171/2016-0-0

У.бр.171/2016

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 8 февруари 2017 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на членот 74 од Правилникот за условите, критериумите и правилата за запишување и студирање на прв циклус студии на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола (Билтен на Универзитетот „Св. Климент Охридски“- Битола, бр. 329 од 06.11.2009, бр. 356 од 01.12.2011 година и бр. 367 од 02.11 2012 година).

2. Проф.д-р Јованка Тутеска од Прилеп, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на законитоста на одредбата од Правилникот означена во точката 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот член од Првилникот воопшто не произлегувал од Законот за високото образование, односно неговата содржина била некаква произволна формулација и била апсолутно надвор од она што законодавецот предвидел за вакви ситуации (член 115 од Законот за високото образование), односно бил во колизија со истиот.

Имено, токму со вметнување на оспорениот член, кој според подносителот на иницијативата и според поголем број на професори на Универзитетот „Св. Климент Охридски“- Битола, бил противзаконски, се почесто се случувало да студенти кои воопшто не го полагале испитот, односно три пати предале празни испитни тетратки, четвртиот пат директно да го полагаат испитот комисиски, без вистинска оправданост на причината поради која тоа се прави односно поради незадоволството од завршното оценување на предметниот наставник.

Правото на студентот да приговара било неспорно и истиот тоа можел да го направи и после првиот пат на полагање за било која наставна дисциплина, доколку сметал дека бил необјективно оценет. Воедно, начинот, условите и времето кога тоа се прави биле сосема прецизно дефинирани во членот 115 од Законот за високото образование и членот 73 од Правилникот за условите, критериумите и правилата за запишување и студирање на прв циклус студии на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола. Според тоа, сосема било непотребно, произволно, дилетантско, а можеби и наменско вметнувањето на оспорениот член 74 кој бил надвор од законската регулатива, а истовремено давал можност за злоупотреба на квалитетот на високото образование. Поради наведеното со доставената иницијатива се бара да се спречи неговата натамошна злоупотреба.

Поради наведеното, се бара Уставниот суд да ја оцени законитоста на оспорениот член од Правилникот.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 74 од Правилникот за условите, критериумите и правилата за запишување и студирање на прв циклус студии на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, после три неуспешни полагања на завршниот испит по одреден предмет, студентот има право при пријавувањето на испитот да поднесе Барање до деканот/директорот на единицата, за полагање на испитот пред Комисија. Постапувајќи по Барањето на студентот, деканот/директорот на единицата донесува Одлука за формирање Комисија од три члена, пред која студентот, во таа испитна сесија, ќе го полага испитот. Комисијата е составена од тројца наставници од иста или сродна наставно-научна област, од кои најмалку еден наставник треба да биде од иста наставно -научна област. Предметниот наставник не може да биде член на оваа Комисија. Испитот пред Комисијата задолжително се полага писмено.

4. Согласно членот 110 алинеите 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Со Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр. 35/2008, 103/2008, 26/2009, 83/2009, 99/2009, 115/2010, 17/2011, 51/2011, 123/2012, 15/2013, 24/2013, 41/2014, 116/2014, 130/2014, 10/2015, 20/2015, 98/2015, 145/2015, 154/2015, 30/2016 и 127/16) се уредуваат автономијата на универзитетот и академската слобода, условите и постапката за основање и престанок на високообразовните установи, системот за обезбедување и оценување на квалитетот на високото образование, основите за организација, управување, развој и финансирање на високообразовната дејност (член 1).

Според членот 50 став 1 од овој закон, органи на универзитетот се универзитетски сенат, ректор и ректорска управа.

Надлежноста на универзитетскиот сенат е пропишана со членот 51 став 1 од Законот. Така, според алинејата 23 на овој став, сенатот донесува правилници за условите, критериумите и правилата за запишување и студирање на трите циклуси на студии.

Проверката на знаењето на студентите е уредена со членот 114 од Законот. Според ставот 1 на овој член, проверката на знаењето на студентот, по наставните предмети, се врши континуирано во текот на наставно-образовниот процес и се изразува во поени, а според ставот 2 на истиот член, за исполнувањето на обврски за полагање на испитот (по делови или во целина) студентот може да оствари најмногу 100 поени или да добие позитивна оценка која се изразува до 10 (десет), при што оценката 5 (пет) означува недоволен успех. Според ставот 4 на овој член, универзитетот, односно самостојната висока стручна школа го утврдува начинот на проверка на знаењето и полагањето на испитот.

Во согласност со членот 115 на Законот, студент, во рок од 24 часа, може да поднесе приговор до деканот односно директорот на високообразовната установа, ако не е задоволен од завршното оценување, односно од оценката или ако смета дека испитот не е спроведен во согласност со овој закон и со правилникот на високообразовната установа, односно статутот на самостојната висока стручна школа (став 1). Ако деканот утврди дека се исполнети условите од ставот 1 на овој член, наставникот ќе ја преиспита оценката од завршното оценување. Ако наставникот не ја преиспита оценката што ја утврдил, студентот испитот го полага пред тричлена комисија составена од наставници од исто или сродно наставно-научно подрачје, во наредните 24 часа, наредниот работен ден (став 2). По барање на студентот му се овозможува да го повтори завршното оценување за повисока завршна оценка по наставен предмет во период од најмногу четири месеца од полагањето (став 3).

Од анализата на наведените одредби од Законот за високото образование, произлегува дека законодавецот го овластил универзитетскиот сенат да донесува правилници за условите, критериумите и правилата за запишување и студирање на трите циклуси на студии, како и да го утврди начинот на проверка на знаењето на студентот и полагањето на испитот.

Врз основа на членот 52 став 1 алинеја 23 од Законот за високото образование, Универзитетскиот сенат на Универзитетот „Св. Климент Охридски “- Битола, има донесено Правилник за условите, критериумите и правилата за запишување и студирање на прв циклус студии на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола.

Според членот 73 од Правилникот, ако студентот не е задоволен од завршното оценување, односно од оценката, или ако смета дека испитот не е спроведен во согласност со Законот за високото образовние и со Правилникот на единицата, тој може да поднесе приговор до деканот односно директорот, во рок од 24 часа од објавувањето на конечните резултати на огласната табла на единицата на Универзитетот (став 1). Ако деканот, односно директорот утврди дека се исполнети условите од ставот 1 на овој член, наставникот ќе ја преиспита оценката од завршното оценување во рок од 3 (три) дена (став 2). Ако наставникот не ја преиспита оценката што ја утврдил во рокот од претходниот став или остане на истата, или пак го прифати приговорот, но студентот повторно не е задоволен со добиената оценка, на барање на студентот, испитот се полага пред тричлена комисија составена од наставници од исто или сродно наставно-научно подрачје, во наредните 24 часа, наредниот работен ден, доколку испитот се полага усмено, а доколку испитот се полага писмено во истиот рок Комисијата ја оценува истата писмена задача (став 3). Комисијата од претходниот став ја формира деканот, односно директорот и во истата предметниот наставник не може да биде член. Членови во Комисијата можат да бидат наставници и од други единици на Универзитетот или други универзитети во земјата (став 4). Оценката на Комисијата е конечна (став 5). Претходните одредби од овој член се однесуваат и на истакнат приговор на резултатите од вториот колоквиум (став 6). Роковите од овој член не течат за време на неработни денови (став 7).

Според членот 74 од Правилникот, после три неуспешни полагања на завршниот испит по одреден предмет, студентот има право при пријавувањето на испитот да поднесе Барање до деканот/директорот на единицата, за полагање на испитот пред Комисија (став 1). Постапувајќи по Барањето на студентот, деканот/директорот на единицата донесува Одлука за формирање Комисија од три члена, пред која студентот, во таа испитна сесија, ќе го полага испитот (став 2). Комисијата е составена од тројца наставници од иста или сродна наставно-научна област, од кои најмалку еден наставник треба да биде од иста наставно-научна област. Предметниот наставник не може да биде член на оваа Комисија. Испитот пред Комисијата задолжително се полага писмено (став 3).

Од анализата на овие одредби од Правилникот произлегува дека Сенатот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, со наведениот правилник, помеѓу другото, ги уредил правилата за студирање на првиот циклус на студии на Универзитетот, во која смисла го утврдил и начинот на проверка на знаењето на студентот и полагањето на испитот.

Со членот 73 од Правилникот, се уредува правото на приговор на студентот заради оценка од проверката на знаењето за секој испит, во согласност со законското решение од членот 115 од Законот за високото образование.

Со оспорениот член 74 од Правилникот, Сенатот пропишал начин на проверка на знаењето и полагање на испитот во ситуација, кога студентот и по три полагања на завршниот испит по одреден предмет, не успеал да го положи испитот. Во таква ситуација, се пропишува дека студентот има право да поднесе барање за комисиско полагање на испитот, пред тричлена комисија која ја сочинуват тројца наставници од иста или сродна наставно-научна област, од кои најмалку еден наставник треба да биде од истата наставно-научна област, при што предметниот наставник не може да биде член на оваа комисија.

Наводите во иницијативата дека овој член од Правилникот немал основ во Законот за високото образование и дека бил во колизија со членот 115 од истиот закон со кој се утврдувало под кои услови студентот може да поднесе приговор на оценката, Судот ги оцени како неосновани.

Ова од причина што според членот 114 став 4 од Законот, универзитетот го утврдува начинот на проверување на знаењето на студентот и полагањето на испитот, а токму во таа насока е и оспорениот член 74 од Правилникот, со кој Сенатот, во рамките на своите овластувања, во функција на операционализација на Законот, го пропишал начинот на полагање на Универзитетот „Св.Климент Охридски“- Битола во конкретна, специфична ситуација, што е прашање различно од правото на приговор согласно членот 115 од Законот. Дали во примената на оваа одредба се можни злоупотреби, како што се наведува во иницијативата, не е прашање од надлежност на Уставниот суд.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 74 од Правилникот, со Законот за високото образование, како што се наведува во иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.171/2016
8 февруари 2017 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски

Leave a Reply