Решение У.бр.83/2016

У.бр.83/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 7 јуни 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 102 став 1 алинеја 12 во делот „и 4“ и член 103 став 1 алинеја 3 во делот „став 5“ од Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ број 64/2009, 24/2011, 53/2011, 25/2013, 79/2013, 147/2013, 43/2014, 160/2014, 33/2015, 44/2015, 147/2015,7/2016 и 39/2016).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 107 од Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ број 64/2009, 24/2011, 53/2011, 25/2013, 79/2013, 147/2013, 43/2014, 160/2014, 33/2015, 44/2015, 147/2015,7/2016 и 39/2016).

3. Игорчо Точев од Кочани, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативaта оспорената одредба на член 102 став 1 алинеја 12 се однесувала на одредување на глоба во износ од 20.000 евра во денарска противвредност за прекршок доколку правното лице дозволи напасување и желадење во шума надвор од определени места кои се означени во член 52 став 4 од истиот закон. Во оспорената одредба на член 103 став 1 алинеја 3 е одредена глоба до 15.000 евра во денарска противвредност за прекршок доколку правното лице не определило делови од шума за премин на добиток согласно со член 52 став 5 од овој закон. Според наводите во иницијативата членот 52 од овој закон претрпел измени, но и покрај тоа не било дејствувано во членовите 102 и 103 од основниот текст на овој закон со цел да се коригира нумерацијата на ставовите. Оттаму, помеѓу одредбата што се санкционирала и одредбата што ја санкционирала повредата на одредбата не постоела хармонија и согласност и истите не претставувале една поврзана логично – правна функционална целина.

Во однос на оспорената одредба на членот 107 од овој закон во иницијативата е наведено дека истата била нејасна и непрецизна од причина што не можело да се утврди дали рокот претставувал релативен рок за застареност за поведување на прекршочна постапка или апсолутен рок на застареност за поведување и водење на прекршочна постапка. Од тие причини, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби и истите да бидат укинати како спротивни на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

4. Судот на седница утврди дека согласно член 102 став 1 алинеја 12 од Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ број 64/2009, 24/2011, 53/2011, 25/2013, 79/2013, 147/2013, 43/2014, 160/2014, 33/2015, 44/2015, 147/2015,7/2016 и 39/2016) уредено е дека глоба во износ од 20.000 евра во денарска противвредност за прекршок ќе му се изрече на правното лице, доколку: според алинеја 12, „дозволи напасување и желадење во шума надвор од определените места (член 52 ставови 1 и 4)“.

Согласно член 103 став 1 алинеја 3 од Законот, глоба во износ до 15.000 евра во денарска противвредност за прекршок ќе му се изрече на правното лице, доколку: според алинеја 3 „не определи делови од шума за премин на добиток согласно со член 52 став 5 од овој закон“.

Според член 107 од овој закон, рокот на застареност на прекршочната постапка од членовите 101, 102, 103, 104, 105 и 106 на овој закон изнесува пет години.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок.

Во член 51 став 1 од Уставот, е предвидено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите. Според став 2 од истиот член, секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Според став 2 од истиот член, законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување. Согласно став 3, законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од денот на објавувањето, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Во член 102 став 1 алинеја 12 од Законот за шумите глоба во износ од 20.000 евра во денарска противвредност за прекршок ќе му се изрече на правното лице, доколку: според алинеја 12. „дозволи напасување и желадење во шума надвор од определените места (член 52 ставови 1 и 4)“.

Според член 103 став 1 од Законот за шумите, глоба во износ до 15.000 евра во денарска противвредност за прекршок ќе му се изрече на правното лице, доколку: според алинеја 3. „не определи делови од шума за премин на добиток согласно со членот 52 став 5 од овој закон“.

Согласно член 52 став 1 од истиот закон забрането е напасување на добиток и желадење во шума. По исклучок од ставот 1 на овој член на определени површини може да се врши напасување на добиток, освен на кози и тоа во шуми во кои не се вршат, односно не се извршени мелиоративни мерки, во кои не е во тек природна или вештачка обнова и подмладување, кои не се издвоени за семенски насади, како и на необраснато шумско земјиште (став 2). Напасување на добиток и желадење во шума може да се врши само под контрола на чувар на добитокот и со одобрение на субјектите кои стопанисуваат со шумите (став 3). Субјектите кои стопанисуваат со шумите и сопствениците на шуми се должни во шумата во која е забрането напасување, да определат делови од шумата низ кои ќе биде дозволен премин на добитокот до местото за пасење, односно до поилата за вода (став 4). Субјектите кои стопанисуваат со шумите имаат право на надоместок за напасување (став 5). Условите под кои може да се врши испаша (време на испаша, вид на стока, број на грла, висина на надоместок за напасување, определување на премини за добитокот и слично) ги утврдуваат субјектите кои стопанисуваат со шумите (став 6).

Од изнесената фактичка состојба, произлегува дека во оспорената одредба на членот 102 став 1 алинеја 12 и член 103 став 1 алинеја 3 погрешно е означен ставот, односно наместо член 52 став 4 би требало да стои член 52 став 3 односно став 4, бидејќи првобитните став 4 и став 5 на членот 52 од основниот текст на Законот го промениле редоследот и станале став 3 и став 4 по бришењето на претходниот став 3 со измените на Законот за изменување и дополнување на Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ број 25/2011 година).

Во оспорениот член 102 став 1 алинеја 12 во делот „и 4“ и во член 103 став 1 алинеја 3 во делот „ став 5“ од Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ број 64/2009, 24/2011, 53/2011, 25/2013, 79/2013, 147/2013, 43/2014, 160/2014, 33/2015, 44/2015, 147/2015,7/2016 и 39/2016) повикувањето на одредбите од членот 52 во деловите „и 4“ и „став 5“ доведува до забуна со оглед на тоа дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ број 24/2011 од 25 февруари 2011 година), во членот 52 ставот 3 се брише, а ставовите 4, 5, 6 и 7 стануваат 3, 4, 5 и 6. Подоцнежните измени и дополнувања на Законот за шумите не предвидуваат пренумерација на споменатите ставови и произлегува дека содржината на ставот 3 кој е бришан, се уште е дел од правниот поредок, а повикувањето на одредби од членот 52 со погрешни ставови доведува до забуна во однос на тоа која е нивната содржина и се создава неповрзана логично-правна и функционална целина на законските одредби.

Постоењето на одредба со која се врши измена или содржи повикување на одредба која е непостоечка создава правна несигурност во примената на законот. Таквата одредба е неприменлива и треба да биде отстранета од правниот поредок и од тие причини, Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, односно со темелната вредност на уставниот поредок – владеење на правото и принципот на правна сигурност како нејзин составен дел.

Во членот 107 од Законот за шумите („Службен весник на Република Македонија“ број 64/2009, 24/2011, 53/2011, 25/2013, 79/2013, 147/2013, 43/2014, 160/2014, 33/2015, 44/2015, 147/2015,7/2016 и 39/2016) рокот на застареност на прекршочната постапка од членовите 101, 102, 103, 104, 105 и 106 на овој закон изнесува пет години. Во однос на оспорената одредба на членот 107 од овој закон во иницијативата е наведено дека истата била нејасна и непрецизна од причина што не можело да се утврди дали рокот претставувал релативен рок за застареност за поведување на прекршочна постапка или апсолутен рок на застареност за поведување и водење на прекршочна постапка.

Оттука, причините за неуставноста на членот 107 од Законот, се темелат на констатација дека оспорените одредби биле недоречени или нецелосни, со отсуство на аргументи и образложени причини за нивната неусогласеност со одредбите на Уставот, и поради тоа Судот утврди дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, со што се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство на гласови, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.83/2016
07.06.2017 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply