Решение У.бр.16/2017

У.бр.16/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеи 2 и 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 20 декември 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 14 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016 и 142/2016).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 68 ставови 2, 3 и 4 од Законот за нотаријат и членовите 11 и 240 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016 и 142/2016).

3. АДКОМ – Здружение на даватели на комунални услуги на Република Македонија од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точките 1 и 2 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, во оспорените членови биле направени номотехнички правни грешки, бидејќи определени дејности кои биле уредени со специјални закони и за чие извршување биле формирани правни субјекти, биле ставени во комунални услуги спротивно на Уставот и законите и поради тоа што на адвокатите и извршителите им биле дадени противуставни овластувања да станат странки во постапките, заземајќи го местото на доверителот на побарувањето.

За подносителот, исто така, не било јасно зошто Уставниот суд по сопствена иницијатива не ги укинал противуставните членови на навдените закони бидејќи тие правеле комплетен хаос во правниот систем и функционирањето на претпријатијата кои вршат дејности од јавен интерес.

Во членот 5 од Законот за комунални дејности, децидно биле наведени комуналните услуги, но не постоел законски термин услуга вода, смет и одржување на заеднички простории, туку услуга снабдување со вода за пиење, како и услуга снабдување со технолошка и сирова вода од речни корита, езера и др. согласно Законот за водите. Во Законот не се употребувал зборот смет, туку комунална услуга собирање и транспортирање на комунален отпад и други видови неопасен и интерен отпад. Одржувањето на заеднички простории не претставувало комунална услуга и тоа било регулирано со Законот за домување. Согласно членовите 1, 4 и 6 од Законот за енергетика, снабдувањето со електрична и топлинска енергија било јавна услуга, а не комунална.

Членот 4-а од Законот за електронски комуникации, уредувал дека дејностите поврзани со јавните комуникациски мрежи и услуги, градењето, работите на одржување од член 29 став 7 на Законот, биле работи од јавен интерес, а не комунални услуги.

Оттука, според подносителот на иницијативата, постоело законско разграничување на комуналните услуги кои се вршат на локално ниво и услугите кои се јавни и од интерес на Републиката, но законодавецот во оспорените одредби ги измешал правните поими и нивното законско значење, а правните субјекти ги ставил во нееднаква правна положба на пазарот, во зависност од дејноста која ја вршат, фаворизирајќи ги банките, штедилниците и други субјекти и висината на нивните побарувања од под 10.000 евра.

Не било јасно зошто и врз основа на кој критериум законодавецот во член 68 став 3 од Законот за нотаријат, висината на побарувањата на доверителите ја рангирал по вредност и ги изразил во денари, а во ставот 4, во однос на банките, вредноста на побарувањето ја изразил во евра. Најинтересно за подносителот било тоа што самата Република била изземена од обврската предлогот за издавање на решение за нотарски налог да содржи печат и потпис на адвокат, кога таа се јавува како доверител.

Во член 55 став 3 од Уставот било предвидено дека слободата на пазарот и претприемаштвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето. Ако се одело по принципот Републиката самата себеси да се ослободува од законските обврски што ги наплатува на други субјекти, логично било вработените во правните субјекти кои вршат услуги од јавен интерес да се ослободат од давачките кои ги плаќаат на другите корисници (во водовод да не плаќаат за потрошена вода, во ЕВН за потрошена електрична енергија итн.).

Од горенаведеното можело да се утврди дека оспорениот член бил во директна спротивност со членот 55 од Уставот, бидејќи ги дискриминирал правните субјекти кои даваат комунални услуги, рангирајќи ја вредноста на побарувањата и проширувајќи го дејството врз правни субјекти кои воопшто не вршат комунални услуги, согласно специјалните закони.

Со членот 68 од Законот за нотаријат и членовите 11, 14 и 240 од Законот за извршување бил направен комплетен правен хаос во наплатата на побарувањето на доверителите, истите биле ставени во нерамноправна положба, се одземала статутарната дејност на претпријатијата кои даваат услуги од јавен интерес и кои имаат вработено стручни лица за наплата на побарувањата, а адвокатите и извршителите добиле противзаконито и противуставно својство на странки во постапката за наплата на побарувања од правни субјекти засновани на веродостојни исправи. Целта на законите за која се донесени – заштита на должниците и забрзување на наплата на побарувањето бил спротивна од промовираната, бидејќи постапката тројно се одолговлекувала, трошоците на претпријатијата тројно се зголемувале, а на крај граѓаните биле тие што плаќале еднаш за нотар, неколку пати за адвокат, а двапати за извршител.

Воведувањето со Законот за извршување на нов институт – „вонсудска наплата на долгови по основ на веродостојна исправа“ било противуставно од причина што токму овој нов институт му давал противзаконски и противуставни овластувања на извршителот да биде странка и доверител во постапката и надлежност за застапување на странки и давање правна помош кои биле утврдени во Уставот и Законот за адвокатура како надлежност на адвокатурата.

Вонсудската наплата на побарувањата досега ја вршеле доверителите на побарувањето, во интерно утврдени постапки и без никакви трошоци, напротив, со овозможување на поволности на корисникот на услугата, плаќањето да го изврши на рати, без камати. Ова било дејност на доверителот на побарувањето и не можело да биде дејствие на извршител како што било утврдено во новиот Закон за извршување.

Законот за извршување наместо децидно да регулира една правна материја отварал нови проблеми, големи трошоци и правни дилеми и правна несигурност на давателите и корисниците на комунални услуги.

4. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 68 ставови 2, 3 и 4 од Законот за нотаријат („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016 и 142/2016), предлог за издавање на решение за нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа, приговорот против решението со кое е издаден нотарски платен налог или по однос на одлуката за трошоците, приговорот против решението на нотарот со кое се отфрла предлогот како неуреден, предлогот за укинување на потврдата на правосилност и извршност, приговорот против решението на нотарот за укинување на потврдата за правосилност и извршност, приговорот против одлуката на нотарот со која се одбива предлогот за укинување на потврдата за правосилност и извршност, жалбата против решението на судот, задолжително ги составува адвокат и содржат адвокатски печат и потпис, освен доколку доверител е Република Македонија (став 2). Согласно ставот 3 на истиот член од Законот, по исклучок од ставот 2 на овој член, предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог од страна на доверител за побарување кое произлегува од комунални услуги и тоа:
– за вода, смет и одржување на заеднички простории за парично побарување од веродостојна исправа до 2.000,00 денари за електрична или топлинска енергија за парично побарување од веродостојна исправа до 6.000,00 денари, – за телефонија, мобилни оператори или кабелски оператори за парично побарување од веродостојна исправа до 2.000,00 денари, се поднесува непосредно до нотарот.

Согласно ставот 4, по исклучок од ставот 2 на овој член, предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог од страна на доверител банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или осигурително друштво, не мора да биде составена од адвокат и да содржи адвокатски печат и потпис, доколку вредноста на побарувањето во веродостојната исправа е над 10.000 евра.

Судот на седницата исто така утврди дека според оспорениот член 11 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016 и 142/2016), одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:
1) „побарување“ е право на наплата на паричен износ или право на некое сторување или несторување или трпење,
2) „доверител“ е лице чие побарување се остварува,
3) „должник“ е лице спрема кое се остварува побарување,
4) „странка“ е доверител и должник,
5) „учесник“ е лице кое во извршувањето остварува некое свое право или правен интерес, а не е странка во извршувањето
6) „трето лице“ е лице кое тврди дека во поглед на предметот на извршувањето има некое право,
7) „извршител“, „заменик извршител“ и „помошник на извршител“ се лица кои вршат јавни овластувања утврдени со закон, именувани/назначени согласно со одредбите на овој закон и кои директно одлучуваат за дејствијата што треба да се преземат во рамките на нивните овластувања, за да се спроведе извршната исправа и да ги преземат извршните дејствија,
8) „земјоделец“ е лице на кое земјоделското производство му е претежен извор на приходи и е регистриран како индивидуален земјоделец,
9) „јавна книга“ и „регистри“ се Катастар на недвижности, Централен депозитар за хартии од вредност, Централен регистар на Република Македонија – Заложен регистар, Централен регистар на Република Македонија – Регистар на вложувања во недвижности на нерезиденти во Република Македонија, Регистар на воздухоплови на Република Македонија, Единствен регистар на даночни обврзници, Евидентен регистар за стечај, Судски регистар, Трговски регистар, Единствен регистар на трансакциски сметки, Регистар на моторни и приклучни возила и евиденција на регистрираните моторни и приклучни возила, матична книга на умрени, матична книга на венчани, матична книга на родени, Регистар на трговски марки и другите права од индустриска сопственост и други регистри востановени со закон,
10) „впаричување“ е претворање на имотот и имотните права во пари,
11) „парични средства“ претставуваат сите средства на трансакциските и жиро сметки, штедни влогови, нерезидентни сметки, како и готови пари кои ги поседуваат должниците,
12) „плата“ се сите примања на должникот врз основа на тековниот и минатиот труд,
13) „веродостојна исправа“ во смисла на овој закон се смета фактура, пресметка на камата, јавна исправа, извод од заверени деловни книги, осигурителна полиса, товарен лист, времена градежна ситуација и друга исправа која според закон има карактер на јавна исправа и
14) „вонсудската наплата на долгови“ претставува обид за наплата на парично побарување по фактури за комунални сметки (електрична енергија, топлинска енергија, вода, смет, телефонија, мобилни оператори, кабелски оператори, трошоци за редовно одржување на заедничките делови на зградата што е во етажна сопственост), што го спроведува извршител по барање на доверителот, со согласност на должникот.

Согласно оспорениот член 14 од Законот за извршување, судската одлука е извршна ако станала правосилна и ако истекол рокот за доброволно исполнување на должниковата обврска. Одлуката донесена во управна постапка е извршна ако станала конечна и ако истекол рокот за доброволно исполнување на обврската. Рокот за доброволно исполнување на обврската тече од денот на доставување на одлуката до должникот. Врз основа на одлука која во еден дел станала извршна, извршувањето ќе се спроведе само во тој дел. Извршувањето ќе се спроведе и врз основа на судска одлука која не станала правосилна и одлука донесена во управна постапка која не станала конечна, ако со закон е пропишано дека жалбата не го задржува извршувањето на одлуката.

Според оспорениот член 240 од Законот за извршување, доверителот за побарување кое произлегува од комунални услуги опишани во член 11 точка 14 од овој закон, против должниците должен е непосредно, да поднесе барање за вонсудска наплата на долг, пред запчнување на постапка за донесување на решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа, согласно одредбите на Законот за нотаријатот и тоа:
– за веродостојна исправа за вода, смет и одржување на заедничките простории за износ до 2.000,00 денари,
– за веродостојна исправа за електрична или топлинска енергија за износ од 6.000,00 денари,
– за веродостојна исправа за телефонија, мобилни оператори или кабелски оператори за износ од 2.000,00 денари.

Доколку износот на неплатените комунални услуги го надминува износот определен со овој став, доверителот поведува постапка за донесување на решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа, согласно со одредбите на Законот за нотаријатот.

Доверителот пред да го поднесе барањето за вонсудска наплата на долгови, непосредно бара од Комората на извршителите од членот 75 од овој закон, да одреди извршител, кому треба да го поднесе барањето од ставот 1 на овој член (став 2).

Во ставот 3 е определено дека Комората е должна да му одговори на доверителот и да му посочи извршител, во рок од 5 дена сметано од денот на приемот на писменото од ставот 2 на овој член, водејќи сметка извршителите да ги одредува рамномерно според азбучниот ред во Именикот на извршителите, водејќи сметка за надлежноста на извршителот според живеалиштето/престојувалиштето на должникот.

Согласно ставот 4, извршителот е должен со заклучок да го одбие барањето од ставот 1 на овој член доколку доверителот:
– кон барањето не го достави дописот од Комората дека токму тој е посочен да постапува по барањата на доверителот за вонсудска наплата на долгови,
– не достави доказ Комората не му одговорила на дописот за посочување на извршител во рокот од ставот 1 на овој член,
– не ја авансира цената за администрирање на барањето и материјалните трошоци за достава.

Во ставот 5 е определено дека со акт на Комората, донесен врз основа на претходна согласност на Министерството за правда, поблису се уредуваат начинот на распределба на предметите по извршители од страна на Комората, содржината и начинот на поднесување на обраќањето на доверителот до Комората, содржината на одговорот на Комората и начинот на доставување на одговорот на Комората до доверителот.

5. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот на Република Македонија, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основа за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр.141/2016 од 5 јули 2017 година, меѓу другото, не повел постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 68 ставови 2, 3 и 4 од Законот за нотаријатот и одлучил дека истиот е во согласност со Уставот на Република Македонија.

Во наведеното решение, Судот оценил дека: „не стојат наводите во иницијативата, а особено во иницијативата на ЈП „Комуналец“ од Кичево, од причина што предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог од страна на доверител за побарувањата кои произлегуваат од наведените комунални услуги директно да се поднесува кај нотарот, е со цел зголемување на ефикасноста на постапките со што се обезбедува поголема правна сигурност на граѓаните и правните лица, како и заштита на нивните права и интереси во постапката пред нотар.

Анализирајќи го ставот 3 на членот 68 од Законот, во контекст со наводите во иницијативите, Судот утврди дека истиот не е во спротивност со начелата на ефикасност и економичност во постапката, што е едно од основните начела за постапката кон што тежнее и целиот правосуден систем и истовремено ќе се намали бројот на судски постапки, со што ќе се остваруваат, односно побрзо реализираат побарувањата на доверителите. Според Судот, ова е и уредено и предвидено во меѓународните акти на кои се упатува во иницијативите, односно со наведените оспорени одредби од Законот за нотаријат се врши поедноставување,забрзување на постапките со цел правилно функционирање на внатрешниот пазар, добро функционирање на постапките заради потребата од брза ефикасна наплата на неподмирените долгови, од причина што јасно е дека задоцнетото плаќање на долговите е причина за неликвидност која е опасност за опстанувањето на компаниите. Оттука, на овој начин како е уредено во оспорените одредби од Законот се овозможува решавање на проблемите со масовната наплата на неспорните побарувања, што е и основна цел на Законот.

Во иницијативата, исто така, по однос на овој член 9 од Законот се упатува на околноста дека и во овие постапки се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка. Според Судот, од анализата на целината на Законот за нотаријатот, неспорно произлегува дека во постапката пред нотарот се применуваат одредби од Законот за парничната постапка. Но, во членот 81 од Законот за нотаријатот децидно се наведува дека во постапката за издавање на нотарски платен налог во недостаток на одредби од овој закон, и за измена, соодветно се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка. Меѓутоа, имајќи го во вид фактот дека оспорениот член 68 од Законот за нотаријатот е јасен и прецизен, со точно утврдени права и обврски, Судот оцени дека не постои недостаток на одредби поради што не може да стане збор за примена на одредби кои регулираат, односно уредуваат постапка согласно Законот за парнична постапка“.

Како во конкретниов случај не постојат основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата поради res judicata, односно поради тоа што Судот веќе одлучувал за истата работа, а не постојат основи за поинакво одлучување.

По однос на членовите 11 и 240 од Законот за извршување Судот одлучи да ја отфрли иницијативата од причини што со Одлука У.бр.143/2016 од 29 ноември 2017 година, Судот ги укинал овие оспорени членови од Законот, така што тие не се повеќе во правниот поредок и постојат процесни пречки за одлучување во смисла на член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

По однос на членот 14 од Законот за извршување, кој е поместен во дел втори – Извршување – глава прва – Основи и предмет на присилно извршување, Судот оцени дека тој не може да се доведе под сомнение по однос на одредбите од Уставот на Република Македонија.

Имено, со оспорениот член 14 кој го уредува прашањето за извршност на одлуката, јасно и прецизно се утврдува моментот кога судската одлука односно одлуката донесена во управна постапка станува извршна, како и го уредува рокот за доброволно исполнување на обврската, поради што Судот оцени дека не може да се доведе под сомнение уставноста на членот 14 од Законот за извршување vis-a-vis одредбите од Уставот на Република Македонија на кои се упатува во иницијативата.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

 

У.бр.16/2017
20.12.2017 гoд.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

 

 

Leave a Reply