Решение У.бр.169/2016

У.бр.169/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 14 став 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 27 септември 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната („Службен весник на Република Македонија” број 199/2014) и на уставноста на член 39 став 3 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија” број 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 42/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014, 27/2014, 28/2014, 41/2014, 115/2014, 132/2014, 160/2014, 199/2014, 196/2015 и 226/2015).

2. Христијан Георгиевски, адвокат од Куманово, до Уставниот суд на Република Македонија, поднесе иницијатива за оценување на уставноста на Законот, означен во точката 1 од Решението.

Уставниот суд на Република Македонија, по сопствена иницијатива, исто така поведе постапка за оценување на уставноста на членот од Кривичниот законик, означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите од иницијативата, Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната, не бил во согласност со Уставот на Република Македонија, а и со други закони од кривично-правната област.

Според подносителот на иницијативата, иако од содржината на членовите 1 и 2 од оспорениот закон, произлегува дека интенцијата на законодавецот била полесно да се имплементира Законот за кривичната постапка и да се олесни спогодувањето меѓу обвинителите и обвинетите за висината на кривичната санкција, тој смета дека со оспорениот закон се вршела категоризација на кривичните дела и се определувале нивоа на кривичните дела, како и нови распони на минимални и максимални казни во рамките на новововедените категории, што било можно само со Кривичниот законик. Начинот на определување, кое кривично дело, во кое ниво би спаѓало, според подносителот, не само што немал законска основа, туку бил и нејасен и без конзистентни критериуми. Со оспорениот закон се исклучувала примената на условната осуда, општокорисната работа и другите алтернативни мерки.

Во продолжение со иницијативата се цитира уставниот амандман XXV со кој се заменува членот 98 од Уставот на Република Македонија, според кој судската власт ја вршат судовите кои се самостојни и независни и судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, при што подносителот поставува прашање која би била независноста и самостојноста на судот да суди врз своја слободна оцена, ако на судот му се наметнувало да суди, не врз своето слободно судиско уверување во рамките на Кривичниот законик, туку врз основа на друг посебен закон, во случајов со оспорениот закон.

Амандманот XXVII и членот 65 став 2 од Законот за судовите, уредувале дека судија не може да биде повикан на кривична одговорност за искажано мислење и одлучување при донесувањето на судските одлуки, а со оспорениот закон се вршело ограничување во поглед на одлучувањето на судовите, што било целосно неоправдано и незаконито.

Не се имало предвид дека обезбедување на единство во примената на законите од судовите вршел Врховниот суд на општа седница по сопствена иницијатива или по иницијатива на седниците на судиите или судските оддели во судовите.

Понатаму подносителот симболично поставува прашање како било можно на судиите да им се врзат нозете, а од нив да се бара да трчаат?! Како што бил поставен самиот закон, судиите ќе биле обични препишувачи на табеларни прикази на казни, без притоа да ги имаат во предвид околностите поврзани со самите личности кои ќе се јавувале како сторители на кривични дела. Никој па ни законодавецот не смеел да го ограничува судот и слободното судиско уверување во делот на оценувањето кои околности се важни за избор и одмерување на кривичната санкција. Преку слободното судиско уверување се изразувала судската независност во одлучувањето. Принципот на слободно судиско уверување не значел самоволие и арбитрарност на судиите, туку оцена, во рамките на законито изведените докази, на кои судот ја засновал својата одлука.

Со негирањето на принципот на слободно судиско уверување, се уназадило одмерувањето на казните како суверено и самостојно подрачје на самите судии, особено ако се имало во предвид дека постоеле решенија кои биле во колизија со самиот закон и со Кривичниот законик, а конкретно во самите работни листови стоела олеснителна околност-крајна нужда која се предвидувала во корист на обвинетиот, но истата како правен институт претставувал основа за исклучување на кривичната одговорност согласно член 10 од Кривичниот законик.

Судиите биле единствено овластени според Уставот да одлучуваат за индивидуалниот изглед на казнената репресија во секој конкретен случај, а носителот на законодавната власт излегол надвор од своите овластувања, бидејќи покрај законското пропишување на санкциите предвидени со Кривичниот законик, изразил настојување да го контролира и судското одмерување на санкциите, а со настојувањето да се ограничи и шаблонизира во калапи и судското одмерување, законодавецот манифестирал недоверба во судиите и го минирал начелото на индивидуализација на казната.

Судското одмерување било законито се додека правилно биле применети одредбите од Кривичниот законик, односно според оцената на судот за потребите на конкретниот случај, а секоја друга интервенција на законодавецот значело негово мешање во судската власт, спротивно на принципот на поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Работните листови, конкретно Прилогот 3 од оспорениот закон, давал пристрасна слика во поглед на оценувањето, бидејќи олеснителните околности биле оценувани со пониски поени, додека за отежнувачките околности постоела построга поенизација, односно за нив биле определени повисоки поени, што според подносителот значело повластена положба на отежнителните околности во однос на олеснителните околности. Со тоа судиите се наоѓале во тешка положба, бидејќи требале да пресметаат поголем број на олеснителни околности кои носеле помалку поени за една или две отежнителни околности кои носеле повисоки поени за да на обвинетиот му изречеле поблага или условна кривична санкција.

Во продолжение на иницијативата подносителот, земајќи примери наведува дека така како што се уредени одредбите од член 20 став 2 и член 21 од оспорениот закон, не водат кон објективно договорена казна, како и дека со така пропишаните законски решенија во оспорениот закон, лицата биле ставени на милост и немилост да прифатат било какво кривично дело, под страв дека во понатамошниот тек на постапката, ако не ја докажеле својата невиност, поточно бидат огласени за виновни, ќе се соочеле со тешки затворски казни.

Од наведените причини, подносителот повикувајќи се на член 8 став 1 алинеи 1, 3, 4 и 11, член 14, член 50, член 51, член 108 и 118 од Уставот на Република Македонија и Конвенцијата за заштита на човековите права и основите слободи на Советот на Европа, ратификувана со Закон објавен во “Службен весник на Република Македонија” број 11/1997, бара Уставниот суд да утврди неуставност на оспорениот закон.

3. Судот на седницата утврди дека со Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија” број 199/2014), изменет е ставот 3 на членот 39 (општи правила за одмерување на казната) од Кривичниот законик. Според содржината која ја добива членот 39 став 3 од Кривичниот законик, одмерувањето на казната судот го врши согласно одредбите од Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната.

Судот исто така утврди дека оспорениот закон е систематизиран во VI глави, со вкупно 24 члена, а составен дел на оспорениот закон се и пет прилози.

Со Глава I. Основни одредби (членови 1, 2 и 3) од оспорениот закон, е дефиниран предметот на уредување на Законот, целта што треба да се постигне и начелата врз кои тој се заснова.

Имено, со Законот се уредува одредувањето на видот и одмерувањето на казната, договарање за видот и висината на казната меѓу јавниот обвинител и обвинетиот во рамките на спогодувањето како и формирањето, составот, мандатот и надлежностите на Комисијата за воедначување на казнената политика (член 1).

Целта на Законот е воедначување на казнената политика при изрекувањето на казните од судовите во Република Македонија преку пропишување објективни критериуми за одредување на видот и одмерување на висината на казната (член 2).

Со член 3 на оспорениот закон, е определено дека Законот се заснова на начелата на:

-Законитост,
-Индивидуализација на казната,
-Пропорционалност на казната со стореното кривично дело,
-Ефикасност,
-Воедначување на казнената политика и
-Транспарентност.

Главата II од оспорениот закон (членови 4 до 8), е посветена на Комисијата за воедначување на казнената политика која се основа како независно и советодавно тело кое се грижи за воедначување на казнената политика во изрекувањето на казните преку предлагање критериуми за одредување на видот и одмерување на висината на казната.

Со членот 5 од оспорениот закон, се уредени составот, мандатот и основите за престанок на функцијата член на комисијата. Имено, таа е составена од седум члена кои ги избира Собранието на Република Македонија, со мандат од четири години, со право на повторен избор.

Со членот 6 од оспорениот закон, се пропишани надлежностите на Комисијата, а со членот 7 изворите на средства за работата на Комисијата и правото на паричен надоместок на членовите на Комисијата.

Според членот 6 од оспорениот закон, Комисијата ги има следниве надлежности:

-ја следи и анализира казнената политика на судовите во Република Македонија, во смисла на целите на казнувањето (т.е., утврдената казна, запретената казна, способноста за вина, превенцијата и рехабилитацијата, како и пресудите донесени врз основа на спогодба меѓу јавниот обвинител и обвинетиот);

-предлага мерки за обезбедување на сигурност и правичност во исполнувањето на целите на казнувањето, заради избегнување на неоправдан диспаритет меѓу сторителите на кривични дела со слични карактеристики осудени за исти или слични кривични дела (според објективната категоризација на кривични дела согласно овој закон), со почитување на диспозицијата на судот при оцената на отежнувачките и олеснувачките околности;

-доставува предлози до Министерството за правда на Република Македонија за изменување и дополнување на Кривичниот законик и на овој закон;

-доставува годишен извештај до Собранието на Република Македонија;

-до Министерството за правда доставува шестмесечни извештаи за прашањата од нејзина надлежност, за што Министерството ја известува Владата на Република Македонија и

-доставува известувања до Судскиот совет на Република Македонија, Советот на јавни обвинители, до Врховниот суд на Република Македонија и Јавниот обвинител на Република Македонија за примената на овој закон по судови и дава предлози и укажувања за начинот на воедначување на казнената политика.

Членот 8 од оспорениот закон, се однесува на актите кои ги донесува Комисијата, односно Статутот и Програмата.

Главата III (членови 9 до 19) од оспорениот закон се однесува на одредувањето на видот и одмерувањето на висината на кривичните санкции, а како објективни критериуми за таа цел со членот 9 од оспорениот закон се определени:

-објективната категоризација на кривичното дело и
-поранешниот живот на сторителот на кривичното дело.

Со член 10 од оспорениот закон, кривичните дела пропишани во Кривичниот законик и во други материјални закони се категоризираат во 55 хоризонтални категории согласно видот и висината на кривичната санкција.

Со членот 11 од оспорениот закон се пропишани критериумите за поранешниот живот на сторителот на кривичното дело врз основа на вертикални категории.

Членот 12 од оспорениот закон определува што содржи Прилогот 1 кој е составен дел на Законот и на кој начин се определени тие содржини во секој хоризонтален ред од Прилогот 1 како што се податоците за минималните и максималните граници на казни кои би можеле да му бидат изречени на сторителот на кривичното дело (во месеци), односно дека тие се определени согласно категоризираните кривичните дела кои законодавецот го уредил со членот 10 од оспорениот закон и критериумите за поранешниот живот на сторителот на кривичното дело определени во членот 11 од оспорениот закон.

Членот 13 од оспорениот закон уредува на кој начин се засметуваат отежнувачките и олеснувачките околности, односно дека тоа се врши со додавање односно одземање на поени, при што почетна основа претставува средната вредност на утврдената висина на казната во секоја вертикална категорија согласно табелата содржана во Прилогот број 1.

Со членот 14 од оспорениот закон се дефинирани отежнувачките и олеснувачките околности кои влијаат на висината на казната, групирани во девет категории.

Листата на олеснувачки и отежнувачки околности во која е извршено поединечно бодување на секоја околност е дадена во табелата содржана во Прилог број 2 кој е составен дел на овој закон.

Во членот 15 од оспорениот закон се пропишува дека при засметувањето на отежнувачките и олеснувачките околности, како и при одредувањето на видот и одмерувањето на висината на казната, судиите ги користат работните листови кои се составен дел од списите на предметот и се дадени во Прилогот број 3, Прилогот број 4 и Прилогот број 5 кои се составен дел на овој закон.

Во членот 16 е пропишано дека доколку судот утврди казна затвор во траење до 24 месеци, а при евалуацијата во значителен обем преовладуваат олеснувачки околности, при што разликата е најмалку 5 поени во корист на олеснувачките околности, може вака утврдената казна затвор да ја услови или да примени некоја од другите алтернативни мерки предвидени во членот 48-а од Кривичниот законик, ако оцени дека и со изречената условна осуда или друга алтернативна мерка ќе се постигнат целите на казнувањето во смисла на специјалната и генералната превенција.

Со членовите 17, 18 и 19 од оспорениот закон е уредена материјата за одмерување на парична казна на правни лица.

Во IV глава (член 20) и во V глава (член 21) од оспорениот закон е уредена материјата за договарање за видот и висината на казната меѓу јавниот обвинител и обвинетиот во рамките на спогодувањето и признанието на вина во текот на главната расправа.

Имено според член 20 од оспорениот закон, при договарањето на јавниот обвинител и обвинетиот во текот на истражната постапка и во скратената постапка до поднесување на обвинителниот предлог, не може да биде договорена казна помала од 50% од казната што би била изречена со примена на одредбите на овој закон во редовна судска постапка (став 1). При договарањето на јавниот обвинител и обвинетиот во фазата на оцена на обвинителниот акт, не може да биде договорена казна помала од 60% од казната што би била изречена со примена на одредбите на овој закон во редовна судска постапка (став 2).

Според член 21 од оспорениот закон, во текот на главната расправа, по одржувањето на воведните говори на странките, ако обвинетиот ја признае вината судот не може да му изрече на обвинетиот казна помала од 70% од казната што би била изречена со примена на одредбите на овој закон во редовна судска постапка.

Во VI глава (членови 22, 23 и 24) од оспорениот закон, се дефинирани преодните и завршните одредби.

Со овие одредби од оспорениот закон се определува дека, Комисијата ќе се формира во рок од 3 месеци од денот на влегување во сила на овој закон (член 22), дека со отпочнувањето со примената на овој закон престанува да важи Правилникот за начинот на одмерување на казните („Службен весник на Република Македонија“ брoj 64/14) (член 23) и дека законот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе отпочне да се применува по истекот на шест месеци од денот на влегувањето во сила (член 24).

Составен дел на оспорениот закон се и пет прилози.

4. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според Амандман XXV со кој се заменува членот 98 од Уставот на Република Македонија, судската власт ја вршат судовите (став 1). Судовите се самостојни и независни. Судовите судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот (став 2). Видовите, надлежноста, основањето, укинувањето, организацијата и составот на судовите, како и постапката пред нив, се уредуваат со закон, што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници (став 4).

Според член 101 од Уставот, Врховниот суд на Република Македонија е највисок суд во Републиката и го обезбедува единството во примената на законите од страна на судовите.

Во функција на операционализација на уставниот амандман за самостојност и независност на судовите при вршењето на судската власт, во Законот за судовите, а и во Законот за кривичната постапка е утврдено начелото на слободна оценка на доказите, согласно кое начело судиите во судските постапки постапуваат и одлучуваат врз основа на своето слободно судиско уверување.

Конкретно, според член 10 став 1 алинеја 12 од Законот за судовите („Службен весник на Република Македонија” број 58/2006, 62/2006, 35/2008 и 150/2010), постапката пред судот се уредува со закон и се заснова, помеѓу другите и врз основа на начелото на слободна оцена на доказите.

Според член 11 став 1 од Законот за судовите, судијата одлучува непристрасно со примена на законот врз основа на слободна оцена на доказите.

Членот 16 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија” број 150/2010) е исто така посветен на начелото на слободна оцена на доказите.

Според ставот 1 на членот 16 од Законот за кривичната постапка, правото на судот и на државните органи што учествуваат во кривичната постапка да го оценуваат постоењето или непостоењето на фактите не е врзано ниту ограничено со посебни формални доказни правила, а според ставот 2 на членот од Законот, судот и другите државни органи се должни јасно да ги образложат причините за одлуката која ја донеле.

Начелото на слободна оценка на доказите произлегува од теоријата на слободна оценка на доказите според која фактите што треба да послужат како материјална основа за одлуката, судијата ги подложува на логичка и психолошка анализа и во зависност од субјективниот впечаток кој притоа го добива, врз основа на анализа на секој доказ посебно и во корелација со другите докази, судијата оценува и заклучува на кои докази ќе им поклони верба, а на кои не, односно судијата слободно и самостојно цени и одлучува кои докази ќе ги земе како релевантни заради утврдување на фактичката состојба.

Наспроти теоријата на слободна оценка на доказите е теоријата на легалната односно формалната теорија на доказите, според која оценувањето на сите докази се врши според правила кои однапред се пропишани со закон, односно во законот е пропишано кои докази треба да стојат за еден факт да се смета за утврден, односно за вистинит, што значи дека доказните средства што се користат за утврдување на фактите, однапред се одредени во законот, а одредена е и доказната вредност на секој одделен доказ.

Според теоријата на слободна оценка на доказите, прифатена во нашиот законодавно-правен систем, законот не бара од судиите да полагаат сметка за начинот врз основа на кој тие го создале своето уверување, ниту пак им пропишува правила според кои треба да ја одредуваат потполноста и доволноста на еден доказ. Суштината на слободната оценка на доказите се состои во правото на судот да го оценуваат (не)постоењето на фактите според сопственото убедување и ваквата нивна оценка не е врзана ниту ограничена со посебни формални доказни правила.

Имајќи предвид дека законодавецот со Кривичниот законик за секое казнено дело го определил видот на казната и нејзините рамки, како вредносна линија, односно ориентација по која треба да се движи судот во изборот на казната, произлегува дека, во нашето кривично законодавство е прифатен системот на релативно определени казни кој се состои од комбинација на законско определување на казната (за секое казнено дело Законикот го определил видот на казната и рамките на казната) и судско определување на казната во законски определените рамки.

Оттука, судското определување на казната, значи оставање на простор (слобода), судот да изврши избор и изрекување на казна во утврдените рамки.

Бидејќи законодавецот, пропишувајќи ги казните за секое казнено дело, го определил и просторот за слободно оценување на судот во конкретизирањето на законски определената казна, неспорно произлегува дека начелото на слободно судиско уверување како процесно начело врз основа на кое се раковиди судијата во фазата на утврдување на вина кај обвинетиот, наоѓа своја примена и во фазата на одредувањето на видот и одмерувањето на висината на казната за стореното кривично дело.

Меѓутоа, со измените и дополнувањата на Кривичниот законик во 2014 година („Службен весник на Република Македонија” број 199/2014), концептот на судско одмерување на казната, е напуштен така што одмерувањето на казната судот го врши не по своето слободно судиско уверување, туку според посебни правила пропишани со оспорениот закон, поточно, одредувањето на видот и одмерувањето на висината на кривичните санкции, судот е законски обврзан да го врши според работни критериуми кои се утврдени во хоризонтални редови и по вертикала на Прилог 1 од оспорениот закон.

Во хоризонталните редови се определени минималните и максималните граници на казни кои би можеле да му бидат изречени на сторителот на кривичното дело во месеци, а по вертикала од табеларниот приказ во Прилог 1, е утврдена средната вредност на висината на казната во месеци, од која судот започнува да ги засметува олеснувачките и отежнувачките околности врз основа на што ќе ја индивидуализира висината на казната за конкретен сторител.

Прилогот 2 кој е составен дел на овој закон, претставува листа на олеснувачки и отежнувачки околности во која е извршено поединечно бодување на секоја околност, а судијата нивното засметување треба да го врши со додавање односно одземање на фиксно утврдени поени, при што почетна основа претставува средната вредност на утврдената висина на казната во секоја вертикална категорија согласно табелата содржана во Прилогот број 1.

При засметувањето на отежнувачките и олеснувачките околности, во фазата на одредувањето на видот и одмерувањето на висината на казната, судиите ги користат и останатите работни листови (Прилог број 3, Прилогот број 4 и Прилогот број 5) кои се составен дел на овој закон.

Исто така, со оспорениот закон се утврдени и правила според кои може да се договори видот и висината на казната меѓу јавниот обвинител и обвинетиот во рамките на спогодувањето, како и висина на казна која може да биде изречена во случај обвинетиот да ја признае вината во текот на главната расправа (членови 20 и 21).

Оспорениот закон и прилозите кои се негов составен дел, упатуваат на обврска за судот при одредувањето на видот и одмерувањето на висината на казната и при договарањето за видот и висината на казната меѓу јавниот обвинител и обвинетиот во рамките на спогодувањето, стриктно да ги примени утврдените критериуми и квантификации на секоја одделна релевантна околност.

Тоа значи дека судското определување на казната, кое значи простор (слобода), судот да изврши избор и изрекување на казна во утврдените рамки во фазата на одредувањето на видот и одмерувањето на висината на казната за стореното кривично дело, се елиминира, а се востановува законско определување на казната, според правила и критериуми задолжителни за судот.

Според Судот, ваквиот концепт на оспорениот закон, доведува до формализирање на принципот на слободно судиско уверување, како принцип преку кој непосредно се изразува уставната определба за независност и самостојност на судовите, бидејќи на судот му се дава однапред дефиниран систем на утврдени и вреднувани параметри за виновниот сторител на кривичното дело, според кои судијата ќе треба да ја одмери и индивидуализира казната.

Според ставот на Уставниот суд, ваквата состојба не дава можност, судот самостојно да изврши избор и изрекување на казна во утврдените рамки, бидејќи со однапред утврдените правила за таа цел, делувањето на судијата се сведува на проста математичка операција на бодирање и пресметување бодовни разлики (преку собирање или одземање на бодовите) помеѓу олеснителните и отежнителните околности, за кои пак со оспорениот закон се утврдени фиксни вредносни бодови.

Фиксно утврдените бодови со кои се вреднуваат олеснувачките и отежнувачките околности и наметнатата математичка операција, според Судот, не гарантираат објективна индивидуализација на казната на сторителите на кривични дела, и не е во духот на начелото на индивидуализација на казната, чија суштина е да се приспособи видот и висината на казната на личноста на сторителот.

Евидентен пример за тоа е олеснувачката околност „ментална или телесна попреченост” од Прилог 2, која со оспорениот закон е вреднувана фиксно со 10 бода, а која околност, може да биде од различен степен: лесна, средно тешка, особено тешка итн., така што фиксно утврдената вредност на одредена околност, не може да биде основа за објективна индивидуализација на казната, со што се доведува во прашање правната сигурност на граѓаните дека со изречените казни ќе бидат постигнати сите цели на казнувањето и остварување на објективна правда.

За забележување е и фактот што при одредувањето на околностите со значење на олеснувачки околности за одмерувањето на казната, изразени во Прилог 2 на оспорениот закон, не се водело сметка на околностите што се конститутивни елементи на казнетото дело (крајна нужда, казнив обид) или на вината (небрежност), имајќи предвид дека основните елементи на делото (дејствие, остварување на законско битие, противправност, вина, казнивост) имаат конститутивно значење во одредувањето дали станува збор за казнено дело или не, а не значење на околности (олеснувачки или отежнувачки) за одмерување на казната.

Според Судот, ваквиот концепт на Законот кој се оспорува, имлицира повреда на Амандманот XXV со кој се заменува членот 98 од Уставот, бидејќи го обврзува судот во изборот и изрекување на казната да се раководи, не по своето слободно судиско уверување, односно судско одмерување на казната, туку врз основа на однапред дефиниран систем на утврдени и вреднувани параметри со оспорениот закон, со што се ограничува уставната определба за независност и самостојност на судовите кои постапуваат по кривични предмети.

Понатаму, со оспорениот закон (членови 4 до 8) е основана Комисија за воедначување на казнената политика, чии членови ги избира Собранието на Република Македонија. Ако се имаат во предвид определените надлежности на Комисијата со оспорениот закон, според кои Комисијата се грижи за воедначување на казнената политика во изрекувањето на казните преку предлагање на критериуми за одредување на видот и одмерување на висината на казната, произлегува дека со оспорениот закон на Комисијата и се определени надлежности кои значат влијание врз работата на судовите. Ваквото востановување на надлежност на Комисијата, да влијае во процесот на одредувањето на видот и одмерувањето на висината на казната, според Судот, значи мешање на законодавната власт во судската власт, што е спротивно на уставно загарантираното начело за поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска, како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија од член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот на Република Македонија. Ова дотолку повеќе што уставотворецот со Уставот (член 101) утврдил надлежност на Врховниот суд како највисок суд во Републиката да го обезбедува единството во примената на законите од страна на судовите.

Со оспорениот закон, исто така, се уредени и правила кои треба да овозможат воедначување на казните кои се изрекуваат во рамките на спогодувањето меѓу јавниот обвинител и обвинетиот во текот на истражната постапка, скратената постапка, во фазата на оцена на обвинителниот акт, како и во случај на признание на вината од страна на обвинетиот во текот на главната расправа. Според Судот и во однос на ова прашање, оспорениот закон не наоѓа уставна оправданост, поради следното:

Во рамките на судските овластувања за одмерување на казната, а во функција на индивидуализација на казната, со Кривичниот законик е уреден институтот ублажување на казната и случаите (член 40) во кои може судот да ја ублажи казната или да примени поблаг вид на казна, а со Законикот се пропишани и границите за ублажување на казната (член 41).

Институтот ублажување на казната во рамките предвидени во членот 41 од Кривичниот законик, судот може да го примени кога изрекува казна по поднесен предлог на спогодба за признавање на вина склучена меѓу јавниот обвинител и обвинетиот и кога обвинетиот ја признае вината на главната расправа согласно со одредбите од Законот за кривичната постапка, а исто така судот може да изрече поблага казна во границите на ублажување на казната од член 41 од овој законик и кога согласно со законски пропишаната постапка за спогодување меѓу јавниот обвинител и осомничениот е постигната спогодба за применување на поблага санкција од санкцијата пропишана за кривичното дело со закон.

При ова со член 483 став 1 (со поднаслов „Поднесување на предлог-спогодбата”) од Законот за кривичната постапка, се уредува дека: „до поднесување на обвинение јавниот обвинител и осомничениот можат да поднесат предлог-спогодба со која бараат од судијата на претходната постапка да примени кривична санкција определена според видот и висината, во законски определените рамки за конкретното кривично дело, но не под границите за ублажување на казната определени со Кривичниот законик”, а според членот 490 став 1 од Законот за кривичната постапка, ако судијата на претходна постапка ја прифати предлог-спогодбата изрекува пресуда со која не смее да изрече кривична санкција различна од кривичната санкција содржана во предлог-спогодбата.

Од погоре наведените законски одредби, произлегува дека во рамките на спогодувањето меѓу јавниот обвинител и осомничениот и кога обвинетиот ја признае вината на главната расправа, одредувањето на поблага казна се врши според правилата за ублажување на казната определени со членот 41 од Кривичниот законик, односно според посебниот минимум на казната пропишана за казненото дело.

Меѓутоа законодавецот за истата правна ситуација (договарање на казна во случај на спогодување и признанието на вина во текот на главната расправа) со членовите 20 и 21 од оспорениот закон, уредил поинаков начин на ублажување на казната за погоре наведените случаи, со цел да се постигне воедначување на казните кои се договарале и изрекувале во рамките на спогодувањето и признанието на вина во текот на главната расправа.

Имено, според членот 20 од оспорениот закон, при договарањето на јавниот обвинител и обвинетиот во текот на истражната постапка и во скратената постапка до поднесување на обвинителниот предлог, не може да биде договорена казна помала од 50% од казната што би била изречена со примена на одредбите на овој закон во редовна судска постапка (став 1). При договарањето на јавниот обвинител и обвинетиот во фазата на оцена на обвинителниот акт, не може да биде договорена казна помала од 60% од казната што би била изречена со примена на одредбите на овој закон во редовна судска постапка (став 2). Според член 21 од оспорениот закон, во текот на главната расправа, по одржувањето на воведните говори на странките, ако обвинетиот ја признае вината судот не може да му изрече на обвинетиот казна помала од 70% од казната што би била изречена со примена на одредбите на овој закон во редовна судска постапка.

Од содржината на погоре цитираните одредби од оспорениот закон, произлегува дека ублажувањето на казната не се врши според посебниот минимум на казната пропишана за казненото дело како што е уредено со Кривичниот законик, туку според казната што би била изречена во редовна судска постапка со примена на одредбите на оспорениот закон, па на таквата можна казна, се утврдува границата до каде може да се движи ублажувањето (не помалку од 50%, односно 60% во рамките на спогодувањето, односно не помала од 70% кај признание на вина во текот на главната расправа).

Наведеното води кон заклучок дека за исти правни прашања (одредување на казна во рамките на спогодувањето и кај признанието на вина во текот на главната расправа) со наведените прописи се уредени различни правила за примена на институтот ублажување на казната, односно правилата од оспорениот закон отстапуваат од правилата содржани во Кривичниот законик. Меѓутоа, предмет на оцена пред Уставниот суд не може да биде нивната меѓусебна согласност, и покрај тоа што оспорениот закон уредува само дополнително мал дел од правната материја што ја уредуваат Кривичниот законик и Законот за кривичната постапка.

Во конкретниот случај, видно од содржината на членот 20 и 21 од оспорениот закон, произлегува определување на лимит до каде може да се ублажи казната која се договара (не помала од 50%, 60% односно 70%), при што како горна граница е утврдена казната што би била изречена со примена на одредбите на овој закон во редовна судска постапка. Меѓутоа, останува отворено прашањето, со оцена на кои околности, ќе се дојде до одреден квантум на бодови, а преку нив и до казната, ако тие околности врз основа на докази треба да се утврдат во редовната судска постапка, односно на главната расправа.

Според Судот, законски решенија кои се темелат на претпоставена казна (казната што би била изречена во редовна судска постапка со примена на одредбите на оспорениот закон), овозможуваат произволност и арбитрарност во определувањето на казната како горна граница, од која пак може да се договара поблага казна не помала од 50%, 60%, односно 70% од определената казна, од кои причини овие воспоставени правила за ублажување на казната кога се применува институтот спогодување меѓу јавниот обвинител и обвинетиот и кај признанието на вина во текот на главната расправа, според Судот имплицираат повреда на принципот на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните, за правилно и објективно индивидуализирана казна за наведените случаи.

Во образложението на Предлог-законот за оправданоста на законските решенија содржани во оспорениот закон, се наведува дека овие законски решенија се воведени како гаранција дека во текот на преговорањето за вина јавниот обвинител како алтернатива на судската постапка, нема да може да понуди казна под определените граници за ублажување на казната со примена на одредбите на Кривичниот законик за поблаги казни (членови 40 и 41), ниту би можел да предложи изрекување на условна осуда за дело за кое таа по Кривичниот законик не може да се изрече, односно дека оспорените правила биле во функција на намалување на волунтаризмот, непринципиелното и тенденциозно пресудување, па дури и можноста за коруптивно однесување на учесниците во кривичната постапка.

Во врска со ваквото образложение, прифатлива е интенцијата на законодавецот за пропишување на правила, со цел да се спречи можно договарање на казна под границите до каде може да се ублажи казната со примена на одредбите од Кривичниот законик, односно за да се спречи можност за злоупотреба на институтот спогодување во корист на обвинетиот. Меѓутоа, тука треба да се има во предвид дека можната злоупотреба на институтот спогодување, може да биде и на штета на обинетиот, кој заради страв да не ја докаже својата невиност или поради други притисоци или уцени, може да биде ставен во положба, прелиминарно да признае вина и да прифати било каква казна, што пак не е само на негова штета, туку и на штета на севкупната правда.

Поради наведеното Судот смета дека востановување на правила кои оставаат простор за арбитрарност и произволност при одредувањето на казната, а притоа излегуваат од рамките на материјалните закони кои ја регулираат оваа област, не ја обезбедуваат правната сигурност на граѓанинот, дека во својство на обвинет и прифаќање на институтот спогодување, правилно, непристрасно и објективно, ќе му биде понудена, договорена и изречена справедлива казна.

При формирањето на правното мислење во однос уставната издржаност на ваквото легислативно решение, Судот го имаше во предвид и мислењето од предлагачот на оспорениот закон, дека ваквиот концепт на правила за определување на видот и одмерување на висината на казната, овозможувал предвидливост и одредливост на казните кои можеле да се изречат за сторените кривични дела, се исклучувала арбитрарноста на судот во процесот на изрекување на казните, како и се исклучувал волунтаризмот, повластувањето, субјективизмот и протекционизмот при одлучувањето на судот. Меѓутоа, имајќи предвид дека уставна обврска на судовите е да судат врз основа на Уставот и законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот, значи дека слободното судиско уверување не подразбира апсолутна дискреција и самоволие во одлучувањето и не може да се свати како основа за волунтаризам и импровизации од било каков вид, бидејќи како гаранција од самоволието на судот, е неговата должност да ги образложи причините од кои се раководел при одлучувањето (член 16 од Законот за кривичната постапка, посветен на начелото на слободна оцена на доказите), што значи дека одлуката на судот подлежи на контрола од страна на повисокиот суд во постапката по правни лекови.

Имајќи го предвид сето погоре наведено, Судот оцени дека содржаните правила и критериуми во оспореното легислативно решение, задолжителни за судот при одредување на видот и одмерување на висината на казната, кои се под контрола на Комисија за воедначување на казнената политика, чии членови ги избира Собранието на Република Македонија, не се во согласност со уставната определба за самостојноста и независноста на судовите, принципот на владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска. Исто така, оспореното легислативно решение воспоставува дерогирање на уставна одредба, имајќи предвид дека Врховниот суд на Република Македонија како највисок суд во Републиката, според Уставот е надлежен да го обезбедува единството во примената на законите од страна на судовите (што значи и на кривичните судови), што е уште една причина за уставната неиздржаност на оспорениот закон.

Што се однесува до целта, која законодавецот сакал да ја постигне со донесувањето на оспорениот закон, а тоа е обезбедување на воедначена казнена политика при изрекувањето на казните од судовите во Република Македонија, како цел сама по себе, не може да се оцени како спротивна на Уставот, меѓутоа оспореното легислативно решение како инструмент за постигнување на таа цел, според Судот, не ја издржува уставната оправданост од аспект на неговата принципиелна согласност со воспоставените темелни вредности на уставниот поредок, уставната определба за независност на судовите и основните правни начела врз кои се темели современото казнено законодавство.

Според член 14 став 1 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд може и сам да поведе постапка за оценување уставноста на закон, односно уставноста и законитоста на пропис или друг општ акт.

Со предметната иницијатива, како оспорен не беше опфатен и членот 39 став 3 од Кривичниот законик, кој директно упатува на обврска на судот одмерувањето на казната да го врши согласно одредбите од Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната, за кој пред Уставниот суд, со основ се постави прашањето за неговата согласност со одредбите на Уставот, од кои причини Уставниот суд, по сопствена иницијатива, а согласно член 14 став 1 од Деловникот, со основ го постави прашањето и за согласноста на членот 39 став 3 од Кривичниот законик со погоре наведените уставни одредби.

5. Имајќи го предвид погоре наведеното, пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот Закон за одредување на видот и одмерување на висината на казната и на член 39 став 3 од Кривичниот законик, со одредбите од член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11, Амандманот XXV со кој се заменува членот 98 од Уставот на Република Македонија и член 101 од Уставот на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.169/2017
27 септември 2017 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply