Решение У.бр.109/2016

У.бр.109/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 5 јули 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 2 став 1 на Законот за дополнување на Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ број 53/2011 од 14 април 2011 година).

2. Игорчо Точев од Кочани до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со членот 1 од Законот за дополнување на Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ број 53/2011 од 14 април 2011 година) по членот 27 се додава нов член 27-а во основната содржина на законот. Во член 2 став 1 на истиот Закон било уредено дека подзаконските акти предвидени во членот 1 од Законот, ќе биле донесени во рок од 15 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон. Додека пак во ставот 2 на членот 2 од овој закон, било уредено дека по донесувањето на подзаконскиот акт од ставот 1 на овој член, истиот веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа требало да се објави на веб-страницата на Министерството за транспорт и врски.

Понатаму во иницијативата, е наведено дека со членот 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ број 163/2013 од 26 ноември 2013 година), новододадениот член 27-а бил бришан од основниот текст на Законот за јавна чистота, но член 2 став 1 според кој требало да се донесат подзаконските акти, не бил избришан, а според подносителот на иницијативата, законодавецот тоа требало да го стори. Имено, подзаконските акти требало да бидат донесени согласно членот 27-а кој повеќе не бил во правниот промет на Република Македонија. Оттука, според наводите во иницијативата се доведувала во прашање согласноста на член 2 став 1 од Законот за дополнување на Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ број 53/2011 од 14 април 2011 година) со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

Во иницијативата е наведено дека во правниот промет мора да постојат јасни, прецизни, концизни и недвосмислени норми, но тоа не било случај со членот 2 став 2 од Законот за дополнување на Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ број 53/2011 од 14 април 2011 година). И на крајот од иницијативата е наведено дека упатувањето на донесување на акт врз основа на непостоечка одредба (член 27-а) доведувало до забуна во операционализацијата на Законот во правниот промет, кое нешто не било во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија и затоа требало да се поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одредба и истата требало да се укине како спротивна на Уставот.

3. Судот на седница утврди дека согласно член 2 став 1 од Законот за дополнување на Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ број 53/2011 од 14 април 2011 година) подзаконските акти предвидени со членот 1 од овој закон ќе се донесат во рок од 15 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон. По донесувањето на подзаконскиот акт од ставот 2 на овој член истиот веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа се објавува на веб-страницата на Министерството за транспорт и врски (став 2).

4. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во членот 1 од Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ број 111/2008, 64/2009, 88/2010, 23/2011, 53/2011, 80/2012, 163/2013, 44/2015, 147/2015 и 31/2016), е уредено дека со овој закон се уредуваат условите и начинот на одржување на јавната чистотa, правата и обврските на учесниците во одржувањето на јавната чистота, површините и објектите на кои се врши одржување на јавната чистота, собирање на смет и чистење на снег и мраз во зимски услови.

Според член 1 од Законот за дополнување на Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ број 53/2011 од 14 април 2011 година), по членот 27 се додава нов член 27-а, кој гласи: „Доколку комисиите од членот 27 ставови 2 и 3 на овој закон не донесат решение по жалбата во рокот од членот 27 став 4 на овој закон, подносителот на жалбата може да го извести Државниот управен инспекторат во рок од пет работни дена. Формата и содржината на известувањето од овој став ги пропишува министерот за транспорт и врски (став 1).

Државниот управен инспекторат е должен во рок од десет дена од денот на приемот на известувањето од ставот 1 на овој член да изврши надзор во комисиите од членот 27 ставови 2 и 3 на овој закон дали е спроведена постапката согласно со закон и во рок од пет работни дена од денот на извршениот надзор до го информира подносителот на жалбата за преземените мерки (став 2).

Инспекторот од Државниот управен инспекторат по извршениот надзор согласно закон донесува решение со кое ги задолжува претседателите на комисиите од членот 27 ставови 2 и 3 на овој закон во рок од десет дена да одлучат по поднесената жалба, односно да ја уважат или одбијат жалбата и да го извести инспекторот за донесениот акт. Кон известувањето се доставува копија од актот со кој одлучил по поднесената жалба (став 3).

Доколку претседателите на комисиите од членот 27 ставови 2 и 3 на овој закон не одлучат во рокот од ставот 3 на овој член, инспекторот ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка за прекршок предвиден со Законот за управната инспекција и ќе определи дополнителен рок од пет работни дена, во кој претседателите на комисиите ќе одлучат по поднесената жалба за што во истиот рок ќе го извести инспекторот за донесениот акт. Кон известувањето се доставува копија од актот со кој е одлучено по поднесената жалба. Инспекторот во рок од три работни дена ќе го информира подносителот на жалбата за преземените мерки (став 4).

Доколку претседателите на комисиите од членот 27 ставови 2 и 3 на овој закон не одлучат и во дополнителниот рок од ставот 4 на овој член, инспекторот ќе поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител и во рок од три работни дена го информира подносителот на жалбата за преземените мерки (став 5).

Доколку инспекторот не постапи по известувањето од ставот 2 на овој член, подносителот на жалбата во рок од пет работни дена има право да поднесе приговор до писарницата на директорот на Државниот управен инспекторат. Доколку директорот нема писарница, приговорот се поднесува во писарницата на седиштето на Државниот управен инспекторат (став 6).

Директорот на Државниот управен инспекторат е должен во рок од три работни дена да го разгледа приговорот од ставот 6 на овој член и доколку утврди дека инспекторот не постапил по известувањето согласно со ставовите 2 и 3 и/или не поднесе пријава согласно со ставовите 4 и 5 на овој член, директорот на Државниот управен инспекторат ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка за инспекторот за прекршок предвиден со Законот за управната инспекција и ќе определи дополнителен рок од пет работни дена во кој инспекторот ќе изврши надзор во комисиите од членот 27 ставови 2 и 3 на овој закон дали е спроведена постапката согласно со закон и во рок од три работни дена од денот на извршениот надзор да го информира подносителот на жалбата за преземените мерки (став 7).

Доколку инспекторот не постапи и во дополнителниот рок од ставот 7 на овој член, директорот на Државниот управен инспекторат ќе поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител против инспекторот и во рок од три работни дена ќе го информира подносителот на жалбата за преземените мерки (став 8).

Во случајот од ставот 8 на овој член, директорот на Државниот управен инспекторат веднаш, а најдоцна во рок од еден работен ден, ќе овласти друг инспектор да го спроведе надзорот веднаш (став 9).

Во случаите од ставот 9 на овој член, директорот на Државниот управен инспекторат во рок од три работни дена ќе го информира подносителот на жалбата за преземените мерки (став 10).

Доколку директорот на државниот управен инспекторат не постапи согласно со ставот 7 од овој член, подносителот на жалбата може да поднесе пријава до надлежниот јавен обвинител во рок од осум работни дена (став 11).

Доколку претседателите на комисиите од членот 27 ставови 2 и 3 на овој закон не одлучат во рок од ставот 5 на овој член, подносителот на жалбата може да поведе управен спор пред Управниот суд (став 12).

Постапката пред Управниот суд е итна (став 13).

Во член 2 став 1 од овој закон, е наведено дека подзаконските акти предвидени со членот 1 од овој закон ќе се донесат во рок од 15 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон. По донесувањето на подзаконскиот акт од ставот 2 на овој член истиот веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа се објавува на веб страницата на Министерството за транспорт и врски (став 2).

Согласно член 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ број 163/2013 од 26 ноември 2013 година), членот 27-а се брише.

Тргнувајќи од анализата на наводите во иницијативата произлегува дека причините за оспорување на член 2 став 1 од Законот за дополнување на Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ број 53/2011 од 14 април 2011 година) се дека со членот 8 од Законот за изменување и дополнување на Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ број 163/2013 од 26 ноември 2013 година), новододадениот член 27-а бил бришан од основниот текст на Законот за јавна чистота. Додека пак, член 2 став 1 според кој требало да се донесат подзаконските акти, не бил избришан и тоа доведувало до забуна во операционализацијата на Законот за јавна чистота во правниот промет. Според подносителот на иницијативата, законодавецот тоа требало да го стори. Имено, подзаконските акти требало да бидат донесени согласно членот 27-а став 1 кој повеќе не бил во правниот промет на Република Македонија. Оттука, според наводите во иницијативата се доведувала во прашање согласноста на член 2 став 1 од Законот за дополнување на Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ број 53/2011 од 14 април 2011 година) со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија.

Имајќи ја предвид изнесената фактичка состојба, Судот утврди дека наводите во иницијативата не ја оспоруваат содржината на одредбата од основниот текст на Законот за јавна чистота од аспект на тоа дека истата не е во согласност со Уставот, туку се оспорува останувањето во правниот поредок на членот 2 од Законот за дополнување на Законот за јавна чистота („Службен весник на Република Македонија“ број 53/2011 од 14 април 2011 година), после бришењето на член 27-а од интегралниот текст на Законот за јавна чистота, во кој било предвидено донесувањето на подзаконски акти, а кој повеќе не е дел од правниот поредок и оттука престанала да важи обврската за донесување на подзаконски акти, па произлегува дека смислата и на овие одредби не е таква како што се укажува со иницијативата и наводите во истата не можат да бидат предмет на уставно-судска оцена. Според тоа, Судот оцени дека ова преставува номотехничко прашање за кое треба да интервенира законодавецот, бидејќи надлежноста на Уставниот суд е ограничена само на оценување на согласноста на законот, односно законската норма во однос на уставната норма и од тие причини постојат процесни пречки за одлучување по таквото барање, со што се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.109/2016
05.07.2017 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply