Решение У.бр.18/2017

У.бр.18/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеа 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 6 декември 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 20 став 4 во делот „„По донесување на заклучокот за плаќање на надоместокот, имателите на станови во станбената зграда можат заедно да го платат вкупниот износ или пак секој имател на стан може да го плати поединечно делот од надоместокот кој се однесува за неговиот стан“ и член 20-а во делот „При пресметување на надоместок за утврдување на правен статус на бесправен објект за кој претходно e поднесено барање за издавање на одобрение за градење и е платен надоместок за уредување на градежно земјиште, а истиот е изграден без одобрение за градење или спротивно на одобрение за градење при што целиот објект е бесправен, не се пресметува надоместок за површината на бесправниот објект за која е платен надоместок за уредување на градежно земјиште, а за површината на бесправниот објект за која не е платен надоместок за уредување на градежно земјиште се пресметува надоместок од Законот за постапување со бесправно изградени објекти („Службен весник на РМ“ бр. 23/2011, 54/2011, 155/2012, 72/2013, 44/2014, 115/2014, 199/2014, 124/2015, 129/2015, 217/2015 и 31/2016).

2.СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 20 став 3 и став 4 во делот „Надоместокот за утврдување на правен статус на станбени згради за колективно домување го плаќаат имателите на станови во станбената зграда“ и член 20-а став 2 во делот „чија висина е два пати поголема од висината на надоместокот кој се пресметува согласно членот 20 ставови (2), (3) и (6) од овој закон“ од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Зоран Келкоцев од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива за оценување на уставноста на наведените членови од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата во својот поднесок наведува дека во Република Македонија имало повеќе од четиристотини илјади бесправно изградени објекти кои во најголем дел биле станбени куќи, а висината на надоместокот за утврдување на статус изнесувал 61,00 денари по м2, уредено со Законот за постапување со бесправно изградени објекти („Службен весник на Република Македонија“бр. 23/2011) и членот 20 ставови 1, 2, 3, 4 …….

Во продолжение на иницијативата подносителот ја цитира содржината на ставови 2 и 3 од членот 20 од Законот.Понатаму, подносителот дава појаснување што содржеле член57 став 2 и член 20 став 4 од Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“бр. 70/2013 – пречистен текст).

Во Законот за изменување и дополување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти („Службен весник на Република Македонија“ бр.199/2014) членот 20-а став 2 бил променет и гласел:
„За површината на бесправниот објект за која не е платен надоместок за уредување на градежно земјиште се пресметува надоместок чија висина е два пати поголема од висината на надоместокот кој се пресметува согласно член 20 ставови (2), (3) и (6) од овој закон.“

Од претходно наведеното, според подносителот се доаѓало до заклучок дека Законот за постапување со бесправно изградени објекти ги дели физичките лица на тие што извршиле градежни работи без одобрение за градење, не платиле надоместок за уредување на градежно земјиште, ги амнестира и ги ослободува од секаква материјална и кривична одговорност и симболично ги задолжува да платат 61,00 ден/м2 за изградена површина.

Од друга страна имаме физички лица кои купиле станови во деловно-станбени објекти од инвеститори со комплетна техничка документација и дозволи за градење, а со толкување на Законот и пресметката од вработените во Секторот за планирање и уредување на просторот при Град Скопје, преку донесените заклучоци треба да платат за 1м2, 272,00 ЕУР, односно 285,00 ЕУР за разликата помеѓу надоместокот кој треба да се плати и платениот.

Согласно наведеното, подносителот наведувајќи го името и презимето покренува иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на делови од член 20 и член 20-а од Законот за постапување со бесправно изградени објекти („Службен весник на Република Македонија“ бр.23/2011).

Во продолжение на иницијативата подносителот смета дека со наведениот член 20 ставови 3 и 4 и член 20-а став 2 од Законот се повредувале темелните вредности на уставниот поредок утврден во член 8 од Уставот и тоа владеење на правото, правната заштита на сопственост и хуманизам, социјална правда и солидарност, член 9 став 2 и член 51 од Уставот.

Ова од причина што со примена на член 20 став 3 и 4 и член 20-а став 2 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти граѓаните кои во легитимна постапка преку договор купиле станови се дискриминирани во однос на амнестираните граѓани кои плаќале по 1 евро за метар квадратен, со тоа што преку наведените членови се бара тие двојно да платат како обврска за плаќање на разликата на надоместот за уредување на градежното земјиште. Според подносителот со наведените членови од Законот се овозможува на должникот Љ. П. да се стекне со противправна противзаконска вредност.

Понатаму, според подносителот измените и дополнувањата на Законот би требало да имаат ретроактивно дејство, односно оние граѓани кои платиле по заклучоците да можат да поднесат барање да им се врати разликата на уплатените средства.

4.Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 20 ставови 3 и 4 од Законот е предвидено:

(3) Висината на надоместокот за утврдување правен статус на бесправните објекти од локално значење освен за објектите од ставот (2) на овој член и висината на надоместокот за утврдување правен статус на бесправните објекти на приватните и мешовитите здравствени установи за примарна, секундарна и терцијална здравствена заштита, е еднаква на висината на надоместокот за уредување на градежно земјиште кој се пресметува во постапката за добивање на одобрение за градење за овој вид на објекти, која е утврдена од единиците на локалната самоуправа до денот на влегувањето во сила на овој закон, при што предвид се зема изградената површина на бесправниот објект, утврдена со геодетскиот елаборат за утврдување на фактичката состојба на бесправен објект, утврдена со геодетскиот елаборат за утврдување на фактичката состојба на бесправен објект.
(4) Надоместокот за утврдување на правен статус на станбени згради за колективно домување го плаќаат имателите на станови во станбената зграда. По донесување на заклучокот за плаќање на надоместокот, имателите на станови во станбената зграда можат заедно да го платат вкупниот износ или пак секој имател на стан може да го плати поединечно делот од надоместокот кој се однесува за неговиот стан.

5.Понатаму, Судот утврди дека во оспорениот член 20-а став 2 од Законот е предвидено:

(2) При пресметување на надоместок за утврдување на правен статус на бесправен објект за кој претходно e поднесено барање за издавање на одобрение за градење и е платен надоместок за уредување на градежно земјиште, а истиот е изграден без одобрение за градење или спротивно на одобрение за градење при што целиот објект е бесправен, не се пресметува надоместок за површината на бесправниот објект за која е платен надоместок за уредување на градежно земјиште, а за површината на бесправниот објект за која не е платен надоместок за уредување на градежно земјиште се пресметува надоместок чија висина е два пати поголема од висината на надоместокот кој се пресметува согласно членот 20 ставови (2), (3) и (6) од овој закон.

6. Според член 8 став 1 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се: основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот (алинеја 1); слободното изразување на националната припадност и соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа (алинеја 2); владеење на правото (алинеја 3); поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска (алинеја 4); политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори (алинеја 5); правната заштита на сопственоста (алинеја 6); слободата на пазарот и претпри-емништвото (алинеја 7); хуманизмот, социјалната правда и солида-рноста (алинеја 8); локалната самоуправа (алинеја 9); уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата (алинеја 10) и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право (алинеја 11).

Според член 8 став 2 од Уставот, во Република Македонија слободно е се што со Уставот и законот не е забрането.

Според член 9 од Уставот, „граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба“; „Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви“ (став 2).

Во член 30 став 3 од Уставот е предвидено дека, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, а според ставот 4 од истиот член од Уставот, во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

7.Со Законот за постапување со бесправно изградени објекти („Службен весник на Република Македонија“ бр. 23/2011, 54/2011, 155/2012, 72/2013, 44/2014, 115/2014, 199/2014, 124/2015, 129/2015, 217/2015 и 31/2016),се уредуваaт условите, начинот и постапката за евидентирање, утврдување на правен статус и санкционирање на бесправно изградените објекти (член 1 ).

Според член 2 ставови 1, 2 и 3 од Законот:

(1) Под бесправно изградени објекти, во смисла на овој закон, се подразбираат објекти од значење за Републиката согласно со Законот за градење и друг закон, објекти од локално значење согласно со Законот за градење и објекти на здравствени установи за примарна, секундарна и терцијална здравствена заштита кои се изградени без одобрение за градење или спротивно на одобрението за градење, како и делови (доградби и надградби) на објектите од значење за Републиката и од локално значење и на објектите на здравствените установи за примарна, секундарна и терцијална здравствена заштита, кои се изградени без одобрение за градење или спротивно на одобрението за градење, во и надвор од плански опфат (во натамошниот текст: бесправни објекти).
(2) Под објекти од локално значење, во смисла на овој закон, покрај објектите од ставот (1) на овој член се подразбираат и помошни градби (гаража, остава) кои се во функција на објект за домување или друг вид на објект, базени на ниво на терен за индивидуална употреба (градби за кои согласно со Законот за градење градоначалникот на општината издава решение за изведување на градбатa), времени објекти наменети за домување, објекти за примарна обработка на земјоделски производи (освен настрешници и објекти за времено сместување) согласно со Законот за земјоделско земјиште кои се изградени на градежно земјиште, како и објекти, односно посебни делови од објекти пренаменети без одобрение за пренамена.
(3) Предмет на овој закон се бесправните објекти од ставовите (1) и (2) на овој член на кои до денот на влегувањето во сила на овој закон се изведени градежните и инсталатерските работи во целост и истите претставуваат градежна и функционална целина. Доколку одредени делови, односно нивоа од бесправниот објект не се функционална целина, тие делови не се предмет на утврдување на правен статус и за истите може да се води постапка за добивање одобрение за градење согласно со Законот за градење, ако по извршеното вклопување на делот од објектот за кој е донесено решение за утврдување на правен статус, се предвидуваат услови за идна градба.

Тргнувајќи од анализата на Законот произлегува дека под бесправно изградени објекти подразбира објекти изграден без одобрение за градење и објекти изградени спротивно на одобрението за градење.

Имено, законодавацот пристапил кон донесување на Законот заради решавањето на проблемот со значителниот број на бесправно изградени градби, но и спречување на нивна изградба во иднина. Поради наведените причини согласно Законот, целта на законодавецот е да ги уреди условите, начинот и постапката за евидентирање, утврдување на правен статус и санкционирање на бесправно изградените објекти. Градењето на објект без одобрение за градење и градењето на објект спротивно на одобрението за градење се две различни правни ситуации опфатени во членот 2 од Законот, при што кај втората е карактеристично што одобрение за градење е издадено, но истото не е почитувано по однос на параметрите и карактеристиките на градбата утврдени и одобрени во наведениот акт.

8.Во членот 20 од Законот, кој е поместен во делот „Надоместок за утврдување на правен статус“ е предвидено:

(1) По издавањето на урбанистичка согласност единицата на локалната самоуправа во рок од пет работни дена изготвува заклучок за плаќање на надоместок за утврдување на правен статус на бесправен објект и истата му ја доставува на барателот. Заклучок за плаќање на надоместок за утврдување на правен статус на бесправен објект кој се распределува меѓу Градот Скопје и единиците на локалната самоуправа во Градот Скопје согласно со ставот (9) на овој член, се изготвува од страна на Градот Скопје, во рок од пет работни дена од денот на приемот на урбанистичката согласност во Градот Скопје, којашто единицата на локалната самоуправа во Градот Скопје е должна веднаш по издавањето да ја достави и до Градот Скопје. За објектите за кои е издадена урбанистичка согласност од страна на органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, а за кои согласно овој член се предвидува плаќање на надоместок за утврдување на правен статус, единицата на локалната самоуправа изготвува заклучок во рок од пет работни дена од денот на приемот на урбанистичката согласност во единицата на локалната самоуправа и истиот го доставува до органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот Против заклучокот за плаќање надоместок е дозволена посебна жалба.
(2) Висината на надоместокот за утврдување на правен статус за објектите со намена домување во станбени куќи согласно со правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, за трафостаници, за викенд куќи, за доградби на објекти со намена домување во станбени згради – тераси и тераси пренаменети во станбен простор и за електронските комуникациски мрежи и средства изнесува 61,00 денар по м2 од изградената површина на бесправниот објект, која е утврдена со геодетскиот елаборат за утврдување на фактичката состојба на бесправен објект.
(3) Висината на надоместокот за утврдување правен статус на бесправните објекти од локално значење освен за објектите од ставот (2) на овој член и висината на надоместокот за утврдување правен статус на бесправните објекти на приватните и мешовитите здравствени установи за примарна, секундарна и терцијална здравствена заштита,е еднаква на висината на надоместокот за уредување на градежно земјиште кој се пресметува во постапката за добивање на одобрение за градење за овој вид на објекти, која е утврдена од единиците на локалната самоуправа до денот на влегувањето во сила на овој закон, при што предвид се зема изградената површина на бесправниот објект, утврдена со геодетскиот елаборат за утврдување на фактичката состојба на бесправен објект.
(4) Надометокот за утврдување на правен статус на станбени згради за колективно домување го плаќаат имателите на станови во станбената зграда. По донесување на заклучокот за плаќање на надоместокот, имателите на станови во станбената зграда можат заедно да го платат вкупниот износ или пак секој имател на стан може да го плати поединечно делот од надоместокот кој се однесува за неговиот стан.
(5) За објектите од значење за Републиката и за линиски инфраструктурни објекти согласно со Законот за градење и друг закон, чиишто иматели се државни органи, агенции и фондови основани од Република Македонија, за објектите чиишто иматели се правни лица во доминантна сопственост на Република Македонија за објектите од локално значење и за линиски инфраструктурни објекти согласно со Законот за градење чиишто иматели се единиците на локалната самоуправа и јавни претпријатија основани од единиците на локалната самоуправа, како и за објектите на јавните здравствени установи за примарна, секундарна и терцијална здравствена заштита, не се пресметува и не се плаќа надоместок за утврдување на правен статус на бесправен објект.
(6) За објектите од значење за Републиката согласно со Законот за градење и друг закон, чиишто иматели се приватни субјекти или други мешовити субјекти со доминантна приватна сопственост се пресметува и се плаќа надоместок за утврдување на правен статус на бесправен објект. Висината на надоместокот за овие објекти, освен за објектите од ставот (2) на овој член, е еднаква на висината на надоместокот за уредување на градежно земјиште кој се пресметува во постапката за добивање на одобрение за градење за овој вид на објекти, при што во предвид се зема изградената површина на бесправниот објект, утврдена со геодетскиот елаборат за утврдување на фактичката состојба на бесправен објект.
(7) За линиски инфраструктурни објекти чиишто иматели се приватни субјекти или други мешовити субјекти со доминантна приватна сопственост, како и за електронски комуникациски мрежи и средства кои се линиски инфраструктурни објекти, се пресметува и се плаќа надоместок во зависност од должината на линискиот инфраструктурен објект, односно мрежа која е утврдена со геодетскиот елаборат за утврдување на фактичката состојба, и тоа: за должина до 1 км – 50 евра во денарска противвредност по среден курс на Народната банка на Република Македонија на денот на изготвување на пресметката, за должина од 1 км до 10 км – 100 евра во денарска противвредност по среден курс на Народната банка на Република Македонија на денот на изготвување на пресметката и за должина над 10 км – 150 евра во денарска противвредност по среден курс на Народната банка на Република Македонија на денот на изготвување на пресметката.
(8) Надоместокот за утврдување на правен статус на бесправен објект, барателот може да го плати еднократно во рок од десет работни дена од денот на приемот на заклучокот или одложено на дванаесет месечни рати. Доколку надоместокот се плаќа одложено, барателот е должен со единицата на локалната самоуправа да склучи договор за одложено плаќање на надоместокот за утврдување на правен статус.
(9) Средствата од надоместокот за утврдување на правен статус на сите видови бесправни објекти утврдени со овој закон, се приход на единиците на локалната самоуправа. Надоместокот за утврдување на правен статус за линиски инфраструктурни објекти и за електронски комуникациски мрежи и средства кои се линиски инфраструктурни објекти, кои поминуваат на подрачје на повеќе општини се дели подеднакво меѓу општините на чие подрачје поминува објектот. Приходите на единиците на локалната самоуправа во Градот Скопје остварени од надоместокот за утврдување на правен статус на бесправните објекти, освен приходите од надоместокот за утврдување на правен статус на објектите од ставот (2) на овој член, се распределуваат во сооднос 60% за Градот Скопје и 40% за единицата на локалната самоуправа во Градот Скопје на чие подрачје е изграден бесправниот објект.
(10) Единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје се должни средствата собрани од надоместокот за утврдување на правен статус на бесправен објект да го користат наменски и тоа за донесување на урбанистичка планска документација со која се врши вклопување на бесправните објекти во урбанистичко-планската документација и за инфраструктурно уредување на просторот во кој се наоѓаат истите и се должни да доставуваат годишен извештај за користењето на овие средства до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот.
(11) Барателите од членот 6 на овој закон, кои се корисници на социјална помош не плаќаат надоместок за утврдување на правен статус на бесправен објект, при што истите се должни да достават потврда од надлежен орган дека се корисници на социјална помош.
(12) Доколку единицата на локалната самоуправа во рокот од ставот (1) на овој член не изготви заклучок за плаќање на надоместок за утврдување на правен статус на бесправен објект, барателот има право да поднесе жалба до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот.
(13) Одлучувајќи по жалбата од ставот (12) на овој член органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот на единицата на локалната самоуправа ќе и определи рок не подолг од десет дена за изготвување на заклучок за плаќање на надоместок за утврдување на правен статус на бесправен објект.
(14) Доколку единицата на локалната самоуправа не донесе заклучок за плаќање на надоместок за утврдување на правен статус на бесправен објект во рокот од ставот (13) на овој член, органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот ќе донесе заклучок за плаќање на надоместок за утврдување на правен статус на бесправен објект.
15) Во случаите од став (14) на овој член единицата на локална самоуправа е должна по поднесено барање од страна на органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, во рок од пет работни дена од приемот на барањето на органот да му го достави актот со кој е утврдена висината на надоместокот за уредување на градежно земјиште за видот на објекти за кој се однесува заклучокот.
16) По исклучок од ставот (9) на овој член доколку заклучокот за плаќање на надоместокот го изготви органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, средствата од надоместокот за утврдување на правен статус се приход на Буџетот на Република Македонија.
(17) Во заклучокот за плаќање на надоместок за утврдување на правен статус на бесправен објект од ставот (1) на овој член, не се утврдува рок за плаќање на надоместокот.

Во конкретниов случај даден е приказ на целината на членот 20 од Законот со цел да се согледа на кој начин се утврдува „надоместок за утврдување на правен статус“ на бесправно изградените објекти од страна на надлежните органи.

Во врска со Законот за постапување со бесправно изградени објекти Судот утврди дека истиот на повеќе пати е менуван и дополнуван при што оспорениот член 20 став 3 и нумерички и содржински останал непроменет, а во ставот 4 видно од содржината додадена е нова реченица која гласи „По донесување на заклучокот за плаќање на надоместокот, имателите на станови во станбената зграда можат заедно да го платат вкупниот износ или пак секој имател на стан може да го плати поединечно делот од надоместокот кој се однесува за неговиот стан“.

Со оглед на наведеното, Судот смета дека во однос на оспорениот член 20 ставови 3 и 4 во делот„Надоместокот за утврдување на правен статус на станбени згради за колективно домување го плаќаат имателите на станови во станбената зграда“ од Законот кој Уставниот суд на Република Македонија ги оценувал и со Решение У.бр.105/2011 од 8 февруари 2012 не повел постапка, а наводите од иницијативата не содржат основи за поинакво одлучување од кои причини исполнети се условите од член 28 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

Во врска со оспорениот член 20 ставот 4 од Законот во делот „По донесување на заклучокот за плаќање на надоместокот, имателите на станови во станбената зграда можат заедно да го платат вкупниот износ или пак секој имател на стан може да го плати поединечно делот од надоместокот кој се однесува за неговиот стан“, Судот смета дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со одредбите од Уставот на Република Македонија на кои се повикува подносителот на иницијативата од причини што во овој дел од наведениот член е уредено прашањето за начинот на плаќање на надоместокот на имателите на станови во станбена заедница, а по донесување на заклучокот за плаќање на надоместокот за бесправно изграден објект.

9.Во членот 20-а од Законот е уредено прашањето на утврдување на надоместокот на бесправно изградени објекти со повеќе намени при што е утврдено дека:

(1) Надоместокот за утврдување на правен статус на бесправен објект со повеќе намени се пресметува комбинирано согласно со висината на надоместокот за соодветната намена на деловите од објектот чијашто површина е утврдена со геодетскиот елаборат за утврдување на фактичка состојба.

(2) При пресметување на надоместок за утврдување на правен статус на бесправен објект за кој претходно e поднесено барање за издавање на одобрение за градење и е платен надоместок за уредување на градежно земјиште, а истиот е изграден без одобрение за градење или спротивно на одобрение за градење при што целиот објект е бесправен, не се пресметува надоместок за површината на бесправниот објект за која е платен надоместок за уредување на градежно земјиште, а за површината на бесправниот објект за која не е платен надоместок за уредување на градежно земјиште се пресметува надоместок чија висина е два пати поголема од висината на надоместокот кој се пресметува согласно членот 20 ставови (2), (3) и (6) од овој закон.

(3) Во случаите од ставот (2) на овој член барателот е должен да достави соодветен доказ за претходно платен надоместок за уредување на градежно земјиште во постапката за издавање на одобрение за градење за предметниот објект.

(4) Надоместокот за утврдување на правен статус на бесправен објект кој е составен од повеќе посебни делови, во случаите од став (2) на овој член, се дели на еднакви делови на сите иматели на посебни делови во објектот.

Од анализата на оспорениот член 20-а од Законот произлегува дека со него се уредува постапката за утврдување на висината на надоместокот за утврдување на правен статус во случаите кога за бесправно изградениот објект претходно е поднесено барање за издавање на одобрение за градење и бил платен надоместок за уредување на градежното земјиште. Понатаму, според мислењето на Судот, како и одговорот на Владата, оспорениот член се применува само во определени случаи, односно кога се исполнети условите и тоа: за бесправниот објект претходно е поднесено барање за издавање на одобрение за градење, платен е надоместокот за уредување на градежното земјиште, истиот е изграден без одобрение за градење или спротивно на одобрението за градење и целиот објект е бесправен. При тоа треба да се има предвид според овој член се зема во предвид висината на надоместокот утврдена во член 20 ставови 2 и 3 од Законот кој се применува за сите видови на бесправно изградени објекти со таа разлика што во овој случај не се плаќа надоместок за утврдување на правен статус на бесправниот објект за кој претходно е платен надоместокот, а за површината на бесправниот објект за која не е платен надоместок за уредување на градежното земјиште се пресметува надоместок чија висина е двојно поголема од висината на надоместокот утврден во членот 20 ставови 2, 3 и 6 од Законот.

Оттука, Судот оцени дека во конкретниов случај различниот начин на утврдување на надоместокот за утврдување на правен статус произлегува од различната фактичка состојба, односно, различните видови на бесправно изградени објекти или поточно речено во конкретниов се работи за утврдување на висина на надоместок за утврдување на правен статус за објекти за кои претходно е водена постапка за издавање на одобрение за градење, а притоа не е постапено согласно даденото одобрение.

Со оглед на наведеното, Судот смета дека во делот од членот 20-а од Законот „При пресметување на надоместок за утврдување на правен статус на бесправен објект за кој претходно e поднесено барање за издавање на одобрение за градење и е платен надоместок за уредување на градежно земјиште, а истиот е изграден без одобрение за градење или спротивно на одобрение за градење при што целиот објект е бесправен, не се пресметува надоместок за површината на бесправниот објект за која е платен надоместок за уредување на градежно земјиште, а за површината на бесправниот објект за која не е платен надоместок за уредување на градежно земјиште се пресметува надоместок“ не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член со наведените уставни одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Имајќи ја предвид содржината на оспорениот член 20-а од Законот која во одреден дел е променета, а во одреден дел останала непроменета и за тој дел Судот со Решение У.бр.203/2012 година од 26 јули 2013 година не повел постапка за оценување на уставноста на членот 20-а став 2 во делот: „чија висина е двапати поголема од надоместокот кој се пресметува“ од Законот за постапување со бесправно изградени објекти (“Службен весник на Република Македонија“ бр.23/2011, 54/2011, 155/2012 и 72/2013),Судот оцени дека се исполнети условите од членот 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата по однос на овој дел.

10. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

11. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

 

У.бр.18/2017
6 декември 2017 година
С к о п ј е
 

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply