Соопштенија

Билатерална посета на делегација на Уставниот суд на Република Турција на Уставниот суд на Република Македонија

Од 3-5 мај 2010 година, делегација на Уставниот суд на Република Турција составена од претседателот на Судот г-дин Хашим Килиџ и уште тројца судии, ќе престојува во официјална посета на Уставниот суд на Република Македонија.

Станува збор за прва официјална билатерална средба помеѓу Уставниот суд на Република Македонија и Уставниот суд на Република Турција која е во функција на воспоставување на поблиски врски и размена на искуства и уставно-
судска практика.

За време на посетата ќе биде остварена работна средба во Уставниот суд на Република Македонија на која ќе се разговара за актуелните предизвици во работата на двата уставни судови, кои покрај определени разлики во надлежноста, имаат и многу сличности со оглед на тоа што и двата суда се основани и се развиваат според моделот на европското уставно судство.

Делегацијата на Уставниот суд на Република Турција ќе биде примена и од претседателот на Република Македонија г-дин Ѓорѓе Иванов.

Уставниот суд на Република Македонија и Уставниот суд на Република Турција во 2006 година потпишаа Меморандум за разбирање и билатерална соработка, со кој се предвидуваат редовни годишни средби во форма на студиски посети на претставници на уставните судови заради размена на искуства и уставно-судска практика.

Покрај работниот дел, за време на посетата на високата делегација на Уставниот суд на Република Турција планирана е посета и положување венец пред бистата на Кемал Ататурк во музејот во Битола, како и посета на Сарајот во Ресен и културно-историските знаменитости на Охрид.

Leave a Reply