонски јазик и во весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.
(5) Рокот за пријавување на заинтересираните кандидати е 30 дена од денот на објавувањето на конкурсот во „Службен весник на Република Македонија”, во кој рок кандидатите се должни да го положат нотарскиот испит за објавениот конкурс. Воедно кандидатите се должни да достават доказ за положен психолошки тест и тест на интегритет од акредитирани лица.
(6) Пријавите заедно со прилозите во оригинал или заверен препис од членот 10 став (2) од овој закон со кои се докажува дека се исполнети условите за именување на нотар согласно со членот 10 став (1) од овој закон, се поднесуваат писмено до Комората, освен оние документи кои Министерството ги прибавува по службена должност.
(7) По истекот на рокот од ставот (5) на овој член, Комисијата е должна најдоцна во рок од пет дена од денот на завршувањето на конкурсот, да ги достави до Министерството сите примени пријави, со изготвена ранг листа на кандидати според вкупно освоените бодови од:
-нивниот успех во текот на студиите и -постигнатиот успех на испитот за рангирање за нотар.
(8) Комисијата при изготвување на ранг листата, доколку кандидатите имаат ист број на освоени бодови, ги зема предвид времетраењето и видот на работниот стаж. Предност во рангирањето има оној кандидат со подолг работен стаж стекнат кај нотар, извршител, адвокат, во правосудни органи и органи на државна управа од областа на правосудство и финансии.
(9) Министерството именувањето на нотар го врши од ранг листата од ставот (8) на овој член, доставена од комисијата според бројот на вкупно освоените бодови, во рок од три работни дена сметано од денот на приемот на ранг-листата врз основа на рангирањето на кандидатите доставено од Комисијата.
(10) Доколку во прворангираните кандидати нема доволен број на припадници на заедниците согласно со објавениот конкурс за кој се врши именувањето, се распишува дополнителен конкурс во рок од пет дена од истекот на рокот од ставот (9) на овој член, само за оној број на припадници на заедниците за кои што не може да се изврши именување по конкурсот од ставот (3) на овој член. Во дополнителниот конкурс се утврдува потребниот минимален број на бодови кои треба да ги има кандидатот, а кој број треба да е идентичен со бројот на бодови со кои е именуван последниот кандидат од ранг листата од објавениот конкурс од ставот (3) на овој член. Во дополнителниот конкурс се определува датумот за одржување на дополнителниот испит. Рокот за пријавување на заинтересираните кандидати е 30 дена од денот на објавувањето на дополнителниот конкурс во „Службен весник на Република Македонија”, во кој рок кандидатите се должни да го положат нотарскиот испит за објавениот дополнителен конкурс. Именувањето на нотарот од дополнителниот конкурс од овој став, Министерството задолжително го врши во рок од три работни дена од денот на приемот на ранг-листата од Комисијата, врз основа на рангирањето на кандидатите само доколку кандидатот го постигнал минимално потребниот број на бодови утврдени со дополнителниот конкурс. Доколку по одржување на дополнителниот испит и доставување на дополнителната ранг листа кандидатите не ги освоиле најмалку минимално потребниот број на бодови определени во конкурсот, Министерството именувањето го врши редоследно од прворангираните кандидати кои не биле именувани од ранг-листата од претходно објавениот конкурс од ставот (3) на овој член, кои не биле именувани, во рок од три работни дена од денот на завршувањето на дополнителниот конкурс од овој став.
(11) На кандидатите кои нема да бидат именувани за нотар, во рок од 15 дена од денот на именувањето на нотарите, им се доставува писмено известување, со копија од решението за именување.
(12) Против решението, неименуваниот кандидат може да поведе управен спор пред надлежен суд.
(13) Вреднувањето на постигнатиот успех на сите циклуси на студии кои ги завршил кандидатот и од рангирањето на универзитетот според ранг-листата на домашни универзитети согласно со Законот за високото образование и ранг-листите на странски универзитети и тоа следниве Shanghai Ranking -ARWU (Academic Ranking of World Universities); Times Higher Education -World University Rankings и QS World University Rankings, пропишано од министерот за информатичко општество и администрација.

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби како и анализата на целината и одделни одредби од Законот за нотаријат, недвосмислено произлегува дека нотарите вршат јавни овластувања. Според правната наука, јавните овластувања се функции на државата чие вршење се доверува на установи, организации и заедници и најчесто се однесува на одделни односи од пошироко значење (решавање во поединечни управни работи, водење на евиденција, издавање на јавни исправи и слично). Правото на овие субјекти да вршат јавни овластувања се пренесува со закон. По пренесувањето на јавното овластување, државата го задржува правото да врши надзор над законитоста на работењето на субјектите на кои им е доверено тоа овластување.

Според тоа, а имајќи го предвид наведеното, пренесувањето на јавните овластувања во делот на вршењето на нотарските работи од судовите, неминовно подразбира државата со закон јасно и прецизно да ги утврди условите под кои нотарите ќе ги вршат овие овластувања, како и нивните права, обврски и одговорности, вклучувајќи ја постапката за нивно именување и условите потребни за вршење и престанок на оваа функција.

Имајќи го предвид значењето на нотаријатот како јавна служба што врши јавни овластувања во согласност со закон се изразува јасната определба на законодавецот да создаде нормативни претпоставки со кои ќе се обезбедат оптимални предуслови за стручно и квалитетно извршување на оваа значајна јавна служба, во која смисла и да ги определи условите под кои едно лице може да стекне право да врши нотарска дејност.

Оттука, според Судот определбата на законодавецот, времетраењето и видот на искуството стекнато со работење на правни работи по дипломирањето на правен факултет во ситуации кога кандидатите имаат ист број на освоени бодови претставува еден од посебните услови што законодавецот ги пропишал за вршење на нотарската дејност, има за цел да се елиминира субјективниот елемент при избор на нотар, поради што цениме дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 11 став 8 од Законот за нотаријат со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

6. Тргнувајќи од наводите од иницијативата со која се оспорува член 30 став 4, член 68 ставовите 2, 3, и 4 и член 153 став 7 од Законот за нотаријат, а имајќи предвид дека Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.141/2016 од 5 јули 2017 година не повел постапка за оценување на нивната согласност со Уставот на Република Македонија, при што наводите во предметната иницијатива не содржат основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата во однос на наведените членови од Законот.

7. Врз основа на изнесеното,Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

 

У.бр.27/2017
06 декември 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply