Решение У.бр.100/2017

У.бр.100/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 6 декември 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 65 став 2 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006, 35/2008 и 150/2010).

2. Миливој Мицевски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на член 65 став 2 од Законот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот член 65 став 2 од Законот за судовите бил спротивен на членот 9 од Уставот, од причина што судијата, како и секој граѓанин, морало да ги почитува Уставот и законите и дека тој бил еднаков со сите граѓани. Секој граѓанин за кој ќе се утврдело дека со искористување на својата службена положба или овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување или со неизвршувањето на својата службена должност ќе прибавел за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанел штета, одговарал според Кривичниот закон. Бидејќи граѓаните пред Уставот и законите биле еднакви, и судиите требало да одговараат доколку при одлучувањето постапувале нестручно или несовесно овозможувајќи на друг да прибави некаква незаконска корист или на друг ќе му нанеле штета.

Подносителот наведува дека оспорената одредба од член 65 став 2 од Законот за судовите ја имало и во член 100 став 2 од Уставот, поради што привидно изгледало дека тој член е во согласност со Уставот, но тоа не било така, бидејќи според член 51 од Уставот, законите морало да бидат во согласност со Уставот, а член 65 став 2 од Законот за судовите бил спротивен на член 9 од Уставот. Од тука, подносителот заклучува дека Уставот бил противречен самиот на себе, бидејќи одребата од член 100 став 2 од Уставот, била противречна со членот 9 од Уставот.

Одредбата од член 100 став 2 од Уставот била воведена сo Амандман XXVII на Уставот. Во уставите на државите што произлегле од поранешната Југославија, како и во уставите на некои други држави, не постоела ваква или слична одредба.

За подносителот е неспорно дека судиите уживаат имунитет, но со оглед на тоа дека имунитетот претставувал привилегирано изземање од дејството на некои закони за лица со посебни функции во власта, вклучувајќи ги и судиите, тие не требало да бидат апсолутно изземени од кривична одговорност.

3. Судот на седницата утврди дека според член 65 став 2 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2006, 35/2008 и 150/2010), судија не може да биде повикан на кривична одговорност за искажано мислење и одлучување при донесувањето на судската одлука.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 51 од Уставот во Република Македонија, законите морааат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според Амандман XXV, со кој е заменет членот 98 од Уставот, судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот. Забранети се вонредни судови. Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите како и постапката пред нив се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Според точка 1 на Амандманот XXVII на Уставот на Република Македонија, судија не може да биде повикан на кривична одговорност за искажано мислење и одлучување при донесувањето на судските одлуки. Судија не може да биде притворен без одобрување на Судскиот совет на Република Македонија, освен ако е затечен во вршење на кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.

Според член 1 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 58/2006, 35/2008 и 150/2010), судската власт ја вршат судовите во Република Македонија. Судовите се самостојни и независни државни органи.

Според член 11 од истиот закон, судијата одлучува непристрасно со примена на законот врз основа на слободна оцена на доказите. Се забранува секој облик на влијание врз независноста, непристрасноста и самостојноста на судијата во вршењето на судиската функција по кој било основ и од кој било субјект.

Според член 74 од Законот за судовите, судијата се разрешува од судиската функција:
– поради потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судиската функција пропишана со закон и
– поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција под услови утврдени со закон.

5. Со оспорената одредба од член 65 став 2 од Законот за судовите, се утврдува т.н. функционален имунитет на судиите односно се утврдува дека судија не може да биде повикан на кривична одговорност за искажано мислење и одлучување при донесувањето на судската одлука. Имунитетот на судиите е составен дел на поширокиот концепт на судската независност, и тој не е цел сама по себе, туку има за цел да ја овозможи независноста и непристрасноста на судијата кој треба да суди без страв од одговорност за искажаното мислење или судиско одлучување. Овој имунитет е ограничен и функционален, односно тој се однесува само на имунитет од гонење за законити дејствија преземени при вршењето на судиската функција и за искажано мислење при одлучувањето, но тој не значи и целосна неодговорност на судиите за повреда на законот.

Согласно наведените одредби од Законот за судовите, судијата одговара дисциплински за потешка дисциплинска повреда што го прави недостоен за вршење на судиската функција, а одговара и за нестручно и несовесно вршење на судиската функција, што претставуваат основи за разрешување на судијата. Покрај тоа, судијата одговара и согласно Кривичниот законик за кривични дела сторени надвор од вршењето на судиската функција, а како службено лице тој може да одговара и за злоупотреба на службената положба и овластување од членот 353 од Кривичниот законик.

Оттука за Судот се неприфатливи наводите во иницијативата дека судијата бил изземен од кривична одговорност и дека бил нарушен принципот на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.

Оспорената одредба од член 65 став 2 од Законот за судовите е идентична по својата содржина со уставната одредба од точка 1 на Амандман XXVII од Уставот и како што беше наведено погоре, таа е во функција на гарантирање на независноста на судиите во вршењето на нивната функција и при судиското одлучување. Поради наведеното Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од член 65 став 2 од Законот за судовите со членот 9 и членот 51 од Уставот на Република Македонија.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.100/2017
6 декември 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply