Решение У.бр.16/2016

У.бр.16/2016

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 29 март 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 75-ѓ став 1 и член 76-а ставовите 2, 8 и 11 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/11, 51/11, 142/12, 31/13, 34/13, 14/14, 30/14, 196/15, 35/16, 97/16, 99/16, 136/16 и 142/2016).

2. Народно движење за Македонија, претседател Јанко Бачев од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 75-ѓ став 1 и член 76-а ставовите 2, 8 и 11 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот оспорените одредби од Изборниот законик чија содржина ја цитира не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 1, 3, и 5, член 9 став 1, член 20 став 1 и член 51 од Уставот.

Понатаму ја цитира содржината на член 2 став 1 точка 8 од Изборниот законик, член 6 став 1 и член 26 став 2 од Законот за политичките партии и наведува дека од анализата на наведените уставни и законски одредби јасно и недвосмислено произлегувало дека од моментот на регистрација, партиите се еднакви и рамноправни на политичката сцена од секој аспект поврзан со нивното дејствување, па оттука, не може да се дискриминираат на начин што за време на изборната кампања ќе добиваат различно време за политичко претставување на радиодифузерите и Јавниот радиодифузен сервис по основ на уставно непознати термини кои се користат во оспорените одредби како на пример „политички партии на власт, политички партии во опозиција, партии кои се застапени во Собранието, партии кои не се застапени во Собранието, политички партии кои немаат пратеничка група, политички партии кои имаат пратеничка група, најголеми политички партии и слично“.

Тоа според подносителот значи дека со оспорените одредби од член 75-ѓ став 1 и член 76 ставовите 2, 8 и 11, партиите се ставаат во нерамноправна положба да организираат пропаганда под еднакви услови која би ги заинтересирала граѓаните за ставовите и идеите, содржани во програмата на партиите за тие под еднакви услови од аспект на должината на траењето на изборното претставување да учествуваат на политичкиот натпревар заради обезбедување на приврзаниците кои би застанале зад тие идеи и ставови, со што се нарушува принципот на еднаквост и забрана на политичка дискриминација по било кој основ.

Понатаму, подносителот наведува дека со оспорените одредби се уредувале прашања кои покрај тоа што излегуваат од предметот на уредување со нормите од овој дел, туку излегуваат и од предметот на уредување на Изборниот законик.

Изборниот законик има уставен основ да го уредува начинот, условите и постапката за избор на пратеници, начинот и постапката на евиденција на избирачкото право, водење на Избирачкиот список, определување на граници на изборните единици и утврдување, менување и објавување на избирачките места, како и условите за функционирање на избирачките места, а не да ги селектираат и рангираат партиите по основ на уставно нејасни и непознати поими.

Исто така, според подносителот од наведените уставни одредби произлегува дека политичкото здружување и дејствување на граѓаните е слободно и под еднакви услови што се изразува во делот на основањето на политички партии, пристапувањето и истапувањето на политичките партии и политичкото рекламирање. Слободата на граѓаните на здружување заради остварување на политичките права и дејствување на политичките партии спаѓа во категоријата на основните слободи и права на човекот и граѓанинот кои претставуваат темелна вредност на уставниот поредок, поради што нивното остварување уставно е заштитено. Имајќи го предвид наведеното, а посебно на гаранциите за остварување на политичките права и уверувања како и политичкиот плурализам, еднаквост и рамноправност во политичкото дејствување и политичка промоција на партиите, подносителот поставува прашање дали со определбата на законодавецот да ги става во нееднаква правна положба политичките партии во однос на времето што го добиваат во изборната кампања кај радиодифузерите и Јавниот радиодуфузен сервис за политичко претставување во суштина се попречува остварувањето на демократскиот карактер на политичка партија во еден од суштинските аспекти (политичко рекламирање) на рамноправно дејствување.

Оттука, целта на кој и да е закон поврзан со политичките партии во едно демократско општество секогаш е создавање на услови за политичко рекламирање под еднакви услови, а не негово ограничување.

3.Судот на седницата утврди дека во оспорениот член 75-ѓ став 1 од Изборниот законик е предвидено дека:

(1) За време на изборната кампања и во првиот и во вториот круг на гласање, радиодифузерите кои ги покриваат изборите можат да емитуваат вкупно 18 минути дополнително време за рекламирање на реален час емитувана програма исклучиво наменети за платено политичко рекламирање, од кои за политичките партии на власт можат да одвојат најмногу осум минути, за политичките партии во опозиција кои се застапени во Собранието на Република Македонија можат да одвојат најмногу осум минути, за политичките партии во Собранието на Република Македонија кои немаат пратеничка група можат да одвојат една минута, а за политичките партии кои не се застапени во Собранието на Република Македонија можат да одвојат една минута.

Понатаму, Судот утврди дека во оспорениот член 76-а став 2 од Законот е предвидено:

(2) За време на изборната кампања Јавниот радиодифузен сервис е должен да обезбеди рамноправен пристап во информативната програма при што 30% од времето емитува за дневните настани од земјата и светот, 30% од времето за активностите на политичките партии на власт, 30% од времето за активностите на политичките партии во опозиција и 10% од времето за активностите на политичките партии кои не се претставени во Собранието на Република Македонија.

Во оспорениот член 76-а став 8 од Законот е предвидено дека:

(8) Програмскиoт сервис наменет за емитување на активностите на Собранието на Република Македонија во времетраење од по три часа ќе обезбеди бесплатно политичко претставување на кампањите на политичките партии застапени во Собранието на Република Македонија, како и еден час за бесплатно политичко претставување на кампањите на подносителите на листи кои не се застапени во Собранието на Република Македонија. Во однос на користењето на трите часа односно на едниот час, учесниците во кампањата можат да одлучат да достават снимен материјал од активности за спроведување на изборна кампања или своето време може да го искористат и за директно обраќање од студио.

Исто така, Судот утврди дека во оспорениот член 76-а став 11 од Законот е предвидено:

(11) Од денот на распишување на изборите до изборниот молк Јавниот радиодифузен сервис е должен да организира дебатни емисии, односно соочувања на најголемите политички партии од власта и опозицијата, како и на останатите учесници во изборниот процес.

4. Според член 2 од Уставот на Република Македонија, во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните.

Согласно член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 5 од Уставот, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори.

Според член 9 ставовите 1 и 2 од Уставот: Граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви

Според член 20 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Според ставот 2 на овој член, граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Според член 50 од Уставот секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд во постапка заснована врз начелото на приоритет и итност.

Тргнувајќи од анализта на наведените уставни одредби произлегува дека со Уставот на Република Македонија на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Со уставното гарантирање на слободата на здружување се овозможува правото на човекот и граѓанинот на слободно политичко здружување и дејствување, како и заштита на автономноста на политичките партии од можната репресивна реакција на актуелните носители на власта.

Слободата на политичкото здружување и дејствување, како основно право се остварува непосредно врз основа на Уставот, при што со Уставот се наведени случаите поради кои може да се ограничи оваа слобода на човекот и граѓанинот, така што надвор од уставно определените случаи Уставот не може да послужи како основа за оневозможување на изразувањето или за присилно насочување на политичките идеи, ставови и уверувања на мислата и на политичкото здружување и дејствување.

Остварувањето на слободата на политичко здружување и дејствување не е апсолутна, туку таа слобода мора да се користи во рамките на уставните норми и во уставно предвидените институции, при што не е допуштено со користењето на оваа слобода да се кршат уставните норми и да се рушат уставно-предвидените институции на начин и постапка која излегува надвор од рамките на Уставот.

Имајќи го предвид наведеното, неспорно е уставното овластување на законодавецот, почитувајќи ги уставните гаранции за избирачкото право, начелото на еднаквост, начелото на политички плурализам и слободни и демократски избори, да го уреди прашањето на изборите кои се однесуваат на избор на пратеници во Собранието, избор на претседател на Републиката, избор на членови на советите на општините и Советот на Град Скопје, за избор на градоначалник на општина и градоначалник на Град Скопје.

5. Согласно членот 1 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/11, 51/11, 142/12, 31/13, 34/13, 14/14, 30/14, 196/15, 35/16, 97/16, 99/16, 136/16 и 142/2016), со овој законик се уредуваат начинот, условите и постапката за избор на претседател на Република Македонија (во натамошниот текст: претседател на Републиката), за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија (во натамошниот текст: пратеници), за членови на советите на општините и Советот на Градот Скопје (во натамошниот текст: членови на советите), за избор на градоначалник на општина и градоначалник на Град Скопје (во натамошниот текст: градоначалник), начинот и постапката на евидентирање на избирачкото право, водење на Избирачкиот список, определување на границите на изборните единици и утврдувањето, менувањето и објавувањето на избирачките места, како и условите за функционирање на избирачките места.

Во членот 2 од Законот е определено значењето на одделни поими во овој законик:

25. „Бесплатно политичко претставување“ е директен пристап на учесниците во изборната кампања до избирачите, преку кој слободно и без паричен надоместок се промовираат изборните програми, ставовите и кандидатите;

26. „Платено политичко рекламирање“ е директен пристап на учесниците во изборната кампања до избирачите, преку кој за паричен надоместок се промовираат изборните програми, ставовите и кандидатите. Видови на платено политичко рекламирање се: огласи, соопштенија, политички изборни спотови, музички спотови што функционираат како химни на учесниците во изборната кампања, преноси или снимки од митинзи, средби и други настапи на учесниците во изборната кампања;

28. “Изборно медиумско претставување“ е промовирање (непосредно или посредно) на ставови, програми, платформи, достигнувања, активности и друго на политички партии, коалиции, групи избирачи и нивни претставници.

Во членот 75 од Изборниот законик кој е поместен во глава VI, со наслов: „Изборна кампања“ и точка 2, со поднаслов: „Медиумско претставување“ е предвидено дека:

(1) Радиодифузерите, односно Јавниот радиодифузен сервис и трговските радиодифузни друштва и електронските медиуми (интернет порталите) што одлучиле да ги покриваат изборите се должни тоа да го прават на правичен, избалансиран и непристрасен начин во својата вкупна програма.

(2) Радиодифузерите, без оглед на јазикот на кој го емитуваат својот програмски сервис, се должни за време на изборната кампања на учесниците во кампањата да им овозможат подеднакви услови за пристап до сите облици на изборно медиумско претставување – вести, посебни информативни програми (интервјуа, дебати, ТВ/радио соочувања, актуелно-информативни програми, актуелно 35 информативни програми со документаристички пристап и тематски специјализирани информативни програми), бесплатно политичко претставување и платено политичко рекламирање.

(3) Програмите наменети за малолетната публика не смеат да се користат за изборно медиумско претставување.

(4) Радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми (интернет порталите), како и нивните поврзани лица не смеат на било каков начин да финансираат или да даваат донации на политичките партии. Како поврзани лица се сметаат лицата дефинирани во членот 36 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Во оспорениот член член 75-ѓ став 1 од Изборниот законик во поднаслов: „Медиумско претставување“ е предвидено:

(1) За време на изборната кампања и во првиот и во вториот круг на гласање, радиодифузерите кои ги покриваат изборите можат да емитуваат вкупно 18 минути дополнително време за рекламирање на реален час емитувана програма исклучиво наменети за платено политичко рекламирање, од кои за политичките партии на власт можат да одвојат најмногу осум минути, за политичките партии во опозиција кои се застапени во Собранието на Република Македонија можат да одвојат најмногу осум минути, за политичките партии во Собранието на Република Македонија кои немаат пратеничка група можат да одвојат една минута, а за политичките партии кои не се застапени во Собранието на Република Македонија можат да одвојат една минута.

Во оспорениот член 76-а ставовите 2,8 и 11 од Законот е предвидено:

(2) За време на изборната кампања Јавниот радиодифузен сервис е должен да обезбеди рамноправен пристап во информативната програма при што 30% од времето емитува за дневните настани од земјата и светот, 30% од времето за активностите на политичките партии на власт, 30% од времето за активностите на политичките партии во опозиција и 10% од времето за активностите на политичките партии кои не се претставени во Собранието на Република Македонија.

(8) Програмскиoт сервис наменет за емитување на активностите на Собранието на Република Македонија во времетраење од по три часа ќе обезбеди бесплатно политичко претставување на кампањите на политичките партии застапени во Собранието на Република Македонија, како и еден час за бесплатно политичко претставување на кампањите на подносителите на листи кои не се застапени во Собранието на Република Македонија. Во однос на користењето на трите часа односно на едниот час, учесниците во кампањата можат да одлучат да достават снимен материјал од активности за спроведување на изборна кампања или своето време може да го искористат и за директно обраќање од студио.

(11) Од денот на распишување на изборите до изборниот молк Јавниот радиодифузен сервис е должен да организира дебатни емисии, односно соочувања на најголемите политички партии од власта и опозицијата, како и на останатите учесници во изборниот процес.

Од анализата на делот од одредбите кои се однесуваат на медиумското претставување и оспорените одредби од Изборниот законик наспрема наводите во иницијативата, Судот оцени дека истите се неосновани.

Ова од причини што во однос на користењето на времето во изборната кампања во првиот и во вториот круг на гласање радиодифузерите кои ги покриваат изборите можат да емитуваат вкупно 18 минути дополнително време за рекламирање на реален час исклучиво за платено политичко рекламирање, политичките партии кои се на власт и кои се во опозиција можат да одвојат најмногу по 8 минути, политичките партии во Собранието кои немаат пратеничка група можат да одвојат 1 минута, а 1 минута може да одвојат и политичките партии кои не се застапени во Собранието.

За време на изборната кампања Јавниот радиодифузен сервис е должен да обезбеди рамноправен пристап во информативната програма при што 30% од времето емитува за дневни настани во земјата и светот, по 30% од времето емитува за активностите на политичките партии на власт и во опозиција и 10% од времето за активности на политичките партии кои не се претставени во Собранието.

Понатаму, програмскиот сервис наменет за емитување на активности на Собранието треба да обезбеди 3 часа бесплатно политичко претставување на кампањите на политичките партии застапени во Собранието на Република Македонија како и 1 час бесплатно претставување на кампањите на подносителите на листи кои не се застапени во Собранието на Република Македонија. Користењето на 3 часа, односно 1 час учесниците во кампањата можат да го искористат преку доставување на снимен материјал или своето време да го искористат и за директно обраќање.

Исто така, Јавниот радиодифузен сервис е должен од денот на распишување на изборите до изборниот молк да организира дебатни емисии, односно соочување на најголемите политички партии од власта и опозицијата како и на останатите учесници во изборниот процес.

Воедно, од анализата на оспорените одредби од Изборниот законик кој има претрпено повеќе измени може да се констатира дека за прв пат со измените од 2015 година, им е овозможено на вон-парламентарните партии да бидат претставени од страна на радиодифузерите, како и тоа за прв пат да им се овозможи на вонпарламентарните партии да бидат претставени на Јавниот радиодифузен сервис со точно прецизирање на времето за нивно претставување.

Оттука, имајќи предвид дека медиумското претставување е дел од процесните дејствија во изборниот процес, Судот оцени дека право е на законодавецот да ги определи условите за реализирање на подеднакво медиумско претставување на учесниците во изборната кампања со утврдување на посебно времетраење на медиумското преставување на сите учесници во изборниот процес што е во насока на имплементирање на уставните начела. Според мислењето на Судот со утврдувањето на различното времетраење на медиумското претставување на политичките партии на власт или опозиција, политичките партии кои немаат пратеничка група или политички партии кои не се застапени во Собранието на Република Македонија не се доведува во прашање начелото на владење на правото како и начелото на еднаквост.

Во врска со наводите од иницијативата дека во оспорените одредби од Изборниот законик се употребувале уставно непознати термини (полтички партии на власт, политички партии во опозиција, партии кои се застапени во Собранието,политички партии кои немаат пратеничка група), Судот оцени дека станува збор за јасни и прецизни термини во изборниот процес,што не е во несогласност со Уставот.

6. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите:, д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

Решението во однос на членот 75-ѓ став 1, Судот го донесе со мнозинство гласови.

У.бр.16/2016
29 март 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply