Решение У.бр.134/2016

У.бр.134/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 12 јули 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 68 ставови 2, 3 и 4 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016 и 142/2016).

2. Д-р Георги Манасов од Прилеп, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение.

После цитирањето на содржината на оспорените законски одредби, подносителот на иницијативата се повикува на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.134/2002, објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.10/2003 од 18.02.2003 година, со која Судот спречил правната заштита да ја обезбедуваат исклучиво адвокатите, што било пропишано со член 2 став 1, член 6 став 1 и член 16 став 1 од Законот за адвокатурата („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2002). Од изнесената уставно-судска одлука произлегувало дека статусот и својствата на адвокатурата утврдени во членот 53 на Уставот не значеле дека адвокатурата е единствено надлежна за пружање и обезбедување на правната помош, дека таквото толкување на уставната одредба не би соодветствувало на значењето и на уставниот третман на слободите и правата на човекот и граѓанинот, дека адвокатите не биле единствено квалификувани за давање и обезбедување на правна помош, дека адвокатите биле само дел од единствената правна професија кои имале исто знаење и способност како и другите лица со завршен правен факултет и положен правосуден испит, а тоа што овие лица не се определиле професионално да вршат адвокатура, не ги правело тие лица помалку квалификувани од адвокатите и тие да даваат правна помош на граѓаните или на правните лица во кои се вработени.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека обезбедувањето ексклузивно право на адвокатурата да дава и обезбедува правна помош на граѓаните и правните лица, утврдено во Законот за нотаријатот, било противуставно. Во таа смисла, подносителот на иницијативата наведува дека членот 80 од Законот за парничната постапка определува дека правото на полномошник било право, а не обврска, дека странките можат да преземаат дејствија во постапката лично или преку полномошници и дека полномошници можат да бидат адвокат, но и дипломиран правик кој е со странката во работен однос, потоа роднина по крв во права линија, брат, сестра или брачен другар ако се потполно деловно способни, а тоа значело дека адвокатот е само еден од полномошниците. Според член 12 од Законот за адвокатурата, адвокатите немале никакви дополнителни квалификации во однос на дипломираните правници кои имале положен правосуден испит, па оспорените одредби вршеле и дискриминација.

Врз основа на изнесеното, подносителот на иницијативата смета дека Судот требало да остане на прецизниот став изразен во својата Одлука У.бр.134/2002 и дека треба да го укине член 68 ставовите 2, 3 и 4 од Законот за нотаријат.

3. а) Судот на седницата утврди дека во член 68 став 1 определува дека: „Предлог за издавање на решение за нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа се поднесува до нотарот на чие подрачје е живеалиштето, односно престојувалиштето на должникот-физичко лице, односно седиштето на должникот-правно лице.“

Според оспорениот став 2 од член 68 на Законот, „Предлог за издавање на решение за нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа, приговорот против решението со кое е издаден нотарски платен налог или по однос на одлуката за трошоците, приговорот против решението на нотарот со кое се отфрла предлогот како неуреден, предлогот за укинување на потврдата на правосилност и извршност, приговорот против решението на нотарот за укинување на потврдата за правосилност и извршност, приговорот против одлуката на нотарот со која се одбива предлогот за укинување на потврдата на правосилност и извршност, жалбата против решението на судот, задолжително ги составува адвокат и содржат адвокатски печат и потпис, освен доколку доверител е Република Македонија.“

Во оспорениот став 3 од истиот член на Законот се пропишува дека: „По исклучок од ставот 2 од овој член, предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог од страна на доверител за побарување кое произлегува од комунални услуги и тоа:

– за вода, смет и одржување на заеднички простории за парично побарување од веродостојна исправа до 2.000,00 денари,
– за електрична или топлинска енергија за парично побарување од веродостојна исправа до 6.000,00 денари,
– за телефонија, мобилни оператори или кабелски оператори за парично побарување од веродостојна исправа до 2.000,00 денари, се поднесува непосредно до нотарот.“

Според оспорениот став 4 од членот 68 на Законот, „По исклучок од ставот 2 на овој член, предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог од страна на доверител банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или осигурително друштво, не мора да биде составена од адвокат и да содржи адвокатски печат и потпис, доколку вредноста на побарувањето во веродостојната исправа е под 10.000 евра.“

б) Судот исто така утврди дека со Решение У.бр.141/2016 од 5 јули 2017 година, одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на, покрај другото, член 68 ставови 2, 3 и 4 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016 и 142/2016).

4. Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Со оглед на тоа што член 68 ставовите 2, 3 и 4 од Законот за нотаријатот веќе биле предмет на оценување на нивната согласност со Уставот, при што Судот со Решение У.бр.141/2016 од 5 јули 2017 година одлучи да не поведе постапка а нема основи за поинакво одлучување, произлегува дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 на Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски. Во однос на член 68 ставови 2 и 4, Решението е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.134/2016
12 јули 2017 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply