Решение У.бр.14/2017

У.бр.14/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 6 декември 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 4 став 6 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016 136/2016, 142/2016 и 67/2017).

2. Даниела Ристова Петковска од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорените одредби не биле во согласност со член 9 став 1 и член 22 ставови 1 и 2 од Уставот, поради тоа што во случај кога не се избирал пратеник од дијаспората постоела повреда на избирачкото право на македонските граѓани кои гласале за избор на пратеник. Изборната единица која ги опфаќа Европа, Африка, Северна и Јужна Америка, Австралија и Азија, на начин пропишан со член 4 став 6 од Изборниот законик, ги правела избирачите од оваа изборна единица нееднакви во остварувањето на избирачкото право во однос на избирачите од шесте изборни единици во Република Македонија.

Понатаму, во иницијативата е наведено дека според членот 4 став 6 од Изборниот законик на Република Македонија, стекнатото право на избор на македонските граѓани во дијаспората и вреднувањето на изборниот глас било повредено од причина што изборните гласови на македонските гласачи од дијаспората не биле влезени во вкупната маса на гласови за избор на пратеници во Република Македонија на предвремените избори одржани во 2016 година.

Во иницијативата е наведено дека поради фактот на одземени гласови и повреда на основните права и избирачкото право на македонските граѓани во дијаспората се предлага согласно Уставот и Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, „по спроведена постапка да бидат поништени резултатите од предвремените избори кои биле одржани во текот на 2016 година, бидејќи тоа било во интерес на сите македонски граѓани во целиот свет“.

3. Судот на седница утврди дека според членот 4 став 1 од Изборниот законик, избор на претседател на Републиката се врши на територијата на Република Мaкедонија и во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во Европа и Африка, во Северна и Јужна Америка и во Австралија и Азија, како една изборна единица според мнозинскиот модел (став 1). Во Собранието на Република Македонија се избираат од 120 до 123 пратеници, од кои 120 пратеници се избираат според пропорционалниот модел, при што територијата на Република Македонија е поделена на шест изборни единици утврдени со овој законик и во секоја се избираат по 20 пратеници и 3 пратеници се избираат според пропорционалниот модел во една изборна единица која ги опфаќа Европа, Африка, Северна и Јужна Америка, Австралија и Азија (став 2). Првиот пратеник во изборната единица која ги опфаќа Европа, Африка, Северна и Јужна Америка, Австралија и Азија е избран доколку листата на кандидати за пратеници освоила најмалку онолкав број на гласови со кои што е избран пратеник со најмал број на гласови во изборните единици во Република Македонија на последните парламентарни избори во Република Македонија (став 3). Вториот пратеник во изборната единица која ги опфаќа Европа, Африка, Северна и Јужна Америка, Австралија и Азија е избран доколку листата на кандидати за пратеници освоила двојно поголем број на гласови од бројот на гласови со коишто е избран пратеник со најмал број на гласови во изборните единици во Република Македонија на последните парламентарни избори во Република Македонија (став 4). Третиот пратеник во изборната единица која ги опфаќа Европа, Африка, Северна и Јужна Америка, Австралија и Азија е избран доколку листата на кандидати за пратеници освоила тројно поголем број на гласови од бројот на гласови со коишто е избран пратеник со најмал број на гласови во изборните единици во Република Македонија на последните парламентарни избори во Република Македонија (став 5). Доколку во изборната единица која ги опфаќа Европа, Африка, Северна и Јужна Америка, Австралија и Азија, ниту една од листите на пратеници не го добила потребниот број на гласови утврден во ставот 3 на овој член, не се избира ниту еден пратеник (став 6). Во изборните единици во Република Македонија бројот на избирачите може да отстапува најмногу од минус 5% до плус 5% во однос на просечниот број на избирачи во изборната единица (став 7). Изборот на членови на советите се врши на подрачјето на општината, односно Градот Скопје според пропорционалниот модел (став 8). Изборот за градоначалник се врши на подрачјето на општината, односно Градот Скопје според мнозинскиот модел (став 9).

4. Според член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд на Република Македонија, со Решение У.бр.107/2015 од 7 јули 2016 година, не поведе постапка за оценување на уставноста на член 4 став 2 зборовите: „од 120 до“ и ставовите 3, 4, 5 и 6, од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016 и 99/2016). Во образложението на ова решение е наведено дека „Согласно начелото на еднаквост на избирачкото право, при креирањето на шесте изборни единици на територијата на Република Македонија, законодавецот ја запазил потребата од обезбедување на приближно ист број на избирачи во секоја изборна единица и не утврдил цензус за избор на пратеник. Меѓутоа, кога станува збор за избор на пратеник од седмата изборна единица, која ги опфаќа Европа, Африка, Северна и Јужна Америка, Австралија и Азија, законодавецот оценил дека има потреба да утврди определен цензус за тоа кога еден пратеник може да се смета за избран во оваа изборна единица. Имено, имајќи ги предвид досегашните искуства на Република Македонија од претходните парламентарни избори во Република Македонија и согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР од последниот Извештај за предвремените парламентарни избори одржани во април 2014 година, согласно кои распределбата на мандати во изборните единици во странство треба да се уреди на начин што би се обезбедило секој пратеник во Собранието на Република Македонија да може да претставува сличен број на регистрирани избирачи а со цел да се обезбеди почитување на начелото на еднаквост на гласот и за гласањето надвор од територијата на Република Македонија, законодавецот се определил за прифаќање на овие демократски стандарди преку соодветни измени. Во таа смисла, наместо претходните три изборни единици во странство, се утврдува една изборна единица во која ќе се бираат тројца пратеници со утврден цензус на добиени гласови, при што критериум е бројот на гласови со коишто е избран пратеник со најмал број на гласови во изборните единици во Република Македонија на последните парламентарни избори во Република Македонија. Доколку овој критериум не е исполнет, односно доколку ниту една од листите на пратеници не го добие потребниот број на гласови, не се избира ниту еден пратеник од седмата изборна единица. На тој начин, законодавецот пропишал правила според кои секој пратеник во Собранието на Република Македонија да може да претставува сличен број на регистрирани избирачи, односно да се обезбеди приближно еднаква вредност или “тежина“ на гласовите на гласачите кои гласаат надвор од границите на државата со гласовите на домицилните гласачи, со што, според Судот, се потврдува еднаквоста на избирачкото право и се обезбедува еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, а не нивна дискриминација, како што се наведува во иницијативата.

Изборниот законик ги утврдува и критериумите за определување на избирачките места на кои се спроведува гласањето. Така, според членот 164 став 2 од Законот, избирачките места се определуваат во рамките на границите на општината, а според ставот 3 на истиот член, во ДКП, односно конзуларните канцеларии на Република Македонија за гласање во странство се определуваат посебни избирачки места. Според членот 165 став 2 од овој закон, бројот на избирачи кои гласаат на избирачкото место не може да биде поголем од 1.000 избирачи. Во согласност со ставот 3 на истиот член, избирачко место не може да се определува за населено место во кое живеат помалку од десет избирачи и во ДКП, односно конзуларните канцеларии каде има пријавено помалку од десет избирачи за гласање. Според членот 166 од Законот, избирачкото место по правило не смее да биде оддалечено повеќе од 3 км од најоддалечената адреса во градските населби и повеќе од 5 км во селските населби (став 1). Правилото утврдено во ставот 1 на овој член не се применува за избирачките места во ДКП, односно конзуларните канцеларии (став 2).

Од анализата на овие одредби произлегува дека гласањето за пратеници во седмата изборна единица се организира во дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во странство, кои се сметаат за екстериторијални, односно нивната територија е во исклучива јурисдикција на Република Македонија, а не во јурисдикција на државата на чија територија се наоѓаат. Тоа е и основната и објективна причина што за посебните избирачки места кои се определуваат во дипломатско-конзуларните претставништва, односно конзуларните канцеларии на Република Македонија во странство не можат да важат истите правила за определување на избирачко место кои важат за изборните единици во Република Македонија, туку важат правила прилагодени на објективните услови. Поради тоа, Судот оцени дека не може да се прифати дека ваквите услови за определување на избирачките места во странство, условени со објективните услови за нивно организирање, ги дискриминирале избирачите од седмата изборна единица во однос на избирачите во шесте изборни единици во Република Македонија, како што се наведува во иницијативата.

Тргнувајќи од наведеното, според Судот, пропишаниот изборен модел во членот 4 од Изборниот законик, е токму во функција на обезбедување на еднакво избирачко право на граѓаните и остварување на начелото на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, поради што Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на член 4 став 2 во делот:„од 120 до“ и ставовите 3, 4, 5 и 6 од Изборниот законик со член 8 став 1 алинеја 3, членот 9, членот 22, членот 51 и членот 54 од Уставот.“

Оттука имајќи предвид дека Уставниот суд по предметот У.бр.107/2015 од 7 јули 2016 година веќе ја оценувал уставноста на член 4 став 6 во оспорениот дел и притоа оценил дека истиот е во согласност со Уставот, Судот оцени дека во конкретниот случај не постојат основи за поинакво одлучување, поради што се исполнети условите за отфрлање на овој дел од иницијативата поради res judicata, а во смисла на член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

 

У.бр.14/2017
06.12.2017 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply