Соопштенија

XVI Конгрес на Конференцијата на европските уставни судови

XVI Конгрес на Конференцијата на европските уставни судови

XVI Конгрес на Конференцијата на европските уставни судови

Во организација на Уставниот суд на Република Австрија, од 12 до 14
мај 2014 година во Виена се одржа XVI Конгрес на конференцијата на европските
уставни судови. Тема на Конгресот беше „Соработка на уставните судови во Европа
– Постојна состојба и перспективи“. Во рамките на темата беа одржани четири
сесии на кои се расправаше за следниве под-теми: „Уставните судови помеѓу
уставното право и европското право“, „Интеракција помеѓу уставните судови“,
„Интеракција помеѓу европските судови“, а беше презентиран и Генералниот
извештај изработен врз основа на националните извештаи на уставните судови на
земјите учеснички.

На Конгресот учествуваше делегација на Уставниот суд на Република
Македонија предводена од претседателот на Уставниот суд на Република Македонија
г-ѓа Елена Гошева. На Конгресот присуствуваа претседатели и судии од 37 уставни
судови во Европа, претседателот на Европскиот суд за човекови права г-дин Дин
Шпилман, националниот судија на Република Македонија во Европскиот суд за
човекови права г-ѓа Мирјана Лазарова- Трајковска, претседателот на Европскиот
суд на правдата г-дин Василиос Скурис, претседателот на Венецијанската комисија
г-дин Џани Букикио, како и претставници на регионалните и јазичните групи на
уставните судови од сите региони во светот.

Презентациите и дискусиите на Конгресот покажаа дека европската
интеграција, покрај своите политички, социјални и економски аспекти, може да се
оствари само доколку се успее долгорочно Европа да се развие во заедничка
област на правдата и дека оваа задача може да се оствари само со соработка
помеѓу националните уставни судови и судовите на ниво на Европа – Европскиот
суд за човекови права и Европскиот суд на правдата.

Конференцијата на европските уставни судови е основана во 1972 година
и во текот на своето четиридецениско постоење таа се разви во значаен пан-
европски форум за размена на информации помеѓу уставните судови по прашања од
областа на уставното право и уставно-судската практика. Уставниот суд на
Република Македонија е член на Конференцијата на европските уставни судови од
1997 година и активно учествува на сите конгреси на Конференцијата.

Leave a Reply